МНР за средбата во Виена: Продолжуваат напорите за наоѓање решение


Скопје, 13 февруари, 2018 - 17:39 (META) 

Министрите за надворешни работи се согласија да ги продолжат напорите под покровителство на ОН, соопшти македонското Министерство за надворешни работи, известувајќи за денешната средба на личниот пратеник на Генералниот секретар на ОН, Метју Нимиц со министрите за надворешни работи на  Македонија и Грција.

Средбата се одржа во канцеларијата на ОН во Виена.

„По конструктивната средба која е дел од напорите за наоѓање на заедничко прифатливо решение за надминување на разликата околу името, Министрите за надворешни работи се согласија да ги продолжат напорите под покровителство на ОН“, гласи соопштението.


Тевдовски: Од 2019 година ќе почнеме со среднорочно буџетирање


Виена, 16 јануари, 2018 - 15:50 (META) 

Од 2019 година сакаме да почнеме со среднорочно буџетирање, да излеземе од рамките во кои се планира само тековната фискална година и да имаме план за следните три или четири години, најавил денеска министерот за финансии Драган Тевдовски во своето обраќање на главниот панел на конференцијата „Јуромани“, најголемата конференција од областа на финансиите во Централна и Источна Европа, која се одржува 23 година по ред во Виена.

Според министерот, на оваа реформа ќе се работи во соработка со Меѓународниот монетарен фонд.

Тевдовски исто така истакнал дека Македонија издаде еврообврзница со историски најниска камата, но и дека интересот бил огромен.

– Прво, интересот на инвеститорите беше огромен, имаше огромна побарувачка од 3,5 милијарди евра или 7 пати поголема од понудата. Ова е јасен сигнал дека меѓународните инвеститори позитивно ја оценија перспективата на македонската економија. Второ, постигнавме историски најниска камата. Ова е јасен сигнал дека во минатото економските политики не биле најуспешни и поради тоа можеби сме плаќале повисока цена за еврообврзниците. Третата работа која би ја истакнал е дека Македонија сега за првпат влезе во проактивно управување со јавниот долг, ја рефинансиравме еврообврзницата која доспева 2020 година, предвреме исплаќајќи ја третината од неа која доспеваше наредните години, по двојно пониска камата – рекол Тевдовски.


Заев утре на економски форум во Виена


Скопје, 5 ноември, 2017 - 18:53 (META) 

Премиерот Зоран Заев утре ќе учествува на Економскиот форум „Дијалог за иднината 2017“, што се одржува во Виена, Австрија. Заедно со него, на форумот ќе учествува и вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, најавија од Владата.

Заев ќе учествува во дебатата „Регионалната соработка како дел од европските интеграции“, а вицепремиерот Анѓушев ќе говори на првата пленарна сесија „Живееме во дигитално време! Визија и реакција на инвеститорите“.

По форумот, македонскиот премиер би требало да се сретне со  министерот за надворешни работи и иден канцелар на Австрија, Себастијан Курц.


Заев во Виена: Изборите на 11 декември се референдум за Македонија


Виена, 11 октомври, 2016 - 11:05 (META) 

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на Форумот за меѓународен дијалог „Бруно Крајски“ во Виена, синоќа одржа предавање на тема „Македонија на крстосница“, на коешто присуствуваа повеќе од 120 истакнати личности, политичари, дипломати, меѓу кои и германскиот посредник за политичката криза во Македонија, Јоханес Хајндл, соопштија од СДСМ.

– Одбележуваме 75-годишнина од македонската антифашистичка борба. Сојузниците во Втората светска војна биле и левоориентирани и десноориентирани, демократи и либерали и комунисти и сите заедно здружени го победиле фашистичкото зло во светот и во Европа. Денес, по 75 години, ние повторно сме исправени пред освојување на уште една, малку поинаква, но еднакво опасна, уникатна, патриотска битка против авторитарниот режим. Ова е битка на вредности и на визија – рече Заев додавајќи дека актуелната власт ја оттргнува земјата од вистинскиот пат на вредности, за што се бори и ги посакува најголемиот број граѓани во Македонија.

Заев се осврнал на политичката криза во Македонија и изразил надеж дека во земјата може да има слободни и фер избори на 11 декември.

– Слободни и фер избори што ќе ја одразат слободната волја на граѓаните и владеењето на правото се првите неопходни чекори Македонија да се придвижи напред. Македонија не може да биде безбедна без демократските вредности кои се основни европски вредности што можат да ја гарантираат геополитичката стабилност. Изборите на 11 декември се референдум за Македонија. Тие се шанса Македонија да ја потврди својата посветеност на демократијата, транспарентноста и на владеењето на правото. Овие избори се нашата можност да покажеме дека и покрај скандалот на Груевски со прислушувањето, што ги отвори фундаменталните прашања за тоа дали нашата демократија е подготвена за Европа, сепак иднината на Македонија и на нејзините граѓани е во Европската Унија и во НАТО – рекол Заев.


Курц: Турција да ја објасни врската меѓу Анкара и протестите во Австрија


Виена, 21 јули, 2016 - 12:34 (META) 

Австрија го повика на разговор турскиот амбасадор во Виена да ја објасни поврзаноста на Анкара со демонстрациите во Австрија во знак на поддршка на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој спроведува остри мерки по неуспешниот обид за државен удар, изјави денеска шефот на австриската дипломатија, Себастијан Курц.

Тој изјавил дека амбасадорот ќе биде прашан дали турските официјални лица охрабриле илјадници луѓе во Австрија да излезат на улиците во знак на поддршка на Ердоган.

– Сакаме да разјасниме во кој правец ќе се движи Турција – изјавил Курц во иунтервју за радио ОРФ.

Тој истакнал дека имаат докази дека повикот за демонстрации во Виена во корист на Ердоган бил директно од Турција, поради што сакале да испратат протестна нота.

Ердоган синоќа прогласи тримесечна вонредна состојба, проширувајќи ги острите мерки против илјадници припадници на безбедносните сили и на судската администрација, цивилните служби, академските кругови.


Курц: Бегалците да се држат на островите


Виена, 5 јуни, 2016 - 12:27 (META) 

Австрискиот министер за надворешни работи, Себастијан Курц, предложи Европската Унија да го спречува директниот пристап на бегалците до континентот, така што ќе ги држи на острови, по примерот на Австралија.

– ЕУ треба да земе пример од некои аспекти на австралискиот модел на управување со миграциските текови – изјави тој.

Австрија веќе го ограничи пристапот на бегалци до својата територија. Луѓето кои стигаат до австралискиот брег, се сместуваат во кампови на острови додека се разгледува нивното барање за азил.

– Овој австралиски модел не е целосно применлив, но принципите можат да се користат во Европа – објасни Курц, кој гледа скептично на договорот со Турција, кој е пред неуспех.

Задржувањето на имигранти на острови се практикува и од САД.


Денеска во Виена меѓународен министерски состанок за либиската криза


Триполи, 16 мај, 2016 - 10:49 (META) 

Во главниот град на Австрија, Виена, денеска се одржува меѓународен министерски состанок за решaвање на кризата во Либија, а на кој, како што е соопштено, учествуваат клучните земји од тој регион и најважните меѓународни дипломати.

Американскиот Стеј департмент соопшти дека со состанокот ќе претседаваат САД и Италија и дека на него ќе се води расправа околу давањето поддршка на либиската влада на национално единствено, а фокусот ќе биде ставен на безбедноста.

Либија е зафатена со конфликти од почетокот на 2011 година, кога избувна граѓанска војна во која од власт беше симнат Моамер Гадафи.

Владата на национално единство, која ја има поддршката на Обединетите нации, беше прогласена на 31 март, а на нејзино чело е премиерот Фајез Сараџ.

Со ова беше ставен крај на периодот во кој во земјата дејствуваа две сепаратистички администрации, едната во Триполи, а другата во градот Тобрук, на истокот на земјата.


Коцијанчич: Ретроградните чекори ги минираа Пржино и Виена


Брисел, 21 април, 2016 - 13:28 (META) 

Европската комисија денеска изрази жалење што нема да се одржи утрешна лидерската средба во Виена, соопшти денеска за „Мета“ портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич.

– Ние постојано велевме дека прекршувањето на Договорот од Пржино ќе има сериозни последици за државата. Длабоко ќе жалиме ако некои ретроградни чекори во Скопје ја оддалечат земјата од нејзините аспирации за приклучување кон Европската Унија – рече Коцијачич.

Портпаролката соопшти дека Брисел ќе продолжи да им помага на политичките партии во Македонија во справување со кризата.

– Остануваме достапни да им помагаме на партиите, како сега, така и во иднина. Но, одговорноста за осигурување на демократските процеси и напредокот кон евроатланскиот пат останува на самите парии, во име на граѓаните на нивната земја. Тие сега мора да испорачаат – рече Коцијачич, додавајќи дека наскоро ќе соопштат повеќе детали.


Брисел за изјавата на Заев: Не коментираме „услови“ на одделни партии


Скопје, 20 април, 2016 - 17:13 (META) 

Европската комисија денеска не сака да ја коментира одлуката на СДСМ да не учествува на лидерската средба во Виена доколку претседателот Ѓорге Иванов не ја повлече аболицијата и не се свика Собранието за да се повлече одлуката изборите да се одржат на 5 јуни.

– Не коментираме „услови“ кои ги поставуваат одделни партии. Комесарот Јоханес Хан беше многу јасен кога рече дека помилувањето што го даде претседателот не се совпаѓа со неговото разбирање за владеење на правото. Комесарот беше многу јасен дека изборите мора да бидат веродостојни – изјави портпаролката на еврокомесарот Хан, Маја Коцијанчич.

Делегацијата на Европската Унија во Скопје до политичките лидери испрати покани за лидерска средба во Виена во име на еврокомесарот Јоханес Хан и на европратениците Иво Вајгл, Едвард Кукан и Ричард Ховит. Досега само ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ го потврдија учеството на средбата, која има цел да го спаси Договорот од Пржино.

Амбасадорите на ЕУ вчера беа на средба со претседателот Иванов, на која претседатело0т им ја образложил својата одлука за прекинување на судските процеси против политичарите и нивните соработници. Повеќе детали од средбата, засега не се откриваат.


Димовски: Заев донесе неодговорна и деструктивна одлука


Скопје, 20 април, 2016 - 16:50 (META) 

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, денеска уште еднаш покажа колку не се грижи за иднината на Република Македонија и за нејзините граѓани, реагира Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ на обраќањето на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Димовски рече дека Заев не се грижи за стабилноста и не се грижи за немирот што секојдневно го внесува помеѓу граѓаните. Според Димовски, Заев донел неодговорна и деструктивна одлука со тоа што го условил неговото присуство на лидерската средба во Виена.

– Зоран Заев денеска донесе неодговорна и деструктивна одлука, бегајќи од разговори со кои треба да се трасира патот што води кон избори и кон решавање на кризата. Ѝ заврти грб на Македонија и потврди дека неговата намера е продлабочување и ескалирање на кризата, затоа што тој и луѓето околу него можат да функционираат и да привлечат внимание само во време на криза. Зоран Заев со бегањето од разговорите закажани во Виена покажа дека само заради спасот на сопствената кариера, има намера да ја држи Република Македонија уште долго во заложништво – вели Димовски.

Како што рече Димовски, Заев со денешната одлука ставил свој печат врз нападите на полицијата, демолирањето на спомен-обележјата, палењето и руинирањето на институциите и на сите вандалски акти што ги згрозија жителите на оваа земја.

– Уште од самиот почеток на кризата, ВМРО-ДПМНЕ учествува конструктивно и се обидува да даде целосен придонес во нејзино надминување. Затоа го потпишавме Договорот од Пржино и работевме на негова имплементација. ВМРО-ДПМНЕ била и ќе остане конструктивна кога е во прашање иднината на Република Македонија. Подготвени сме да учествуваме на разговори кои ќе значат излез од сегашната состојба – вели Димовски.