Поплавувања во горните текови на Вардар, Црна и Треска


Скопје, 5 март, 2018 - 13:29 (META) 

Поплавувања има во горните текови на реките Вардар, Црна, Треска и нивните помали притоки, соопшти УХМР.

Новите врнежи од 10 до 15 литри на квадратен метар што се најавуваат за следните 24 часа на планините Кораб и Шар Планина, ќе предизвикаат дополнителен притисок врз водотеците и суводолиците во овие региони.

Во моментов, според информација од хидролошките станици, се гледа дека насекаде водостоите се високи, но високи водостои со тенденција на покачување има на реката Вардар кај станицата Јегуновце и Радуша, хидролошката станица кај Новаци на Црна, Катлановска Бања на реката Пчиња, Брегалница кај Штип. Од последните информации се гледа дека на хидролошката станица кај Македонски Брод се забележува намалување на водостојот, велат од Управата.

Најголеми покачувања се јавија на реките Треска, Црна, Вардар, Сатеска, Радика, Пчиња и други помали реки.


УХМР: Можно зголемување на водостојот на реките во западните и јужните делови


Скопје, 13 февруари, 2018 - 17:32 (META) 

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) попладнево соопшти дека по најавите за нови врнежи од дожд и снег и постудено време можно е извесно зголемување на водостоите на реките особено во западните и јужните делови, но не се очекува излевање.

Зголемување на нивоата се очекува на реките Треска, Црна Река и Голема река во околината на Ресен, како и на водотеците кои допаѓаат од Кожуф и реките во Гевгелиско-валандовска котлина.

Од УХМР велат дека иако не се очекуваат поплавувања на реките, сепак можни се високи водостои во овие сливни подрачја поради што се предупредува на внимателно движење покрај реките и суводолиците.

Во текот на денешниот ден и ноќта се најавуваат врнежи од дожд и снег кои, според прогнозата, на некои места ќе бидат пообилни така што локално се предвидува да наврнат и над 30 литри на квадратен метар. Се очекува да преовладува доста студено време поради што на повисоките места и на некои пониски, врнежите ќе бидат од снег.


Ќе врне и утре и в сабота, се зголемува нивото на водотеците


Скопје, 16 ноември, 2017 - 11:49 (META) 

Поради обилните врнежи од дожд, веќе доаѓа до пораст на водотеците и така ќе биде и понатаму. Позначително зголемување ќе има кај малите реки, при што засега не може да се зборува за сериозна опасност од поплавување. Сепак, можно е да дојде до излевања на помалите водотеци на крајниот југ на земјата, односно во Гевгелиско и во Валандовско, како и во подрачјето на Кожув, велат за „Мета“ од одделението за хидрологија во Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Метеоролошката прогноза, пак, вели дека врнежите од дожд, кои на повеќе места се обилни, ќе продолжат и во текот на денот и в сабота, а мало разведрување на одредени места може да се очекува дури в недела.

Од денеска до сабота се очекува на некои места да наврнат повеќе од 40 литри на еден квадратен метар.
В сабота интензитетот на врнежите ќе се намалува, а од недела ќе има опаѓање на температурата и повремени врнежи од дожд, а на планините и на некои повисоки места и врнежи од снег.


Можни локални излевања кај помалите водотеци, предупредува УХМР


Скопје, 3 јуни, 2017 - 15:23 (META) 

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) предупредува на можни локални излевања кај помалите водотеци и суводолици на целата територија на држвата, поради нестабилното време и очекуваните поројни врнежи.

„На одредени места, поради стеснување на водотеците од разни причини, можни се локални излевања. Препорачуваме внимателно движење покрај водотеците и суводолиците“, велат од УХМР.

Синоќешните врнежи, додаваат оттаму, не го промениле многу водостојот, но кај одредени помали водотеци и суводолици предизвикале нагло зголемување на нивото на водата. Сепак, од УХМР велат дека нема доволно хидролошки станици за да ги поткрепат со податоци ваквите забелешки.

Според најавите на синоптичарите, денеска попладне се очекува пороен дожд и грмежи. Локално, процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со обилен пороен дожд, електрични празнења, засилен ветер и град. На одредени места се очекува да наврнат повеќе од 35 литри дожд на еден квадратен метар.