САД ќе испратат авиони на заедничка вежба со Јужна Кореја


Сеул, 24 ноември, 2017 - 11:32 (META) 

Соединетите Американски Држави ќе испратат авиони од типот „Ф-22“ во Јужна Кореја, каде би требало да учествуваат на заедничка вежба со јужнокорејската војска, јавиле денеска медиумите во Сеул, пренесуваат агенциите.

Според медиумите, во Јужна Кореја ќе бидат испратени шест авиони „Ф-22 раптор“ за воздушни борби и со можност за гаѓање цели на земја, кои во моментов се стационирани на јапонскиот остров Окинава.

Заедничката воена вежжба би требало да почне на 4 декември.

Портпаролот на јужнокорејската војска не сакал да зборува за тоа колку авиони „Ф-22“ ќе учествуваат во вежбата, додека портпаролот на американската војска воопшто не ја коментирал оваа информација.

Според светските агенции, со овие вежби САД и Јужна Кореја демонстрираат сила, како одговор на нуклеарните и балистички проби на Северна Кореја.


Вежба на специјалните единици на МВР во касарната „Илинден“


Скопје, 21 октомври, 2017 - 10:55 (META) 

Припадниците на специјалните единици на Министерството за внатрешни работи денеска во касарната „Илинден“ во Скопје ќе изведат вежба насловена „ВИП 2017“.

На вежбата ќе учествуваат Единицата за специјални задачи и Одделот за заштита на определни личности и објекти, информираат од МВР.


Сирени и затворање раскрсници кај амбасадата на САД утре поради вежба


Скопје, 29 септември, 2017 - 17:53 (META) 

Сирени за тревога ќе се огласат утре претпладне во Скопје, а раскрсниците кај амбасадата на САД ќе бидат затворени, поради заедничката вежба што ќе ја вршат припадници на Министерството за внатрешни работи (МВР) и персоналот од амбасадата на САД во рамките на амбасадата.

Како што соопшти МВР, сирените ќе може да ги чујат граѓаните на Скопје, а со затворањето на раскрсниците ќе се направи само кус застој во сообраќајот.

„Целта на заедничката вежба е поефикасна координација меѓу МВР и Американската  амбасада при преземање активности за справување со кризни ситуации“, нагласува МВР.


Американски бомбардери изведоа вежба во близина на Северна Кореја


Сеул, 31 август, 2017 - 12:57 (META) 

Американските стратешки бомбардери, кои можат да носат нуклеарно оружје, изведоа заедничка вежба со јужнокорејските сили во близина на источниот брег на Јужна Кореја.

Војската на Јужна Кореја соопшти дека станува за вежба во која учествуваат два американски бомбардери „Б-1Б“ и четири „Ф-35“ како и јужнокорејските бомбардери „Ф-15“.

Северна Кореја потврди дека во вторникот лансирала ракета која ја прелетала Јапонија и дека ги погодила целните води во Тихиот Oкеан. Лансирањето на ракетата со среден домет ја надгледувал севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, кој информираше дека ќе има лансирање на повеќе балистички ракети.


АРМ вежбајќи за утре ги вознемири скопјани со плотун


Скопје, 17 август, 2017 - 19:52 (META) 

Силен татнеж вечерва, околу 19 часот ги вознемири скопјани. Од МВР за „Мета“ соопштија дека станува збор за истрелан плотун, како дел од подготовките на Армијата на Република Македонија, за утрешното одбележување на 18 Август – Денот на АРМ.

Од Министерството за одбрана и од Генералштабот на АРМ претходно соопштија дека пред почетокот на утрешната централна свеченост, од касарната „Илинден“ ќе бидат истрелани 10 плотуни од артилериски орудија.

По татнежот, на социјалните мрежи се појави реакции од граѓани, кои прашуваа „што се случува“.


Воената вежба на американската и на македонската војска почна на Криволак


Неготино, 31 јули, 2017 - 12:02 (META) 

Премиерот Зоран Заев, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за одбрана Радмила Шеќеринска и американскиот амбасадор Џес Бејли денеска се на Криволак, каде што присуствуваат на изведувањето на заедничката воена вежба на македонската и на американската војска „Змеј заштитник 17“ (Dragoon Guardian 17).

При пристигнувањето на американските војници во Македонија, Бејли изјави дека „САД работат на тоа да ја видат Македонија како станува дел од НАТО“.

Шекеринска, пак, нагласи дека вежбата „Змеј заштитник 17“ е одлична можност за зајакнување на билатералната соработка меѓу Армијата на Република Македонија и Вооружените сили на САД.

Пред да пристигнe на Криволак, воената опрема на американската армија беше презентирана пред граѓаните во Скопје.


Хеликоптери ги исплашија скопјани, од Генералштабот велат дека е вежба


Скопје, 4 мај, 2017 - 12:35 (META) 

Хеликоптери на АРМ околу пладне исплашија скопјани, откако триесетина минути летаа над централното подрачје на Скопје. Се јавивме во Генералштабот на АРМ, од каде ни кажаа дека нема причини за паника, бидејќи не станува збор за никаква вонредна ситуација, туку во прашање се редовни вежбовни активности – и на пилотите и на други припадници на АРМ.

Тони Јаневски, началникот на канцеларијата за односи со јавноста на Генералштабот, објасни дека покрај пилотите, вежбовни активности имаат и други припадници на армијата, но не потврди дали станува збор за војник или за некаква опрема на војската закачена со сајли за хеликоптерите.


Митко Чавков на „Фејсбук“ се пофали дека присуствувал на обука на специјалците


Штип, 12 април, 2017 - 16:16 (META) 

Директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Митко Чавков, на својата официјална фејсбук-страница денеска и вчера се пофали дека бил на вежбата на Единицата за брзо распоредување (ЕБР) и објави фотографии, а денеска и седумминутна видеоснимка со многу пукање.

ЕБР на полигонот Пенуш, близу Штип, во рамки на редовните обуки за специјалните полициски единици во МВР, имала обука за гаѓање со оклопни транспортери.

Чавков, кој на функцијата дојде од местото министер за внатрешни работи, честопати објавува видеоснимки од обуките на ЕБР.


Морнаричките „фоки“ на САД ги обучуваат специјалците на АРМ и на МВР


Скопје, 13 февруари, 2017 - 15:01 (META) 

Денеска во базата на Единиците за брзо распоредување на МВР во касарната „Ѓорче Петров“ се одржа завршната вежба од обуката на припадниците на специјалните единици на Министерството за внатрешни работи и на Армијата на Република Македонија, што до 31 јануари до денеска ја спроведуваа тимови на специјалната едница на САД – „Фоки“.

На вежбата присуствуваа министрите за внатрешни работи и за одбрана Агим Нухиу и Зоран Јолевски, како и амабсадорот на САД во земјава, Џес Бејли.

Амбасадорот Бејли истакна дека денешната вежба претставува партнерство во акција меѓу двете држави, додавајќи дека до крајот на годината американските специјални единици уште три пати ќе дојдат во земјава, под покровителство на амбасадата на САД и ќе продолжат со обуките на македонските специјални сили.

– Ова е исто така дел од заедничките напори на Македонија и САД во борбата против тероризмот што претставува и домашна и странска закана – рече Бејли, нагласувајќи дека „ова и е еден пример за блиската долгогодишна соработка што ја имаме со полицијата и војската на Република Македонија и знак на нашата посветеност за продолжување на тоа партнерство“.

Министерот за внатрешни работи Нухиу заблагодарувајќи се на амбасадата на САД и на амбасадорот Бејли истакна дека дека професионалната поддршка и успешната обука претставуваат клучни моменти за законските обврски на полицијата.

Зборувајќи за денешната вежба министерот за одбрана, Јолевски информираше дека таа е првата од планираните 27 вежби кои треба да се реализираат со парнерите од САД, во повеќе сегменти.

– Воспоставена е добра соработка со Командата за специјалните операции на НАТО, а исто така и со Командата на САД во Европа. Минатата година имавме учество на нашиот полк за специјални операции на вежба во Германија, но учествувавме и на најголемата воена вежба „Анаконда“ – рече Јолевски.

Инаку, тема на обуката беше справување со терористички закани и напади, од страна на вооружени поединци и групи во урбана средина.


Украинска вежба покрај Крим, Русија на готовност


Киев, 30 ноември, 2016 - 18:17 (META) 

Руските против воздушни сили на одбрана се на највисоко ниво на готовност пред планираната вежба за лансирање на проектили покрај Крим.

Украинските вежби се закажани за 1 и 2 декември, а украинските власти велат дека тие се легитимни и дека ќе бидат изведени според сите меѓународни обврски и договори.

Москва се противи на плановите за воени вежби покрај Крим кој Русија го спои во 2014 година. Руските власти велат дека ваквиот тип на вежби се со цел да створат нервоза.