!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Воен хеликоптер се урна во Ирак – седум лица загинаа


Багдад, 12 ноември, 2017 - 10:54 (META) 

Седум лица утринава загинаа откако воен хеликоптер се урна за време на обука, соопшти ирачкото Министерство за одбрана.

Како што се наведува во соопштението, хеликоптерот „ми-17“ од руско производство се урнал во провинцијата Вазит. Засега не се знае причината за несреќата.

Провинцијата се наоѓа на околу 160 километри југоисточно од Багдад, далеку од фронтот на војување со таканаречената Исламска држава.

Ирачките сили, кои имаат поддршка од САД, ги протераа екстремистите од речиси сите територии кои беа под нивна контрола, но борби се уште се водат во близина на западната граница со Сирија.


Четири лица загинаа во пад на грчки воен хеликоптер кај Лариса


Атина, 19 април, 2017 - 13:25 (META) 

Четири воени лица загинаа, a една жена е тешко повредена во воен хеликоптер кој денеска се урна во област близу грчкиот град Лариса. Хеликоптерот летал од Лариса кон Кожани, кога се изгубил од радарот нешто пред 8 часот, во близина на областа Еласонас.

Центарот за справување со кризи почнал потрага по хеликоптерот еден час подоцна. Грчките спасувачки екипи ги нашле остатоците од хеликоптерот, четворицата загинати воени лица и една жена офицер со тешки телесни повреди, која веднаш е префрлена во воената болница во Солун.

Според информациите од Генерал-штабот на грчката армија, хеликоптерот извршувал планиран лет за контрола на северната граница на Грција, односно границата со Македонија и со Албанија, за проверка на безбедноста во пограничните региони. Овие летови, според весникот „Етнос“, редовно ги одржувале три лица од екипажот на хеликоптерот.

Во тек е истрагата за утврдување на причините за падот на хеликоптерот. Информациите од армијата се дека леталото било проверено и целосно исправно.

Пораки за сочуство до семејствата на загинатите испратија грчкиот претседател, Прокопис Павлопулос, премиерот Алексис Ципрас и лидерите на сите големи грчки политички партии, а министерот за одбрана, Панос Каменос, прогласи тридневна жалост во армијата.


Грчки воен хеликоптер се урна во Егејско Море


Кинарос, 11 февруари, 2016 - 9:57 (META) 

Двајца грчки воени пилоти и еден техничар загинаа доцна ноќеска при пад на воен хеликоптер кај островот Кинаро во Егејско Море. Специјалните сили на грчката војска сè уште трагаат по телата на загинатите, а засега сè уште се нејасни причините за падот на хеликоптерот.

Хеликоптерот учествувал во ноќна вежба на воената морнарица. Според информациите од Министерството за одбрана, временските услови во кои се одвивала вежбата биле нормални, а ваквите вежби сосема вообичаено се одвиваат доцна во ноќта. Градоначалникот на Кинарос, пак, за медиумите изјави дека времето било лошо, врнежливо и со силни ветрови. Хеликоптерот го снемало од радарот околу 2.45 часот изутрина по локално време, а специјалните сили кои трагале по него успеале да го најдат дури во 7 изутринава.

Морнарицата е во контакт со премиерот, а министерот за одбрана, Панос Каменос, кој е во Брисел на состанок на НАТО, ја откажува програмата и штом завршат разговорите за Грција се враќа назад во Атина.


Шпанија во потрага по воениот хеликоптер што се урна во Атлантикот


Мадрид, 24 октомври, 2015 - 14:49 (META) 

Шпанското министерство за одбрана се обидува да ги пронајде тројцата членови од екипажот на воениот хеликоптер што се урна во Атлантскиот Океан, во близина на Канарските Острови.

– Луѓето исчезнаа, а ние не знаеме под кои околности. Не можеме да стигнеме до кабината – изјави шпанскиот министер за одбрана, Педро Моренес, по средбата со членовите на семејствата на исчезнатите војници.

Владите на Шпанија и на Мароко ги употребуваат сите расположливи средства што се потребни за пребарување.

Хеликоптерот се урна во четвртокот, 520 километри од воената база Гандо.