Одобрено спојувањето на „Вип“ и на „Оне“


Скопје, 8 јули, 2015 - 15:25 (META) 

Комисијата за заштита на конкуренцијата денеска соопшти дека го одобрува спојувањето на телекомуникациските оператори „Вип“ и „Оне“.

Комисијата при оцена на предметната концентрација утврдила дека пријавената концентрација ќе доведе до нарушување на конкуренцијата на пазарот на обезбедување на мобилни телекомуникациски услуги.

– Имено, спојувањето на „Оне“ и на „Вип“, кои се втор и трет мобилен оператор, ќе доведе до значително нарушување на ефективната конкуренција и пазар на обезбедување на услуги на пренос на аудиовизуелни содржини до крајни корисници. Реализацијата на предметната концентрација ќе значи дека друштвата „Близу медиа енд броубенд ДООЕЛ“ – Скопје и „Диги“ ќе станат дел од иста групација – се вели во објаснувањето на Комисијата.


Се чека одлука за спојувањето на „Вип“ и на „Оне“


Скопје, 17 април, 2015 - 9:53 (META) 

За спојувањето на двата мобилни оператори „Вип“ и „Оне“ сè уште се чека одлука од Комисијата за заштита на конкуренцијата.

– Процесот за спојување од наша страна е завршен, се чека одлука на Комисијата. Не можеме да кажеме ништо, законскиот рок си тече – изјави маркетинг-директорот на „Оне“, Виктор Доневски.

На неодамнешна прес-конференција на операторот „Вип“, главниот извршен директор Никола Љушев изјави дека застој во спојувањето нема.

– Процесот е во втора фаза, која почна на почетокот од февруари годинава. Во согласност со законот, таа може да трае најмногу 90 дена, што значи некаде на средината од јуни очекуваме позитивен одговор од Комисијата – истакна Љушев.

Комисијата за заштита на конуренцијата (КЗК), до каде што и официјално е пристигнато барањето за спојување меѓу двата телекомуникациски оператори, објави дека мобилните опратори „Вип“ и „Оне“ ќе се спојат во новоосновано друштво со ограничена одговорност со назив „Друштвото за комуникациски услуги оне.ВИП ДОО Скопје“.

Групацијата „Телеком Австрија“ објави дека договори спојување на својата подружница „Вип оператор“ со компанијата „Оне“ (подружница на „Телеком Словеније“) во Република Македонија. „Телеком Австрија“ ќе поседува 55 отсто удел во компанијата и ќе има целосна контрола врз новосоздадениот ентитет, додека „Телеком Словеније“ ќе задржи 45 проценти.


„Оне“ и „Вип“ ќе се спојат за најмногу три месеци


Скопје, 9 јануари, 2015 - 15:51 (META) 

Во новоосновано друштво со ограничена одговорност со назив „Оне.ВИП“ (one.VIP) ќе се здружат „Вип“ и „Оне“, соопштија од Комисијата за заштита на конкуренцијата.

Единствена контрола над новата компанија ќе има „Мобилком мацедониен бетеилигунгсфервалтунг гмбх“, друштво кое, пак, е во сопственост на „Телеком –  Австрија“.

Освен во мобилната телефонија, новото друштво ќе настапува и на пазарот на фискна телефонија, широкопојасен интернет, како и кабелска телевизија преку операторот „Близу“.

 


Проблеми со мрежите на „Ти-мобајл“ и на „Вип“


Скопје, 10 декември, 2014 - 12:54 (META) 

Граѓаните реагираат дека имаат проблеми со телефонските оператори „Ти-мобајл“ и „Вип“.

Според нашите информации, мрежата на „Ти-мобајл“ е целосно недостапна, а поголеми пречки во комуникацијата има со мрежата на „Вип“.