!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Трамп не ја исклучува можноста за воена акција во Венецуела


Вашингтон, 12 август, 2017 - 10:41 (META) 

Американскиот претседател Доналд Трамп изрази загриженост поради хуманитарната криза во Венецуела, додавајќи дека не ја отфрла можноста за воена акција како одговор на политичката ситуација во оваа земја, јавуваат светските агенции.

Трамп изјавил дека сите опции се на маса поради антидемократските случувања во Венецуела, вклучувајќи и воена интервенција.

Министерот за одбрана на Венецуела, Владимир Падрино, пак изјавил дека заканите на Трамп се „акт на лудост и краен екстремизам“.

Белата куќа соопшти дека Трамп ќе разговара со претседателот на Венецуела, Николас Мадуро тогаш кога во земјата повторно ќе биде воспоставена демократија.


УНИЦЕФ: Цивилите го напуштаат Мосул


Мосул, 24 октомври, 2016 - 12:25 (META) 

Повеќе од 4.000 луѓе побегнале од подрачјето на Мосул откако почна масовната воена операција за заземање на ирачкиот град, соопшти УНИЦЕФ.

Претставникот на таа организација за Ирак, Питер Хокинс, не можеше да го наведе точниот број на избегани, но наведе дека во најмалку еден бегалски камп условите за престој на децата се „многу, многу лоши“.

Тој истакна дека тимовите на УНИЦЕФ на цивилите им доставиле вода и други потребни производи, за кои се очекува дека ќе им бидат доволни за седум дена.

УНИЦЕФ на цивилите во Мосул, исто така, им обезбеди и вакцини против детска парализа и мали сипаници, кои не им биле достапни повеќе од две години, колку што Мосул беше под контрола на Исламска држава.

Повеќе од 784.000 луѓе, вклучувајќи половина милион деца, ќе добијат помош од УНИЦЕФ.

Хокинс предупреди дека децата во и околу Моусл се во опасност да загинат или да бидат ранети во борбите, како и дека им се заканува сексуално насилство, киднапирање и регрутирање од страна на вооружените групи.