Се отстранува железната ограда пред зградата на Владата


Скопје, 7 февруари, 2019 - 11:02 (META) 

Денеска се отстранува железната ограда пред зградата на Владата, по донесувањето одлука на владина седница.

Целта, како што соопштија оттаму, е целосно да се ослободи јавниот простор околу владината зграда за да биде достапен за користење од страна на граѓаните.

Портпаролот Миле Бошњаковски објасни дека нема да се трошат пари од граѓаните, туку ќе се искористат внатрешните ресурси, односно постојните капацитет на службите во рамки на Владата.

По тргањето, железната ограда ќе биде сместена во депо, до донесување нова одлука што ќе се прави со неа.

Отстранувањето на ограда е ветување на премиерот Зоран Заев, кој рече дека, кога ќе дојде на власт ќе ја отстрани.


Во Прилеп поставена станица за мерење на квалитетот на амбиенталниот воздух 


Прилеп, 31 декември, 2018 - 13:01 (META) 

Денеска Прилеп доби мерна станица која ќе го покажува квалитетот на амбиенталниот воздух во градот.

„Мерната станица е поставена во центарот на градот, на зградата на Општина Прилеп. Со тоа е исполнето изборното ветување на градоначалникот Илија Јованоски дека граѓаните на Прилеп ќе имаат точни информации за загаденоста на воздухот. Со подетални информации за мерната станица, јавноста ќе биде запознаена веднаш после Новогодишните празници“, информираат од Општина Прилеп.


ЈКП Тетово ветува дека во 2019 година ќе обезбеди 200 нови контејнери со капаци


Тетово, 31 октомври, 2018 - 16:38 (META) 

Проблемот со контејнерите за отпадоци без капаци, што е една од клучните пречки за одржување на хигиена во Тетово, Јавното комунално претпријатиe од Тетово ветува дека ќе почне да го решава во текот на следната година. Тие планираат половина од нив да  ги заменат со нови контејнери кои ќе имаат капаци, известува „Порталб.мк“.

– Во план-програмата за 2019 година предвидовме да обезбедиме 200 контејнери за ѓубре во градот, кои ќе имаат и капаци и 2.000 канти за отпадоци кои ќе ги дистрибуираме низ домовите. Целта е граѓаните да бидат снабдени со соодветни канти за ѓубре. Вредноста на овие канти е 1 милион денари, а парите ќе се обезбедат од буџетот на претпријатието – вели директорот на ЈКП е Џелал Цека.

Во Тетово има вкупно 522 контејнери за отпадоци, додека во моментов само 120 од нив имаат капаци.

Доколку ЈКП го исполни ветувањето во 2019 година, тогаш во 2020 година останува да се заменат уште 222 контејнери.

Контејнерите кои ќе се повлечат од користење или кои ќе бидат заменети со нови, првично ќе пратат во работилницата на компанијата за да се поправат за повторна употреба, но доколку се оштетени многу комисија на претпријатието ќе одлучи дали ќе се продадат како старо железо.

Инаку, претходно информиравме дека 80 отсто од тетовските контејнери за отпадоци немаат капаци. Поради овој проблем реагираа и жителите, кои се пожалија дека поради недостиг на капаци контејнерите шират лоша миризба.

Освен за проблемот со капаците „Порталб.мк“ информираше дека контејнерите не се чистат и одржуваат навремено, а отпадоците што се фрлаат таму не се селектираат.

Секој граѓанин кој има поплаки во врска со нечистотијата во Тетово, може да се јави на фиксниот телефонски број 044 331 167.

Исто така, дека согласно Законот за јавна чистота, секое физичко лице доколку се фати да фрла  крпа, догорче од цигара или слично ќе се казни со глоба од 50 евра, додека ако се фати да фрла градежен материјал, се предвидува парична глоба од 150 до 200 евра.


СДСМ: Градоначалникот на Гази Баба излажа и за пречистителна станица во Јурумлери


Скопје, 9 септември, 2017 - 13:38 (META) 

„Во Јурумлери требаше да има пречистителна станица за фекална канализација која актуелниот градоначалник на Гази Баба од ВМРО-ДПМНЕ, Тони Трајковски, со години ја ветува на граѓаните. Но, овде нема ниту пречистителна станица, ниту метар изградено фекална канализација. Продолжената рака на Никола Груевски, Тони Трајковски, ги излажа граѓаните“, обвини денеска Борче Георгиевски, претседател на општинската организација на СДСМ од Гази Баба.

– Недозволиво е во 21 век жителите на Јурумлери и на околните села да немаат елементарни услови за живот и да живеаат со септички јами кои ја загрозуваат природата, но и здравјето на граѓаните. Покрај ветената пречистителна станица и фекална канализација, нерелизирано е и ветувањето за изградба на клучката на регионалниот пат од Јурумлери кон Илинден. На жителите од Јурумлери лажно од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Трајковски им беше ветувано чистење и одржување на каналите, но ништо од тоа, после секој пороен дожд овие наши сограѓани се со поплавени подруми и домови – рече Георгиевски, порачувајќи дека за решавање на проблемите во Гази Баба потребни се промени на локалната власт, односно дека СДСМ како нова локална власт ќе работи во интерес на граѓаните.


Вработените во „Колска“ блокираа возови во Велес


Велес, 5 јули, 2017 - 11:59 (META) 

Вработените во фабриката за шински возила „Колска“ во Велес изутринава го блокираа железничкиот сообраќај. На железничката станица во Велес, утрово штрајкувачите блокираа четири патнички возови, три домашни и еден меѓународен, кои од 7 до 9 часот стоеја на станицата во Велес.

Вработените тврдат дека блокадата на сообраќајот е единствениот начин да извршат притисок врз „МЖ – Транспорт“ и врз Министерството за транспорт и врски за исплата на заостанатите плати.

– Остваривме средба со премиерот Зоран Заев, добивме ветување дека ќе ни се исплатат заостанатите плати, се сретнавме и со министерот Сугаревски и со директорот на „МЖ – Транспорт“, но решение нема. Денеска е десетти ден, пари нема, тоа ни го кажа и директорот на „МЖ – Транспорт“. Ние си ги бараме парите што ни се одработени, 6,5 милиони денари имаме одработено, тоа е доволно за една и пол плата – вели синдикалецот Слободан Димитриев.

Од синдикатот велат дека доколку во текот на денешниот ден не им бидат исплатени бараните плати, блокадата на железничкиот сообраќај ке продолжи и утре, но тогаш ќе трае 60 минути подолго, односно од 7 до 10 часот.


ВМРО-ДПМНЕ Тетово: Заев ги заборави жителите на Порој


Тетово, 4 јули, 2017 - 15:05 (META) 

„Со секој поминат ден, граѓаните сè повеќе се уверуваат во несериозниот однос на Зоран Заев и на СДС. Еве, денеска се наоѓаме во селото Порој, каде што и по еден месец од поплавите што го погодија ова населено место, сè уште состојбата на патиштата и на мостовите не е нормализирана. И покрај ветувањата дека за една недела овие работи ќе се решат, чистењето е целосно запрено, а механизацијата е целосно повлечена“, обвини Александар Велјаноски од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Тетово.

Тој посочи и на проблемот со главниот мост на патот Тетово – Јажинце, за кој, како што рече, има потврда и од Дирекцијата за заштита и спасување дека е премногу оштетен и опасен за сообраќај.

– Ветувањата што ги даваше Заев и за санација на овој мост и за изградба на неколку други, како и сите други ветувања од страна на СДС, засега се само мртва буква на хартија. Ги повикуваме Зоран Заев и СДС наместо да продаваат демагодија и лажни ветувања, веднаш да се фатат за работа и да почнат да ги реализираат ветувањата што ги дадоа пред граѓаните – рече Велјаноски во Порој денеска.


Минимална плата од 12.000 денари и мерки против отпуштање вработени, ветува СДСМ


Скопје, 11 септември, 2016 - 14:39 (META) 

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска најави дека доколку победи на изборите на 11 декември, ќе ја зголеми минималната плата на 12.000 денари до април 2017 година, а до 2020 година таа да изнесува 16.000 денари.

Оваа минимална плата, како што рече денеска на прес-конференција претседателот на комисијата за економија и член на извршниот одбор на СДСМ, Драган Тевдовски, ќе важи и за вработените во индустријата за текстил, облека и за кожа, кои со години се законски обесправени и земаат пониска минимална плата од другите сектори.

„Минималната нето-плата изнесува 10.080 денари. Работниците во индустријата за текстил, облека и за кожа земаат дури помалку. А, ова се работниците со најниски плати во Македонија и на нив најмногу им треба минималната плата. Со зголемувањето и со порамнувањето што ќе ги направиме, на 12.000 денари, ќе ја исправиме оваа социјалната неправда! За да нема отуштања на вработени, фирмите ќе бидат поддржани од државата. Во првата година, државата на работодавците ќе им надомести по 1.900 денари за исплатена минимална бруто-плата во индустријата за текстил, облека и за кожа“, рече Тевдовски.

Тој додаде дека власта на ВМРО-ДПМНЕ ги понижила работниците, „фалејќи се низ светот со евтина работна сила, додека тие се борат за опстанок со мизерните плати“.

„Нема да дозволиме повеќе такво газење врз работничкото достоинство. Ќе се избориме за стабилни работни места, пристојни плати и за еднакви шанси за сите граѓани на Македонија“, рече Тевдовски.


СДСМ вети нов студентски дом во Штип до крајот на 2017 година


Штип, 10 септември, 2016 - 16:11 (META) 

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) најави дека доколку победи на изборите на 11 декември, владата предводена од оваа партија ќе изгради модерен студентски дом во Штип до крајот на 2017 година.

„Новата влада на СДСМ ќе ги има студентите на врвот на листата на приоритети. Додека Спиро Ристовски и Никола Груевски сè уште размислуваат за потребата од студентски дом, ние гарантираме дека по промената на власта во декември, новата влада ќе изгради нов модерен студентски дом во Штип со капацитет од 300 легла, до крајот на 2017 година“, изјави денеска во Штип претседателот на комисијата за образование на СДСМ, Петар Атанасов.

Тој нагласи дека и по девет години од формирањето на Универзитетот „Гоце Делчев“, власта нема решение за сместувањето на студентите.

„Секојдневието на повеќе од 200 студенти и средношколци од регионот кои живеат во државниот студентски дом „Браќа Миладиновци“ се мувлосани ѕидови, стар и искршен инвентар, санитарни јазли под секој стандард, студ и еднолична храна. Ве уверуваме, по 11 декември, промените ќе се случат. Студентите од штипскиот универзитет ќе добијат нов студентски дом“, рече Атанасов.


ГДОМ во Битола: ВМРО-ДПМНЕ да си остане на кажаното и да излезе на избори на 5 јуни


Битола, 16 мај, 2016 - 19:51 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ да опстои на намерата да излезе на избори на 5 јуни, порачаа вечерва во Битола присутните на протестот организиран од Граѓанското движење за одбрана на Македонија (ГДОМ).

Од ГДОM сметаат дека по одложувањето на изборите на 24 април, беспредмертно е да се одложат и изборите на 5 јуни.

На забелешката на новинарите дека веќе е одлучено само ВМРО-ДПМНЕ да излезе на избори, Сашко Савески од ГДОМ порача дека партијата мора да си остане на кажаното и да излезе на избори.

Според демонстрантите, никој не ги спречил другите партии да излезат на избори и затоа рекоа дека секоја вечер ќе бидат на битолски Широк сокак за да ги потстетат политичарите дека само на избори можат да ја добијат довербата на граѓаните.

 


Ципрас ветува промена во договорот со кредиторите


Атина, 7 септември, 2015 - 11:53 (META) 

Грчкиот премиер во заминување, Алексис Ципрас, изјави дека тој е во најдобра позиција да ги подобри условите од последниот пакет мерки што ги договори со кредиторите, пренесуваат светските агенции.

Ципрас ги повика граѓаните на претстојните избори, повторно да му дадат доверба ако не сакаат да се врати мрачниот период на корупција која преовладувала во Грција во изминатите години.

Лидерот на СИРИЗЗА рекол дека не постои можност да се направи коалиција на национално единство со Нова Демократија затоа што разликата во политичките програми била многу голема.

Ципрас рекол дека има околу 15 до 20 отсто неопределени гласачи во моментов и, според него, партијата која ќе биде прва ќе биде многу блиску до тоа да формира влада.