Владата отвора канал за онлајн-комуникација со граѓаните, нема да дава пари за реклами


Скопје, 2 февруари, 2018 - 10:33 (META) 

Владата ќе комуницира со граѓаните преку социјалните мрежи и преку јавниот радиодифузен сервис МРТ, а нема намера за тоа да троши буџетски пари, одговори владиниот портпарол Миле Бошњаковски на прашањето од „Мета“ дали Владата ќе плаќа реклами кога ќе комуницира со јавноста преку јавниот радиодифузен сервис МРТВ и дали планира да плаќа за продукција на рекламни спотови или објави кои ќе се пласираат како платени реклами на „Фејсбук“, „Твитер“ и на други социјални мрежи.

Бошњаковски, кој во последно време дури и пред да биде испратено официјалното соопштение за одлуките на владините седници, со видео преку „Твитер“ соопштува некои битни одлуки на седницата, вели и дека наскоро ќе се почне со одговарање на прашања од граѓаните преку социјалните мрежи.

– Секторот за односи со јавност на Владата планира во иднина да ја зголеми и двонасочната комуникација со граѓаните на социјалните медиуми, преку интензивирано одговарање на пораки и коментари, поставување на прашања до граѓаните, отворање на дискусии и спроведување на онлајн истражувања како алатка за иницирање на вклученост на граѓаните во носење на политиките на Владата. За ваквата и за комуникација со граѓаните преку радиодифузниот сервис МРТВ, Владата нема да троши буџетски пари – вели владиниот портпарол.

Според Бошњаковски, ангажираните лица во владиниот Сектор за односи со јавноста „интензивно работат на креирање на процедури, протоколи и правилници за комуникација преку новите медиуми, кои досега не постоеле“.

Во меѓувреме, комуницираат со граѓаните на социјалните медиуми преку „Фејсбук“, „Твитер“ и „Инстаграм“ и споделуваат фотографии на „Фликр“ и видеа на „Јутјуб“.

– Во иднина планираме отворање и на нови комуникациски канали на социјалните медиуми – појаснува Бошњаковски.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.


Ратајкоски: МТВ ќе го казни вработениот што згрешил објавувајќи владини реклами


Скопје, 12 септември, 2016 - 15:20 (META) 

МТВ ја увидела грешката и ќе го санкционира вработениот што ја направил грешката со објавувањето на владини реклами, вели Диме Ратајкоски, главен и одговорен уредник на Првиот програмски сервис на Македонската телевизија. Тој за „Мета“ вели дека по добиените насоки од Агенцијата за аудио и аудиовизелни медиумски услуги на 2 септември 2016 година, МТВ ги отстранила сите реклами финансирани од Влада на Република Македонија.

– Првиот програмски сервис на МТВ на 5 септември 2016 година направи детален увид во програмата и го констатираше прекршокот на ад хок телото како точен – вели Ратајкоски.

Тој вели дека се работи за емитување на две владини реклами, „Македонија вработува“ и „Истражи ја Македонија“, емитувани пред третиот телевизиски дневник на 4 септември 2016 година.

– Станува збор за грешка од небрежност и покрај писмената и усна наредба дадена во режија. Водичот на програма, на своја рака, од незнаење и неиформираност од колегите, ненамерно (според изјавите на водичот на програма), го има сторено прекршокот. Во согласност со актите за дисциплински мерки во МРТ, сите вработени што ќе направат каков било прекршок, ќе бидат соодветно санкционирани. Напоменуваме дека по известувањето на Агенцијата за аудио и аудиовизелни медиумски услуги, МРТ ги отстрани сите владини реклами, а во меѓувреме направивме уште една проверка на сите програмски и рекламни форшпани за да не се случи истата грешка – вели Ратајкоски.

Ад хок телото за следење на медиумите во предизборниот период, во петокот (9 септември 2016 г.) ја донесе својата прва одлука, односно поднесе предлог за изрекување прекршочна казна за Првиот програмски сервис на Македонската радиотелевизија (МРТ 1), поради емитување владини реклами.

„Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, по поднесениот предлог од Привремената комисија за следење на медиумското претставување, поднесе барање за поведување прекршочна постапка во која судот ќе изрече прекршочна санкција – опомена против Првиот телевизиски програмски сервис на Македонската радиотелевизија. Прекршувањето се состои во тоа што на програмата на МРТ 1, во периодот од 2 до 5 септември 2016 година, спротивно на член 75-д, став 4 од Изборниот законик, се емитувани реклами финансирани од буџетот на Република Македонија“, стои во соопштението од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Според политичкиот договор на четирите партии од 2 септември 2016 година, до завршување на изборниот процес одговорен уредник на информативното издание на МТВ е Санта Аргирова. Нејзината надлежност е во правилно и етичко известување во информативните емисии (ТВ-дневниците и вестите). Диме Ратајкоски, пак, е главен и одговорен уредник на Првиот програмски сервис на Македонската телевизија, што подразбира дека е надлежен и за другите содржни, како и за рекламите.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев во таканаречената „бомба“ број 24 објави прислушувани разговори помеѓу поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, и поранешниот премиер Никола Груевски и неговиот тогашен шеф на кабинет, Мартин Протоѓер.


Прва одлука на ад хок телото за медиуми: Казна за МРТ поради емитување владини реклами


Скопје, 10 септември, 2016 - 10:26 (META) 

Ад кох телото за следење на медиумите во предизборниот период ја донесе својата прва одлука, односно поднесе предлог за изрекување прекршочна казна за Првиот програмски сервис на Македонската радиотелевизија (МРТ 1), поради емитување владини реклами.

„Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, по поднесениот предлог од Привремената комисија за следење на медиумското претставување поднесе барање за поведување прекршочна постапка во која судот ќе изрече прекршочна санкција – опомена против Првиот телевизиски програмски сервис на Македонската радиотелевизија. Прекршувањето се состои во тоа што на програмата на МРТ 1, во периодот од 2 до 5 септември 2016 година, спротивно на член 75-д, став 4 од Изборниот законик, се емитувани реклами финансирани од буџетот на Република Македонија“, стои во соопштението од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.