Сугарески: Понудата од „Виз ер“ не одговараше со условите во јавниот повик


Скопје, 17 октомври, 2018 - 15:14 (META) 

По повод поништениот јавен повик за финансиска поддршка на авиокомпании што беше објавен на 13 септември годинава, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески информираше дека авиокомпанијата „Виз ер“, била единствената која доставила понуда, но таа не одговарала со условите и критериумите пропишани во јавниот повик за финансиска поддршка за авиокомпании.

Тој објасни кои делови од условите, компанијата „Виз ер“ не ги исполнила.

„Во јавниот повик предвидено е авиокомпанијата што ќе добие финансиска поддршка има обврска да започне со оперирање на најмалку четири нови дестинации од аеродромот „Св. Апостол Павле“, Охрид, и тоа првите две до 10.01.2019, а останатите две, во рок од една година од денот на склучување на договорот, и истите да ги опслужува за период за кој се доделува финансиската поддршка. „Виз ер“, доставила понуда во која што сите четири дестинации од аеродромот „Св. Апостол Павле“, планира да ги воведе во август 2019 година. Ова е спротивно на еден од клучните критериуми во јавниот повик. Поради ова, Комисијата констатираше дека условите од јавниот повик не се исполнети и даде препорака овој јавен повик да се поништи“, рече Сугарески.

Тој додаде дека евтини летови ќе има, но процедурата и правилата мора да се почитуваат.

„Владата процени дека стратешки интерес на Македонија е покрај скопскиот аеродром, системски да го развива и охридскиот аеродром. Затоа и во јавниот повик побаравме потенцијални корисници на финансиска поддршка, да воведат четири нови линии од охридскиот аеродром во 2019 година. Исто така сакам да нагласам дека средствата се веќе предвидени во буџетите за следните три години“, додаде Сугарески.


Повторно поништен јавниот повик за финансиска поддршка на авиокомпании


Скопје, 17 октомври, 2018 - 11:32 (META) 

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска објави дека повторно е поништен јавниот повик за финансиска поддршка на авиокомпании што беше објавен на 13 септември годинава.

На денешната прес-конференција во Владата, Сугарески информираше дека до крајниот рок е доставена само понуда од „Виз ер“, но таа не одговара со условите и критериумите во тендерот.


Владата со нови критериуми за субвенции за авиопревозници


Скопје, 22 август, 2018 - 13:47 (META) 

Владата на денешната седница почна нова постапка за доделување финансиска поддршка, односно субвенции, на домашни и странски авиокомпании за евтини летови.

Пред две седмици беше поништен повикот за субвенции на кој се пријави само унгарската компанија „Визер“.

Новата мерка за субвенционирање ќе важи за периодот 2019-2021 година.

– Владата ги донесе уредбата за начинот и за критериумите за доделување финансиска поддршка на авиокомпании, како и програмата за определување средства потребни за поттикнување и развој на воздушниот сообраќај за периодот 2019-2021 година. Ќе се формира комисија за спроведување постапка за доделување финансиска поддршка, која ќе го објави новиот јавен повик за доставување барања за финансиска поддршка. Повикот ќе биде објавен во домашни и во странски гласила – рече министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Тој појасни дека новата уредба содржи и неколку значајни измени. Така, авиокомпаниите ќе имаат обврска до 10 јануари следната година да воспостават база од најмалку еден авион на скопскиот или на охридскиот аеродром за периодот за кој се доделува финансиската поддршка.

Со претходниот јавен повик, што минатиот месец беше поништен поради административни пречки во единствената понуда од авиокомпанијата „Визер“, беше предвидено задолжително воспоставување на една база на скопскиот и една база на охридскиот аеродром.

Новите правила предвидуваат најдоцна до 10 јануари следната година авиопревозникот да започне со оперирање на најмалку две нови дестинации од аеродромот во Скопје и да ги опслужува за периодот за кој се доделува финансиската поддршка. Од охридскиот аеродром треба да има нови четири дестинации, од кои првите две да ги воспостави до 10 јануари следната година, а останатите две во рок од една година по склучувањето на договорот.

Потенцијалниот корисник на субвенциите е обврзан и доколку има постојни дестинации да ги опслужува и нив најмалку двапати неделно по која било од ИАТА-сезоните по однапред определен лет на летање за периодот за кој се доделува финансиската поддршка, а доколку ги зголеми фреквенциите, и за новите летови ќе добива субвенции.


Поништена постапката за субвенции за авиопревозници


Скопје, 6 август, 2018 - 11:29 (META) 

По предлог на Комисијата за спроведување на постапката за доделување на финансиска поддршка на авиопревозници, Министерството за транспорт и врски ја поништило постапката за доделување на финансиска поддршка.

На јавното отворање на барањата, на 27 јули, имало само една понуда, којашто не била доставено согласно условите, односно на трите запечатени внатрешни пликоа не би наведен полниот назив и адреса на авиопревозникот.

Поради тоа, постапката била прекината. Министерството за транспорт и врски соопшти дека наскоро повторно ќе го објави јавниот повик за доделување на финансиска поддршка на авиопревозници.


Во август нов договор за субвенционирани летови од македонските аеродроми


Скопје, 28 јуни, 2018 - 13:56 (META) 

Нов договор за доделување финансиска поддршка од државата за воведување нови дестинации од македонските аеродроми треба да биде потпишан во август годинава со авиокомпанија што ќе биде избрана на повикот што за таа намена го објави денеска Министерството за транспорт и врски.

Со тендерот на кој понуди ќе може да се доставуваат до 27 следниот месец, кога ќе има нивно јавно отворање, ќе биде избрана авиокомпанија која во наредните три години ќе добие финансиска поддршка од пет милиони евра.

За секоја нова дестинација од аеродромите во Скопје и Охрид ќе се исплаќа еднократен надомест од по 40.000 евра. За секој патник во заминување во првите три години за дестинации од Скопскиот аеродром авиокомпанијата ќе добива по девет односно осум и седум евра, а од Охридскиот аеродром финансиската поддршка по патник за првата година ќе изнесува 13 евра, односно 12 и 11 евра во втората и третата година.

Компаниите што ќе аплицираат меѓу другото треба да имаат превезено најмалку 10 милиони патници и остварено профит од 25 милиони евра минатата година.

– Финансиската поддршка ќе се додели на авиокомпанијата која ќе понуди најголем број нови дестинации на кои ќе оперира од и до меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот „Св. Апостол Павле“ Охрид, а кои не биле опслужувани со редовен воздушен превоз во последните две ИАТА сезони – рече на прес-конференција ресорниот министер Горан Сугарески.

Според него, целата постапка ќе се одвива на јавен и транспарентен начин, а крајната цел е пораст на авиосообраќајот и обезбедување атрактивни дестинации за граѓаните согласно нивните потреби по прифатливи цени на билетите.

Како што појасни Сугарески, на повикот може да се пријават сите домашни и странски авиопревозници, вклучително и нискобуџетната авиокомпанија „Виз ер“ која во изминатите шест години со два договора доби 9,5 милиони евра субвенции од државата.

Обврските на државата кон „Виз ер“, посочи Сугарески, се исполнети. Според условите на тендерот, компанијата што ќе биде избрана најдоцна до 1 декември треба да воспостави или одржи база од најмалку еден воздухоплов на охридскиот аеродром, а најдоцна до 1 ноември годинава да стартува со оперирање на најмалку две дестинации од меѓународниот аеродром Скопје, а од охридскиот аеродром со најмалку четири нови дестинации од кои првите две до крај на годинава, а останатите во рок од една година од склучување на договорот.


1,2 милиони патници од Македонија летале со „Виз-ер“


Скопје, 11 јануари, 2018 - 12:08 (META) 

„Виз ер“, лани  превезе 1,2 милиони патници на ниско-буџетните македонски авиолинии, што претставува пораст од 20 проценти на годишно ниво и поддржува 900 локални работни места во придружните индустрии.

Лани, компанијата ја прошири својата скопска флота на четири авиони и воведе четири нови авиолинии од Скопје до Будимпешта, Малта, Рим и Ваксјо.

– Како авиокомпанија со најголем удел во патничкиот авиосообраќај, очекуваме „Виз ер“ да продолжи со развојот на нивниот бизнис на македонскиот пазар, притоа инвестирајќи во нови дестинации и зголемување на фреквенциите на постојните авиолинии – изјави генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Алпер Ерсој.

„ТАВ Македонија“ лани ја заврши со 2 милиона патници (2.027.344) на скопскиот и охридскиот аеродром, што претставува пораст за 13 проценти споредено со 2016 година. Во исто време со порастот на патничкиот авиосообраќај, вкупниот број на летови на двата аеродрома во Скопје и во Охрид е зголемен за 7 отсто, достигнувајќи 18.130 летови во 2017 година.


„Виз ер“ ќе воведе авиолинија Охрид – Виена


Скопје, 10 јануари, 2018 - 15:47 (META) 

„ТАВ Македонија“ и ниско-буџетната авиокомпанија „Виз ер“ најавија нова авиолинија од Охрид до Виена од 15 ноември. Летовите ќе бидат три пати неделно, односно секој вторник, четврток и недела со цени на картите од 1.199 денари.

Генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Алпер Ерсој изјави дека Виена како дестинација ќе биде четврта по ред авиолинија од Охрид што ќе сообраќа во текот на целата година, по Цирих, Базел и Лондон.

– Заедно со трите нови сезонски дестинации, најавени дека ќе се воведат во текот на претстојната летна сезона, сигурни сме дека ќе се придонесе за значаен пораст на авиосообраќајот на охридскиот аеродром во текот на 2018 година – изјави Ерсој.

„Виз ер“ оваа година ќе понуди вкупно 30 авиолинии во 14 држави, достапни од двата македонски аеродрома, што ќе придонесе за зголемување на бројот на туристи како и за унапредување на бизнис-врските помеѓу државите.


„Виз ер“ бара дозвола за работа во Велика Британија поради Брексит


Будмипешта, 18 октомври, 2017 - 18:55 (META) 

Унгарската нискотарифна авиокомпанија „Виз ер“ аплицираше за дозвола за работа како авионски оператор во Велика Британија, за да биде сигурна дека ќе продолжи да работи и по излегувањето на таа земја од Европска Унија.

Во соопштението доставено до Лондонската берза, „Виз ер“ наведува дека ќе основа британска подружница „Виз ер УК“ со база на аеродромот „Лутон“. Таа подружница би почнала со работа во март 2018 година, односно во зависност од добивање на дозволата за работа.

„Виз ер“ од аеродромот „Лутон“ има летови до 41 дестинација. Компанијата соопшти дека до крајот на 2018 година, во „Лутон“ ќе вработи повеќе од 100 лица во менаџментот, но и пилоти и екипаж.

„Обединетото Кралство ни останува најголем пазар во Европа и во моментов сме осми најголем оператор во Велика Британија“, изјави извршниот директор на „Виз ер“, Јожеф Варади.


„Виз ер“ од денеска со летови од Скопје до Будимпешта


Скопје, 5 април, 2017 - 13:53 (META) 

Компанијата „ТАВ Македонија“ денеска го пречека авионот на „Виз ер“ кој на скопскиот аеродром „Александар Велики“ слета од Будимпешта, одбележувајќи го отворањето на новата рута Будимпешта – Скопје – Будимпешта.

Авиокомпанијата ќе сообраќа двапати неделно, односно секоја среда и недела, со пристигнување на скопскиот аеродром од Будимпешта во 12.25 часот и заминување од Скопје за Будимпешта во 13 часот.

– Воведувањето на оваа линија меѓу Скопје и Будимпешта од страна на „Виз ер“ денеска е важен чекор напред за македонското воздухопловство, бидејќи со ова се исполнува побарувачката на пазарот што остана отворена во изминативе пет години, односно од февруари 2012 година. Очекуваме оваа линија да придонесе за пораст на туризмот, како и за бизнис-размената меѓу двете земји, Македонија и Унгарија – изјави генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Алпер Ерсој.

Лани, „Виз ер“ превезе преку еден милион патници на нискотарифните линии од Македонија, што претставува пораст од 27 проценти на годишно ниво.


„Виз ер“ воведува три нови линии до Рим, Малта и до Ваксјо


Скопје, 28 февруари, 2017 - 14:51 (META) 

Три нови авиолинии од Скопје до Малта, Рим и до Ваксјо (Шведска) ќе воведат „Виз ер“ и „ТАВ Македонија“, информираа од компанијата. Летовите ќе почнат да се реализираат на 14 и на 16 јули годинава, кога ќе се базира и четвртиот авион на оваа компанија.

– Нашата инвестиција во базата во Скопје со дополнителниот воздухоплов, трите нови линии и зголемените фреквенции на постојните летови, значи повеќе работни места во Македонија и во „Виз ер“. Ја прославуваме успешната приказна на „Виз ер“ во Македонија со специјална продажба на авионски билети со 20 проценти попуст на цената за сите нови резервации направени денеска, 28 февруари, до која било од 27 дестинации достапни од Скопје – изјави главниот директор за корпоративни прашања на „Виз ер“, Овен Џонс.

Продажбата на билетите за овие три нови линии почнува денеска, на wizzair.com, со цени кои почнуваат од 1.799 денари.

Покрај воведувањето на новите линии, летовите од Скопје до Ајндховен, Брисел-Шарлероа, Меминген (Минхен Запад) и Копенхаген ќе бидат со зголемени фреквенции до три летови неделно.

Конекциите од Скопје до Гетеборг Ландветер, Братислава и од Охрид до Базел-Милхаус-Фрајбург ќе бидат со зголемени фреквенции до четири летови неделно. Летови од Скопје до Малме и до Милхаус сега ќе сообраќаат секој ден.

„Овие три нови рути, заедно со веќе најавената нова линија на „Виз ер“ до Будимпешта, која ќе почне од 2 април, се навистина атрактивни дестинации, барани од пазарот и ќе бидат вистински погодок во контекст на проширувањето на нашата мрежа на авиолинии од двата македонски аеродроми. Ова е резултат на нашите постојани маркетинг-студии и активности“, изјави генералниот директор на ТАВ Македонија, Алпер Ерсој.

На аеродромот „Александар Велики“ денеска беше пречекан тримилионитиот патник.