!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Трамп и Путин нема да имаат средба, но „веројатно ќе си речат здраво“


Вашингтон, 10 ноември, 2017 - 9:57 (META) 

Претседателот на САД, Доналд Трамп на маргините на азиско-пацифичкиот самит во Виетнам нема да се сретне со рускиот лидер Владимир Путин, соопшти Белата куќа.

Двајцата претседатели се во Виетнам, но средбата нема да се случи.

– Средбата не беше потврдена. Ќе бидат на исто место, но дали ќе налетаат еден на друг и ќе си речат здраво, тоа е многу можно и веројатно, но официјална средба нема забележано на календарот – соопшти портпаролот на Белата куќа, Сара Сандерс.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека и понатаму работат за да се одржи средбата.

– Разговорите продолжуваат. Ништо се уште не е разјаснето – рече Песков.


Путин и Трамп ќе се сретнат во Виетнам


Москва, 7 ноември, 2017 - 15:47 (META) 

Лидерите на Русија и на САД, Владимир Путин и Донлад Трамп, ќе разговараат за Северна Кореја на Азиско-пацифичкиот форум за економска соработка во Виетнам следната недела, соопшти портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Тој истакна дека двајцата претседатели на самитот ќе имаат можност да разговараат и дека во тек се подготовките за нивната средба.

Американската телевизија „Си-ен-ен“ вчера, исто така, јави дека двајцата претседатели треба да се сретнат следната недела на самитот во Виетнам.

– Сакаме Путин да ни помогне околу Северна Кореја, а ќе имаме средби и со други лидери – изјави Трамп.

„Си-ен-ен“ коментира дека средбата доаѓа во незгоден момент за Трамп, поради истрагата за неговата поврзаност со Русија за време на претседателската кампања во 2016 година.

Се очекува дека Путин и Трамп ќе се сретнат на маргините на самитот на азиско-пацифичките лидери, кој почнува следниот четврток.


Тајфунот Демри усмрти 44 лица во Виетнам


Ханој, 6 ноември, 2017 - 10:56 (META) 

Силниот тајфун што го погоди Виетнам однесе најмалку 44 животи и предизвика голема материјална штета долж јужниот и централниот брег на оваа азиска земја.

Властите наведуваат дека 19 лица се водат како исчезнати по налетот на тајфунот Демри во саботата, вклучувајќи и деветчлен екипаж на товарен брод кој потонал кај покраината Нањ Хоа.

Повеќе од 116.000 куќи се урнати или оштетени откако тајфунот, втор по ред месецов, го погоди Виетнам и предизвика прекин на електричното напојување во регионот.


Во најсмртоносното невреме во Виетнам загинаа 54 лица


Ханој, 13 октомври, 2017 - 9:49 (META) 

Бројот на загинатите во поплавите и во свлечиштата во северниот и во централниот дел на Виетнам се зголеми на 54 лица, соопштија денеска властите.

Ова, како што се наведува, е една од најсмртоносните временски непогоди што го погодиле Виетнам години наназад.
Спасувачите очајнички трагаат по 39 лица, кои се водат за исчезнати откако поројните дождови неделава погодија неколку провинција, а метеоролозите предупредуваат дека уште една голема бура надоаѓа.

Смртни случаи се забележани во шест провинции. Северната област Хоа Бинх, во која е прогласена вонредна состојба, е најзагрозена, со засега 17 мртви и 15 исчезнати, додека во централната провинција Тхан Хоа загина 14 лица.


Во поплави во Виетнам загинаа 37 лица


Ханои, 12 октомври, 2017 - 9:53 (META) 

Поплавите што беа предизвикани од тропска бура во Виетнам усмртија 37 лица, соопштија денеска од агенцијата за превенција на катастрофи.

Четириесет лица се водат за исчезнати, а уште 21 лице се повредени откако поројните дождови предизвикаа свлечишта во северниот и во централниот дел на земјата.

Виетнам е често изложен на разорни бури и на поплави. Повеќе од 200 лица загинаа во минатогодишните бури.
Властите почнаа да испуштаат вода од браните за да го контролираат нивото на вода.

Евакуирани се повеќе од 17.000 домаќинства, урнати се повеќе од 200 куќи, а уште 18.000 се поплавени или оштетени.


Заев – Бин Мин: Македонија ќе ја продлабочува економската соработка со Виетнам


Њујорк, 23 септември, 2017 - 13:40 (META) 

Премиерот Зоран Заев, придружуван од министерот за надворешни работи, Никола Димитров, се сретнале со заменик-премиерот на Виетнам, Фан бин Мин.

На средбата било договорено соработката помеѓу двете држави да биде продлабочена на економски план, со вклучување на бизнис-заедниците на двете земји.

„Констатирано е дека Виетнам со своите 90 милиони жители е атрактивен нов потенцијален пазар за извоз на Македонија, а Република Македонија со својата географска позиција, блискоста до ЕУ и отворените перспективи на членство во ЕУ е атрактивна дестинација за странски инвестиции од Виетнам“, се вели во соопштението на Владата.

Заменик-премиерот на Виетнам, Фан бин Мин, најавил можност за понуда на стипендии за образование за студенти од Македонија.


Тајфунот Доксури го погоди Виетнам, осум загинати


Ханој, 16 септември, 2017 - 19:28 (META) 

Разорниот тајфун Доксури го погоди средишниот дел на Виетнам, каде осум лица загинале, а четири се повредени, пренесува ХРТ.

На брегот на Виетнам ветерот дувал со брзина од 135 километри на час. Повеќе од еден милион луѓе останале без струја, а оштетени биле илјадници куќи. Властите предупредиле на опасност од поплави и лизгање на земјиштето.

Тајфунот Доксури е трето тропско невреме кое оваа година го зафаќа Виетнам. Минатата година тајфуните во оваа источноазиска држава усмртија 263 лица и предизвикаа материјални штети од речиси 1,75 милијарди долари, пет пати поголеми од оние во 2015 година.


Дваесет и четири лица загинаа во поплава во Виетнам


Ханој, 17 октомври, 2016 - 9:45 (META) 

Во поплавите предизвикани од поројните дождови по минувањето на тајфунот Сарика, загинаа 24 лица, додека четири исчезнале во централниот дел на Виетнам, соопштија денеска властите во Ханој.

Две лица загинаа на Филипини, каде поради налетот на тајфунот се евакуирани 150.000 лица.

Најмалку 18 лица загинаа во виетнамската провинција Кванг Бин, која е најмногу погодена од поплавите. На тоа подрачје, исто така, исчезнаа три лица.

Шест лица настрадаа во другите централни подрачја на Виетнам, наведоа локалните претставници и додадоа дека во тој дел на земјата едно лице исчезнало.

Поројните дождови во петокот и во саботата го погодија Виетнам, каде се поплавени околу 125.000 куќи и уништена е патната инфраструктура.

Тајфунот во моментов се движи кон северниот дел на Виетнам, на Јужното Кинеското Море со брзина од околу 15 до 20 километри на час.


Обама ја поздрави слободата на говорот во Виетнам


Хо Ши Мин, 25 мај, 2016 - 17:36 (META) 

Американскиот претседател Барак Обама на Форум на млади азиски лидери кој се одржува во Хо Ши Мин, Виетнам, ја поздрави слободата на говорот во оваа земја.

– Луѓето треба да бидат оставени слободно да го изразуваат своето мислење. Тоа е дел од постоењето на современата култура во 21 век – рече тој во одговорот на прашањето на една раперка дали Владата има намера да одигра поголема улога во поттикнување на уметноста.

Околу 800 лица учествуваа на форумот, а повеќето беа од Иницијативата „Млади лидери во југоисточна Азија“, американска програма што Обама ја почна со работа во 2013 година, а чија цел е размена на лидери на возраст меѓу 18 и 35 години.


Поплавите во Виетнам однесоа 14 животи


Ханој, 28 јули, 2015 - 15:35 (META) 

Најмалку 14 лица загинаа во поплавите што го зафатија Халонг, летувалиште на североистокот на Виетнам, соопштија денеска локалните власти.

Три лица, исто така, се водат како исчезнати во најтешките поплави во Виетнам во последните 40 години.

Властите соопштија дека неколку илјади куќи се поплавени и оштетени на туристичкиот остров Ко То.

Неколку илјади војници се мобилизирани за да им помогнат за загрозените жители.

Халонг, кој е вброен во светското наследство на Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО), е главна туристичка атракција на Виетнам.