Владата ќе ги олесни критериумите во третиот јавен повик за нискобуџетна авиокомпанија


Скопје, 7 ноември, 2018 - 13:29 (META) 

Владата на вчерашната седница одлучила да биде објавен трет јавен повик за субвенции за нискобуџетни авиокомпании со олеснети критериуми, по неуспешните два огласи.

-Да, ова е трет јавен повик за избор на авиокомпанија која ќе добие финансиска поддршка. Овој пат ги олеснивме условите, така што авиокомпанијата треба да воспостави две нови авиолинии од Скопскиот и две од Охридскиот аеродром до 26 март 2019 година. Претходниот рок беше 10 јануари. Првите два повика беа неуспешни поради неисполнување на условите од тендерската постапка. Очекуваме овој трет повикот да биде успешен во интерес на граѓаните и тие ќе можат целосно да ги користат бенефитите од нискобуџетните летови – информираше владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Останува непроменет условот субвенционираната авиокомпанија да воведе уште два нови лета од Охридскиот аеродром во рок од една година од потпишување на договорот.

Од Министерството за транспорт и врски најавуваат дека јавниот повик ќе биде објавен наредната недела.

Новата тригодишна помош ќе изнесува пет милиони евра. Унгарскиот авиопревозник „Виз ер“, во два циклуса од по три години, доби финансиска помош од 9,5 милиони евра и воспостави 30 линии до 14 земји.


„Визер”: Летови до Барселона, Ваксјо и Лондон само во летната сезона


Скопје, 13 август, 2018 - 16:49 (META) 

Авиокомпанијата „Визер“ попладнево соопшти дека авиолиниите од Скопје до Ваксјо и Барселона и од Охрид до Лондон се оптимизирани според барањата на пазарот и ќе бидат функционални само во летната сезона.

„Наскоро, авиокомпанијата ќе го објави летниот распоред за 2019 година и патниците ќе можат веќе да ги планираат своите патувања и да ги резервираат своите карти на Wizz рутите од Македонија“, се наведува во изјавата од авиокомпанијата.

Оттаму посочуваат дека вообичаена практика во авионската индустрија е фреквенциите на летовите да се менуваат според патните периоди и перформансите на рутите и оти „Визер“ постојано ги следи перформансите на своите рути за да овозможи најпопуларните дестинации да имаат најниски цени.

На официјалната веб-страница на авиокомпанијата не може да се резервираат билети од Скопје до Барселона и Ваксјо и од Охрид до Лондон. Последниот лет од Скопје до Барселона за кој може да се резервира билет е 26 октомври, а од Охрид за Лондон 24 октомври. По 16 септември веќе не можат да се купат и билети за летовите од скопскиот аеродром до Ваксјо во Шведска.

„Визер“ беше единствената компанија која се пријави на тендерот за доделување на субвенции за нискобуџетски компании што беше поништен минатата недела.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска најави дека деновиве ќе биде објавен нов тендер за финансиска поддршка на нискобуџетски летови.


Сугарески најави нов тендер за субвенционирање на нискобуџетни авиокомпании


Велес, 13 август, 2018 - 15:54 (META) 

Новиот јавен повик за субвенционирање на нискобуџетски авиокомпании ќе биде објавен деновиве, најави денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, одговарајќи во Велес на новинарско прашање поврзано со укинувањето на неколку авиолинии од страна на унгарската „Визер“, која беше единствено пријавена компанија на тендерот што Владата го поништи минатата седмица.

– Минатата недела беше поништена постапката во делот на нискобуџетните компании, бидејќи имаше пристигнато една понуда и комисијата, врз база на пропусти, понуди решение со кое постапката е поништена. Наредните денови со информација на Влада и сите активности коишто треба да ги преземе Министерството за транспорт и врски ќе биде распишан нов јавен повик. Државата има предвидено пари за нискобуџетни компании, така што стојам зад она што го кажав, дека согласно владината програма оваа мерка продолжува и државата ќе субвенционира нискобуџетни компании – рече Сугарески при увидот во изградбата на водоводната линија на населените места Превалец и Оризари.

На официјалната веб страница на авиокомпанија „Визер“ повеќе не може да се резервираат билети за летови од октомври од Скопје до Барселона и од Охрид до Лондон. Билети не можат да се купат и за летовите од скопскиот аеродром до Ваксјо во Шведска за летови по 16 септември.


Владата планира да го зголеми капацитетот на охридскиот аеродром за нискобуџетни летови


Скопје, 30 август, 2017 - 11:36 (META) 

Зголемување на капацитетите на охридскиот аеродром и негово промовирање во аеродром за нискобуџетни компании кои ќе нудат летови за поголем број дестинации, е една од заложбите на Владата за развој на воздушниот сообраќај во земјава.

Ова прашање денеска го отворил министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, на средбата со претставници од нискобуџетната авиокомпанија „Виз ер“, на која било разговарано за соработката меѓу Владата и авиокомпанијата околу поддршката и развојот на авиосообраќајот во Македонија.

– Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид е неискористен потенцијал и во таа насока ќе се обидеме да го раздвижиме авиосообраќајот и на тој аеродором и да обезбедиме што повеќе дестинации од страна на нискобуџетни компании. Тоа е и една од мерките предвидени во програмата на Владата на Република Македонија. Нашите заложби како Влада и понатаму се континуирано подобрување на авиосообраќајот во Република Македонија – рекол Сугарески на средбата со претставниците на „Виз ер“.

Тој истакнал дека Владата и Министерството за транспорт и врски кон сите авиокомпании што работат на македонскиот пазар, вклучувајќи ја и компанијата „Визер“, гледа како партнер во развој на авиосообраќајот во земјава.


В недела ќе се одржи Скопскиот маратон


Скопје, 6 мај, 2016 - 14:47 (META) 

Дванаесеттото издание на „Ви зер – Скопски маратон“ ќе се одржи в недела, со почекот во 8.45 часот, кај Порта „Македонија“. На маратонот ќе учествуваат 7.000 маратонци и рекреативци од 46 земји. Пријавените учесници можат да ги подигнат своите стартни пакети денеска и утре од 10 до 19 часот во холот на Конгресниот центар „Александар Македонски“, поранешната Универзална сала.

Град Скопје за маратонот од буџетот ќе издвои 1.200.000 денари, а на располагање ќе бидат сите градски претпријатија.

– Ги повикувам граѓаните на Скопје, в недела, на 8 мај, да излезат во што поголем број, да им посакаат добредојде и да им дадат силна поддршка на овие храбри спортисти и рекреативци, а сите заедно да се дружиме и да го прославиме Денот на Европа на најубавиот можен начин – рече градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

Град Скопје за маратонот од буџетот ќе издвои 1.200.000 денари, а на располагање ќе бидат сите градски претпријатија.

Директорот на „Ви зер – Скопски маратон“, Кире Синадиновски, нагласи дека в недела ќе се трчаат четири трки, маратон, полумаратон, штафетен маратон и трка на 5.000 метри.

– Годинава имаме квалитетна стартна листа, со познати маратонци и во машка и во женска конкуренција, па очекуваме и рекорди. Наградниот фонд на маратонот изнесува 17.100 евра. И оваа година организираме конкурси за избор на најдобар транспарент и за најдобра фотографија– објасни Синадиновски.

Скопскиот маратон традиционално се организира по повод Денот на Европа.


„Виз ер“ го промовира Охрид на сите летови во светот


Охрид, 14 јули, 2015 - 9:50 (META) 

Во тиражниот магазин на „Виз ер“ за јуни и за јули 2015 година, кој се дистрибуира во сите авиони на „Виз ер“ на летовите во светот, објавена е репортажа за Охрид.

Ова следува по воведувањето на двете нови линии од Охрид кон Лондон и Базел, со кои обврска на авиопревозникот е да го промовира и рекламира градот.

Репортажата за Охрид во магазинот на „Виз ер“ ќе имаат можност да ја видат околу 3 милиони читатели кои непосредно ќе се запознаат со туристичките потенцијали на Охрид.

Слична репортажа за Охрид ќе биде објавена и во наредното издание на магазинот за август и за септември 2015 година.


„Виз ер“ ќе лета на релацијата Охрид – Лондон двапати неделно


Охрид, 10 јуни, 2015 - 12:41 (META) 

Новите летови меѓу охридскиот „Свети Апостол Павле“ и лондонскиот аеродром „Лутон“ ќе почнат вечерва. Авиокомпанијата „Виз ер“ ќе лета на релацијата Охрид – Лондон двапати неделно во текот на летната сезона.

Охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ денеска ќе го пречека првиот првиот лет од Лондон, со авиокомпанијата „Виз ер“.

Слетувајќи рано вечерва, на 10 јуни, авионот што ќе дојде од лондонскиот аеродром „Лутон“, во туристичкиот бисер на Македонија, Охрид, ќе донесе 133 патници.

„ТАВ Македонија“ ќе го прослави првиот лет на „Виз ер“ од Лондон на охридскиот аеродром со традиционалната церемонија за добредојде што ја приредува за секоја новоотворена дестинација – воден мост околу воздухопловот, девојки облечени во народни носии, закуска со погача и со сол за патниците, како и торта за новата рута.

– Ние во „ТАВ Македонија“ сме многу среќни што новата авиолинија меѓу Лондон и Охрид ќе овозможи многу туристи од Англија да престојуваат на Охридско и на Преспанско Езеро. Но, оваа линија ќе биде атрактивна и за македонските граѓани, како и за патниците од соседните земји, бидејќи ќе биде добра можност за воспоставување бизнис-врски и други релации со Велика Британија – изјави Зоран Крстевски, генерален директор на „ТАВ Македонија“.

Со денешниот прв лет ќе се означи отворањето на новата редовна директна линија Лондон – Охрид – Лондон во текот на летната сезона.

„Виз ер“ ќе оперира на оваа релација двапати неделно, секоја среда и секоја недела, пристигнувајќи на охридскиот аеродром во 18.15 часот и полетувајќи за лондонски „Лутон“ во 18.45 часот. Во моментов, овие летови се закажани до 13 септември.

Оваа нова рута е една од двете новонајавени авиолинии од охридскиот аеродром ова лето. Втората е Охрид – Базел, која ќе биде воведена од први јули, исто така од „Визер“. Воздухопловите на оваа авиокомпанија ќе летаат до швајцарскиот град секоја среда и секоја недела, до 21 октомври.

Како резултат на овие нови авиолинии, но и како резултат на чартер-летовите од Холандија, Австрија, Швајцарија и од Белгија, кои носат организирани групи туристи во Охрид во текот на летната сезона, во „ТАВ Македонија“ очекуваат пораст на авиосообраќајот на „Св. Апостол Павле“ во текот на летото.

Минатата 2014 година операторот на двата македонски аеродроми „ТАВ Македонија“ опслужи речиси 1,3 милиони патници и притоа забележа пораст од 20 проценти на годишно ниво на двата аеродроми.


Министерството за транспорт потпиша договор со „Виз ер“


Скопје, 14 јануари, 2015 - 14:26 (META) 

Договор со нискобуџетната авиокомпанија „Виз ер“ за финансиска поддршка за воведување нови авионски линии од аеродромот „Александар Велики“ во Скопје и од аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, за период од 2015 до 2018 година, потпиша Министерството за транспорт и врски.

Во согласност со договорот, „Виз ер“ во јуни ќе воведе директни линии за пет нови дестинации до европските градови од аеродромот „Александар Велики“ во Скопје и тоа до Барселона, Осло, Нирнберг, Хамбург и до Фридихшафен, и тоа двапати неделно.