Ѓорчев до Заев: Зошто вашиот личен адвокат го спасуваше градоначалникот на Ново Село?


Скопје, 26 јули, 2018 - 12:28 (META) 

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев на седницата за пратенички прашања го праша премиерот Зоран Заев зошто неговиот личен адвокат го спасувал градоначалникот на Ново Село кој беше обвинет за шверцување цигари.

-Сите декларации и ветувања паѓаат во вода кога вчера вашиот личен адвокат ќе отиде да го вади градоначалникот од Ново Село. Брука е тоа што се случи. Ќе го исклучите ли од СДСМ – праша Ѓорчев.

На ова премиерот Заев одговори дека адвокатот Ване Андреев кој му бил адвокатите во некои судски процеси е приватен адвокат и тој може кој сака да го ангажира бидејќи не е на функција. Тој додаде дека градоначалникот на Ново Село е негов личен пријател, но секој кој што згрешил треба да одговара.

На прашањето зошто било дозволено пари од Фондот за иновации да завршат кај функционери, Заев рече дека правно тоа е дозволено но не е етички.

-Го поздравувам етичкиот момент кога фирмите во кои што имаат дел политичари се повлекуваат. Легално тоа е возможно но етички не е па затоа носителите на јавни функции ги преземаа соодветните дејствија. Фондот располага со огромни пари преку Буџетот, најголем дел од тие пари се наменети за домашни фирми за отворање на нови работни места. Јас не можам да правам увид во моите фирми и фирмите на Заеви затоа што немам време. Сакам да ги следиме етичките кодекси и да бидеме транспарентни, повторувам се е според законот, но ете ги исполнуваме и етичките дилеми – рече Заев.

Ѓорчев праша зошто било прикривано убиството на Никола Саздовски, на што Заев му одговори дека никој после Мартин Нешкоски не може да прикрива убиство во државата.

-Влијае нашата дебата, влијае и ние како се однесуваме и дали само сакаме да добиеме политички поени или навистина ни е грижа. Будното око на јавноста е најголем коректив. Мора да бидеме внимателни, се преземаат дејствија законот да мора да важи за сите – додаде Заев.

Во последното прашање, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ му порача на министерот за култура, Асаф Адеми да не го чепка музејот на ВМРО зошто тој е нешто свето, а во спротивно ќе одговара за тоа.


ВМРО-ДПМНЕ ќе присуствува на седницата за реконструкција на владата


Скопје, 28 мај, 2018 - 15:46 (META) 

Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ ќе присуствува на седницата в петок на која ќе се гласа за реконструкцијата на владата и изборот на нови министри и заменици министри, рече пратеникот Влатко Ѓорчев како одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Собранието.

– Апсолутно нашата острица на критики ќе биде насочена кон оваа влада и кон оваа гарнитура затоа што имаме аргументи, затоа што аргументите на дневна основа ги гледаме, затоа што секој ден економските индикатори се вложуваат, затоа што националните и државните интереси на Република Македонија се загрозени како никогаш до сега, затоа што ако одиме област по област, од земјоделие преку здравство, до образование, заклучно со транспорт, локална самоуправа, аргументите се апсолутно на наша страна – рече Ѓорчев.

На прашање, пак, како ја коментира одлуката на собранискиот спикер седницата за реконструкција на Владата да биде на денот кога ВМРО-ДПМНЕ организира протест пред владата, Ѓорчев рече дека се работи за јалова реконструкција.

– Се работи за јалова реконструкција, се работи за една влада којашто нема идеја и нема резултати. Се работи за влада којашто нема исполнето ниту едно од своите клучни ветувања. Во Македонија година дена наназад една шајка не е закована, една бандера не е направена, а беа ветени брда и долини. Дури и најголемите поддржувачи на СДСМ се разочаруваат од Зоран Заев и неговите министри. Така што, реконструкција на еден или двајца министри не го решава фундаменталниот проблем, а тоа е дека имаме неспособна гарнитура којашто не ги исполнува ветувањата и којашто не може и не знае да испорача резултати – додаде Ѓорчев.


Во судница денеска Јанкулоска, Мијалков и Ѓорчев


Скопје, 15 мај, 2018 - 10:51 (META) 

Во Основен суд Скопје 1 денеска треба да се одржат две судења – за случајот „Таргет-Тврдина“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), како и за обидот за убиство на Зијадин Села во нередите во Собранието на 27 април минатата година.

Во „Таргет – Тврдина“ обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во притвор во Грција, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, како и поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски.

Претходното рочиште беше одложено поради незавршената екстрадициска постапка што се води пред Врховниот суд во Грција за двајцата обвинети Горан Грујевски и Никола Бошковски. Врховниот суд на Грција во Атина одлуката треба да ја соопшти в петок.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Во истиот суд ќе се одржи и судење за случајот за обид за убиство на Зијадин Села на 27 април минатата година, а на денешното рочиште треба да сведочи и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев. Тој беше поканет да сведочи на минатото рочиште, но не се појави бидејќи поканата не му била доставена уредно. Тој е сведок на одбраната.

Како сведок во овој случај беше поканет и премиерот Зоран Заев, но тој не дојде на минатото рочиште бидејќи беше зафатен, па сведочеа следните од листата сведоци, а потоа адвокатите се откажа од тоа тој да сведочи, бидејќи им го нарушил концептот за редослед на сведочењата преку кои го разработуваат својот концепт на одбраната.


Ѓорчев: ВМРО-ДПМНЕ ќе работи Македонија да се приклучи на иницијативата „Трите мориња“


Скопје, 12 февруари, 2018 - 16:35 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ ќе покрене широка меѓународна акција за пристапување на Република Македонија кон иницијативата на „Трите мориња“ – од Балтичкото море до Црно море и од Црно Море до Јадранското море – во која што членуваат 12 европски земји, изјави денеска на прес-конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев.

– ВМРО-ДПМНЕ ќе ги насочи своите надворешно политички ресурси, иницијативи и контакти за обезбедување полноправно членство на Република Македонија во оваа важна регионална иницијатива. Се работи за иницијатива која што покрива еден милион и двесте илјади километри квадратни и повеќе од 110 милиони жители. Се работи за иницијатива која што е проевропска но и евроатланска, која што е подржана силно од САД и претседателот Доналд Трамп – рече Ѓорчев.

Тој додаде дека иницијативата ќе ја покренат и во рамките на Европската народна партија каде што членува ВМРО-ДПМНЕ и дека оваа идеја ќе ја промовираат и во Брисел.


ВМРО-ДПМНЕ до сега поднела 70 амандамни за законот за јазиците


Скопје, 26 јануари, 2018 - 15:33 (META) 

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ досега поднела 70 амандмани за законот за употреба на јазиците, изјави денеска на прес-конференција координаторот на пратеничката група Влатко Ѓорчев. Тој рече дека вкупниот број на амандмани ќе зависи од одговорот на владејачкото мнозинство за нивните барања за повлекување на текстот и за дијалог.

Тој вели дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвено да разговара за законот, за кој сметаат дека треба да биде донесен со консензус и да биде подготвен преку дијалог, што ќе значи унапредување на правата не само на албанскиот јазик, туку и на јазиците на помалите заедници, и истовремено ќе биде согласно Уставот.

– Да се формираат работни групи, да се консултира експертската јавност, да се видат меѓународните искуства. Ние сме подготвени да дискутираме за зголемен опфат и употреба на јазиците во Република Македонија. Истовремено не сакаме да се носат решенија што се набрзина подготвени. Не е добро само во име на формирање на некоја коалиција во кус рок да се прават закони што се лоши, недоречени и кои огромен број луѓе не знаат како да ги применуваат, ниту, пак, да ги разберат – рече Ѓорчев.


Ѓорчев: Ќе ги поддржиме сите чекори што ќе ја доближат Македонија до НАТО


Скопје, 18 јануари, 2018 - 14:51 (META) 

Ќе ги поддржиме сите чекори кои ќе ја приближат Македонија кон членството во НАТО, рече в.д. координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, по средбата на претставниците на партијата со Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, која ја оцени како „добра и конструктивна“.

– Го информиравме Столтенбрег за политичкиот прогон кој се врши во Македонија, која е единствената земја во Европа во која има жесток прогон на опозицијата. Тој и се зблагодари на партијата за се што направила до сега за интеграцијата на Македонија во НАТО – рече Ѓорчев.

Stoltenberg so vmro-dpmne

Средба на Столтенберг со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, придружуван од пратеници и членови на раководството на партијата

Одговарајќи на новинарско прашање дали ќе се вратат во Собранието, Ѓорчев повтори дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ е дека во Македонија нема слобода, туку режим и дека невини луѓе лежат во затвор.

Тој информираше дека Законот за јазиците не бил тема на разговор со Столтенберг, но ја поздрави одлуката на Иванов да не го потпише законот, и ја оцени како „основана“.

На прашањето дали ја поддржуваат одлуката на Илија Димовски да го оспори законот пред Уставнит суд, Ѓорчев рече дека ги разгледуваат сите опции и дека ќе информираат навремено.

Тој потенцираше дека не е добро да се носат закони без опозицијата, дека дијалогот треба да биде двонасочен и додаде дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да седне на заедничка маса.

Прашан за преговарачкиот процес вчера во Њујорк, Ѓорчев рече дека ВМРО-ДМНЕ не е вклучена во преговорите и додаде дека тоа што го изјавил преговарачот од македонска страна Васко Наумовски, дека предлозите на Нимиц се далеку од достоинствено решение, е навистина загрижувачко.

Тој потенцираше дека Столтенберг бил заинтересиран за ова прашање, а ВМРО-ДПМНЕ му ги кажале нивните црвени линии.


Опозицијата и понатаму нема да учествува во работата на Собранието


Скопје, 27 декември, 2017 - 18:29 (META) 

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и понатаму нема да учествуваат во работата на Собранието, потврдил за телевизија „Телма“ привремениот координатор на пратеничката група, Влатко Ѓорчев.

Опозицијата ќе продолжи да ја бојкотира работата на законодавниот дом, бидејќи била револтирана од денешната одлука на Кривичниот суд во Скопје со која им се продолжи притворот за нови триесет дена на пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски и Љубен Арнаудов, на поранешниот министер за внатрешни работи и директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, организаторите на протестите на „За заедничка Македонија“ Игор Дурловски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски и на уште шестнаесет лица осомничени за насилствата во Собранието од 27 април, оваа година.

Ѓорчев образложи дека и покрај подадената рака од страна на новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, новата одлука за продолжување на притворот, одмагала на политичкиот дијалог.

„Одговорноста за состојбите е во партијата на власт, тие го креираат амбиентот во државата. На утрешната седница нема да учествуваме, во околности какви што имаме сега. Очекуваме конструктивен пристап од власта, да покаже добра волја и нормална комуникација. Новото раководство на партијата нека биде повод за нов почеток. Консултациите со СДСМ ќе продолжат, но ако се влоши позицијата и состојбата на прогонетите, тогаш комуникацијата помеѓу двете партии ќе биде во еднонасочна улица“, изјави Ѓорчев.

Премиерот Зоран Заев, денеска рече дека очекува што побрзо опозицијата да се врати во Собранието, за заеднички да работат на реформите кои државата ќе ја придвижат кон ЕУ и НАТО.

Тој додаде дека пратеничките прашања утре во Собранието се за пратениците на опозицијата.

– Пратеничките прашања утре во Собранието се за пратениците од опозицијата, ако не дојдат, седницата ќе трае кратко. Немам намера, долго да одговарам на прашањата на пратениците од власта, иако, и тие имаат можност да постават прашања. Ако пратениците на опозицијата не дојдат утре, се надевам дека ќе се појават на седницата по Нова година, закажана на 9 јануари – рече Заев.


Арнаудов: Неправедно притворените се чесни луѓе и јунаци


Скопје, 16 декември, 2017 - 17:50 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ и денеска протестираше поради притворањето на лицата обвинети за насилствата во Собранието од 27 април годинава, На протестот, кој денеска се одржа пред затворот Шутка се обратија Ламбе Арнаудов, Никола Србов и Влатко Ѓорчев.

Арнаудов рече дека луѓето кои доаѓаат на протест се храбри луѓе и оти вистина e дека храбрите пократко живеат, но ти оние кои не се храбри воопшто не живеат. Тој се обрати и до притворените во истражниот затвор во Шутка, порачувајќи им дека се чесни луѓе и јунаци.

-Вие браќа и сестри јунаци, кои ние овде ве чувствуваме како наши сострадалници, вие денеска ја играте вашата улога во најголемиот отворен амфитеатар кој го направила човечката цивилизација, што се вика Македонија, изјави Арнаудов.

Србов пак рече дека лицата чии усти биле полни со демократија денес истата ја уриваат, а се кршат и сите ратификувани повелби за правата на човекот.

Тој истакна дека оваа борба ќе биде долга и мачна, но дека мора да се издржи. Тој кажа дека прво треба да се ослободат неправедно притворените, а потоа и да се ослободи државата од владеењето на Заев.

Пратеникот Влатко Ѓорчев рече дека секојдневно се намалува бројот на лицата кои ги поддржуваат оние што го вршат овој политички прогон.

– Оние кои ја поддржуваа Шарената револуција секој ден се оградуваат од неа на Фејсбук, оние кои што пишуваа пишува секој месец по 3-4 или 10 колумни секој месец се погласно пишуваат против оваа актуелна Влада. И најголемите нивни поддржувачи ден по ден, месец по месец, тема по тема стануваат се покритични кон оние кои што ги затвораат оние што се внатре тука – изјави Ѓорчев, притоа порачувајќи им притворените дека ќе дојде слободата и оти повторно ќе ги видат своите најблиски.


Ѓорчев во Стејт департментот информирал за притворите и за политичките случувања


Вашингтон, 8 декември, 2017 - 16:13 (META) 

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, се сретнал со директорот на Канцеларијата за Јужна и Централна Европа на Стејт департментот, Метју Палмер, придружуван од Џошуа Луис и од Елејн Хенсл од канцеларијата за Македонија во Стејт департментот во Вашингтон.

„Пратеникот Ѓорчев го информираше соговорникот од Стејт департментот за последните случувања поврзани со бројните притвори, затворања и упади во домови на пратеници од Собранието на Република Македонија, познати актери, музичари, административни работници и други службеници, кои се актуелни во Македонија“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Ѓорчев, како што се додава во соопштението, се осврнал и на „бројните нерегуларности за време на последните локални избори, како и неколку случаи на изборно насилство кои не беа санкцинирани од страна на актуелната власт“.


Милошоски предупредува дека реваншизмот ќе роди нов реваншизам


Скопје, 29 ноември, 2017 - 20:09 (META) 

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, на вечерашниот протест пред Министерството за правда, со кој се бараше ослободување на 36. лица што беа вчера притворени и изведени пред истражен судија поради учество или потпомагање на насилството во Собранието на 27 април годинава, порача дека тоа е политичка пресметка на власта со опозицијата и акција на реваншизам која ќе роди нов реваншизам.

– Реваншизмот ќе роди нов реваншизам. Апел до правосудните органи: Не правете неправди и не делете го народот зашто тоа ќе роди неправда и реваншизам. Овие апсења на пратеници и на недолжни граѓани имаат цел Владата да создаде димна завеса за да се покрие обврската за спроведување туѓи проекти – рече Милошоски пред масата од околу 200 луѓе, која ја блокираше улицата Димитрија Чуповски.

Со повици „Македонија“ и „Слобода“, собраните демонстранти го поздравуваа неговиот говор, во кој Милошоски, исто така, обвини дека со ваквите акции Владата на Заев сака да ја прикрие својата неспособност.

– Марионетската влада на Заев, неможејќи да ги исполни дадените ветувања на граѓаните за подобар живот, сега се бори против патриотите поради дадените ветувања на надворешни сили – рече Милошоски.

По него зборуваше и пратеникот Трајчо Димков, кој рече дека приведувањата „на невини луѓе и на патриоти“ нема да ја расколебаат ВМРО-ДПМНЕ.

На крајот се обрати и Влатко Ѓорчев, кој ги повика граѓаните на нов протест утре, во 18 часот, пред Основен суд Скопје 1.

– Утре се носат одлуките по повод жалбите. Сакаме луѓето да се вратат дома кај своите семејства. Утре во 18 часот, секој ден, сè побројни – изјави Ѓорчев.

На протестот, кој потраја 45 минути, беа и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и поранешниот министер за земјоделство, Љупчо Димовски.