ВМРО-НП бара укинување на приватните пензиски фондови


Скопје, 12 февруари, 2018 - 12:24 (META) 

ВМР -Народна партија бара итно укинување на приватните пензиски фондови, односно откажување од т.н. втор столб и враќање кон единствен државно гарантиран пензиски систем.

Ставот на партијата на Љубчо Георгиевски е во рамките на дискусиите за реформа на пензискиот систем, што се отвора деновиве, а која, според партијата, оти во два правци – да се зголемат годините за пензионирање на граѓаните и второ, да се зголеми процентот на придонесите на платите.

„Сакаме да потсетиме дека оваа реформа со втор пензиски столб и беше наметната на Македонија, но и на цела Источна Европа од страна на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка без никаква сериозна поткрепа во економијата“, стои во соопштението на ВМРО-НП.

Од партијата додаваат дека денесе во цела источна Европа се води дискусија за промашеноста на пензиските реформи, а Романија е веќе во завршна фаза за укинување на овој тип наметнати решенија.


Тасев: Дали Груевски треба да остане на чело е работа што треба ВМРО-ДПМНЕ да ја расчисти


Скопје, 1 декември, 2017 - 18:10 (META) 

Секоја партија по избори мора да направи реформа ако сака нормално да ги пречека следните избори, но нашата партија нема да се меша во внатрепартиските работи на ВМРО-ДПМНЕ, вели за „Мета“ Никола Тасев, член на извршниот комитет на ВМРО-НП, на прашањето како гледа на најавата за оставка од Никола Груевски на претседателското место во ВМРО-ДПМНЕ.

– Ставот на ВМРО – Народна партија за случувањата во ВМРО-ДПМНЕ, и за која било друга партија, е дека тоа е внатрепартиска работа и секој процес што се одвива е нешто што зависи од нив. Тоа се нивни работи и треба да си ги решат, но ако сакаат да функционираат нормално, треба да поминат процес на реформа. Секоја партија што сака нормално да ги пречека следните избори, мора да направи реформа. И во ВМРО-ДПМНЕ по изборниот пораз во 2002 година имаше реформи, гледаме дека и во СДСМ се случуваат реформи, и во ВМРО-ДПМНЕ се случуваат некои промени, но тоа сепак е нивна работа – вели Тасев.


Витанов: Бев изманипулиран од ВМРО-НП, давам оставка и ќе соработувам со СДСМ


Струмица, 6 февруари, 2017 - 13:16 (META) 

Еден ден откако беше објавено дека преминува во советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на општина Струмица, Методи Витанов, советник од ВМРО-НП, денеска соопшти дека бил изманипулиран од централното раководство на партијата поради одлуката да се коалицира со ВМРО-ДПМНЕ и дека наместо тоа решил од денеска да дејствува како независен советник, а ќе ја поддржува советничката група на СДСМ. Поддршка доби и од претседателот на општинскиот комитет на ВМРО-НП во Струмица.

Објавувајќи ја новата коалиција, ВМРО-ДПМНЕ вчера порача дека со тоа постигнува мнозинство. Денешната оставка на Витанов, повторно го враќа соодносот на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ на 11 наспрема 11 во општинскиот совет.

„Како советник на ВМРО-НП, која до вчера коалицираше со СДСМ во Советот на Струмица, грубо сум изманипулиран од централното раководство на ВМРО-НП, почитувајќи ја нивната одлука за коалиција со ВМРО-ДПМНЕ во Советот на општина Струмица“, вели во видеоизјавата советникот Методи Витанов, за кој вчера беше објавено дека преминал во советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, со што дојде до нов распоред на силите, односно 12 за советничката група на ВМРО-ДПМНЕ наспрема 10 за советничката група на СДСМ.

– Поради несериозноста на централното раководство на ВМРО-НП, си давам оставка од партијата. Понатамошниот мандат во Советот на општина Струмица ќе го водам како независен советник, подржувајќи ја советничката група на СДСМ – вели Витанов.

Поддршка на Витанов му изрази и Ристо Пецев, претседател на општинскиот комитет на ВМРО-НП во Струмица.

Вчера советничката група на ВМРО-ДПМНЕ објави дека имаат ново советничко мнозинство во Советот на Струмица бидејќи Витанов влегол во нивните редови. На прес-конференција на која зборуваше советникот на ВМРО-ДПМНЕм Зоран Пакетов, беше и Витанов, но тој вчера не ја образложи својата одлука. Пакетов вчера побара итна седница за верификација на мнозинството во Советот на општина Струмица, избор на нов претседател на Советот и нов в.д. градоначалник. Од СДСМ, пак, побараа, Витанов да ја преиспита одлуката.

Поранешниот состав на советниците во струмичкиот Совет беше 12 советници за СДСМ и 11 за ВМРО-ДПМНЕ, но по парламентарните избори, кога поранешниот градоначалник Зоран Заев го доби пратеничкиот мандат, негов заменик, односно в.д. градоначалник, стана советникот Костадин Костадиновски. Со тоа бројот на советници се израмни.


Ден Дончев, шеф на изборниот штаб на коалицијата ВМРО-НП, ОМ и Достоинство


Скопје, 3 ноември, 2016 - 10:12 (META) 

За шеф на изборниот штаб на коалицијата на ВМРО-Народна партија, Обединети за Македонија и на Достоинство е назначен Ден Дончев, кој ќе биде и носител на кандидатската листа во првата изборна единица. Официјално, промоцијата на кандидатите ќе биде утре.

Во втората изборната единица, носител на кандидатската листа ќе биде Љупчо Балковски, во третата – генералот Стојанче Ангелов, претседателот на Достоинство. Лидерот на ВМРО-НП, Љубчо Георгиевски, ќе биде носител во четвртата изборна единица, Љубе Бошкоски во петката, а шестката ќе биде резервирана за Достоинство.

Оваа коалиција се формализираше откако не успеаја да се договорат за заеднички настап со Коалицијата за промени и правда.

Ниту од ВМРО-ДПМНЕ, ниту од СДСМ не откриваат кои ќе им бидат адутите на пратеничките листи преку кои ќе се бара доверба од граѓаните на предвремените парламентарни избори, закажани за 11 декември. Последниот рок до кога листите со кандидати за пратеници треба да се достават до Државната изборна комисија е следниот петок, 11 ноември, на полноќ, а на 18 ноември ДИК мора да ги објави во дневен печат.

Од најголемата опозициска партија велат дека в недела, на партиски конгрес, ќе ги објават кандидатските листи за пратеници.

Од ВМРО-ДПМНЕ, исто така, информираат дека листите ќе ги објават на некој поголем собир, но сè уште дефинираат кога и како ќе изгледа тоа.

Засега само ДПА ги објави кандидатските листи, на кои лидерот Мендух Тачи е носител во шестата изборна единица.


ВМРО-НП остава уште една шанса за формирање десничарски опозициски блок


Скопје, 30 октомври, 2016 - 17:13 (META) 

ВМРО-НП на денешниот состанок на партискиот централен комитет одлучи на претстојните избори на 11 декември да оди во коалиција со Обединети за Македонија на Љубе Бошковски и со Достоинство на Стојанче Ангелов.

Сепак, партијата остави и можност за преговори со ФРОДЕМ на Јове Кекеновски и со Демократски сојуз на Павле Трајанов доколку деновиве посакаат да ги обноват преговорите кои вчера беа прекинати.

Вчера преговорите меѓу десниот блок опозициски партии беа прекинати затоа што не успеале да постигнат договор по ниту една точка.

Утрово од Коалицијата за промени и за правда рекоа дека се подготвени да коалицираат со која било опција што ќе биде против ВМРО-ДПМНЕ, а лидерот на ВМРО-НП денеска пред почетокот на заседанието на централниот комитет рече дека хипотетички би прифатил коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.


Георгиевски „хипотетички“ би прифатил коалиција со ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 30 октомври, 2016 - 13:56 (META) 

Лидерот на ВМРО-НП, Љубчо Георгиевски, пред почетокот на состанокот на централниот комитет на партијата, во изјава за медиумите ги обвини Демократскиот сојуз и ФРОДЕМ за пропаѓањето на преговорите за формирање десен опозициски блок.

Како што рече Георгиевски, не е вистина дека побарале да потпишат изјава дека нема да коалицираат со ВМРО-ДПМНЕ, напротив, како што рече, повеќе зборувале за тоа колку биле разочарани од Заев како лидер на опозицијата, отколку што зборувале за Груевски и за ВМРО-ДПМНЕ.

– Хипотетички, доколку на овие избори освоиме 15 пратеници и ВМРО-ДПМНЕ ни понуди со нивна помош да формираме малцинска влада, ние тоа би го прифатиле – рече Георгиевски.

Централниот комитет на ВМРО-НП ќе ја разгледува можноста за реактивирање на преговорите за десен блок, но, најверојатно, коалицијата ќе биде единствено помеѓу ВМРО-НП, ОМ и Достоинство.

Според Георгиевски, Коалицијата за промени и за правда намерно ги „минирала“ преговорите.


Преговорите прекинати: Георгиевски на избори ќе оди само со Ангелов и со Бошкоски?


Скопје, 29 октомври, 2016 - 18:42 (META) 

Преговорите помеѓу партиите од десниот опозициски блок за заеднички настап на претстојните избори на 11 декември се во прекин и не се знае дали и кога ќе продолжат. Според Никола Тасев, член на извршниот одбор на ВМРО-Народна партија и преговарач во работните групи, и по три дена преговори сè уште ништо не е поместено од мртва точка.

– Немаме договор по ниедно прашање. ВМРО-НП, Обединети за Македонија на Љубе Бошкоски и Достоинство на Стојанче Ангелов во овие проговори цело време инсистираме да се постигне договор, притоа правејќи отстапки само за да се формира оваа коалиција. За жал, од другата страна, три дена постојано има нови барања. Затоа преговорите се прекинати и не се знае дали и кога ќе продолжат и сè поблиску сме да се формира десен опозициски блок само од ВМРО-НП, Достоинство и со ОМ, кои самостојно ќе настапат на следните избори – вели Тасев.

Тој, исто така, ги отфрла шпекулациите дека ВМРО-НП не сакала да потпише документ дека по изборите нема да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ.

– Нема никаква врска дека се разговарало за ова. Ние три дена заглавивме на првото прашање за распределба на мандатите на пратеничките листи, па за ова прашање воопшто не дошло ниту ред да се разговара – вели Тасев.

Иако  ВМРО-Народна партија во петокот донесе одлука да се приклучи кон десничарскиот опозициски блок, работите при преговорите се изјаловија. Договорената коалиција со со ФРОДЕМ  на Јове Кекеновски и со Демократски сојуз на Павле Трајанов е пред прекин.

Во вторникот, пак, по двочасовна тензична седница на извршниот одбор, ВМРО-НП не донесе одлука со која партија ќе коалицира и кого ќе поддржи на предвремените парламентарни избори на 11 декември годинава.

Тогаш членовите одлучиија да му дадат уште неколку дена на претседателот на партијата, Љубчо Георгиевски, за да може да донесе дефинитивно решение.


Георгиевски не оди на избори со Груевски, туку на листа на десничарската опозиција


Скопје, 28 октомври, 2016 - 12:44 (META) 

ВМРО-Народна партија донесе одлука да се приклучи кон десничарскиот опозициски блок. Тие на претстојните избори закажани за 11 декември ќе учествуваат заедно со ФРОДЕМ  на Јове Кекеновски, Демократски сојуз на Павле Трајанов и со Обединети за Македонија на Љубе Бошковски, дознава „Мета“.

Исто така, според последните информации, договорено е носители на листите да бидат Трајанов во првата изборна единица, Јове Кекеновски во двојката, Љубчо Георгиевски во третата изборна единица и Бошковски во петтата изборна единица. Дознаваме дека ВМРО-НП ќе ја добие и четвртата изборна едница, а најверојатно носител на листата ќе биде Никола Тасев.

Оваа одлука доаѓа по неколкудневни преговори кои ВМРО-НП ги правеше и со опозицијата и со власта.

Во вторникот, по двочасовна тензична седница на извршниот одбор, ВМРО-НП не донесе одлука со која партија ќе коалицира и кого ќе поддржи на предвремените парламентарни избори на 11 декември годинава.

Тогаш членовите одлучиија да му дадат уште неколку дена на претседателот на партијата, Љубчо Георгиевски, за да може да донесе дефинитивно решение.


Тензично во ИО на ВМРО-НП: Ветрот дува кон ДПМНЕ, дефинитивна одлука викендов


Скопје, 25 октомври, 2016 - 22:03 (META) 

По двочасовна тензична седница на извршниот одбор, ВМРО-НП не донесе одлука со која партијата ќе коалицира и кого ќе поддржи на предвремените парламентарни избори на 11 декември годинава.

Како што дознава „Мета“, членовите одлучиле да му дадат уште неколку дена на претседателот на партијата, Љубчо Георгиевски, за да може до викендов да донесе дефинитивно решение. Сепак, според информациите, работите се движат во насока да се прифати последната понуда што опозициската десничарска партија ја добила од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Како што објавивме пред самиот почеток на вечерашната седницата на извршниот одбор на ВМРО-НП, владејачката ВМРО-ДПМНЕ ѝ доставила нов предлог-пакет за формирање коалиција и за заеднички настап на изборите.

Во предлогот, како што дознаваме, понудени се министерски, директорски и раководни позиции за кадри на ВМРО-НП, доколку се приклучи на ВМРО-ДПМНЕ и доколку сегашната владејачка партија повторно ја освои власта.


ВМРО-ДПМНЕ со „неверојатен предлог“ се обидела да ја привлече ВМРО-НП на Георгиевски


Скопје, 25 октомври, 2016 - 19:16 (META) 

Пред самиот почеток на вечерашната седницата на извршниот комитет на ВМРО-Народна партија, владејачката ВМРО-ДПМНЕ ѝ доставила нов предлог пакет за формирање коалиција и за заеднички настап на изборите закажани за 11 декември, дознава „Мета“ од извори од партијата на Љубчо Георгиевски.

Во предлогот, како што дознаваме, понудени се министерски, директорски и раководителски позиции за кадри на ВМРО-НП, доколку им се приклучи и доколку сегашната владејачка партија повторно ја освои власта.

Изворите од партијата на Љубчо Георгиевски само кусо коментираа дека се работи за „неверојатен предлог“. Сепак, како што дознаваме, поголемиот дел од членовите на извршниот комитет на ВМРО-НП се против одлуката нивната партија да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ.

Исто така, дознаваме дека Љубчо Георгиевски и лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, денеска договориле заеднички настап на претстојните избори, па затоа е нејасно дали извршниот комитет на ВМРО-НП ќе го поддржи планот на нивниот лидер или понудата на владејачката партија.

Од партијата, за „Мета“ брифираат дека пред почетокот на состанокот на извршниот комитет, закажан за 19 часот, постои раздвиженост, но никој не знае за што точно станува збор. Исто така, високиот извор од ВМРО-НП информира дека Георгиевски по средбата со Бошкоски не сакал да се сретне со ниту еден член од извршниот комитет. Сепак, работите ќе бидат појасни по вечерашната седница на извршниот комитет на ВМРО-НП.