Навремената лекарска помош го спасила Села од смрт, судењето продолжува на 19 март


Скопје, 20 февруари, 2018 - 15:39 (META) 

Навремената медицинска помош го спасила лидерот на Алијанса за Албанците и пратеник, Зијадин Села од смрт на 27 април, минатата година кога беше нападнат во Собранието, рече доктор Здравко Чакар, кој заедно со уште двајца колеги од Институтот за судска медицина сведочеше на денешното рочиште од судскиот процес против десетмината обвинети за обид за убиство на Села.

Покрај нагмечување на мозокот, пратеникот Зијадин Села на 27 април добил уште неколку тешки повреди во пределот на главата, односно крвен подлив на очите, скршеница на носот и повреди на левата страна на главата.

Докторката Верица Поповска појасни дека најтешката повреда, подлив на мозокот, Села ја добил од десната страна на главата и тоа додека лежел или пак можеби додека стоел со главата потпрена на ѕид.

Од повредите на Села во мозокот влегол воздух поради што како што рече докторката ова можело да предизвика воспаление на мозокот.

На прашање на обвинителот, дали повредите можат да предизвикуваат трајни последици, вештакот рече дека и по неколку години од нападот може да се појави неврлошки испади.

– Затоа оштетениот и денеска прима терапија која го штити мозокот од епилептични напади – рече докторката.

Адвокатите на обвинетите приговараа дека вештаците во периодот кога го правеле вештачењето минатата година биле со истечени лиценци кои се продолжени во 2018 и најавија дека за три дена до судот ќе достават документи од Министерството за правда и од Централниот регистар што ќе го потврдат тоа.

Обвинителот, пак рече дека нема потреба од тоа бидејќи вештачењето е направено од Институтот за судска медицина, кој е највисока институција во државата за ваква проблематика.

Судењето за нападот врз Села ќе продолжи на 19 март, кога треба да бидат сослушани тројца сведоци меѓу кои и новинари.


Продолжуваат судењата за нападот врз Села на 27 април и на Кочан за „Труст“ на СЈО


Скопје, 20 февруари, 2018 - 10:26 (META) 

Во Кривичниот суд во Скопје денеска треба да продолжи судењето на десетмината обвинети за обид за убиство на лидерот на Алијанса за Албанците и пратеник Зијадин Села за време на насилствата во Собранието од 27 април, минатата година.

На денешното рочиште треба да бидат сослушани тројца вештаци. Инаку, вчера пред судот сведочеше Села, кој разкажа за нападот и дека од Собранието бил изнесен маскиран како полицаец.

Во овој случај обвинети се Кире и Цејо Ѓорѓиевски, Оливер Ошавковски, Саша Ценков, Николче Димитриевски, Александар Јаневски – Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски, Коста Делов и Стојан Павловски – Кобра.

Во Кривичниот суд треба да се одржи и ново рочиште за предметот на СЈО „Труст“, во кој првообвинет е бизнисменот Сеад Кочан и уште две физички и три правни лица, меѓу кои и управителите на фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „Вато“ ДООЕЛ. Тие се товарат дека со лажна документација добиле тендер на „Електрани на Македонија“, вреден 17 милиони евра.


Стечаен управник, вештаци, сметководители… осомничени за злоупотреби во девет фирми


Штип, 23 јуни, 2015 - 14:11 (META) 

Стечаен управник, управители на фирми, вештаци и сметководители се осомничени дека со незаконски дејства и со фалсификување документи на девет фирми од Источна Македонија, го оштетиле буџетот на државата за сума од околу 12,8 милиони денари или околу 208.000 евра, соопшти МВР.

Како што информираат оттаму, пријави се поднесени против вкупно 18 лица, од повеќе градови во источниот дел на државата, кои Секторот за внатрешни работи Штип ги товари за злоупотреба на службената положба и овластување и за фалсификување исправа.

Според МВР, првоосомничен во случајот е 65-годишниот кочанец Б.М., стечаен управник во фирмите, кој „искористувајки ја својата службена положба, спротивно на Законот за стечај, во периодот од јули 2013 година до септември 2014 година, им овозможил на фирмите за кои е отворена претходна постапка, да ги избегнат обврските кон државата и кон доверителите, односно да не се отвора и води стечајна постапка туку постапките да бидат завршени по принципот отвори – заклучи“.

Тој, според полицијата, од управителите и од сметководителите на фирмите побарал да подготват фалсификувани годишни сметки, во кои ќе се избришат ставките што прикажуваат имот на фирмата, односно им давал насоки како тоа да го направат за да може ефикасно и во нивна корист да се реализира постапката за ликвидација на правните субјекти.

„Притоа, со противзаконските дејства, пријавените, избегнувајќи го плаќањето на обврските спрема буџетот на Република Македонија, по различни основи, како и плаќањето спрема другите доверители во наведените девет правни субјекти, сокриле имот во вкупна вредност од 36.655.657 денари на кои не пресметале, не пријавиле и не платиле јавни давачки во вкупен износ од 8.720.654 денари. Со вака сокриениот имот, а врз основа на реализирани стечајни постапки и ликвидации на наведените правни субјекти, избегнато е плаќање на претходно утврдени обврски по разни основи (даноци, глоби, МПИН) спрема државата во износ од 4.083.626 денари или, севкупно, нанесена е штета на буџетот на РМ во вкупен износ од 12.804.280 денари“, стои во соопштението на МВР.

Вештите лица во случајот, пак, според полицијата, се осомничени дека наместо да ја утврдат вистинската состојба во фирмите, тие подготвиле вештачење „само врз основа на фалсификуваната книговодствена документација добиена од првопријавениот, во која констатирале дека друштвата немаат имот со кој би се покриле трошоците на постапката за стечај“.