Обвинет во „Шамарите“ имал фалц боледување, тврди Фетаи


Скопје, 3 април, 2018 - 11:49 (META) 

Обвинителката од СЈО Фатиме Фетаи, која го води предметот за насилството во Општина Центар, по пријава во Лекарската комора на Македонија, фати тројца лекари кои му давале фалц боледувања на обвинетиот Милан Андоновски, наменски само да се одолговлекува судењето и најави дека против лекарите ќе покренат соодветна постапка.

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) на рочиштето посочи дека побарало Државниот санитарен и здравствен инспекторат да испрати инспекција со цел да се провери дали се оправдани боледувањата кои ги вадеше Андоновски поради што во три наврати беше одложувано судењето за насилството во Центар.

Инспекторатот испратил екипа во приватната медицинска ординација и специјалистичката државна клиника од каде на Андоновски му беше издадено боледување непосредно пред минатото рочиште во март.

Инспекцијата ги одзела медицинските документации за обвинетиот и ги предала до Лекарската комора и до Фондот за здравствено осигурување по што била формирана комисија која ги разгледала документите.

– Изготвен е извештај и било констатирано дека при издавање на специјалистичкиот извештај се направени пропусти во повеќе наврати. Лекарот и специјалистите кои го издавале боледувањето не ги исполниле потребните прописи, не се направени стандардни лабораториски анализи – рече обвинителката Фатиме Фетаи.

Таа и на денешното рочиште во Кривичниот суд повторно побара од судијата Душан Јосифов да ја преиспита својата одлука во врска со притворот за обвинетиот Андоновски.

Минатото рочиште беше одложено поради отсуство на Милан Андоновски, кој според боледувањето имал ларингит, а денеска тој беше присутен во судницата.

Денешното рочиште за предметот на СЈО „Насилство во општина Центар“, на кое поранешниот градоначалник на Центар Андреј Жерновски одговараше на прашање на одбраната заврши, а следното е закажано за 19 април, кога треба да бидат испрашани уште двајца сведоци.

Во овој случај на СЈО, обвинети се екс лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова и уште девет лица кои се изјаснија за невини.


Германската амбасадорка ќе ги посети компаниите „Везе Шари“, „Лекер“ и „Електрошари“


Тетово, 14 декември, 2015 - 14:14 (META) 

Амбасадорката на Република Германија, Кристин  Д. Алтхаузер, ќе ги посети компаниите „Везе Шари“, „Лекер“ и „Електрошари“ во село Требош, Тетово.

Домаќините Арбен Абдурахмани, Херман Семилер и Лидвина Семилер ќе ги претстават производствените капацитети на компаниите пред амбасадорката Алтхаузер.

Компанијата „Везе Шари“, која произведува јајца, почна да ја снабдува американската армија во НАТО, а првата нарачка веќе е направена во ноември.

„Благодарение на компанијата „Еколог“, која е присутна во целиот свет и е една од компаниите снабдувачи на НАТО и на ОН, ние почнавме да ја снабдуваме американскта војска во НАТО со наши производи секаде во светот. За нас ова има огромно значење, затоа што токму во годината кога одбележуваме 15 години постоење, се потврдува квалитетот на нашите производи“, изјави сопственикот на „Везе Шари“, Арбен Абдурахмани.

Абдурахмани се надева дека за кратко време, освен со јајца, НАТО ќе се снабдува и со сувомесни производи од компанијата „Лекер“.