!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Трамп повтори дека двете страни се виновни за немирите во Вирџинија


Вашингтон, 16 август, 2017 - 11:28 (META) 

Американскиот претседател Доналд Трамп ја повтори првобитната и контроверзна реакција за неодамнешните немири во сојузната држава Вирџинија, оценувајќи дека „двете страни“ се виновни.

– Мислам дека двете страни се виновни – рече доцна синоќа Трамп, алудирајќи на членовите на екстремната десница и расистите од една страна и демонстрантите на контрапротестот во градот Шарлотсвил, во кој едно лице настрада.

Една 32-годишна жена настрада во Шарлосвил во саботата кога симпатизер на неонацистите со автомобил влета во демонстрантите на контрапротестот.

Трамп се најде на мета на критики откако првобитно обвини „многу страни“ за омразата и нетрпеливоста, без отворено споменување на неонацистите и расистите кои го организира собирот.

– Кога давам изјава, сакам да бидам точен и да ги знам фактите – им рече Трамп на новинарите во Њујорк.

Трамп, под притисок два дена подоцна го „осуди расистичкото насилство“.

– Ги осудив неонацистите, но и сите кои биле таму. Не биле само неонацисти и расисти – рече американскиот претседател.

Во Шарлотсвил во Вирџинија во саботата изби насилство откако неонацистите, скинхедсите, приврзаниците на некогашната организација „Кју-клус-клан“ и други екстремисти се собраа за, како што рекоа, „да ја вратат Америка“, како и да искажат противење на отстранувањето на статуата на командантот на силите на Југот (Конфедерацијата) во Граѓанската војна, Роберт Ли.

Од другата страна се собрале противници на екстремните десничари, по што дошло до судири и улични тепачки.


Еден загинат и 19 повредени во насилствата на протестот на ултрадесничарите во Вирџинија


Шарлотсвил, 13 август, 2017 - 10:48 (META) 

Најмалку едно лице загинало, а 19 се повредени во насилствата меѓу белите националисти и контра-демонстрантите што се случија синоќа во градот Шарлотсвил, во американската сојузна држава Вирџинија, јавуваат светските медиуми.

Од засега непознати причини вечера се урнал и хеликоптер на полицијата во Вирџинија, ангажиран за надгледување на судирите, при што загинале двајца полицајци.

Загината жена и повредените лица настрадале во моментот кога автомобил влета во група демонстранти, кои протестираа против маршот на ултрадесничарите. Дваесетгодишниот Џејмс Филдс од Охајо, кој е осомничен дека го управувал автомобилот, е притворен под сомнение за убиство од втор степен. Федералното истражно биро (ФБИ), како што пренесува „Би-би-си“, отворило истрага за случајот.

Неколку илјади бели расисти, неофашисти и други ултрадесничарски групи од сите делови на САД вчера се собраа во Шарлотсвил бесни поради одлуката на градските власти да се отстрани споменикот на генералот на конфедерацијата од американската граѓанска војна (1861 – 1865), Роберт Ли.

Американскиот претседател, Доналд Трамп ги повика граѓаните на САД да ја надминат омразата и нетрпеливоста и да спречат вакви насилни протести.

„Сите мораме да се обединиме против омразата. Во Амарика нема место за вакво насилство. Да бидеме сите како едно“, напиша Трамп на својот твитер-профил.

Гувернерот на Вирџинија, Тери Меколиф изјавил дека има само една порака до белите националисти кои донесоа хаос во Шарлотсвил – „да си заминат дома“.


Белата куќа бара од Конгресот да преземе нешто против оруженото насилство


Вашингтон, 27 август, 2015 - 11:12 (META) 

Администрацијата на претседателот на Соединетите американски држави (САД), Барак Обама повторно го повика Конгресот да преземе акција и да донесе мерки за контрола на оружјето, откако вчера вооружен маж уби новинарка и снимател во американската сојузна држава Вирџинија.

Пораката на администрацијата на Обама, ја пренесе прес-секретарот на Белата куќа, Џош Ернест.

„Ова е уште еден пример дека оруженото насилство станува премногу често во помалите, но и во поголемите заедници ширум САД. И покрај тоа што нема ниту тронка мерки во легислативата со кои би се ставил крај на насилството во земјата, постојат здраворазумски работи што единствено Конгресот може да ги направи, а кои би имале видлив ефект во редуцирањето на оруженото насилство. Конгресот може да ги преземе тие чекори на начин кој нема да задира во уставните права на Американците“, ја цитира „Хафингтон пост“ изјавата на прес-секретарот на Белата куќа.

Претседателот Обама, исто така, предходно го повика Конгресот да преземе конкретна акција по пукањето во основното училиште „Сенди Хук“, кое се случи во 2012 година, а во кое беа убиени 26 лица. Сепак, законските решенија што ги подготви администрацијата на Обама, неколку месеци подоцна, а кои вклучуваа засилени проверки околу поседувањето оружје, не поминаа во Сенатот.

Обама, неуспехот да ги протне реформите околу поседувањето и носењето оружје, го нарече „најголема фрустрација“ на неговото претседателствување, а минатиот месец изјави дека ќе продолжи да ги турка реформите се додека се наоѓа во Белата куќа, пишува „Хафингтон“.

Вооруженo лице вчера уби двајца американски телевизиски новинари додека вршеа пренос во живо.

Полицијата го идентификуваше убиецот како Вестер Ли Фланаган, поранешен вработен во истата телевизија како и неговите жртви.

Фланаган, неколу часа по инцидентот се самоуби во автомобилот со кој сакал да и побегне на полицијата.


Вооружан тинејџер држел во заложништво 29 ученици


Чарлстон, 26 август, 2015 - 10:40 (META) 

Четиринаесетгодишен ученик со пиштол држел во заложништво 29 ученици и наставник во средно училиште во градот Филип во Западна Вирџинија. Ученикот потоа се предал, а во инцидентот нема повредени.

Началникот на државната полиција, Мајкл Бајлус, рекол дека инцидентот започнал вчера, нешто по 13 часот по локално време, а полицијата ја ставила ситуацијата под контрола околу 15 часот и 30 минути.

Началникот на градската полиција, Џеф Волтерс, преговарал за ослобдување на учениците од училниците и на крај го придобил малолетниот киднапер да се предаде.

Окружниот обвинител, Лекта Полинг, рекла дека планира да подигне обвинение против осомничениот кој е одведен во болница на набљудување. Бидејќи случајот вклучува малолетник, судскиот случај ќе биде затворен за јавноста.


МВР: Ќе ги испитаме наводите на СДСМ за нелегално производство на тутун


Скопје, 16 август, 2015 - 14:52 (META) 

Министерството за внатрешни работи, по соопштението на СДСМ, се огласи дека ќе ги испита наводите на партијата дека во атарот на село Могила, во Пелагонија и оваа година се одгледува крупнолисен тутун од типот Вирџинија, кој е забранет во Република Македонија.

„Министерството за внатрешни работи ќе ги испита наводите на СДСМ за нелегално производство и продажба на тутун од типот „Вирџинија“ и доколку се утврдат било какви сомненија за сторен криминал како и во сите други случаи, крајно неселективно против осомничените ќе бидат процесуирани соодветни пријави“, соопштија од МВР.


Двајца полицајци ранети во Вирџинија


Левисбург, 2 јануари, 2015 - 11:32 (META) 

Двајца полицајци се повредени при престрелка во Вирџинија, која изби откако полицијата запре товарно возило и камион во кои имало две безживотни тела.

Возачот на камионот отворил оган, при што ги повредил полицајците, но едниот од нов успеал да возврати и да го рани возачот во нога.

Возачот на товарното возило побегнал, но подоцна се предал, соопшти полицијата.

При претрес на возилата, полицијата под душекот во креветот кој се наоѓал во камионот пронашла две безживотни тела. Возачите вчера утрото упаднале во една куќа, ја запалиле, а го зеле брачниот пар и нивното товарно возило.

Засега не се знае дали брачниот пар е убиен при упадот во нивниот дом или нешто подоцна.