Незадоволни членови на ВМРО-ДПМНЕ ја формираа првата фракција


Скопје, 12 март, 2018 - 16:23 (META) 

ФРОДЕМ и членови на внатрепартиската иницијатива за реформи во ВМРО-ДПМНЕ денеска објавија дека ќе настапуваат како фракција во ВМРО-ДПМНЕ.

Како што велат,  така ќе и помогнат на партијата да стане вистинска и реална опозиција, со свои конкретни ставови, принципи, идеологија и политики, за бргу со ново и демократски избрано раководство од членовите на партијата да се врати како победник. Сметаат дека сега ВМРО-ДПМНЕ и партиското раководство се заробеници на поранешните партиски водачи.

– Причина повеќе за јавно дејствување како фракција е фактот дека ова наметнато раководство сè уште е во закрила и во стегите на поранешните партиски функционери, без разлика на јавното глумење за некаква реформа и демократизација – вели Љупчо Алексовски од ФРОДЕМ.

Ѓулистана Марковска, пратеничка од првиот парламентарен состав од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, побара јавно од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да го промени статутот, како што најавувал по неговиот избор, со кој ќе се овозможи незадоволните членови во партијата да може да дејствуваат како фракција.


Реформаторите на ВМРО-ДПМНЕ даваат правна помош на сопартијци под притисок од власта


Скопје, 9 декември, 2017 - 11:47 (META) 

Внатрепартиската иницијатива за реформи во ВМРО-ДПМНЕ формираше тим од правни советници, чија цел е, како што велат иницијаторите, да обезбеди „првични правни насоки и консултации за сите членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ кои поради своите политички убедувања или дејствувања се наоѓаат или ќе се најдат под притисок (мобинг, отпуштање од работа и сл.) од новите локални власти низ општините во Република Македонија“.

Тимот ќе функционира секоја недела во периодот од 12 часот до 15 часот во просториите на Клубот на новинари во Скопје.

Како што велат од правниот тим на внатрепартиската иницијатива за реформи во ВМРО-ДПМНЕ, доколку има основаност во наводите, членовите на партијата ќе добијат соодветна првична правна помош, насока или консултација, без надомест.