!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Талески се врати на работа четири дена по укинување на притворот


Битола, 23 септември, 2016 - 12:32 (META) 

Четири дена од укинувањето на мерката куќен притвор, градоначалникот на Битола, Владимир Талески, осомничен од СЈО за криминал со школскиот превоз, се појави на своето работно место.

По три месеци минати во куќен притвор, извори од Општината потврдуваат дека по 10 часот Талески дошол во својот кабинет и веднаш свикал состанок со дел од вработените.

Според истите извори, Талески изминатите денови бил, наводно, во Скопје, во Владата, во ЗЕЛС и во матичната партија ВМРО-ДПМНЕ, на консултации и на разговори за тоа како да продолжи со својата работа, по долгото отсуство.

Од прес-службата на кабинетот на градоначалникот денеска не одговараат на нашите телефонски повици. Тие до медиумите пратија најава за настан кој ќе се одржи утре во Битола, но не известуваат дали на настанот ќе присуствува и градоначалникот Талески.

„Ве покануваме, в сабота, 24 септември 2016 г., во 12.30 часот, на Ќумурното игралиште во Битола да го проследите промотивниот настан во организација на ФИФА, ФФМ и на Општина Битола, кој е дел од кампањата на ФИФА со наслов „Live your goals“, кој првпат се организира во Битола.

Настанот ќе почне со обраќање на генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски, и на претставник од Општина Битола“, најавуваат од Општината.


Талески бара Иванов да ја повлече аболицијата, според него СЈО е незаконско


Битола, 17 април, 2016 - 13:11 (META) 

„Kако градоначалник на Битола, работам искрено, посветено и одговорно за доброто на граѓаните. Бидејќи јас лично никогаш не сум правел криминал, не се чувствувам виновен, не сум виновен и не сакам да бидам изедначен со вистинските криминалци во Македонија. Не сакам да има сомнеж или шпекулирање за моето законско работење и затоа од Вас барам аболицијата за мене да ја повлечете“, се вели во обраќањето на градоначалникот на Битола, Владимир Талески, до претседателот Ѓорге Иванов.

Талески вели дека е подготвен да ја докаже вистината за неговото „чесно работење, убеден дека надлежните државни институции ќе се интересираат за факти и за докази, а не за тенденциозни и неаргументирани обвинувања“.

– Во еден неприроден сплет на околности, меѓу лицата кои добија кривични пријави од неуставното и незаконско Специјално јавно обвинителстви (СЈО), се најде и моето име, не по моја вина. Имено, во незаконските телефонски разговори, еден од двајцата соговорници во еден момент, под силна емоција, ме спомнува и ме клевети за некаков криминал и корупција, што не е вистина. Но, тоа е доволен аргумент за СЈО да направи невидена политичка хајка против мене и моите соработници. Обвинувањата и целата постапка од СЈО имаат единствено политичка заднина – вели Талески.

Талески се најде на листата на помилувани од страна на претседателот Ѓорге Иванов.

СЈО, на 14 април отвори истражна постапка „Транспортер“, во која ги испитува сомнежите за сторени злоупотреби со превоз за ученици во Битола од страна на 22 лица, меѓу кои е и Талески.


Битола: Златниот рид стана мрачна населба


Битола, 24 декември, 2015 - 9:30 (META) 

И по пет години од најавата на проектот Златен рид, каде требаше да никне најлуксузниот кварт во Битола, со хациенди, згради, градинки и со други институции, таа населба со градот е поврзана само со козји патеки.

Како и зошто се потрошени 2,5 милиони евра од парите на битолчани што беа наменети за изградба на инфраструктура?

Ги прашал ли некој граѓаните?

Финансиското работење на Општината е предмет на истрага на обвинителството.


Се урива филмскиот град во Битола


Битола, 1 август, 2015 - 15:47 (META) 

Се уриваат градбите во поранешната касарна во Битола, каде локалната власт го градеше проектот „Битола филмски град“, објави денеска битолската опозиција. Овој проект беше еден од поекспонираните на битолскиот градоначалник, Владимир Талески, уште за време на неговиот прв мандат.

Битолската опозиција, тргнувајќи од најавите на градоначалникот Талески дека за овој проект ќе бидат потрошени 1,6 милиони евра, побара одговор од него за тоа колку пари на граѓаните се потрошени за филмскиот град што сега одат во неповрат.

– Овај проект беше најавен како дел од урбанистичкиот план за старата касарна. Според достапните информации, филмскиот град се урива бидејќи бил поставен надвор од урбанистичкиот план. На локацијата е предвиден пат. Дали е тоа точно? Ако е точно, како може да е направен таков сериозен превид? За ова одговорност мора да има, а Талески и оној кој го направил превидот бараме да ги вратат во буџетската каса парите на битолчани – рече Благојче Котевски, советник на СДСМ во Општина Битола, додавајќи дека уривањето на филмскиот град во Битола е уште еден доказ за „крајот на филмовите на Груевски и на неговите соработници“.

Пред повеќе од една година, градоначалникот Талески, заедно со екипа од Општината, најави дека во поранешната касарна е предвидено едно, како што рече, „мало филмско гратче“.

– Иако на прв поглед изгледа дека сме во старата битолска чаршија, всушност ова е филмското студио, филмскиот град – рече тогаш Талески, покажувајќи цртежи од урбанистичките планови за касарната.

А.Б.


За битолскиот градоначалник, истрагата на Обвинителството е негова лична работа


Битола, 5 јуни, 2015 - 18:45 (META) 

Битолскиот градоначалник Владимир Талески смета дека истрагата што Обвинителството ја отвори против него е негова лична работа.

Тој денеска повторно беше јавно прашан од опозициските советници во битолскиот Совет зошто се води истрага против него и кои сè документи се одземени од Општината во интерес на истрагата.

На тоа, Талески ѝ забележа на опозицијата дека најголемиот дел од нивните прашања се однесуваат на теми лично за него.

– Значи, мојот ангажман, професионален, стручен, или мојот личен живот е моја работа. Тоа не е интерес на советниците на Општина Битола. Нивните прашања треба да се однесуваат на работата и на проектите кои Советот ги гласа. Ова е дел од мозаикот со поддршка на поединци и дел на луѓето од медиумите. Една заедничка активност што значи дека опозицијата постои – рече Талески.

Советничката од редовите на ВМРО-НП, Габриела Илиевска, вели дека на неколкуте прашања поставени до Талески, тој одговорил само на едно, односно потврдил дека е отворена истрага против него, но без одговор останале уште неколку важни прашања што се однесуваат на неговата работа како градоначалник и на работата на општинската администрација.

– Не одговари кога и кој има покренато истрагата против Талески. За кои документи се води истрагата. Кои документи се одземени и дали се води истрага против други лица во Општината. И на крај, зошто на јавноста ѝ кажа дека е извршено само копирање на некои документи кога знаеме дека МВР не копира, туку зема оригинали и доставува потврда – рече советничката Илиевска.

А.Б.


За градоначалникот Талески новинарите се виновни што има истрага против него


Битола, 2 јуни, 2015 - 15:04 (META) 

Битолскиот градоначалник Владимир Талески ги обвини новинарите за тоа што Обвинителството отвори предмет по „бомбата“ на опозицијата, во која се зборува дека тој, наводно, направил криминал со бесплатниот превоз на ученици.

Талески упати грст навреди кон дел од локалните новинари, нарекувајќи ги „врвни непрофесионалци“.

– Благодарение на вашата разединетост во делот на новинарството и благодарение на голем и врвен непрофесионализам, се разбира дека дезинфорамциите први патуваат во јавноста и се направи еден амбиент кој е во прилог на опозицијата. Тоа е главна поддршка во кампањата против сето она што значеше немање правен аспект за аргументите – рече Талески денска на средба со новинарите.

Талески понатаму зборуваше за снимените материјали што ги објавуваше опозицијата во „бомбите“, велејќи дека едни исти луѓе сечат, лепат материјали и поднесуваат кривични пријави.

– Тие можат да пуштат уште десет кривични пријави и инспекции во Општината. Дел од вас тоа не го пренесувате, туку го пренесувате тоа што вас ве интересира. Општина Битола не е Општина Струмица, а јас не сум Заев и јас не правам криминал. Ќе го видите исходот од целата постапка – рече Талески.

Тој истакна и дека многу граѓани од Битола регирале кај него за начинот на информирање на новинарите.

– Зачудува, многу граѓани реагираат на поддршката на дел од вас кои немате заеднички концепт како објективно да информирате, туку само ве интересираат деловите што значат опструкција во работењето. Со тоа се дефокусура вниманието од врвните резултати што ги прават Општината и градоначланикот на Битола – рече Талески.

Од Јавното обвинителство во Битола за „Мета“ уште пред еден месец потврдија дека е отворен предмет за работањето на градоначалникот по аудиоснимките објавени од опозициајта, на кои министри од владата на Груевски зборуваат дека тој направил криминал со бесплатниот превоз на учениците.

А.Б.


Битолчани во шатори го чекаат Талески да ја потпише оставката


Битола, 28 мај, 2015 - 9:36 (META) 

Педесетина битолчани, млади и повозрасни, ноќва ја поминаа будни пред Општина Битола, барајќи оставка од градоначалникот Владимир Талески.

Тие поставија шатори на булеварот 1 Мај, од мостот на Драгор до влезот на Општината. Заедно со граѓаните, ноќта будни останале и седум полицајци што го обезбедувале просторот.

Оставката е напишана од членовите на здружението „За нас се работи“ и, како што велат, Талески треба само да ја потпише.

Горан Пинза, еден од организаторите на протестот, вели дека наспроти соопштението од Општина Битола дека ноќеска се можни провокации и немири во Битола, сепак сè поминало во најдобар ред, без ниту еден инцидент.

– Пред нашиот протест синоќа, Општината се обиде да создаде лажна слика и да упати соопштение дека ние тука сме за белја, што не е точно. Ние на мирен и достоинствен начин ќе го пречакеме Талески и ќе му ја дадеме оставката. Нашите барања ги институционализираме, а не одиме на сила, тоа за нас не е својствено – рече Пинза.

Демонстрантите утрово ја пречекуваат општинската администрација, а оставката на Талески ќе му биде доставена точно напладне.

Шаторите ќе останат на булеварот до крајот на работниот ден. Од понеделник организаторите ќе почнат постапка за распишување раферендум за предвремени локални избори.

– Првпат во историјата на независна Македонија, еден градоначалник ќе си замине од функцијата со предвремени локални избори и со распишување референдум – реча Пинза.

Синоќа на протестот во Битола излегоа повеќе од 1.000 граѓани, а на голем видеоекран беа емитувани изјави од ветувањата на Талески.

А.Б.


Битолчани излегоа да протестираат и да бараат оставка од Талески


Битола, 27 мај, 2015 - 20:12 (META) 

Неколку илјади битолчани вечерва излегоа на протестот на кој битолските еколози од здружението „За нас се работи“ ќе бараат оставка од градоначалникот Владимир Талески.

Толпата демонстранти која се наоѓа пред седиштето на Општина Битола, извикува „уа“, скандира „оставка“ и ги вее транспарентите со натпис „Сиктер за Талески“.

Најголем дел од насобраните граѓани и активисти се млади луѓе, но меѓу нив има и повозрасни лица и голем број пензионери.

Освен државното знаме, кое го веат присутните, на протестот нема партиски обележја.

Силно полициско обезбедување е присутно пред вратите на Општина Битола, каде насобраните заиграа и оро на антологиската нумера „Битола, мој роден крај“.

– Сакам да ве потесетам дека тука сме да бараме оставка од Талески бидејќи доста опинци ја газат Битола. Оди си Владе, мизерија ни даде – рече пред насобраните граѓани, Горан Пинза од здружението „За нас се работи“.

Организаторите повикаа на мирен и достоинствен протест.

А.Д.


Општина Битола се пишмани за пресметката на каматите за данок на имот


Битола, 26 мај, 2015 - 16:28 (META) 

Граѓаните на Битола веќе неколку недели се на мака, откако на решението за данок на имот Општината им пресметала и камати за задоцнето плаќање за изминатите 5 до 10 години. Ваквите зголемени давачки ги револитираа битолчани, па одговор секојдневно бараат пред вратите на локалната самоуправа.

На некои од решенијата за данок се пресметани камати и по неколку илјади денари.

– Добив решение за данок за имот во кое во напомена стои дека треба да платам дури 3.000 денари камата, бидејќи во изминатите седум години сум доцнела со плаќање на оваа давачка. Ова е класично самоволие на власта – вели битолчанка, која сакаше да остане анонимна.

Локалната власт од Битола, по бурните реакции на битолчани, експресно донесе одлука на седница на Совет, која е закажана за утре, да направи „еднократен отпис на камата за даночни-таксени обврзници во Општината Битола“.

Во одлуката, главно, стои дека се врши отпис на камата за задоцнето плаќање врз основа на данок на имот и комунална такса за сите правни и физички лица, даночни-таксени обврзници на Општина Битола, кои заклучно со 31 декември 2015 година ќе го намират доспеаниот главен долг.

За битолската опозиција одлуката на Општината да пресметува камати за дури десетина години наназад е само доказ дека власта, на чело со градоначалникот Владимир Талески, се обидува самоволно и бесправно да собере пари од граѓаните, но кога не успеа во намерата,  се повлекува.

– Општината се обиде да ги ограби граѓаните со пресметување камати, на подмолен начин да ја пополнува дупката во буџетот. Кога се соочи со бурната реакција на граѓаните, набрзина се пишмани и предложи одлука до Советот за каматите да се избришат. Ваков популизам е својствен само за партијата на власт – вели Валентин Груевски, советник на Либерал-демократската партија (ЛДП) во Битола.

Либерал-демократите најавија дека на утрешната седница на Совет ќе бараат парите што дел од граѓаните, сепак, ги уплатиле за каматите, да им се пресметаат како данок за имот за 2016 година, а не да одат во неповрат.

А.Д.


Најава за целоноќни протести во Битола за оставка на градоначалникот Талески


Битола, 21 мај, 2015 - 12:51 (META) 

Битолчани за идната недела најавуваат дека ќе започнат со целоноќни протести пред Општина Битола, кои ќе траат сè додека градоначалникот Владимир Талески не си поднесе оставка.

Револтирани од неиполнетите ветувањата на Талески дека граѓаните ќе имаат точни и навремени информации каков воздух дишат и кој или кои се примарните загадувачи на амбиенталниот воздух во градот, членовите на здружението „За нас се работи“, чија главна агенда е чист воздух за битолчани, најавуваат дека следната среда, на 27 мај, масовно ќе излезат на нов протест.

Според Горан Пинза, портпарол и еден од основачите на здружението, протестот ќе почне в среда, во 18.30 часот, пред споменикот на Стив Наумов на Широк сокак во Битола или, како што членовите на здужението го нарекоа местото, „Плоштад будење“.

– Излегуваме на масовен протест пред вратите на Општината, бидејќи градоначалникот Талески не го испочитува меморандумот што заедно го потпишавме, со кој Општината се обврза уште во декември лани да распише тендер за избор на фирма што ќе го врши мерењето на квалитетот на воздухот во градот и хемискиот состав на ПМ10-честичките. Граѓаните имаат право да знаат каков воздух дишат – вели Пинза.

Тој додава дека ноќта демонстрантите ќе ја поминат будни пред Општината, а следното утро ќе му биде врачена оставката на Талески.

– Ќе ја блокираме Општината и булеварот, таму ќе ја поминеме ноќта, а ако не ја потпише оставката, тогаш следниот понеделник, на 1 јуни, ќе почнеме постапка за распишување референдум за предвремени локални избори во Битола. Тоа ќе биде нашиот следен легитимен институционален чекор – најавува Пинза.

А.Д.