!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Москва: ЕУ, НАТО и САД продолжуваат бесрамно да вршат притисок врз Иванов


Москва, 3 март, 2017 - 17:27 (META) 

Надворешното мешање во внатрешните работи на Република Македонија добива екстремни форми, се вели во денешната изјава на министерството за надворешни работи на Русија, во кое се обвинуваат Европската Унија и НАТО дека вршат невиден притисок врз претседателот на Македонија.

– Еврокомесарот Јоханес Хан, високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, и други претставници на т.н. „просветлена Европа“, продолжуваат бесрамно да вршат невиден притисок врз македонскиот претседател Ѓорге Иванов, барајќи од него премиерскиот мандат да го даде на опозицијата, која ја прифати ултимативната „албанска платформа“ – велат од руското МНР.

Оттаму нагласуваат дека важно е да се „сфати дека мерките формулирани во Тирана подразбираат федерализација на Македонија, прераспределба на власта и на државните симболи и водат до подривање на уставниот поредок со крајна цел – дезинтеграција на државата“.

Кон поведението на европските претставиниците, како што оценува руското МНР, се приклучил и претседателот на „самопрогласената држава Косово, Хашим Тачи, кој недвосмислено ги повика македонските Албанци „да ги преземат работите во свои раце“ што води кон создавање „Голема Албанија“, која претендира на делови од неколку балкански земји, вклучувајќи ја и Македонија“.

– Ова е уште еден доказ дека вештачки создадениот косовски субјект е еден од главните извори на нестабилност и главен носител на конфликтен потенцијал на Балканот. Македонците треба сами, без мешање однадвор, да решаваат за својата судбина – велат од министерството за надворешни работи на Русија.

Инаку, со заострувањето на состојбата во Македонија и со протестите околу доделувањето на мандатот за состав на нова влада, зачестија реакциите на официјална Москва.


ЕК: Единствено СЈО води истраги за корупција на високо ниво


Брисел, 9 ноември, 2016 - 14:29 (META) 

Работата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) продолжува во практика да биде попречувана, а Кривичниот суд редовно одбива да одреди истражни мерки (притвори, мерки на претпазливост, н.з.) што ги бара СЈО како дел од истрагите што ги води, стои во Извештајот за напредокот на Македонија, што денеска во објави Европската комисија.

Во извештајот, исто така, се нотира дека работата на СЈО е постојано мета на критики од Советот на јавни обвинители и од владејчката партија (ВМРО-ДПМНЕ н.з.), додека од друга страна меѓународната заедница продолжува да инсистира на тоа на СЈО да му биде овозможено да ја исполни својата функција независно.

Европската комисија, во контекст на неопходноста од непреченото функционирање на СЈО, посочува дека се потребни „понатамошни надградби“ на автоматизираниот информатички систем за распределба на предмети во судовите за да се спречат какви било злоупотреби.

„Системот треба да осигура дека случаи нема да можат да бидат распределни кај одреден судија од политички или лични причини и ова треба да биде систематски надгледувано. Исто така, постојат наводи за директно мешање во назначувањето судии за специфичните случаи иницирани од Специјалното обвинителство“, стои во Извештајот на ЕК.

Европската комисија во извештајот го нотира и неусвојувањето на предлог-измените на Законот за заштита на сведоци што ги бараше Специјалното јавно обвинителство, од страна на Собранието.

Специјалното јавно обвинителство, во делот на извештајот кој се однесува на борбата против корупцијата, е посочено како единствен орган кој е проактивен во истрагите за копруција на високо ниво, во рамките на својот мандат, но кој и понатаму се соочува со недостиг од соработка со другите државни органи.

„Работата на Специјалното јавно обвинителство не смее да биде опструирана. Во годината што следува, земјата треба да овозможи целосна поддршка и ресурси за Специјалното обвинителство“, стои во препораките на Европската комисија.


МВР со новите 600 полицајци продолжува со партизација на полицијата, сметаат експертите


Скопје, 15 јули, 2016 - 12:47 (META) 

Министерството за внатрешни работи денеска го распиша огласот за нови 600 вработувања во оваа институција. Како што може да се прочита во него, станува збор за прием на „600 извршители на работното место полицаец“.

За експертите, вработувањето на нови 600 полицајци во МВР е со цел да се пополнат полициски редови со кадри, за чија селекција најважниот критериум ќе биде партиската припадност на кандидатите.

Според пратеникот и претседател на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, станува збор за целосна партизација на полицијата, процес кој владејачката гарнитура го спроведува во континуитет. Трајанов вели дека во изминатите неколку години, околу 3.000 полициски службеници, користејќи ги новите услови за пензионирање, го напуштиле министерството, а сега на нивно место се вработуваат кадри чија селекција оди под партиски клуч.

Тој вели дека опозициските партии што се дел од преговарачкиот процес во Пржино, треба да го блокираат огласот и да не се дозволи понатамошна партизација на полицијата.

– Практично, пред неколку години се сменија условите за пензионирање на полициските службеници, што овозможуваа пензионирање пет години порано и со добри услови. Повеќе припадници на полицијата, поради притисоци, партиското мешање во МВР, одлучија да ги искористат овие услови и да заминат во пензија. Сега се одлучи на нивно место да се регрутираат партиски кадри, чија селекција оди преку партиските штабови на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ. Од МВР оглаот ќе го правдаат со тоа дека имаат потреба од луѓе, поради состојбите во државата, мигрантската криза, протестите, но се работи за процес на целосна партизација на полицијата, која се одвива во континуитет – вели Трајнов.

Идентичен е ставот и на универзитетскиот професор Владимир Пивоваров, кој вели дека МВР е претворено во партиско-социјална установа „за прием на кадри кои треба да носат гласови на избори“.

– Не знам до каде ќе води ова проширување на администрацијата и од кои средства таа ќе се плаќа. Овде не се прави полиција на државата, туку полиција на партијата, односно партиска војска. Во извештајот на Прибе јасно е нотирано дека мора да се работи на процесот на одвојување на партијата од државата, но продолжува да се прави токму спротивното и се оди во крајност – вели Пивоваров.

Со огласот од пред една година и овој сега, за една година во МВР се примаат 1.200 нови полицајци. За ланскиот конкурс, Пивоваров вели дека бил обележан со нерегуларности при изборот на кандидати, кои оделе до манипулација со законската регулатива.

– Јас барав да се поништи тој конкурс бидејќи имаше многу неправилности. На кандидатите кои не беа примени, не им беше дозволен увид во извештаите за нивните постигнати резулати, а тоа беше вметнато во подзаконските акти. Таму имаше кандидати кои имаа далеку повисоки резултати од оние 600 кои беа примени – вели Пивоваров.

Според податоци кои „Блумберг“ ги објави во 2008 година, во Македонија имало 9.905 полицајци.

Во 2014 година, поранешниот помошник-министер за односи со јавноста на МВР, Иво Котевски, изјави дека имаме околу 8.500 полицијаци, а според буџетот за плати, во МВР (вклучувајќи ја и администрацијата) имало 10.925 вработени.

За денеска во 13 часот, МВР најави прес-конференција на министерот за внатрешни работи Митко Чавков во врска со огласот за вработување на нови полицајци.