Дума во „Титаник 2“: Ибраими ми рече „шефот ме бара“, потоа гласаше како членовите од ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 27 август, 2018 - 13:30 (META) 

На судењето за предметот „Титаник 2″, прва сведочеше поранешната членка на Државната изборна комисија, Виолета Дума.

Обвинителката од СЈО, Фатиме Фетаи ја праша Дума дали се сеќава на седницата на ДИК, за приговорот за гласачкото место 1727 во општина Струмица, за локалните избори 2013 година.

– Дали видовте дека некој за време на седницата да му се јави на Бедредин Ибраими – ја праша Фетаи. Дума потврди дека се сеќава оти на Бедредин му заѕвонил телефонот, бидејќи седела веднаш до него.

– Точно е дека му заѕвони телефонот и господинот Бедредин излезе – рече Дума.

Таа не се сети дали видела на телефонот, или Бедредин ѝ рекол „Шефот ме бара”. Таа рече дека не го разбрала разговорот меѓу Бедредин и соговорникот, зашто говорел на албански јазик.

Дума пред судот рече дека откако Бедредин се вратил во салата, немало дискусија и се преминало на гласање. Како што рече Дума, пред повикот Ибраими рекол дека е на иста линија со неа, дека приговорот на ВМРО-ДПМНЕ е неоснован, но откако разговарал по телефон, гласал како и членовите на ВМРО-ДПМНЕ, па соодносот на гласови бил 4:3, и ДИК го прифатила приговорот.

– Членовите на ВМРО плус Бедредин гласаа ,,за”, а јас Кондарко и Субхи, гласавме против – рече Дума.

Во овој предмет доказ на СЈО е и бомбата во која Ибраими добива инструкции од лидерот на ДПА, Мендух Тачи, да гласа ,,за” приговорот на ВМРО-ДПМНЕ

Речиси во исто време кога судијата Огнен Ставрев даде 15 минути пауза, во Кривичниот Суд Скопје 1 снема Струја.
Денешното рочиште доцнеше половина час поради отсуството на адвокатот на обвинетиот Сашо Срцев, Димитар Дангов. По паузата од половина час Дангов дојде во судницата со што продолжи судењето за предметот „Титаник 2“ на СЈО.


Поранешните членови на ДИК Чичаковски, Дума, Милев, Бонева и Јакупи добија апанажа


Скопје, 20 февруари, 2018 - 13:04 (META) 

Петмина од осумте доскорешни членови на Државната изборна комисија ќе добијат апанажа, одлучи собраниската Комисија за избори и именувања на денешната седница.

Апанажа во траење од една година ќе добијат поранешниот претседател на ДИК, Александар Чичаковски, членовите од СДСМ, Виолета Дума и Игор Милев, Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ и Субхи Јакупи од ДУИ. Другите тројца членови – Реџеп Прекопуца, Атанас Урумов иСашо Срцев кои поднесоа оставка не побарале апанажа, бидејќи се враќаат на претходните
работни места.

Членовите на доскорешниот состав на ДИК поднесоа оставки на функциите откако амбасадорот на САД во земјава, Џес Бејли обелодени дека на затворена седница членовите одлучиле да си поделат високи бонуси за последните изборни циклуси.

На денешната седница, Комисијата за избори и именувања одлучи и поранешната пратеничка Роза Топузовска – Каревска да добие отпремнина од Собранието заради заминување во пензија.

Комисијата му ја прекина апанажата на Павле Трајанов поради назначување на друга функција, а апанажа добија и Дејан Бошковски кој беше разрешен од Регулаторната комисија за енергетика, Тања Таневска поранешен државен ревизор и Власта Димковиќ, доскорешен заменик-министер за земјоделство.

Инаку, Дејан Бошковски со уште две лица е обвинет во случајот „Тарифа“ на Специјалното јавно обвинителство за кој се води и судски процес. Тие се товарат за незаконска набавка на софтвeрски системи за потребите на ЕЛЕМ, вреден четири милиони евра.

На денешната седница помина и предлог-одлуката за именување членови на Комисијата на Агенцијата за пошти, по што седницата беше прекината.


Шесте оставки ДИК ги доставила до Собранието, Срцев и Бонева ќе ги однесат сами


Скопје, 12 декември, 2017 - 15:43 (META) 

Шесте оставки на членовите на Државната изборна комисија (ДИК) поднесени вчера и денеска, односно тие на претседателот Александар Чичаковски, потпретседателот Реџеп Прекопуца, Атанас Урумов, Виолета Дума, Игор Милев и Субхи Јакупи се веќе доставени во архивата на Собранието, дознава „Мета“ од извори во ДИК.

Според информацијата што ја добивме, членовите на ДИК предложени од ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева и Сашо Срцев, најавиле дека самите ќе ги достават оставките до Собранието, за разлика од нивните колеги .

Сè до моментот кога Собранието ќе ги констатира оставките, ДИК ќе продолжи да работи според своите ингеренции.


Заев ги поздрави и ги оцени како морален чин оставките на членовите на ДИК


Скопје, 11 декември, 2017 - 16:16 (META) 

Премиерот Зоран Заев ја поздрави одлуката на членовите на Државната изборна комисија да ги вратат парите од бонусите, како и оставките на дел од нив, кои ги оцени како морален чин.

– Се работи за исклучителни професионалци кои имаа сериозна улога во едно сериозно време и ја завршија професионално. Одлуката што ја донесоа знам дека е законска, но, веројатно е неетичка и неморална. Јас го поздравувам чинот што го поднесоа сите, а тоа е враќање на парите назад во буџетот, а истовремено поднесоа и лична одговорност како морален чекор, веројатно заради критиките од јавноста – рече Заев.

Премиерот додаде дека истовремено тие испратиле и сериозна порака на морално и етичко однесување, по реакциите на јавноста, заради, како што рече, нетранспаретноста на одлуката што ја донесоа и заради тоа што претходно не ја информираа јавноста дека ќе го искористат членот 19 од Изборниот законик што им овозможува дополнителни надоместоци.

Оставки од функции денеска си поднесоа претседателот на ДИК, Александар Чичаковски и членовите на Комисијата од СДСМ, Виолета Дума и Игор Милев.


Чичаковски и членовите на ДИК си поднесоа оставки на функциите


Скопје, 11 декември, 2017 - 13:29 (META) 

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Чичаковски, за државната новинска агенција МИА потврдил дека си поднел оставка на функцијата.

Околу причините за оставката, Чичаковски навел дека тоа е негов личен чин.

Инаку, оставката на Чичаковски доаѓа откако во јавноста беше обелоденето дека членовите на ДИК си зеле високи бонуси за последните изборни циклуси, а беше почната и интернет-петиција со која се бараат оставки од деветмината членови на ДИК, која ја потпишаа над 5.000 лица.

И членовите на ДИК, Виолета Дума и Игор Милев, кои беа претставници на СДСМ во Комисијата за дел од медиумите потврдиле дека поднеле оставки на своите функции.

Мандатот на овој состав на ДИК истекува во 2020 година. Чичаковски е прв човек на ДИК од редот на експертите од 2015 година по постигнувањето на Договорот од Пржино.


ДИК: Неправедно сме обвинети, ама ќе ги донираме парите од екстра платите


Скопје, 5 декември, 2017 - 16:20 (META) 

Државната изборна комисија на денешната седница донесе заклучок дека одлуката за исплата на надоместоци за членовите и за вработените во ДИК за локалните избори е донесена во согласност со Изборниот законик и со правилникот за работа.

ДИК исто така одлучи секој од вработените и членовите во ДИК индивидуално да одлучи за враќање во буџетот или донирање на добиениот надоместок. Претседателот Александар Чичаковски ја задолжи стручната служба сите донесени одлуки да ги објави на веб-стрницата.

Заклучокот беше донесен едногласно, со 9 гласа „за“ и ниту еден против или воздржан.

Речиси сите членови на Комисијата за време на расправата рекоа дека одлуката за надоместок била законска, но и оправдана со нивните обврски и прекувремените работни часови.

Виолета Дума од СДСМ рече дека од распишувањето на изборите до денеска Комисијата била во постојано заседание и за празници и за викенди.

– Одлуката за надомест е донесена исклучиво во согласност со законот, што значи дека е легална. Надоместот се добива врз основа на трудот, видот, стручноста и квалитетот на ангажираноста. Јас и колегата Игор Милев ќе ги донираме парите или ќе ги вратиме во буџетот за да им се најдат на тие што пожелеа да ни ги земат нам, но тоа не значи дека не ги заслужувам, ги заслужувам во целост – рече Дума.

Субхи Јакипи од ДУИ рече дека можеби надоместот бил висок, но дека не е фер тој воопшто да не добие надоместок затоа што тоа ќе значи дека неговиот труд не се цени. Тој додаде дека вработените во ДИК за време на изборите не знаат „кога е ден кога е ноќ“.

– Изразувам зачудување од покажувањето со прст кон ДИК како школски пример за корупција – рече Сашо Срцев од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој додаде дека за одлуката гласал затоа што била законски донесена.

– Дезинформација е ДИК дека зема дневници и други додатоци бидејќи тие не се предвидени во законот. Зар е нужна таква дискредитација кога се знае дека добро сме ја завршиле работата. Спремен сум и да ја дадам својата оставка ако е направен каков било чекор спротивен на Изборниот законик. Сум донирал повеќепати, сум донирал и цела плата за поплавите, сум донирал и за цркви и за болни и изнемоштени, ќе ги донирам и овие четири плати или ќе ги вратам во буџетот – рече Срцев.

Претседателот на ДИК, Александар Чичаковски, нагласи дека одлуката е целосно законита и оправдана. Тој рече дека не постои правна основаност да се отповика веќе донесената одлука и, како и неговите колеги, рече дека ќе ги врати парите во буџетот или ќе ги донира.


Дума: „Курир“ нека ја објави целата снимка од седницата на ДИК


Скопје, 18 август, 2017 - 15:39 (META) 

Вистинска случај, но без јасна завршница предизвика настанот од завчера, кога според порталот „Курир“ на нивниот снимател му било наложено од обезбедувањето да ја напушти седницата на Државната изборна комисија, откако членката на ДИК, Виолета Дума, побарала тој да се претстави.

Дума денеска рече дека не станува збор за бркање, бидејќи новинарот самиот си заминал, откако снимал. Таа денеска изјави дека не го избркала новинарот и бара да се објави снимка од седницата.

– Никој не го избркал, сам си отиде. Јас само прашав од која телевизија се, затоа што немаше лого, а тоа беше единствената камера. Тој ми рече дека е од „Курир“ и тоа беше се. Си продолжија да снимаат, а после некое време сами ја напуштија седницата. Во име на вистината нека ја пуштат целата снимка до крај, па јавноста нека пресуди – вели Дума.

„Курир“ претходно објави дека снимателот бил избркан од обезбедувањето, откако Дума рекла дека може да снимаат само телевизии, а не и портали.

„Снимателот на „Курир“ попладнево беше избркан од јавната седница на Државната изборна комисија (ДИК) која се одржува во седиштето на Комисијата, поради смешно образложение дека само телевизиски куќи, а не и интернет медиуми имале право да ја  снимаат истата. „Курир“ уредно доби покана за седницата од јавен карактер, поради што никој нема право да го попречи медиумското известување од самата седница. Нашиот снимател, кој профисонално ги извршуваше работните обврски беше отстранет од седницата по иницијатива на членот на СДСМ во ДИК, Виолета Дума“, напиша порталот.

Со реакција за случајот се огласи Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, која го осуди инцидентот и апелираше на медиумски работници да им се овозможи непречено да известуваат.


Виолета Дума останува член на ДИК


Скопје, 13 јануари, 2016 - 20:02 (META) 

Собранието на денешната седница не ја разреши Виолета Дума, член на ДИК од СДСМ, затоа што не се обезбеди мнозинство од 82 пратеника. За предлогот за нејзино разрешување гласаа 48 пратеници, 25 беа против, а 14, иако беа во салата, не гласаа.

Според пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои се повикуваат на Изборниот законик и на автентичното толкување на законот, Дума ги исполнува условите за старосна пензија и треба да биде разрешена од функцијата член на ДИК.

Според опозиционерите, ова е дискриминаторски чин кон Дума поради нејзината партиска припадност.

СДСМ смета дека наместо Дума, Собранието треба од ДИК да ја разреши Силвана Бонева, која нема пет години работен стаж како правник.

Од СДСМ велат дека вака се пролонгираат обврските од Договорот од Пржино. ВМРО-ДПМНЕ, пак, се сомнева дека СДСМ измислува причини за одложување на изборите.