!На 1 февруари 2017 година, завршува промотивниот период на слободно користење, без регистрација и без претплата, на содржините на „Мета“, кое беше воведено за да им овозможиме полесен пристап на корисниците до навремени и проверени вести. За начинот на пристап и за претплата, од 1 февруари 2017 година ќе информираме дополнително. При пренесувањето и преземањето на содржините од „Мета“, задолжително е атрибуирање и линкување.

Променливото време ги разбуди вурусите и ги наполни ординациите


Скопје, 20 септември, 2016 - 14:57 (META) 

Зголемен број пациенти со вирусно заболување чии симптоми се повраќање, дијареа, болки во стомакот, зголемена температура и главоболка, се регистрирани во здравствените ординации во последниот месец, потврдуваат неколку матични лекари за „Мета“.

Тие велат дека вирусот од заболениот се шири во најблиското негово опкружување, па така има заболувања и на цели семејства.

Препорака е да се избегнуваат контакти со веќе заболени, рацете да се мијат редовно, а ако веќе вирусот го имаат, да се земаат електролити, пробиотици и да се биде на хигиено-диететски режим на исхрана.

Директорката на Клиниката за детски болести, Аспазија Софијанова, вели дека знае оти е зголемен бројот на луѓе и деца кои се жалат на болки во грлото, но тоа засега не е алармантно.

– Сепак, за очекување е дека во овој период ќе се зголемува бројот на заболени од вируси, затоа што времето е променливо – вели Софијанова.

Според извештајот за заразните болести во Македонија, на неделно ниво, најмногу заболени има од инфекција на горни респираторни патишта (7.834), од инфекција на долните респираторни патишта (2.104) и од дијареа (757).


Нов метод за лекување рак со вируси „ловци“


Вашингтон, 5 ноември, 2015 - 18:04 (META) 

Здравствените власти на Соединетите Американски Држави (САД) го одобриле новиот, како што велат, револуционерен метод за лекување рак, преку вбризгување на вирус на херпес со двојно дејство, кој ги напаѓа клетките зафатени од тумор, а ги поштедува здравите, поттикнувајќи го имунолошкиот систем да се бори против туморот, пренесува хрватскиот јавен сервис ХРТ.

Новата терапија, како што се наведува, треба да ги поштеди болните од нус-појавите што ги предизвикуваат постојните методи, како хемотерапијата и зрачењето.

Како што пренесува ХРТ, терапијата Т-ВЕК (T-VEC) ќе се продава под комерцијалното име „Имлигик“ (Imlygic), a e развиена од фирмата за биотехнологија „Бивекс“ од Масачусетс.

Инаку, посебно модифицираниот вирус на херпес се вбризгува директно во туморот, а веќе е одобрен за лекување рак на кожата.

За разлика од хемотерапијата и од радиотерапијата, кои ги убиваат клетките на ракот, но истовремено ги оштетуваат и другите делови од телото, модифицираните вируси ги напаѓаат само клетките зафатени до тумор, а како нус-појава пациентот може да има треска еден или два дена.