!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Во Индија откриени три случаи на Зика


Њу Делхи, 28 мај, 2017 - 12:48 (META) 

Во Индија пријавени се три случаи на вирусот Зика, вклучувајќи и две трудни жени, кои и покрај вирусот родиле здрави деца.

Од Министерството за здравство соопштуваат дека тројцата пациенти се закрепнати и дека нема потреба за паника.

Од таму додаваат дека тројцата пациенти го добиле вирусот во државата затоа што не патувале надвор од земјата.

Вирусот го шират комарци познати како комарци на жолта треска.

Иако вирусот Зика е идентификуван во 1947 година, не се сметал за голем ризик по здравјето се до неговата појава во Бразил во 2015 година кога е откриено дека може да доведе до сериозни дефекти кај децата, доколку трудниците се инфицираат за време на бременоста.


Вирусот „вонакрај“ можеби е дело на Северна Кореја


Маунтин Вју, 16 мај, 2017 - 11:08 (META) 

Компании за компјутерска безбедност велат оти постојат знаци дека Северна Кореја може да е поврзана со глобалниот кибер-напад преку вирусот „вонакрај“ (WannaCry), кој зарази неколку стотици илјади компјутери во повеќе од 150 земји.

Според првичните заклучоци за изворот на масовниот хакерски напад со вирусот што ги заклучува документите и бара да се плати откуп за да ги отклучи, има многу сличности меѓу него и хакерската акција од 2014 година, што многумина ја припишаа на Северна Кореја.

Тоа го тврди Ник Мехта од „Гугл“, а други експерти бргу го прифатија ова толкување. Истражувачи од безбедносната компанија „Касперски“ велат дека тоа е досега најважната трага за потеклото на вирусот, која, како што велат, може да биде клуч за решавање на мистеријата. Тие објаснуваат дека има делови во кодот што укажуваат на хакерската група „Лазарус“ за која се верува дека стои зад хакерскиот напад на „Сони пикчерс“ во 2014 година, за кој беше обвинета Северна Кореја.


Вирусот „вонакрај“ заразил повеќе од 200.000 компјутери во 150 земји


Лондон, 14 мај, 2017 - 17:27 (META) 

Масовниот кибер-напад во петокот со компјутерскиот вирус „wannacry“ (вонакрај) погодил 200.000 жртви во 150 земји, вели шефот на Еуропол, Рон Вејнрајт за „Би-би-си“. Тој вели дека нападот бил многу голем, како и дека утре наутро може да има и нови напади.

Вирусот е од категоријата „рансомвер“, што значи дека ги заклучува сите документи на заразените компјутери и ако корисникот сака да бидат отклучени за да може да ги користи, треба да плати одредена сума пари.

Меѓу најпогодените земји се Русија и Обединетото Кралство.

Според Вејнрајт, иако претходно привремено решение го спречи ширењето на вирусот, авторите на „вонакрај“ направиле понова верзија.


Вирусот „вонакрај“ направи хаос


Лондон, 13 мај, 2017 - 15:03 (META) 

Корпорацијата „Мајкрософт“ објави закрпи за оперативните системи „windows XP“, „wIndows 8“ и „windows server 2003“, чија поддршка е прекината, за да овозможи подобра заштита од вирусот, поточно малверот „wannacry“, кој втор ден напаѓа компјутери во светот.

Инаку, еден британски експерт за компјутерска безбедност претпладнево објави дека го нашол „прекинувачот“ со кој се прекинува ширењето на оваа злобна компјутерска програма.

– Британската влада сè уште не знае кој стои зад вчерашниот глобален кибернетички напад, со кој беше блокирана работата на здравствениот систем на Обединетото Кралство – изјави британската министерка за внатрешни работи, Амбер Рад. Таа нагласи дека Националниот центар за кибер-безбедност на Велика Британија презел соодветни мерки со Министерството за здравство за да гарантира дека последиците од нападот со совладани и ограничени.

Од Центарот за надзор и за реагирање на компјутерски напади во кредитно-финансиската сфера (ФИНЦЕРТ), кој е во рамки на руската Централна банка не утврдиле „компромитирање на информациските ресурси“ на кредитните институции на Русија, соопшти денеска „Банк Росији“.

Во соопштението се посочува дека ФИНЦЕРТ регистрирал „масовни испраќања“ до банките на „заразен софтвер од прв и втор тип“, но тоа не нанело штети.

Голем број компјутери во светот вчера беа блокирани од вирус кој бара „откуп“ за деблокирање на оперативниот систем.

Тоа предизвика и „Рено“ во Европа да го запре производството по кибер-нападот. Фабриките на автомобилската компанија „Рено“ во Франција и во Словенија денеска се стопирани по глобалниот кибер-напад. Прекинот на производствениот процес бил дел од мерките на претпазливост, преземени за стопирање на ширењето на вирусот, соопшти раководството.


Овчи сипаници ги испразнија училиштата и градинките, регистрирани 3.025 случаи


Скопје, 4 мај, 2017 - 16:28 (META) 

Во училиштата и во градинките е забележан зголемен број на деца со овчи сипаници, па така во некои одделенија речиси половина од учениците отсуствуваат од настава поради појавата на овој вирус.

Информацијата дека во овој период е регистрирано релативно зголемување на бројот на лица заболени со овчи сипаници, за „Мета“ ја потврдија и од Институтот за јавно здравје.

„Во 2017 година регистрирани се 3.025 случаи на мали сипаници или за 15 проценти повеќе споредено со истиот период од 2016 година. Зголемувањето на бројот на случаи е очекувано, бидејќи овчите сипаници се појавуваат сезонски, односно највисок број на случаи се јавува во периодот од април до јуни“, вели лекарот Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје.

Тој информираше дека ова заболување трае кратко, се карактеризира со осип по кожата, проследен со треска и со слабост и дека вирусот е многу заразен. Периодот на инкубација е помеѓу две и три недели.

Болеста може да биде сериозна кај повозрасните и кај лицата со намален имунитет.


Птичји грип регистриран во Македонија, соопшти АХВ


Скопје, 30 јануари, 2017 - 16:11 (META) 

Агенцијата за храна и ветеринарство регистрирала присуство на високозаразната болест авијарна инфлуенца (птичји грип), тип АХ5Н8, кај живина во стуршкото село Мороишта, соопшти денеска на прес-конференција директорот на агенцијата, Зоран Поповски.

Според Поповски, вирусот е опасен за живината, но не се пренесува кај луѓето и во ниту еден случај не може да претставува закана за нивното здравје.

– Првиот случај е детектиран на 27 јануари, по активен надзор на живината спроведен на терен и е потврден со лабораториските анализи извршени на Факултетот за ветеринарна медицина. Веднаш пристапивме кон протоколот за справување со болеста птичји грип и тоа во самото жариште. Се уништи целокупната живина, нештетно се отстрани и се изврши комплетна дезинфекција – рече Поповски.

Тој соопшти дека на сила се неколку мерки и прогласени се две заштитни зони под надзор, каде на терен се уништува целата живина и производите од живина. На терен се активни 30 четиричлени тимови.

За сите животни што ќе бидат уништени, одгледувачите ќе добијат соодветна финансиска отштета од буџетот на Република Македонија. Угинатите животни нема да се исплаќаат, а непријавувањето на болеста од страна на одгледувачите е кривично дело и е казниво со закон.

– Апелираме за максимална кооперативност од локалното население бидејќи се работи за вирус што многу брзо се шири кај живината и може да направи големи економски штети – вели Поповски, кој како симптоми кај живината, ги посочи високата смртност и пад на несивоста.


Албанија го забрани увозот на живина од ЕУ поради птичји грип


Тирана, 23 ноември, 2016 - 20:22 (META) 

Албанија привремено го забрани увозот на живина од земјите на Европска Унија кои пријавиле случаи на птичји грип.

Министерството за земјоделство на Албанија денеска забрани увоз на пилешко месо од Австрија, Хрватска, Данска, Германија, Унгарија, Полска, Холандија и од Швајцарија, односно од земјите кои пријавиле слуачи на птици заразени со вирусот птичји грип.

Албанија, но и други европски земји, имаа епидемија на птичји грип пред десет години.


Во Сингапур 41 лице заразени со вирусот зика


Сингапур, 28 август, 2016 - 18:11 (META) 

Повеќе од 40 лица се инфицирани со вирусот зика во Сингапур, но поголемиот дел од нив целосно заздравуваат, соопштија денеска властите на таа земја.

Сингапур го регистрира првиот случај на заболен од зика во мај годинава. Вирусот во земјата го внесе 48-годишен маж кој патувал во Бразил, центарот на епидемијата на оваа болест.

Министерството за здравство на Сингапур денеска потврди дека има 41 случај на заразени со оваа болест. Оттаму наведуваат дека пациентите не патувале во областите погодени со вирусот зика и дека најверојатно се заразени во Сингапур, со што се потврдува дека овој вирус се пренесува локално.

Од заразените лица, 34 целосно заздравеле, а седум и понатаму се во болница.

Зика се пренесува преку каснување од комарец, но и преку сексуални односи. Ако жена се инфицира со вирусот, има поголем ризик да роди дете со оштетување на мозокот познато како микроцефалија.


Во Тексас почина бебе од вирусот зика


Остин, 9 август, 2016 - 20:39 (META) 

Бебе родено со тешки оштетувања на мозокот поради вирусот зика почина во сојузната американска држава Тексас, што е прв смртен случај од овој вирус во САД, соопштија денеска локалните санитарни власти.

„Бебето почина набрзо по раѓањето. Тоа е прв смртен случај од вирусот зика во Тексас“, стои во соопштението.

Во Тексас се регистрирани 97 лица инфицирани со вирусот зика, од кои две се деца со микроцефалија, оштетување на мозокот и черепот кои може да биде смртоносно.

Засега не постои лек против болеста. Се лекуваат симптомите на инфекцијата, кои наликуваат на грип со висока температура, главоболка и осип по телото. Првите симптоми се појавуваат 12 дена по каснувањето од комарец, кој е главен пренесувач на заразата.

Вирусот е идентификуван во 1947 година во шумите на Уганда. Досега бил најраспространет во подрачјето на Африка, каде има најмногу комарци, но до минатата година не се сметало дека може да предизвика сериозни последици
.


СЗО: Жолтата треска однесе 178 жртви во Ангола


Луанда, 24 март, 2016 - 17:49 (META) 

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека жолтата треска што се појави во декември минатата година, однесе 178 животи во Ангола, а 450 лица се погодени од таа болест.

Организацијата оценува дека станува збор за појава на најлош облик на таа болест во последните 30 години.

Во соопштението на СЗО се наведува дека 5,7 милиони луѓе се вакцинирани против вирусот на жолта треска, но и дека постои недостиг од вакцини за оваа болест.

Овој вирус го пренесуваат комарци.