СДСМ и коалицијата ќе ја поддржат Ангеловска Бежовска за гувернерка на Народна банка


Скопје, 17 мај, 2018 - 12:30 (META) 

Пратеничката група на СДСМ и коалицијата в понеделник на координација ќе го разгледаат предлогот на претседателот Ѓорге Иванов, вицегувернерката Анита Ангеловска Бежоска да биде новата гувернерка на Народната банка.

Координаторот Томислав Тунтев рече дека пратеничката група на СДСМ и Коалицијата, позитивно гледаат на новиот предлог на Иванов.

„Лично сметам дека Ангеловска Бежоска, која што е докажан експерт и професионалец во својата област, ја заслужува нашата поддршка. Само да потсетам дека лани летото ние како пратеничка група го искажавме нашиот афирмативен став и ја дадовме нашата поддршка за Анита Ангеловска Бежоска, кога го поддржавме и гласавме за нејзиниот реизбор на функцијата вицегувернерка. Имајќи ја предвид нејзината импозантна биографија, богатото искуство и нејзините професионални постигнувања, воопшто не се сомневам дека генералниот став на нашата пратеничка група во врска со овој предлог ќе остане непроменет – дека ќе биде позитивен и дека само ќе биде потврден на претстојната координативна средба на пратеничката група“, рече Тунтев.

Тој додаде дека станува збор за исклучително значајна позиција, поради што личноста што ќе застане на чело на НБРМ мора да произлезе преку здрав и аргументиран дијалог помеѓу највисоките државни функционери, за да се дојде до заедничко прифатливо решение за гувернер.

„На позицијата гувернер потребно е да застане човек кој ќе ја гарантира независноста на институцијата, кој ќе се грижи за развој и унапредување на банкарскиот систем и за финансиската стабилност на државата, и кој ќе работи исклучиво во интерес на граѓаните“, додаде тој.


Заев вети државна помош за компаниите што остваруваат добри резултати


Скопје, 13 септември, 2017 - 13:00 (META) 

Премиерот Зоран Заев на денешната средба со бизнисмените од македонско-германското стопанско здружение најави нови мерки од страна на Владата за поддршка на странските компании.

Тој рече дека компаниите ќе бидат поддржани доколку остварат одреден економски пораст на крајот на годината и дека поддршката ќе зависи од ефикасноста во нивното работење. Заев посочи дека оваа поддршка компаниите можат да ја искористат за нови инвестиции и за зголемување на извозот.

Премиерот упати апел до бизнисмените повеќе да ги користат македонските компании како доставувачи бидејќи и од тоа ќе зависи поддршката на Владата. Но, додаде тој, тоа нема да биде на присилен начин, туку по природен пат со тоа што Владата ќе им помогне и на домашните компании да го подобрат квалитетот во нивното работење и да одговорат на потребите на инвеститорите.

– Оваа влада продолжува со политиката на создавање услови за привлекување странски инвестиции. Сметајте на нас како партнери и на нашата поддршка, бидејќи ние сме тука за да ги решаваме вашите проблеми – изјави Заев.

Бизнисмените од германската стопанска комора ја изразија потребата од стручно образование и најавија дека на 27 септември ќе почнат проект со македонските институции преку кој ќе донесат обучувачи во претпријатијата за да можат да го обучуваат идниот стручен кадар.

Премиерот Заев најави дека Владата утре ќе го соопшти пакетот мерки предвиден за домашните и за странски компании.