!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Синдикатот на „Југохром“ бара нова средба со Заев


Тетово, 17 јули, 2017 - 13:23 (META) 

Синдикатот на компанијата „Југохром“ бара нова средба со премиерот Зоран Заев, бидејќи, како што велат оттаму, сè уште ништо не е реализирано од претходниот состанок помеѓу нивните претставници и Владата, што се одржа на 18 јуни оваа година.

Од синдикатот велат дека сакаат да бидат информирани од премиерот за „моменталната состојба и за неговото видување на статусот на комапнијата“, бидејќи, како што се додава во соопштението, синдикатот бил под притисок од вработените во „Југохром“, кои бараат организирање протести.

„На одржаната средба со Вас и со Кочо Анѓушев беше договорено дека Вие ќе преземете активности за одржување средба со сопственикот на компанијата и со невладините организации, за повторно да се разгледаат и да се најдат начини за фабирката да почне со работа. Бидејќи помина подолго време, а сме под силен притисок од вработените во „Југохром“ за организирање протести, бараме да одржиме средба на која би нè информирале за моменталната состојба и за вашето мислење за статусот на компанијата. Ве молиме бараната средба да биде одржана во најкраток можен рок, односно уште во текот на оваа недела“, стои во соопштението од синдикатот на „Југохром“.

Комбинатот престана со работа на 31 октомври минатата година, откако Инспекторатот за животна средина донесе одлука да се запре производствениот процес на фабриката, поради непочитувањето на рокот за изградба на филтер-станицата. Од раководството на „Југохром“ велат дека не успеале навреме да ја изградат станицата поради одолжување на постапката за добивање градежна дозвола.


ВМРО-ДПМНЕ: Единствено што умеат СДС и Заев е евтин политички популизам


Скопје, 9 јули, 2017 - 11:43 (META) 

Владата на СДС си поигрува и ги потценува граѓаните наместо да работи на исполнување на ветувањата, велат од ВМРО-ДПМНЕ во соопштение до јавноста.

„СДС ветуваше пораст на економијата од 5 до 7 отсто на годишно ниво, но владата на Зоран Заев сега смета дека може да оствари пораст од само 2,2 отсто или 0,8 процентни поени помалку од порастот што го проектираше ВМРО-ДПМНЕ. СДС најавуваше зголемување на капиталните инвестиции, а сега владата на Зоран Заев со предложениот ребаланс истите ги скрати за 3 милијарди денари. Тоа се цели 50 милиони евра помалку за капитални инвестиции од проекциите кои ги имаше владата на ВМРО-ДПМНЕ. Со ова се потврдува дека владата на СДС не е реформска, туку антиреформска“, се вели во партиското соопштение.

Според ВМРО-ДПМНЕ, СДС и Заев единствено што знаат и умеат е деструкција, криза и, како што велат, евтин политички популизам од кој немаат полза ниту државата, ниту граѓаните.


Делев: ВМРО-ДПМНЕ ја воведе минималната плата, СДСМ да продолжи со мерките


Скопје, 13 јуни, 2017 - 16:02 (META) 

„Минималната плата е воведена и утврдена од владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, во директен дијалог со работодавците и со синдикатите“, изјави денеска на прес-конференција Христијан Делев од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој потсети дека Законот за минимална плата пред донесувањето беше огромен хендикеп за огромен број работници.

„Со утврдувањето на минималната плата, повеќе до 65.000 работници си го решија долгогодишниот проблем, бидејќи им се исплатуваше плата пониска од предложениот износ. Очекувањата на граѓаните се да продолжи и понатаму трендот на воведување мерки и реализирањето проекти за зголемување на минималната плата, подобрување на квалитетот на животот, како и на нивниот животен стандард“, изјави Делев.

Тој додаде дека граѓаните очекуваат СДСМ да ги исполни ветувањата и да овозможи нови 64.000 работни места и просечна плата од 30.000 денари, како и минимална плата од 16.000 денари во првата година од мандатот.


Мицкоски: Ветувањата кои ги даде новата влада мора да се реализираат со рокови


Скопје, 10 јуни, 2017 - 15:26 (META) 

„Невработеноста падна на рекордно најниско ниво и сега изнесува 22,9 проценти. Тоа е разликата помеѓу напорното работење на ВМРО-ДПМНЕ и деструктивните политики на СДС“, изјави членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на прес-конференција.

Според него, „ваквите резултати не се постигнуваат со манипулации и со креирање лажни вести, туку со посветеност, знаење и со работа“.

– Напорната работа, активните мерки за вработување, ниските даноци, политиката на странски инвестиции, поволната бизнис-клима, оперативните планови на Владата за вработување кои беа спроведувани изминативе години, придонесоа невработеноста да се намали на историски најниски 22,9 проценти – изјави Мицкоски.

Тој додаде дека ветувања кои се дадени од страна на новата влада предводена од СДСМ, мора да се реализираат со роковите што ги задале како ветувања, а не да се релативизираат.


ВМРО-ДПМНЕ: Дебати и празни флоскули нема да го подобрат стандардот на граѓаните


Скопје, 9 јуни, 2017 - 9:30 (META) 

„Изговори, најави за дебати и празни флоскули од типот на „цели кон кои се стремиме“ нема да го подобрат стандардот на граѓаните“, велат од ВМРО-ДПМНЕ во редовното утринско соопштение.

Од партијата порачуваат дека СДСМ треба да ја надмине опсесијата со антиреформи и да почне да работи на реализација на ветувањата кои ги даде на граѓаните.

„Тоа што Заев ќе ја урива оградата од владата или ќе ја укине програмата Кембриџ нема да помогне на економски план каде вети 16.000 денари минимална и 30.000 денари просечна плата. Тоа што Заев сака да се спаси од одговорност за криминалот со покренување на постапка за смена на Јавниот обвинител нема да им помогне на докторите да добијат плата од 100.000 денари како што им беше ветено. Со испорачувањето закани за реизбор на судиите, Заев можеби ќе се одмазди за сите пресуди против министрите-криминалци во неговата влада, но тоа нема да им помогне на граѓаните кои бараа продолжување на породилното отсуство од 9 на 18 месеци“, стои во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека добро е што СДСМ се обидува да продолжи дел од нивните проекти бидејќи, како што велат, парите останати во буџетот се токму за исплата на субвеници, покачени пензии и стипендии.

Повторувањето на грчките црвени линии, додаваат од партијата, не им значи ништо на граѓаните кои очекуваат СДСМ да обезбеди брз влез во Европската Унија и во НАТО, како што тоа ветија, без притоа да се задира во идентитетски прашања или да се прават договори на штета на македонскиот народ.


Граѓаните знаат што направи ВМРО-ДПМНЕ додека ја водеше владата, велат од партијата


Скопје, 4 јуни, 2017 - 17:55 (META) 

Креирањето хајки, измислувањето афери и манипулациите се силна страна на СДСМ, но тоа нема да им донесе придобивки на граѓаните ниту на краток, ниту на среден, ниту на долг рок, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на СДСМ.

„Антиреформската влада на СДС нема да може бесконечно да користи кредити употребувајќи го зборот „ќе“. Граѓаните очекуваат минимална плата од 16.000 денари, а просечна од 30.000 денари. Граѓаните очекуваат и зголемени пензии, а специјалистите плата од 100.000 денари. Граѓаните очекуваат нови 500 километри автопат“, стои во соопштението на опозициската партија.

Оттаму велат дека граѓаните знаат што направила ВМРО-ДПМНЕ додека ја водеше владата и затоа партијата победила на десетте последни изборни циклуси.

„ВМРО-ДПМНЕ успеа да отвори повеќе од 160.000 нови работни места и да ја намали невработеноста на 23 отсто. Факт е дека владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ на земјоделците им додели повеќе од 1 милијарда евра во субвенции, на пензионерите им ги зголеми пензиите, воведе минимална плата со прогресивен проектиран пораст. СДС ќе треба да одбере дали има капацитет и ќе се обиди да се приближи на овие достигнувања или ќе се занимава само со ВМРО-ДПМНЕ, оставајќи им ги на граѓаните само ветувањата“, велат од партијата.


ВМРО-ДПМНЕ: Владата на СДСМ ќе биде со краток рок бидејќи е антиреформска


Скопје, 4 јуни, 2017 - 10:54 (META) 

Атентатот што се случи врз Никола Тодоров е директна последица на хистеричната и неаргументирана хајка што СДСМ и невладините организации финансирани од Сорос ја реализираат неколку години, се вели во редовното утринско соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозициската партија порачуваат дека СДСМ има одговорност и дека „тоа не може да го скрие преку лажни реакции и изјави“.

„Владата на СДС и аболираниот криминалец Зоран Заев ветуваа дека ќе ги вратат младите во Македонија и дека ќе тече мед и млеко. Во текот на кампањата им ветуваа на лекарите дека ќе земаат 100.000 денари, а сега велат дека тоа им е цел која би се остварила до крајот на мандатот. Додека народот ги очекува ветуваните поголеми плати, пензии, просечната плата од 30.000 денари, СДС се обидува да дефокусира со скапо платена, деструктивна и лажна црна пропаганда против ВМРО-ДПМНЕ. Антиреформската влада на СДС наместо да се насочи кон зголемување на платите, пензиите и порастот на економијата, мандатот го почна со укинување проекти и со најава за блокирање на сè што е во тек“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму нагласуваат дека мерките на СДСМ не водат кон подобар живот бидејќи се популистички, а не проекти кои даваат резултати на долг рок.

„Поради тоа рокот на оваа влада нема да е долг. Оваа влада не е реформска туку антиреформска“, заклучуваат од ВМРО-ДПМНЕ.


Груевски: Ги исполнуваме ветувањата кон граѓаните од поплавените подрачја


Скопје, 18 септември, 2016 - 0:42 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ е водечка и најодговорна партија во Македонија и како таква, ние, кога се случија поплавите, дадовме цврсти ветувања дека работите ќе се вратат во нормала, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, при денешната посета во Стајковци.

Тој рече и дека ветувањето веќе почнало да се реализира и дека е почнато со асфалтирање на улиците.

Тој истакна дека вкупно ќе се асфалтираат 56 улици од кои три се веќе асфалтирани, а на 11 се врши подготовка и со работа ќе се почне во наредните денови.

– Ќе се работи во целиот регион што беше погоден и каде што беше оштетена инфраструктурата. Овие денови се почнува со крупна реконструкција и со обнова. Околу шест милиони евра ќе се инвестираат и во обнова на обиколницата околу Скопје во делот каде што беше оштетена. На обнова на обиколницата, треба да се почне со работа за еден-два месеца – рече Груевски.

Тој додаде дека од поплавените подрачја, досега авансот од 500 евра го имаат добиено 3.003 домаќинства, а другите не се исплатени бидејќи има проблем со документација, кој ќе се решава со изјава на нотар за да може во наредните пет дена да бидат исплатени.

Груевски во посетата беше придружуван од министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски, министерот за здравство, Никола Тодоров, и од градоначалниците на Град Скопје, Коце Трајановски, и на општина Гази Баба, Тони Трајковски.


Големи зборови и нула реализација се симбол на СДСМ, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 3 септември, 2016 - 16:33 (META) 

Бетонските столбови од пругата кон Бугарија се сиот спомен на владеењето на СДСМ во Македонија, реагираа од владејачката ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на Благој Бочварски од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека големите зборови и нула реализација се вистинскиот симбол на сè што СДСМ правел во државата – ветувал и ги лажел граѓаните.

„Затоа СДСМ е непријатно изненаден кога се соочува со конкретни проекти и ветувања кои се реализираат. Во очајнички обид да ги манипулира граѓаните сега, кога и во СДСМ знаат дека бегање од избори и сигурен пораз нема, фабриката за афери се служи и со небулозни тези во кои ВМРО-ДПМНЕ е виновна за реконструкцијата на пругата Ниш – Прешево. Надвор од умот. Од друга страна, за разлика од СДСМ кој една шајка не закова во железницата, ВМРО-ДПМНЕ навистина е „виновна“ за ремонтот на железничката делница Табановце – Куманово (12 км) и Миравци – Смоквица (12 км), инвестиција од 7 милиони евра – пишува во реакцијата на владејачката партија.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат и дека СДСМ е партијата која за железницата не мрднала со прст, освен кога требало да се украдат парите за пругата кон Бугарија.


ВМРО-ДПМНЕ Тетово: Уште едно неисполнето ветување на градоначалничката Арифи


Тетово, 13 јули, 2016 - 14:38 (META) 

Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Тетово на прес-конференција реагираше на лошата состојба на улицата Гоце Делчев во Тетово, која поминува низ стариот дел на градот. Според нив, санацијата на улицата е едно од неисполнетите предизборни ветувања на градоначалничката на Тетово, Теута Арифи.

– Жителите на оваа улица сè уште чекаат санација на улицата која е оштетена и полна со дупки. Треба да сте велемајстор во слалом за да поминете, а да не го оштетите возилото – изјави Горан Јовановски од општинскиот комитет на ВМРО-ДМПНЕ од Тетово.

ВМРО-ДПМНЕ Тетово и на локално ниво е во коалиција со ДУИ, од каде доаѓа градоначалничката Теута Арифи. Но, критиките на тетовскиот разгранок на ВМРО-ДПМНЕ кон Арифи последниве неколку недели се сè почести, поради нејзините предизборни неисполнетите ветувања од областа на комуналиите, инфраструктурата, во места каде претежно живее македонско население.

Поради ваквите нереализирани активности, советничката група на ВМРО-ДПМНЕ Тетово го напушти последните неколку седници на Советот на Општина Тетово.