Нема договор, само желба за заеднички претседателски кандидат на Села и Касами


Скопје, 1 февруари, 2019 - 13:27 (META) 

Алијансата за Албанците (АА)на Зијадин Села и крилото на Беса предводено од Биљал Касами не разговарале можноста на претседателските избори да настапат со свој кандидат, иако во двете партии има желба за такво нешто, јавува „Порталб“.

– За ова прашање не е разговарано со движењето Беса.  Факт е дека има заедничка желба тоа да се случи, но нема договор. Денеска Централниот совет ќе одржи состанок и ќе донесе одлука за тоа  – за „Порталб“ изјави Флакрон Беџети, портпарол на АА.

Пратеникот на Беса, Фадил Зендели ги отфрла пишувањата во медиумите дека е постигнат договор на двете партии за заеднички претседателски кандидат на албанската опозиција, но вели оти идејата постои и дека веќе се разговара.

– Се дискутира да се оди со заеднички кандидат на претседателските избори. Има намера да се оди со кандидат, има идеја и желба, но нема договор. Денеска ќе одржиме консултации со помал круг на партиското водство и ќе донесеме став за ова  прашање – вели Зендели за „Порталб“.

Претходно во некои медиуми се појавија написи дека двете партии веќе се договориле да учествуваат со заеднички кандидат на на претседателските избори.

Инаку, ДУИ се откажа од идејата за консензуален кандидат на владејачкото мнозинство и реши да настапи со свој кандидат, но се уште не соопштила кој ќе биде тоа. СДСМ својот кандидат ќе го избере на конгрес на 3 март, додека ВМРО-ДПМНЕ се очекува да го соопшти својот кандидат деновиве.

Партијата распиша јавен конкурс на кој секој граѓанин можеше да се номинира за претседателски кандидат што ќе ја добие поддршката на ВМРО-ДПМНЕ. Единствените што досега соопштија дека влегуваат во таа трка се пратеникот Владимир Ѓорчев и Филип Петровски, еден од главните имиња на движењето „Бојкотирам“, а професорката Гордана Силјановска – Давкова од Правниот факултет во Скопје доби поддршка од триесетина професори за нејзина кандидатура како натпартиска личност.


Влатко Ѓорчев со претседателски амбиции и политички стаж без криминален багаж


Скопје, 31 јануари, 2019 - 10:16 (META) 

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко  Ѓорчев, е првиот кој се охрабри јавно да ги соопшти своите амбиции да влезе во битката за шеф на државата. Тој уште пред една недела (23.01.2019), објави дека се пријавил на конкурсот на ВМРО-ДПМНЕ за претседателски кандидат, кој трае до денеска, пишува „Вистиномер“.

Ѓорчев е дипломиран политиколог, кој во август минатата година наполни 40 години и со тоа формално го исполни уставниот услов за да може да се кандидира за претседател на државата. Оженет е со Сузана Питри, Американка од Охајо и имаат четири деца: Марта (8), Филип (6), Никола (5) и Катерина (2).

Иако е млад, има долг политички стаж повеќе од 20 години. Член на ВМРО-ДПМНЕ е уште од 1996 година. Пошироката јавност првпат слушна за Ѓорчев на почетокот на 1997 година за време на студентско-средношколските протести против употребата на албанскиот јазик на Педагошката академија во Скопје. Некаде во тој период започнува и неговиот пробив во политиката, најпрво низ структурите на својата матична партија ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и како партиски портпарол (2001 -2004).

Лојален на сите лидери на ВМРО-ДПМНЕ

Ѓорчев веќе 13 години е пратеник во Собранието на Република Македонија, учесник е во пет собраниски состави. За првпат е избран за пратеник на изборите во 2006 година, а потоа следат уште четири мандати  во 2008, 2011, 2014 и 2016 година. На сите избори од 2006 година наваму е носител на кандидатска листа во третата или во шестата изборна единица и има заслуги за изборните победи на ВМРО-ДПМНЕ.

Сепак, освен пратеничкиот мандат, немаше други функции во текот на едондецениското владеење на ВМРО-ДПМНЕ и не беше дел од ниту една влада предводена од Никола Груевски.

Сиве овие години Ѓорчев е ревносен бранител на политиките на ВМРО-ДПМНЕ. Неговите ставови секогаш биле во линија на генералната партиска политика независно кој стоел на партиското кормило. Тој со иста препознатлива жестина ги застапуваше партиските ставови како портпарол во времето на Љубчо Георгиевски, како пратеник во Собранието за време на 11-годишното владеење на Груевски, а остана лојален и на новото раководство предводено од Христијан Мицкоски, а краток период беше в.д. координатор на пратеничката група.

Голема „километража“, но без криминален багаж

Влатко Ѓорчев има голема километража во политиката и, иако може да се спори со неговите ставови, реториката, па и театралноста со која знае да ги обои настапите, тој, сепак, е еден од ретките експонирани кадри на ВМРО-ДПМНЕ кој на грбот нема криминален багаж, а, исто така, не можат да му се залепат етикети дека е антиевропски настроен.

Сепак, јавноста му забележува што никогаш не се одважи да се дистанцира или, пак,  огради од штетните политики на својот поранешен лидер Никола Груевски.

Но исто така, треба да се каже и дека Ѓорчев одигра исклучително позитивна улога за време на крвавиот собраниски инцидент од 27 април 2017 година, кога несебично и со жив штит ги бранеше нападнатите колеги пратеници и помогна во нивното спасување и извлекување од Собранието. За неговата постапка во Парламентот доби јавна благодарност од пратениците од СДСМ и од ДУИ. Социјалдемократот Хари Локвенец на едно од рочиштата од судењето поврзано со овој настан сведочеше дека „Ѓорчев се однесувал кон нив како кон сопствените деца, обидувајќи се да ги заштити од сите опасности“.

Повеќе за биографијата на Влатко Ѓорчев може да прочитате во Вистиномер.


Ѓорчев: Да се укине акцизата, цените на дизел горивата се зголемиja за 40 отсто


Скопје, 28 мај, 2018 - 15:31 (META) 

Инфлацијата тропа на врата, гледаме дека секој ден се зголемуваат цените на бензините и на дизелот, а од друга страна имаме ситуација во која што се зголеми акцизата од 3,5 денари од страна на оваа влада на Зоран Заев и Драган Тевдовски и таа трае веќе со месеци, изјави на прес-конференција членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Ѓорчев.

Од тие причини, како што истакна, „ВМРО-ДПМНЕ неодложно бара од владата и од СДСМ да се укине акцизата со зголемување на цената на дизелот и неговите деривати која што ја наметна Владата.“

„Цената која што ја плаќаат граѓаните, економијата, автобуските превозници, камионскиот транспорт, но консеквентно и сите останати кои што се погодени со оваа инфлација која што и се случува на Македонија е секојдневна. Трошоците за економијата се огромни. Се работи за повеќе од 40 милиони евра на годишно ниво. Доаѓаме до еден фрапантен заклучок, а тоа е дека откако Зоран Заев е премиер цената на дизелот во Македонија се зголеми од 46 на 65 денари. Тоа е зголемување од повеќе од 40 отсто“, рече Ѓорчев.


Обвинувања за прекршени ветувања и „кршење вратови“ на интерпелацијата во Собранието


Скопје, 11 април, 2018 - 16:10 (META) 

Расправата на пратениците и репликите на министрите на денешната собраниска седница за интерпелацијата за Владата, поднесена од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои се вратија во Собранието, попладнево се одвиваше со многу метафори, но со малку нови работи од двете страни.

Во дискусијата предничеше пратеникот Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ, кои првин обвинуваше дека „многу луѓе што ги сретнал во периодот околу велигденските празници се разочарани“, а „по 3-4 членови на СДСМ кинат партиски книшки“.

Пратеничките Милева Ѓорѓиева и Лидија Тасевска од СДСМ и Соња Мираковска од НСДП, излегоа со контраобвинувања дека Македонија денес е во оваа состојба поради огромните напори на власта да ги поправи катастрофалните грешки и криминални дејствија на власта на ВМРО-ДПМНЕ во изминатите 11 години. Мираковска, интерпелацијата поднесена од пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, ја нарече непримерно однесување и му рече на Ѓорчев дека ќе треба тој и неговите колеги подолго да поседат на левата страна на собраниската сала за да научат како треба да се владее, за разлика од претходно, кога, како што рече, премолчувале „мноштво страшни работи“.

– Колега, одамна сме тука и вие и јас. И сигурно ви е јасно зошто сте тука, на левата страна. Сигурно ви е јасно дека она што и го направите на Македонија не може да се среди за 10 месеци. Мислам дека е последен момент да помогнете за реформите. Затоа, мислам  дека е непримерно вашето однесување со оваа интерпелација – рече Мираковска.

Таа праша зошто пратениците од сегашната опозиција 11 години молчеле, кога „овозможивте семејството на вашиот премиер да краде, дозволивте да ги купи или украде сите добри бизниси“ и им порача дека ќе мора да поседат во опозиција за да ја научат лекцијата како „се владее со срце и се работи за државата без калкулација“.

Во сличен дух зборуваше и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која на обвинувањата од опозицијата реплицираше дека не можеле никако да го почнат владеењето „со петта брзина“ кога некој сакал „да им ги искрши вратовите“.

– Дали почнавме во 5-та брзина? Вие да почнете во 5-та брзина, кога овој дел во салата не да ни ги скрши нозете, ама се обиде да ни го скрши вратот…. Не можеше да се почне во петта брзина поради други работи. Кога почнавте вие да владеете во 2006 година, требаше да плаќате 36 милиони евра камати, а ние мораше во првиот месец да плаќаме 133 милиони евра камати за долгови што вие ги создадовте. 1,6 милијарди требаше само во декември да се платат за долговите што ги направивте со вашето „Скопје 2014“ – рече Шекеринска.


Драган Данев на местото на Ѓорчев како координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 22 февруари, 2018 - 16:56 (META) 

Владимир Ѓорчев повеќе нема да биде координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, соопштија денеска од опозициската партија.

Ѓорчев, како што соопшти генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев на денешната прес-конференција, самиот побарал да се повлече од функцијата, поради „голем обем на обврски и презафатеност“.

– Извршниот номитет на негово место за координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија го назначи Драган Данев, додека за негови заменици се поставени пратениците Горан Манојловски и Драган Цуклев – соопшти Јанушев.

Тој информираше и дека се формирани 25 комисии на ВМРО-ДПМНЕ во повеќе области на кои што „примарна цел ќе биде да бидат коректор на власта и да даваат предлози, а истовремено и критики во однос на работењето и во однос на тоа како треба да се подобри животниот стандард на граѓаните.

Како што соопшти Јанушев, комисијата за финансии и монетарни прашања ќе ја предводи екс министерот Кирил Миноски, за локална самоуправа поранешниот градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, претседател на комисијата за семејни прашања и демографија ќе биде Владимир Ѓорчев, комисијата за политички систем ќе ја предводи Тања Каракамишева – Јовановска, комисијата за здравство докторот Виктор Камилоски, комисијата за култура ќе ја води актерот Роберт Вељановски, а комисија за енергетика професорот Горан Чогеља.


Мицкоски го информирал Дол дека државата назадува, а стандардот на граѓаните слабее


Брисел, 30 јануари, 2018 - 10:08 (META) 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски заедно со потпретседателот на партијата, Александар Николоски и членот на Извршниот комитет, Владимир Ѓорчев ,се сретнаа со претседател на Европската народна партија (ЕПП), Жозеф Дол.

На средбата, како што информираат од ВМРО-ДПМНЕ, се разговарало за актуелните општествено-политички состојби, стратешките приоритети на државата како и за продолжување на соработката со европските народни партии.

Мицкоски посочил дека е потребен политички дијалог со сите политички чинители за надминување на разликите во однос на клучните процеси во државата. Тој истакнал дека актуелната власт спроведува политички прогон врз граѓаните, како и врз пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

Според Мицкоски, ваквиот чин го отежнува демократскиот процес, а изразил и голема загриженост дека државата уназадува, а стандардот на граѓаните слабее.

Пред Дол биле презентирани новите партиски структури, новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ, како и идните чекори на дејствување на партијата.


Мицкоски ја информирал Могерини дека реформите во државата не се исполнуваат


Брисел, 29 јануари, 2018 - 18:53 (META) 

По средбата со еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска во Брисел се сретна и со високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини.

Тие, како што информираат од ВМРО-ДПМНЕ, разговарале за стратешките приоритети на Македонија, а тоа е полноправното членство во ЕУ.

„Како претседател на најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ изразив загриженост поради неисполнувањето на реформите било на планот на правосудството, било на планот на образованието и економските форми. Она што нас не загрижува е негативната слика за економијата во државата, негативните процеси од аспект на реформите во правосудството, злоупотребата на државните институции во партиски цели и сето она што можеме да го наречеме со два збора, политички терор“, изјавил Мицкоски.

Тој ја информирал Могерини и за содржината на состанокот на државниот врв, на кој се разговараше за предлогот на медијаторот Метју Нимиц за името.

Мицкоски заедно со потпретседателот на партијата, Александар Николоски и членот на Извршниот комитет, Владимир Ѓорчев денеска се сретнаа и со европратениците Андреј Ковачев, Кнут Флекенштајн и генералниот секретар на Европската народна партија (ЕПП), Антонио Лопез Истуриз.

Тема на средбите биле и актуелните политички состојби во државата, при што „европратениците како и генералниот секретар на ЕПП биле информирани за политичкиот прогон кој се спроведува во Македонија.“


ВМРО-ДПМНЕ повикува да се формираат работни групи за законот за јазиците


Скопје, 23 јануари, 2018 - 19:57 (META) 

Најмалку што парламентарното мнозинство сега може да го направи е да го повлече предлог-законот за јазиците и да се направат работни групи од сите политички партии, со вклученост на експерти по уставно право и експерти-јазичари, како и МАНУ, за да се види се дојде до решение на оваа ситуација, рече Владимир Ѓорчев, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и в.д. координатор на пратеничката група на партијата.

Одговарајќи на новинарски прашања по денешната прес-конференција тој порача оти ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш го повикува владиното мнозинство уште еднаш да направи чекор назад за да се види што ќе се прави со законот, откако претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, не го потпиша указот за стапување на сила на законот за јазиците што парламентарното мнозинство го усвои минатата седмица.

– Имаме закон кој што секојдневно на дневна основа, дури и експерти кои и до вчера но и денес се блиски до СДСМ, го критикуваат тој закон. Се работи за закон кој што засега голем број на луѓе во Република Македонија, го засега и целото општество – рече Ѓорчев.


Заев и Мицкоски денеска во Владата ќе ја имаат првата средба


Скопје, 26 декември, 2017 - 15:40 (META) 

Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев и новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска во Владата ќе ја имаат првата лидерска средба, по која треба да бидат дефинирани следните чекори на опозициската партија.

Мицкоски денеска во Собранието изјави дека по завршувањето на годишното обраќање на претседателот на државата Ѓорге Иванов пред пратениците имал куртоазна средба со Заев на која побарал да се видат денеска, на што веднаш добил позитивен одговор од премиерот.

– Договоривме во 16 часот да оствариме една кратка средба на која што ќе ги дефинираме идните насоки и правци на делување и на опозицијата и на власта. Очекувам голема конструктивност од страна на власта, бидејќи таа ја има целокупната одговорност. Тука, се разбира, е и опозицијата да ја додаде таа вредност – рече Мицкоски.

Тој додаде дека по средбата со Заев ќе биде отворена внатрепартиска дебата и дијалог во партиските структури и помеѓу пратениците, по што ќе бидат дефинирани сите натамошни чекори на партијата.

Овој дијалог треба да го дефинира и ставот дали пратениците ќе се вклучат во работата на Собранието.

Инаку, од денеска пратеникот Влатко Ѓорчев е привремен координатор на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, откако досегашниот долгогодишен координатор Илија Димовски реши да повелече.

Мицкоски изјави дека засега остануваат деветте пратенички групи на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, а за одлуката на Димовски рече дека била лична.


Ѓорчев ги поздрави актерите од МНТ кои се солидаризираа со Јовановски


Скопје, 2 декември, 2017 - 19:49 (META) 

Поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ, предводени од лидерот на партијата, Никола Груевски, вечерва протестираа пред истражниот затвор во Шуто Оризари.

Учесниците на протестот, кој почна во 18 часот, побараа запирање на, како што рекоа, „политичкиот прогон, малтретирање и терор“ и побараа „ослободување на сите лица кои се цел на тој политички прогон“.

На протестот, Владимир Ѓорчев ги поздрави актерите од МНТ затоа што покажале солидарност со својот колега, Владо Јовановски.

– Тоа е театарот на Ристо Шишков, а денеска Владо Јовановски стана новиот Ристо Шишков. Зарем актер кој никого не нападнал, не удрил, не раскрварил треба да биде суден за тероризам, за дела против државата и уставниот поредок – праша Ѓорчев.

Тој најави дека протестот утре ќе се одржи во 16.30 часот пред Владата, но исто така и пред Министерството за правда, кај споменикот на Христо Узунов.