!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Акција на турската полиција за апсење на 70 војници поради поврзаност со Ѓулен


Анкара, 10 октомври, 2017 - 12:00 (META) 

Турската полиција денеска почнала акција за апсење на 70 војници обвинети за поврзаност со имамот Фетулах Ѓулен, кој живее во САД, а кого властите во Анката го обвинуваат дека го организирал минатогодишниот обид за воен удар, јавуваат турските агенции.

Акции против приврзаници на Ѓулен во Турција се спроведуваат речиси секој ден, веќе 15 месеци, а само минатата седмица беа приведени околу 800 лица.

Ѓулен досега ги демантираше сите обвинување дека стои зад обидот за воен удар, кој се случи во јули минатата година.

Цел на денешната полициска акција, која, според агенциите, се спроведува во градот Конија, во централниор дел на Анадолија, и во уште седум провинции, се и двајца полковници, седум капетани и 36 поручници.

Шеесет и двајца од осомничените се припадници на турското воздухопловство, а некои од нив се и пилоти. Полицијата врши претреси во нивните домови и на работните места.

Повеќе од 50.000 лица во притвор го чекаат судењето против нив поради повразност со Ѓулен, а 150.000 лица се отпуштени или суспендирани од работните места во јавниот и во приватниот сектор.

Обидот за воен удар во Турција се случи на 15 јули минатата година, а во судирите загинаа 250 лица.


Уапсен советникот на турскиот премиер поради наводна поврзаност со Ѓулен


Анкара, 3 јуни, 2017 - 15:53 (META) 

Турските власти го уапсиле Бирол Ердем, главен советник на премиерот Бинали Јилдирим, поради негова наводна поврзаност со движењето на имамот Фетула Ѓулен, кого Анкара го обвинува дека го организирал минатогодишниот неуспешен воен удар, пренесува балканскиот сервис на „Радио Слободна Европа“.

Турските медиуми, на кои се повикува РСЕ, наведуваат дека Ердем бил приведен во Анкара заедно со неговата сопруга, Ѓулумсер Ердем.

Медиумите, повикувајќи се на извори од канцеларијата на државниот обвинител во Анкара, јавуваат дека Ердем е приведен под обвинение дека е член на движењето на Ѓулен.

Ѓулен, кој од 1999 година живее во самонаметнат егзил во американската сојузна држава Пенсилванија, ги негира обвинувањата за вмешаност во неуспешниот воен удар.

Турските власти досега уапсија повеќе од 50.000 лица, вклучувајќи судии, обвинители, полицајци и припадници на војската, под обвиненија за поврзаност со Ѓулен и со минатогодишниот неуспешен пуч.


Иванов бара Нухиу да ја појасни изјавата за сценарио за воена состојба


Скопје, 12 мај, 2017 - 18:34 (META) 

Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов попладнево го повика министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, да ги појасни податоците и информациите искажани вчера во интервју за телевизија „Алсат-М“ за постоење на сценарио кое би послужило како повод за прогласување на воена (член 124 од Уставот на Република Македонија) или вонредна состојба (член 125 од Уставот на Република Македонија) од страна на претседателот и употреба на АРМ, поврзани со насилниот влез во Собранието на 27 април 2017 година.

Во соопштението се нагласува дека со лажни вести некој сака да наштети на угледот на претседателот на Република Македонија.

„Кабинетот на претседателот на Република Македонија смета дека во јавноста постои опсесија со лажни вести да се изврши делегитимирање на институциите, односно на претседателот на Република Македонија“, се вели во реакцијата.

Нухиу синоќа во интервју за телевизијата, повикувајќи се на гласини, посочи на наводен план за ангажирање на Армијата за време на случувањата во Собранието на 27 април.

– Има гласини што сè уште не можам да ги потврдам дека полицајците се повлекле во вршењето на законските обврски, затоа што слушале од други дека треба да чекаат уште малку за да може потоа и претседателот на државата да дава наредба за излегување на војската, да се прогласи вонредна состојба и така натаму, но овие се прашања кои ги има во рамките на службите во МВР, но не сакам да потврдам такво нешто затоа што се уште ги немаме аргументирано – изјави Нухиу.


Германија: Поведена истрага против 20 лица осомничени дека шпионирале за Турција


Берлин, 6 април, 2017 - 19:14 (META) 

Дваесет лица се под истрага во Германија поради сомнеж дека шпионирале луѓе за кои верувале дека се приврзаници на муслиманскиот свештеник Фетулах Ѓулен, јавуваат светските агенции, повикувајќи се на соопштение на германското министерство за внатрешни работи.

Инаку, властите во Анкара сметаат дека Ѓулен и неговите приврзаници стојат зад неуспешниот обид за воен удар во земјата, во јули минатата година. Ѓулен, кој живее во егзил во САД, ги отфрла ваквите обвинувања.

Германските власти, како што пренесуваат агенциите, во февруари оваа година извршиле претреси во куќи на четворица имами, поврзани со турско-исламските културни организации во Германија, осомничени дека ги шпионирале противниците на турската влада.

Германското министерство за внатрешни работи навело дека Турција континуирано испраќала сè поголем број имами во овие центри.


Турските власти издадоа налог за апсење на 243 припадници на војската


Анкара, 18 јануари, 2017 - 12:46 (META) 

Турското обвинителство издало налог за апсење на 243 припадници на војската во 54 провинции во земјата, јавуваат турските медиуми.

Налозите се издадени во рамки на истрагата за неуспешниот воен удар извршен минатата година во јули. Осомничените наводно ја користеле апликацијата „бајлок“ за праќање пораки на паметни телефони.

Турската влада тврди дека апликацијата ја користела мрежата на имамот Фетулах Ѓулен, кого Анкара го обвинува за организирање пуч.

Ѓулен, кој живее во егзил во САД, ги отфрла обвиненијата на Анкара.

 


Почна судењето на 29 турски полицајци за вмешаност во обидот за пуч


Истанбул, 27 декември, 2016 - 12:21 (META) 

Денеска во Истанбул почна судењето на 29 турски полицајци, обвинети за вмешаност во организирањето на неуспешниот обид за воен удар на 15 јули годинава. Како што јавуваат светските агенции, станува збор за прво големо судење против лица обвинети за вмешаност во обидот за пуч во Турција.

На 29 обвинети полицајци, од кои 24 се уапсени, ќе им се суди во големата судница на затворксиот комплекс „Силври“, кој е под засилено обезбедување.

Тие се товарат дека ги одбиле наредбите да го заштитат турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ноќта кога се случи обидот за воен удар.

Агенциите пренесуваат дека се очекува сослушувањето на обвинетите да трае четири дена. Судењето почнува со читање на имињата на обвинетите и на обвинителниот акт, по што одбраната треба да ги изнесе своите аргументи.

Доколку бидат прогласени за виновни, 21 од обвинетите полицајци се соочуваат со три доживотни казни затвор, а за другите осум обвинителството бара казни од 7 до 15 години затвор.


Разрешени уште 15.000 државни службеници во Турција


Анкара, 22 ноември, 2016 - 10:31 (META) 

Турските власти, во рамките на акцијата за пресметување со пучистите, разрешија уште 15.000 државни службеници, воени лица, полицајци и други административни работници и затворија повеќе од 500 институции за кои се претпоставува дека се поврзани со неуспешниот обид за државен удар извршен на 15 јули.

Како што јавуваат светските медиуми, официјална Анкара разрешила 1.988 припадници на турските вооружени сили, 7.586 лица од полицијата, 403 од редовите на жандармеријата, а во државните институции се сменети повеќе од 5.000 лица.

Досега затворени се повеќе од 550 институции, 18 добротворни организации и девет медиуми, а по воениот пуч разрешени се 110.000 лица.


Ердоган на прославата по повод денот на републиката најави враќање на смртната казна


Скопје, 30 октомври, 2016 - 1:12 (META) 

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган најави дека владата ќе побара од парламентот на Турција да го разгледа повторното воведување на смртната казна во земјата, со која би биле санкционирани организаторите на неуспешниот обид за воен удар во јули годинава.

– Нашата влада до парламентот ќе достави предлог за воведување на смртната казна. Уверен сум дека парламентот ќе го одбори, а кога тој предлог ќе дојде кај мене на потпис, јас ќе го ратификувам. Тоа ќе се случи наскоро, немојте да се грижите. Ќе се случи наскоро ако даде Господ – изјави Ердоган на собир во Анкара.

По неуспешниот обид за воен удар од 15 јули годинава, Ердоган се закани со повторно воведување на смртната казна за казнување на пучистите, што наиде на осуда од страна на ЕУ.


Анкара забрани јавни собири и маршеви поради опасност од напади


Анкара, 18 октомври, 2016 - 10:39 (META) 

Локалните власти во турската престолнина Анкара воведоа забрана за јавни собири и за маршеви до крајот на ноември годинава, јавуваат светските агенции. Ваквата одлука следува по добиени безбедносни информации дека екстремисти планираат напади во градот, кој веќе беше цел на неколку бомбашки напади во текот на минатата година.

Забраната, како што пренесуваат агенциите, ја објавил кабинетот на гувернерот на Анкара.

Турција веќе два месеци води воена кампања во Сирија, како поддршка на силите на бунтовниците за протерување на милитантите на Исламска држава од јужната граница на Турција. Минатогодишните напади во Анкара, според турските власти, ги изведоа припадници на Исламска држава и на курдските екстремисти.

Забраната за јавни собири и за маршеви ќе остане до 30 ноември во рамките на вонредната состојба што беше прогласена во Турција по неуспешниот обид за воен удар на 15 јули годинава.


Во Турција уапсени 32.000 лица во истрагата за обидот за преврат


Анкара, 28 септември, 2016 - 11:53 (META) 

Турските власти уапсиле околу 32.000 лица во рамки на истрагата против членови на Фетулахистичката терористичка организација (ФЕТО), соопшти денеска турскиот министер за правосудство, Бекир Боздаг, во интервју за турската телевизија НТВ.

Боздаг обелодени дека се поднесени обвиненија против 70.000 лица, кои се осомничени за поврзаност со исламскиот свештеник Фетулах Ѓулен, кој живее во егзил во САД, а кого официјална Анкара го обвинува за неуспешниот воден удар во Турција, извршен на 15 јули.

– Турција гради нов суд во градот Синџан, близу главниот град Анкара, а во план се и други правосудни установи, каде што ќе им биде судено на сите следбеници на Ѓулен, вмешани во обидот за преврат – рече Боздаг.