Водостојот на Вардар зголемен во однос на просекот за мај


Скопје, 16 мај, 2018 - 11:17 (META) 

По вчерашните врнежи, од УХМР информираат дека денеска водостојот на Вардар е зголемен во однос на вчера, но и во споредба со просекот за мај.

Најновите хидролошки мерења покажуваат дека кај Јегуновце нивото на Вардар е зголемено за 46 сантиметри, кај Зајчев Рид за 16 сантиметри и кај Велес за 19 сантиметри.

Над просекот за мај зголемени се и водостоите на Вардар кај Демир Капија, на Пчиња кај Катлановска Бања, а пониски се нивоата на Треска, Крива Река, Брегалница, Црна Река и Сатеска.

Кај езерата денеска нема промени во споредба со вчерашниот ден.


Охридското езеро 26 сантиметри над дозволениот водостој


Охрид, 4 април, 2018 - 10:43 (META) 

Нивото на Охридското езеро и денеска е 26 сантиметри над дозволениот максимален водостој.
Зголемени се нивоата и на реките низ државата, освен на Крива кај Крива Паланка и на Црна кај Новаци.

Нивото на Дојранското Езеро е три сантиметри под договорениот максимален водостој.


Се намалува водостојот на реките, но е повисок од просекот за март


Скопје, 9 март, 2018 - 9:55 (META) 

Водостојот на Вардар денеска е понизок од вчера, но се уште е над просекот за март, покажуваат најновите хидролошки мерења.

Кај Јегуновце и кај Велес денеска нивото на Вардар е за 20 сантиметри пониско од вчера, кај Зајчев Рид е за четири сантиметри пониско. На исто ниво како вчера е водостојот на Вардар кај Демир Капија.

За 17 сантиметри е намалено и нивото на Треска кај Македонски Брод, а пониски во однос на вчера се и водостоите на скоро сите реки во државата. Исклучок се Брегалница, Крива Река и Црн Дрим кај кои е забележано минимално зголемување на водостоите.


Поплавувања во горните текови на Вардар, Црна и Треска


Скопје, 5 март, 2018 - 13:29 (META) 

Поплавувања има во горните текови на реките Вардар, Црна, Треска и нивните помали притоки, соопшти УХМР.

Новите врнежи од 10 до 15 литри на квадратен метар што се најавуваат за следните 24 часа на планините Кораб и Шар Планина, ќе предизвикаат дополнителен притисок врз водотеците и суводолиците во овие региони.

Во моментов, според информација од хидролошките станици, се гледа дека насекаде водостоите се високи, но високи водостои со тенденција на покачување има на реката Вардар кај станицата Јегуновце и Радуша, хидролошката станица кај Новаци на Црна, Катлановска Бања на реката Пчиња, Брегалница кај Штип. Од последните информации се гледа дека на хидролошката станица кај Македонски Брод се забележува намалување на водостојот, велат од Управата.

Најголеми покачувања се јавија на реките Треска, Црна, Вардар, Сатеска, Радика, Пчиња и други помали реки.


УХМР: Можно зголемување на водостојот на реките во западните и јужните делови


Скопје, 13 февруари, 2018 - 17:32 (META) 

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) попладнево соопшти дека по најавите за нови врнежи од дожд и снег и постудено време можно е извесно зголемување на водостоите на реките особено во западните и јужните делови, но не се очекува излевање.

Зголемување на нивоата се очекува на реките Треска, Црна Река и Голема река во околината на Ресен, како и на водотеците кои допаѓаат од Кожуф и реките во Гевгелиско-валандовска котлина.

Од УХМР велат дека иако не се очекуваат поплавувања на реките, сепак можни се високи водостои во овие сливни подрачја поради што се предупредува на внимателно движење покрај реките и суводолиците.

Во текот на денешниот ден и ноќта се најавуваат врнежи од дожд и снег кои, според прогнозата, на некои места ќе бидат пообилни така што локално се предвидува да наврнат и над 30 литри на квадратен метар. Се очекува да преовладува доста студено време поради што на повисоките места и на некои пониски, врнежите ќе бидат од снег.


УХМР: Водостоите на реките под просекот за јануари


Скопје, 4 јануари, 2018 - 10:42 (META) 

Водостоите на реките Вардар кај Јегуновце, Сатеска кај Ботун и на Црна Река кај Новаци се повеќе од двојно пониски од просекот за јануари, покажуваат податоците на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Водостоите на речиси сите реки се пониски во однос на вчера, а зголемување на водостоите има на Вардар кај Демир Капија, Пчиња кај Катлановска Бања, Брегалница кај Берово и Црн Дрим кај Ложани.

Нивоата на Охридското, Преспанското и Дојранското езеро се во рамки на јануарскиот просек.


ДЗС: Излеаната вода од реките се повлекува, водостојот се нормализира


Скопје, 3 декември, 2017 - 14:57 (META) 

Водостојот на реките е во опаѓање, а водата на излеаните места веќе почнува да се повлекува, информираат од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

Од дирекцијата додаваат дека од страна на единиците на локална самоуправа и на јавните комунални претпријатија, преземени се сите активности за нормализација на состојбата со излевањето на водотеците. Според ДЗС, во моментот нема потреба од ангажирање на силите и на средствата на Дирекцијата за заштита и спасување доколку не дојде до влошување на состојбата и на хидрометеоролошките услови.

Управата за хидрометеоролошки работи, исто така, информира дека според податоците од хидролошките станици низ земјата, се забележува намалување на водостојот на реките. Исклучок се поединечни хидролошки станици кои се лоцирани во долните теченија на реките и кај кои е регистрирано извесно зголемување, што е очекувано.

„И овие зголемувања се незначителни, така што се очекува нивно постепено стабилизирање. Во текот на денешниот ден се очекува врнежите да престанат и водостојот на реките низ земјава постепено да почне да се намалува“, велат од УХМР.


Обилните врнежи го зголемија водостојот на сите реки


Скопје, 2 декември, 2017 - 10:20 (META) 

Обилните врнежи од дожд го зголемија водостојот на сите реки во земјава, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.

Двојно е зголемено нивото на реките Вардар, Треска, Крива Река и Сатеска, а над просекот за ноември е водостојот на реките Пчиња, Брегалница, Црн Дрим и Црна Река.

Кај езерата, минимално е зголемено нивото на  Дојранско Езеро, додека Охридско и Преспанско Езеро се околу просекот.


Висок водостој на сите реки, дожд и ноќеска и утре


Скопје, 1 декември, 2017 - 19:41 (META) 

Висок е водостојот на сите реки во земјава, а релативно висок водостој имаат реките Вардар, Треска, Радика, Сатеска и Лепенец, покажуваат последните мерења на УХМР.

Според ЕЛЕМ, акумулациите имаат доволно простор да го примат водениот бран, што позитивно ќе влијае на намалувањето на водостојот на одредени места.

Вечерва се очекува да продолажат врнежите, кои ќе бидат почести на запад, додека во текот на ноќта ќе се прошират и во источните делови од земјата. Утре врнежите ќе бидат поинтензивни на крајниот запад и исток, каде на некои места ќе падне дожд до 25 литри на квадратен метар и понекаде ќе бидат проследени со грмежи. Преку денот врнежите ќе намалуваат.

Во ноќта кон недела и в недела претпладне ќе има врнежи кои ќе се поинтензивни на западот. Од понеделник ќе преовладува посвежо време со северен ветер, а на планините краткотрајно ќе има провејување на слаб снег.


Зголемен водостојот на Вардар, Брегалница и на Дојранско Езеро


Скопје, 18 ноември, 2017 - 11:42 (META) 

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) регистрирала повисоки водостои во однос на просекот за ноември на реката Вардар кај Зајчев Рид, Велес и кај Демир Капија, како и на реката Брегалница кај Берово.

Регистриран е значително зголемен водостој и на Дојранско Езеро, додека нивоата на Охридско и на Преспанско Езеро се во рамки на просекот за овој период од годината.

Под просекот за ноември се нивоата на Вардар кај Јегуновце, Треска кај Македонски Брод, Пчиња кај Катлановска бања, Крива Река кај Крива Паланка, Црна Река кај Новаци и Црн Дрим кај Ложани.