Гевгелија доби дополнителни 200 литри вода во секунда од новиот водоснабдителен систем


Гевгелија, 7 ноември, 2018 - 17:09 (META) 

Во Гевгелија, по повод општинскиот празник, денеска беше предаден во употреба новиот водоснабдителен систем, инвестиција во износ од 1,7 милиони евра, преку кој на гевгеличани им се обезбедуваат дополнителни количества квалитетна вода за пиење.

Изградбата на системот почна во февруари 2017 година, во време кога и централната и локалната власт беше во рацете на ВМРО-ДПМНЕ. Тогашниот градоначалник Иван Франгов беше поканет на денешната церемонија и заедно со сегашниот, Сашо Поцков и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески го пуштија во употреба водоснабдителниот систем.

– Системот има три бунари во месноста „Мрзенска ада“ кај реката Вардар, кои на гевгеличани ќе им обезбедат дополнителни 200 литри вода за пиење во секунда и со постојните бунари кај Моин, проблемот со вода за пиење на гевгеличани им се решава најмалку за наредните 30 години – рече градоначалникот Сашо Поцков.

Поради завршување на некои мали технички работи, новиот водоснабдителен систем ќе се приклучи во Регионалниот водовод кон крајот на овој месец, а идната година, според Поцков, општината ќе набави деарсенификатори за водата од моинското бунарско подрачје.

Според министерот Сугарески, со новиот систем е надминат деценискиот проблем на гевгеличани.

-Имајќи предвид дека најгорливиот проблем на гевгеличани беше токму водата за пиење, со изградбата на овој систем очекуваме да се надмине деценискиот проблем и конечно да се подобри водоснабдувањето во градот. Министерството за транспорт и врски беше дел од овој голем проект, партиципирајќи со средства преку кредитната линија од Европската Инвестициона Банка. Сега кога овој предизвик е надминат, очекуваме во наредниот период локалната самоуправа да работи на нови проекти за да се надградува економскиот потенцијал на Гевгелија. Ние како Влада дополнително ќе ги поддржуваме и помагаме општините, се со цел заедно да придонесеме за нивен економски раст и развој – рече министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

По повод 7 Ноември, Денот на ослободувањето на Гевгелија, градоначалникот Сашо Поцков и министерот Горан Сугарески положија цвеќе на Спомен-костурницата на паднатите борци и им го честитаа празникот на жителите на Гевгелија.


Тетовци се жалат на квалитетот на водата за пиење – надлежните смируваат


Тетово, 9 октомври, 2018 - 11:40 (META) 

Граѓаните на Тетово повторно реагираат за квалитетот на водата за пиење. Велат, во текот на вчерашниот ден, водата имала чуден мирис и вкус. Некои се жалат и на болки во стомакот. Ваквите реакции се должат на честите проблеми кои градот ги има со водоводната мрежа и квалитетот на водата за пиење.

Сепак, надлежните велат дека нема простор за паника. Од Центарот за јавно здравје Тетово, информираат дека водата за пиење е технички исправна, што се потврдува преку досегашните спроведени анализи. Секоја година, во есенскиот период, се вклучува филтер станицата, па мирисот и вкусот на водата привремено се менуваат, заради мешањето на површинските води од река Пена. Се работи за вообичаени промени, кои не се воопшто сериозни, информираат надлежните.

Од Центарот за јавно здравје истакнаа дека состојбата со квалитетот на водата за пиење постојано се следи. Сепак, од таму велат дека доколку некој чувствува тегоби, деновиве да не ја консумира, бидејќи иако водата е технички исправна, реагирањето, дури и на минимални промени, е индивидуално.


Неисправна водата за пиење од јавните чешми во Лениште и на Плетвар


Прилеп, 30 ноември, 2017 - 16:08 (META) 

Одделот за хигиена на Центарот за јавно здравје информира дека јавните чешми во Лениште и кај ресторанот „Че“ на Плетвар немаат исправна вода за пиење, соопшти денеска Општина Прилеп.

Според препораките на медицинските стручњаци од одделот за хигиена, пред употреба водата задолжително треба да се преврива 10 минути.

„Овие чешми се во надлежност на Општина Прилеп, а не на Јавното претрпријатие „Водовод и канализација“. Општината ги известува месните заедници на овие населени места да ги информираат жителите да ги следат препораките на Центарот за јавно здравје“, стои во соопштението.


Водата во Струга забранета за пиење


Струга, 17 ноември, 2017 - 19:09 (META) 

Забранета за пиење е водата од градскиот водовод во Струга поради зголемено заматување, зголемени вредности на боја и отсуство на резидуален хлор.

Според надлежните, дополнителното хлорирање нема да ја промени ваквата состобја на водата, туку треба чистење на мрежата и испуштање вода од хидрантите.

Водата редовно ќе се анализира и во следните денови.


Водата за пиење на Попова Шапка е исправна и безбедна за користење


Тетово, 5 август, 2016 - 18:15 (META) 

Водата за пиење во туристичкиот центар Попова Шапка е безбедна и исправна за користење, покажале последните испитувања на Центарот за јавно здравје Тетово.

– По преземените мерки на Јавното комунално претпријатите „Тетово“, кое изминатиот период изврши хиперхлорирање и дезинфекција на двата резервоари на Попова Шапка, водата за пиење може да се користи – изјави д-р Ратко Давидовски специјалист по хигиена и здравствена екологија од Центарот за јавнот здравје Тетово.

Минатиот месец дојде до микробиолошкото загадување на водата за пиење на Попова Шапка. Загадувањето беше резултат на неодржувањето на резервоарите за водата за пиење.


Водата во Тетово е забранета за пиење


Тетово, 22 јули, 2016 - 16:36 (META) 

Водата од тетовскиот градски водовод е неисправна за пиење. Мерењата направени попладнево покажале голема заматеност на водата.

Параметарот на заматеност изнесувал 60 единици, иако дозволената граница за заматеност е  1,6 единици. За два часа заматеноста на водата се намалила и моментално нејзиниот параметар изнесува 16 единици.

Од Центарот за јавно здравје Тетово препорачуваат водата да не се користи за пиење, сè додека не се направат нови анализи што ќе потврдат дека е исправна за користење. Оттаму очекуваат дека во текот на денот сите параметри на водата ќе дадат позитивни резултати.

Од Центарот за јавно здравје велат дека заматеноста на водата е резултат на градежни работи, кои се изведуваат на туристичкиот центар Попова Шапка.


„Арсена“: Гевгелиската вода, покрај арсен, содржи и ванадиум


Гевгелија, 11 јули, 2016 - 11:31 (META) 

Анализата на примерок од водата за пиење од гевгелискиот водовод, земен на 16 јуни годинава, покажала присуство на енормно количество на арсен во водата, штетно за здравјето на човекот, информираат од граѓанската иницијатива „Арсена“.

Анализата што ја извршила меѓународна лабораторија, како што додаваат од „Арсена“, покрај арсен, покажала и присуство на тешкиот метал ванадиум во водата од гевгелискиот водовод.

„Само пред еден месец концентрацијата на арсен беше 21,3 микрограми на еден литар вода, а сега е 19,7 микрограми што е и понатаму за 97 отсто повисоко од здравствено пропишаните норми за употреба на водата од страна на човекот. По одбивањето на Институтот за јавно здравје на Република Македонија да прави анализи на водата во Гевгелија со образложение дека знаеле за проблемот и дека сите институции биле известени, откако увидовме дека речиси четири години не се презема ништо за заштита на граѓаните, со анализите од меѓународни лаборатории го потврдуваме постоењето на проблемот со арсенот во водата и неговото континуирано присуство и изложеност на граѓаните на еден од најотровните елементи на земјата – арсенот. Ванадиумот е нешто сосема ново за нас“, велат од граѓанската иницијатива „Арсена“.

arsena voda analiza

Од граѓанската иницијатива велат дека резултатите од анализата повторно го наметнуваат прашањето за филтрирање и за деарсенификација на водата.

Според пресметките на референта компанија, која соработува со хемискиот институт при Универзитетот „Аристотел“ во Солун, системот за деарсенификација и за филтрирање на водите од сите четири бунари кај селото Моин во Гевгелија би чинел 1,17 милиони евра, а не 8 милиони евра како што во 2014 година најавуваше градоначалникот на Гевгелија, Иван Франгов, велат од „Арсена“, поради што го отфрлил овој проект како прескап за реализација.

„Нови бунари за водоснабдување на Гевгелија не се копаат, а деарсенификаторот лажно се претставува како енормно скап проект. Има ли свест, граѓанска или политичка совест и чувство на одговорност кај оваа власт која и понатаму молчешкум и без проектно решение остава граѓаните да се трујат со вода небезбедна за нивното здравје“, велат од Арсена.


Директорот на ЈП „Октиси“ осомничен поради загадување на водата за пиење


Струга, 3 декември, 2015 - 14:09 (META) 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднела кривична пријава против Ф.Ш. (33), директор на Јавното претпријатие „Октиси“, кој се товари за злоупотреба на службената положба и овластување.

Според полициските информации, осомничениот директор, во периодот од јуни до септември оваа година, со неизвршување на својата службена должност, не обезбедил нормално функционирање на техничката апаратура на резервоарот за вода за пиење и хлорирање на водата, поради што дошло до загадување на водата што ја користат жителите на селото Октиси.


Водата во Струшко повторно забранета за пиење


Струга, 17 ноември, 2015 - 9:21 (META) 

Центарот за јавно здравје од Охрид изврши нови анализи кои покажуваат дека водата во струшките села Октиси и Франгово е неисправна за пиење.

Раководителот на Центарот, Атанаско Михаилов, информираше дека водата од водоводите во селата Октиси, Франгово и Калишта не е хлорирана и оти не смее да се употребува за пиење.

– Земавме примероци од водоводите во селата Октиси, Франгово и Калишта, со кои се утврдува дека нема хлор, а за два дена ќе видиме дали е исправна. Но, штом не се хлорира, очекувано е да има бактерии – изјави Михаилов.

Тој појасни дека примероците земени пред неколку дена покажале оти во водата од водоводот во Октиси има патолошки бактерии, ешерихија коли и ентерококи, во Франгово имало само ешерихија коли, додека во Калишта водата немала патогени организми, но не била хлорирана.

Директорот на јавното претпријатие „Проаква“ во Струга, Ајрон Ачиф, вели дека проблемот со хлорирањето на водата од селските водоводи е поради тоа што овластувањата се на месните заедници.

– Ние не раководиме со таа вода. Водата од селските водоводи не е во наша надлежност. Ќе бараме од Општината да ни помогне да ги вклучиме резервоарите за вода од селата во наша надлежност и да најдеме решение за жителите да пијат почиста вода и да не се појавуваат бактерии – изјави Ачиф.

Недостиг од хлор и појава на патогени бактерии неодамна имаше и во градскиот водовод во Струга, по што надлежниот инспекторат донесе забрана за употреба, а по редовното хлорирање, анализите покажале отсуство на бактерии и забраната за користење беше укината.