Во Турција издадени налози за апсење на 360 лица од редовите на војската


Анкара, 29 ноември, 2017 - 10:33 (META) 

Турското обвинителство издало налози за апсење на 360 лица, повеќето војници, во рамки на операцијата против приврзаниците на муслиманскиот свештеник Фетулах Ѓулен.

Во операцијата, која е фокусирана на Истанбул, се уапсени 333 војници, меѓу кои 216 лица на активна должност.

Истанбулската полиција продолжува со операцијата на апсење осомничени, а приватната турска новинска агенција „Доган“ наведува дека меѓу уапсените има и седум пилоти.

Операцијата против приврзаниците на Ѓулен секојдневно продолжува, 16 месеци по обидот за пуч во Турција, па минатата недела беа приведени околу 700 лица.

Анкара ги обвинува Ѓулен и неговата мрежа за организирање на минатогодишниот неуспешен пуч, но Ѓулен ги негира ваквите тврдења.

Повеќе од 50.000 лица се уапсени и ставени во притвор до почетокот на судењето поради сомнеж за поврзаност со Ѓулен, додека 150.000 лица се сменети или суспендирани од позиции во јавниот и во приватниот сектор откако на 15 јули минатата година, при обидот за пуч во Турција, беа убиени 250 лица.

Турските власти велат дека само таквата чистка може да ја неутрализира заканата од мрежата на Ѓулен, за која тврдат дека е инфилтрирана во институциите како што се војската, судството и образованието.


Египетската војска гаѓала и уништила возила користени во нападот на Синај


Каиро, 25 ноември, 2017 - 11:45 (META) 

Египетската војска денеска соопшти дека нејзини авиони извршиле напади во кои биле погодени повеќе возила користени во нападот во Северен Синај, во кој беа убиени 235 лица, јавуваат светските агенции.

Војската соопштила дека возилата се уништени, а лицата кои биле во нив се убиени.

Возилата, според соопштението, се наоѓале во близина на џамијата каде вчера беше извршен нападот, во градот Бир ал Абд. Станува збор за најкрвавиот напад извршен од исламистите во модерната историја на Египет.

Египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси вчера најави „брутален“ одговор по нападот врз џамијата во Синај.

Засега ниту една група не ја презеде одговорноста за нападот, но агенциите потсетуваат дека Ислмаска држава претходно вети дека на Синај и во Египет „ќе ги истреби суфиите“, припадници на мистичкото исламско движење, кои екстремистите ги сметаат за еретици.


Руските сили ќе се повлечат од Сирија пред крајот на годинава


Москва, 23 ноември, 2017 - 20:17 (META) 

Началникот на Генералштабот на вооружените сили на Руската Федерација, Валериј Герасимов, соопшти дека е можно значително да се намали бројот на руските сили во Сирија.

Повлекувањето на руските сили, како што рече Герасимов, би можело да почне пред крајот на годинава.

– Очигледно, по целосното исполнување на воените задачи, а останаа уште неколку, врховниот командант ќе донесе одлука за намалување на силите – рече Герасимов.


Авганистанските сили спасиле 30 луѓе од талибански затвор


Кабул, 19 ноември, 2017 - 12:15 (META) 

Најмалку 30 лица се спасени во рација што ја спровеле авганистанските сили заедно со специјалните странски сили во талибански затвор во провинцијата Хелманд.

Ова го соопштија војската и локалните власти.

Помеѓу спасените се и четири деца кои имаат помалку од 12 години и двајца полицајци.

Талибанците уапсиле повеќе од 20 лица поради давање помош на владата или затоа што се членови на семејствата на авганистански војници или полицајци.

Во меѓувреме, талибанците соопштија дека луѓето кои се спасени се криминалци осудени поради грабежи, киднапирања и други кривични дела.


Илјадници луѓе на протести во Зимбабве, го чекаат падот на Мугабе


Хараре, 18 ноември, 2017 - 12:29 (META) 

Илјадници граѓани на Зимбабве ги преплавија улиците на главниот град Хараре, мавтајќи со националното знаме, и со песна го чекаат падот на претседателот, Роберт Мугабе.

– Ова се солзи радосници. Целиот живот го чекав овој ден. Конечно сме слободни – изјави 34-годишниот Френк Муциндикв.

Учесниците на протестот против Мугабе ги гушкаат војниците извикувајќи „Заминувај генерале наш“ и носејќи транспаренти со натпис „Не за династијата на Мугабе“.

Членовите на опозицијата и други противници на Мугабе го организираа денешниот протест за да го повикаат Мугабе да си замине од власт, а војската на Зимбабве соопшти дека го поддржува собирот.

Војската на Зимбабве претходно соопшти дека продолжува со преговорите со Мугабе за негова оставка, додека истовремено е во потрага по соработниците на лидерот и по неговата сопруга.


Мугабе преговара со војската за својата иднина


Хараре, 16 ноември, 2017 - 21:00 (META) 

Долгогодишниот лидер на Зимбабве, Роберт Мугабе, води директни преговори со војската за неговата иднина, пренесува „Би-би-си“.

Медиумите во Зимбабве објавија фотографии од 93-годишниот Мугабе со началникот на војската на Зимбабве и двајца пратеници од Јужна Африка во неговата резиденција во Хараре.

Мугабе од вчера се наоѓа во домашен притвор, откако војската ја презеде контролата во земјата.

Извори блиски до војската соопштиле дека Мугабе денеска одбил да поднесе оставка, додека други извори пренесуваат дека е блиску договор за негово заминување.

Лидерот на опозицијата во Зимбабве, Морган Чвангирај, изјавил дека Мугабе мора да си поднесе оставка од позицијата претседател на земјата.


Војската ја презеде контролата во Зимбабве, Мугабе и семејството во притвор


Хараре, 15 ноември, 2017 - 10:51 (META) 

Владејачката партија во Зимбабве – Зану ПФ преку „Твитер“ соопшти дека Емерсон Мнангагва е именуван за привремен претседател на оваа африканска држава и дека досегашниот претседател Роберт Мугабе и членови на неговото семејство се приведени, јавуваат светските медиуми.

Мнангагва претходно беше сменет од функцијата потпретседател на земјата поради „нелојалност“. Медиумите потсетуваат дека тој тогаш бил сменет на иницијатива на сопругата на Мугабе, Грејс Мугабе, пренесува „Би-би-си“.

Војската на Зимбабве, пред објавата на владејачката партија, го зазеде седиштето на државната телевизија, а силни експлозии и пукотници одекнувале ноќеска во главниот град на земјата, Хараре.

Офицери на војската на Зимбабве соопштија дека ноќеска интервенирале за да ги елиминираат „криминалците“ од опкружувањето на претседателот Мугабе, но демантирале дека се обиделе да извршат воен удар против шефот на државата, кој владее со Зимбабве 37 години.

Интервенцијата на војската доаѓа по отворените несогласувања помеѓу Мугабе и начачникот на генералштабот на војската по смената на Мнангагва од функцијата потпретседател. Мнангагва важеше за можен наследник на Мугабе.

Мугабе, кој е роден во 1924 година и беше дел од ослободувањето на Зимбабве од колонијалното владеење, стана премиер во 1980 година, функција која ја извршуваше до 1987 година од кога е претседател на државата.

Поради авторитарниот начин на владеење и одговорноста за состојбите во Зимбабве, Мугабе од 2002 година беше цел на санкции од Европската Унија и од САД.


Судот му забрани на Трамп да ја укине можноста трансродови лица да бидат војници


Вашингтон, 30 октомври, 2017 - 20:30 (META) 

Сојузниот суд во Вашингтон му забрани на американскиот претседател Доналд Трамп да ја промени владината политика за служење на трансродови лица во војска.

Трамп во август најави дека има намера да го запре процесот почнат во 2016 година, со кој им се дозволува на трансродовите лица да служат војска.

Тој рече дека ќе нареди враќање на политиката според која војници може да бидат отпуштени од војска доколку се трансродови.

Судијата Колин Колар-Котели од дистриктот Вашингтон издаде забрана администрацијата на Трамп да го запре тој процес. Таа напиша дека трансродовите лица кои поднеле тужба поради најавеното укинување на дозволите да служат, најверојатно ќе победат во тие случаи.

Забраната за трансродовите лица да служат во вооружените сили Пентагон ја укина во 2016 година под администрацијата на тогашниот американски претседател Барак Обама.


Кина е на добар пат да биде најмоќната држава во светот, оцени Џинпинг


Пекинг, 28 октомври, 2017 - 16:56 (META) 

Претседателот на Кина, Кси Џинпинг, кој беше реизбран за лидер на Комунистичката партија на Кина, најави дека следува ера во која државата ќе се доближи до лидерската позиција како најмоќна држава во светот.

Тој рече дека ќе продолжи да гради напредно општетсво, иако во меѓувреме, државата станала богата и моќна.

Според аналитичарите, откога Џинпинг е на претседателското место од 2013 година, направил големи работи за државата, а најважна била реформата во војската.

Се очекува следната година во март да добие втор мандат и како претседател на Кина.


КСБ се спремни за трансформација во војска, тврди Рустем Бериша


Приштина, 25 октомври, 2017 - 12:58 (META) 

Косовските сили за безбедност (КСБ) се подготвени да се трансформираат во војска, изјави вчера косовскиот министер за безбедносни сили, Рустем Бериша, пред одборот за внатрешни прашања и безбедност на косовскиот парламент.

Бериша на пратениците им соопштил дека Косовските сили за безбедност го исполниле својот мандат и дека постигнале оперативни капацитети.

– Силите се подготвени да се трансформираат во војска. Локалните и меѓународните експерти прават планови за оружје и за опрема – рече Бериша.