Стејт департментот бара од Косово да не се укинува специјалниот суд за воени злосторства


Вашингтон, 30 декември, 2017 - 12:44 (META) 

Американскиот Стејт департмент изрази длабока загриженост поради обидите на косовскиот парламент да го укине законот за новоформираниот специјален суд за воени злосторства, кој треба да им суди на команданти на Ослободителната војска на Косово (ОВК) за злосторства извршени за време на конфликтот од 1998 до 2000 година.

Вчера и Амбасадата на САД во Приштина соопшти дека го оценува како прогрешен ставот на косовските власти за укинување на специјалниот суд.

– Ги повикуваме политичките водачи на Република Косово да останат посветени на работата на специјалниот суд и да не го менуваат раководството и овластувањата на судот. Секретарот Тилерсон кажа дека потрагата по правда на Балканот сè уште не е завршена и ние остануваме посветени на тоа жртвите да ја добијат правдата. Аплаудираме на моралната храброст на косовското раководство кое го донесе законот и уставниот амандман во 2015 година и овозможи овој суд да се формира. Силно ги повикуваме сегашното косовско раководство и членовите на парламентот да не го поништуваат ова достигнување со мешање во судот сега, или во иднина – изјави портпаролката на Стејт департментот, Хедер Нојерт.

Повикот на САД доаѓа откако пратеници од косовските партии предводени од поранешни команданти на ОВК, кои ја предводат владејачката коалиција, поднесоа барање за укинување на законот со кој беше формиран судот. Косовскиот претседател Хашим Тачи, кој беше главен командант на ОВК за време на војната, најави дека тој ќе ја потпише одлуката за расформирање на специјалниот суд, доколку таа биде донесена во парламентот.

Покрај Тачи, поранешни команданти на ОВК се и актуелниот премиер на Косово, Рамуш Харадинај и неговиот брат Даут Харадинај, поради што се шпекулира дека тие би можеле да се соочат со обвиненија за воени злосторства.


Церемонија за затворање на Хашкиот трибунал во воени злосторства во поранешна Југославија


Хаг, 21 декември, 2017 - 10:31 (META) 

Со церемонија во Хаг, денеска ќе се одбележи згаснувањето на Меѓународниот суд за воени злосторства во поранешна Југославија, познат и како Хашки трибунал, кој ќе престане да работи на крајот на годинава.

На церемонијата ќе присуствуваат официјални претставници од неколку поранешни југословенски републики, чии државјани во текот на изминатите 24 години се процесуирани во Судот.

Судот беше основан на 25 мај 1993 година од страна на Советот за безбедност на Обединетите нации со цел да ги гони сторителите на воени злосторства на територијата на поранешна Југославија.

За време на 24-годишната работа Трибуналот процесуираше 161 обвинети, од кои, повеќе од половината беа дела од воениот и политичкиот врв на Србија и Република Српска.


Уапсени шест лица во БиХ поради воени злосторства


Сараево, 19 декември, 2017 - 10:16 (META) 

Полициски службеници на државната агенција за истраги и заштита (СИПА), постапувајќи по наредба на обвинителството на Босна и Херцеговина, утрово на подрачјето на општините Какањ и Илијаш уапсиле шест лица осомничени за воени злосторства, јавува балканскиот сервис на „Радио Слободна Европа“.

Шесте лица, како што се наведува во соопштението на СИПА, се уапсени поради основано сомнение дека ги извршиле кривичните дела воени злосторства против цивилното население, воени злосторства против воени заробеници, организирање на групи луѓе и поттикнување на извршување на воени злостроства, противправно убивање и ранување на непријатели и повреда на законите или обичаите на војување на подрачјето на местото Чемерно, општина Илијаш, во текот на 1992 година.

Лицата се приведени во службените простории на СИПА за криминалистичка истрага, по што ќе бидат предадени на Обвинителството на БиХ за натамошна постапка.


Почина Слободан Праљак откако испи отров во судницата во Хаг


Хаг, 29 ноември, 2017 - 15:46 (META) 

Слободан Праљак, генерал на војската на босанските Хрвати во војната во БИХ во 1990-тите, почина неколку часа откако во судницата на Меѓународниот трибунал испи отров од шишенце, јавија хрватските медиуми.

Праљак е познат како командантот осомничен за уривањето на стариот мост над Неретва во Мостар, кој сега е обновен.

При изрекувањето на пресудата, 72-годишниот Праљак, во еден момент ја зафрли главата наназад и испи нешто од мало шишенце. Веднаш потоа кажа дека испил отров.

– Судии, јас не сум воен криминалец. Со презир ја отфрлам оваа пресуда – рече Праљак, откако денеска беше потврдена пресудата против него од 2013 година, со која Меѓународниот трибунал за воени злосторства во поранешна Југославија му одреди 20 години затвор.

По инцидентот, рочиштето беше прекинато и Праљак беше префрлен во болница во Хаг, каде што, според хрватските медиуми, починал по неколку часа.

Претходно, Жалбениот совет на Хашкиот трибунал потврди казна од 25 години затвор за Јадранко Прлиќ, како и 20 години затвор за Бруно Соиќ за воени злосторства.


Капетан Драган осуден на 15 години затвор за воени злосторства


Сплит, 26 септември, 2017 - 19:32 (META) 

Драган Васиљковиќ, попознат како Капетан Драган во војната во Хрватска, кога предводеше паравоени единици, денеска во Жупанискиот суд во Сплит е прогласен за виновен за воени злосторства во Хрватска и е осуден на 15 години затвор.

Делата за кои се товари се воено злосторство во тврдината во Книн во јуни и во јули 1991 година врз притворени хрватски војници, полицајци и цивили, како и при нападот на Глина во јули 1991 година. Поради недостиг од докази, беше ослободен од обвинението дека наредил убиство на двајца непознати заробени хрватски војници во Брушка кај Бенковац во февруари 1993 година.

Васиљковиќ (62), кој е државјанин и на Австралија и на Србија, во Австралија заминал на 14-годишна возраст, а во Југославија се вратил пред почетокот на конфликтот на деведесеттите години на минатиот век, кога властите во Белград во 1991 година го испратиле во Хрватска, да биде командант на центарот за обука на специјалната паравоена единица на Србија.

Во 15 години затвор што му се досудени денеска, судот го пресмета и времето што тој го поминал во екстрадицискиот притвор во Австралија, како и во хрватскиот истражен притвор – речиси 11 години. Според хрватскиот закон, сите осудени лица можат да бараат ослободување по истекот на две третини од казната, што значи дека Васиљковиќ наскоро би можел да биде ослободен.


Лидерите на Западен Балкан на самит ќе потпишат договор за основање комисија за воени злосторства


Белград, 16 мај, 2017 - 15:15 (META) 

Коалицијата за основање на Регионална комисија за утврдување на фактите за воените злосторства (РЕКОМ) направени за време на војните во поранешна Југославија од 1991 до 2001 година, ќе ги повика лидерите на Западен Балкан на самит на 12 јули во Трст да потпишат политички договор за основање на таа комисија.

Основачката на Фондот за хуманитарно право, Наташа Кандиќ, вели дека ќе бара основањето на регионалната комисија да се воведе во Берлинскиот процес и во декларација по самитот во Трст, додавајќи дека утврдувањето на имињата на жртвите и пописот на местата на злосторствата се минимална задача што владите во регионот мораат да ја направат.

Таа рече дека Коалицијата РЕКОМ попишала околу 23.000 жртви, Хашкиот трибунал попишал околу 18.000 жртви, но дека тоа се само „дел од 130.000 жртви на војни на просторот на поранешна Југославија“.

Директорката на Иницијативата „Млади за човекови права“, Ана Митиќ, вели дека Берлинскиот процес е одличен инструмент за соработка во регионот и дека основањето на РЕКОМ треба да биде вклучено во тој процес „затоа што тоа е единствен начин регионот природно и нормално да се соочи со тоа што се случило“.

Коалицијата РЕКОМ, која ја сочинуваат повеќе од 1.800 организации на невладиниот сектор и поединци од сите држави од поранешна Југославија, почна со собирање потписи за петиција за основање на независна, меѓудржавна регионална комисија за утврдување на фактите за сите жртви на воени злосторства и за другите тешки кршења на човекови права сторени на територијата на поранешна СФРЈ од 1991 до 2001 година.


Рамуш Харадинај на слобода, француски суд одби да го екстрадира во Србија


Колмар, 27 април, 2017 - 9:39 (META) 

Судот во францускиот град Колмар утрово го одби барањето на Србија за екстрадиција на Рамуш Харадинај, лидер на Алијансата за иднината на Косово и поранешен висок заповедник на ОВК.

Апелацискиот суд во Колмар ја донесе конечната одлука за отфрлање на барањето на  српското јавно обвинителство, кое го товари за воени злосторства извршени во Косово на крајот на 1990-тите години.

По ваквата одлука, Харадинај може да ја напушти Франција како слободен човек, а Србија нема право да се жали. Тој беше уапсен на 4 јануари по потерница од Интерпол, а по една седмица беше пуштен да ја чека одлуката на слобода, но му беше забрането да ја напушти Франција.

Истрагата против  Харадинај во Србија беше почната во 2004 година, а во јануари беше проширена со нови обвиненија и со нови докази, што беа доставени до судот во Колмар.

На Харадинај му се судеше во Хашкиот суд за воени злосторства во Косово, а во 2012 година беше ослободен од сите обвиненија.


Францускиот суд ја одложи одлуката за екстрадицијата на Харадинај за 27 април


Колмар, 6 април, 2017 - 17:31 (META) 

Францускиот суд го одложи донесувањето на одлуката за случајот со Рамуш Харадинај за 27 април, по денешното две и полчасовно рочиште во судот во градот Колмар, јавува балканскиот сервис на „Радио Слободна Европа“.

„Дотогаш ќе почекаме уште малку. Ние сме во право и правдата ќе победи. Јас не побегнав од ничиј закон, ниту од косовскиот, ниту од меѓународниот. Српската јурисдикција не ја признавам“, изјавил лидерот на Алијанса за иднината Косово и поранешен премиер, пред насобраните поддржувачи во Колмар.

Харадинај изјавил дека на денешното рочиште обвинителот ги образложил аргументите кои се однесуваат на барањето на Србија за негова есктрадиција, а одбраната барањето го оценила како неосновано и политички мотивирано.

Харадинај беше уапсен на 4 јануари на аеродромот во Базел, врз основа на потерница на Србија, распишана преку Интерпол, поради воени злосторства.

Ова е четврто рочиште на кое францускиот суд во Колмар го разгледува барањето за екстрадиција на Харадинај.


Прекината седницата на косовското собрание поради Харадинај


Приштина, 9 февруари, 2017 - 21:12 (META) 

Косовското собрание вечерва ја прекина седницата во знак на протест поради одлуката на францускиот суд да го одложи до 2 март одлучувањето по барањето на Србија за екстрадиција на лидерот на партијата Алијанса за иднината на Косово (АБК), Рамуш Харадинај, јавува балканскиот сервис на „Радио Слободна Европа“.

Седницата била прекината на барање на шефот на пратеничката група на АБК, Пал Лекај.

„Во знак на протест поради одолжувањето на донесувањето на одлуката за Харадинај до 2 март, барам седницата да се прекине и да биде продолжена во вторник“, рекол Лекај, а собранието го прифатило неговото барање.

Апелацискиот суд во францускиот град Колмар денеска реши да ја одложи одлуката по барањето на Србија за екстрадиција за 2 март.

Харадинај пред судот изјавил дека не прифаќа да им биде испорачан на српските власти бидејќи обвинение против него за воени злосторства било политички мотивирано.

Тој беше уапсен на 4 јануари оваа година на аеродром во Франција, врз основа на меѓународна потерница на Србија, каде е обвинет за воени злосторства за време на војната на Косово во 1998 и 1999 година.

Судот во Колмар условно го ослободи Харадинај од притвор до донесувањето на одлуката за негова екстрадиција.


Во Белград почна судењето за Сребреница


Белград, 6 февруари, 2017 - 16:00 (META) 

Пред одделението за воени злосторства на Високиот суд во Белград, денеска со читање на обвинението почна судењето за осумтемина обвинети за воени злосторства над цивили во селото Кравица во Босна и Херцеговина за случајот „Сребреница“.

На судењето присуствуваат сите обвинeти, поранешни припадници на Специјалната бригада МУП на Република Српска. Според обвинението на Обвинителството за воени злосторства, обвинетите се товарат дека заедно со непознати припадници на специјалните бригади на Република Српска во халите на земјоделските задруги во село Кравица во јули 1995 година учествувале во убиство на повеќе стотини муслимани.

За воени злосторства против цивилното население обвинети се Недељко Милидраговиќ, Алекса Голијанин, Миливоје Батиница, Александар Дачевиќ, Боро Милетиќ, Јован Петровиќ, Драгомир Паровиќ и Видослав Васиќ.

Обвинетите се бранат од слобода, а како што на новинарите им соопштиле нивните адвокати, на подготвителното рочиште тие се изјасниле како невини.