!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Со нож нападнати двајца тетовци


Тетово, 20 март, 2017 - 12:39 (META) 

Двајца тетовци на возраст од 26 и од 30 години, ноќеска биле нападнати со нож, при што добиле повреди по вратот, грбот и на екстремитетите. Двајцата повредени, со возило на итна медицинска помош, биле пренесени во тетовската клиничка болница. Помладиот од нив, поради сериозноста на повредите, префрлен е во Клиничкиот центар во Скопје.

Осомничени за нападот се 34-годишен жител на Тетово и неговиот две години помлад брат. Двајцата се приведени и задржани во полициската станица во Тетово. Напаѓачите и повредените претходно физички се пресметале, а инцидентот се случил на улиците Браќа Миладинови и Благоја Тоска во Тетово.

Извршен е комплетен увид, пронајдени и подигнати се траги за вештачење, како и еден нож на расклопување.Се преземаат мерки и активности за целосно расчистување на случајот, по што ќе следува соодветен поднесок.


Шестмина осомничени од Прилеп, Битола и од Арачиново уапсени во акцијата на МВР


Скопје, 19 март, 2017 - 13:46 (META) 

Шестмина, од вкупно осум осомничени лица, биле уапсени во вчерашната акција на МВР против организирана криминална група која подолго време се занимавала со продажба на разни видови наркотици на територијата на целата држава, соопшти денеска Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

Во акцијата, која МВР ја спровело по насоки од обвинителството, осомничени се лица од Прилеп, Битола и од Арачиново. Двајца од осомничените, како што информираат од обвинителството, не се достапни за органите на прогонот.

На петмина од уапсените, на барање на обвинителството, судот им одредил мерка притвор, а на еден куќен притвор.

„Лицата се товарат дека сториле кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, од член 215, а на еден од осомничените му се става на товар и дека сторил кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 од Кривичниот законик“, стои во соопштението на Јавното обвинителство.

Надлежен јавен обвинител во меѓувреме издал наредби за вештачење на траги од дрога, вештачење на ДНК и на наркотични супстанци што биле најдени за време на полициската акција.

Како што соопштија од МВР, во текот на акцијата биле запленети околу 700 грама хероин, 250 грама кокаин, помеѓу 8 и 10 килограми марихуана и 570 таблети екстази.


Цимерот на бездомникот од Битола е осомничен за неговото убиство


Битола, 28 јануари, 2017 - 13:31 (META) 

СВР Битола поднесе кривична пријава против П.А. (53) од Битола, поради постоење основан сомнеж дека извршил убиство.

Настанот се случил во текот на ноќта помеѓу 24 и 25 јануари, во неутврдено време, при што пријавениот со употреба на физичка сила и тврди предмети, на свиреп и подмолен начин, му нанел повеќе повреди по целото тело и на тој начин го лишил од живот С.Д. (48) од Битола, со кого заедно живеел во иста куќа на улицата 4 Ноември во Битола.

Пријавениот, со намера да го прикрие ова свирепо убиство, во времето околу 5.50 часот на 25 јануари, се упатил во соседната куќа, барајќи помош, кажувајќи дека непознати лица ги нападнале додека спиеле, по што истиот е хоспитализиран во Клиничка болница во Битола, поради укажување медицинска помош, заради повредите за кои изјавил дека настанале при тој напад.

На местото на настанот увид извршил јавен обвинител од Битола, како и увидна екипа од СВР Битола. Од увидот, од извршените вештачења, како и од разговорите со повеќе лица, вклучително и со пријавениот, констатирано е основано сомневање дека П.А. е сторител на кривичното дело.


Возач загина во сообраќајна несреќа на патот Охрид – Струга


Охрид, 4 декември, 2016 - 14:02 (META) 

Едно лице го загуби животот во тешка сообраќајна незгода што синоќа околу 21.15 часот се случи на магистралниот пат Охрид – Струга, во близина на бензиската пумпа „Бесјани“.

Станува збор за Благоја Р. (37) од струшкото село Мороишта, кој веднаш по несреќата со возило на итна помош бил пренесен во Општата болница во Охрид, каде им подлегнал на повредите.

Сообраќајната незгода се случила кога Благоја Р., управувајќи автомобил марка „киа“ во правец од Струга кон Подмолје, изгубил контрола над возилото и со предниот дел удрил во метална канделабра и ограда со бетонски столбови. Од силината на ударот, возилото се превртело на покривот и излетало надвор од патот.

По наредба на јавен обвинител, на местото на несреќата, увид извршија полициски екипи од полициската станица за безбедност во патниот сообраќај во Охрид.

Според насоките на јавниот обвинител, врз телото на починатиот денеска ќе биде извршена обдукција, а дополнително ќе биде вештачен и автомобилот што го управувал.


40-годишен скопјанец загина во сообраќајка на патот Гостивар – Кичево


Кичево, 22 ноември, 2016 - 12:49 (META) 

Четириесетгодишен скопјанец го загубил животот во сообраќајна несреќа која синоќа се случила на магистралниот пат Гостивар – Кичево, кај селото Колари, соопшти денеска Јавното обвинителство.

Несреќата се случила кога во С.А. удрило комби со скопски регистарски таблички, што го управувал 52-годишен жител на Скопје.

„Според првичните сознанија, до несреќата дошло кога сега починатото лице излегло од автобус со кој патувало од Скопје за Охрид и ја преминало коловозната лента на необележано место при што било удрено од комбито“, велат од обвинителството,

Надлежен јавен обвинител од ОЈО Кичево, заедно со увидна екипа на МВР, извршил увид на местото на несреќата и издал наредби за вршење обдукција на телото на починатиот и за сообраќајно-техничко вештачење на возилото.

„Од првичните проверки, утврдено е дека возачот на комбито не бил под дејство на алкохол. Истрагата продолжува со преземање на потребните дејства во насока на расветлување на настанот“, додаваат од обвинителството.


Стефановиќ: ДНК-траги од најмалку три лица на оружјето најдено кај домот на Вучиќ


Белград, 31 октомври, 2016 - 13:39 (META) 

Со вештачење на оружјето и на муницијата пронајдени во близи на семејната куќа на српскиот премиер Александар Вучиќ, идентификувани биле парцијални траги од ДНК од најмалку три лица, соопшти денеска министерот на внатрешни работи на Србија, Небојша Стефановиќ.

Сепак, изјави Стефановиќ, дел од трагите биле едни преку други и тешко било да се изолира еден примерок на ДНК, кој би можел да се користи за споредување.

Во близина на семејната куќа на премиерот Александар Вучиќ во Јајинци, кај Белград во саботата беа откриени сандаци полни со оружје, односно ракетни фрлачи „зољи“, четири рачни бомби, 100 парчиња муниција со калибар 7,62 милиметри, 4-5 куршуми за автоматско оружје и 15 куршуми од непознат калибар.

Стефановиќ денеска изјави дека не може да зборува за истрагата, но дека е „малку веројатно дека некој го донел оружјето во шумата само за да го остави таму“.


Психијатриско лекување на осомничениот за убиството на полицаецот, побара ОЈО Куманово


Куманово, 13 септември, 2016 - 15:14 (META) 

Кумановското Основно јавно обвинителство побарало на осомничениот за убиството на полицаецот, кое се случи во јули оваа година, судот да му одреди задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа.

„Основното јавно обвинителство Куманово го доби вештачењето за состојбата во која се наоѓал и се наоѓа осомничениот за убиството на полицискиот службеник, што по наредба на надлежен јавен обвинител ги подготви Јавната здравствена установа „Психијатриска болница – Скопје“. Согледувајќи ги наодите и мислењето, кои укажуваат на непресметливост на лицето, јавниот обвинител до Основниот суд – Куманово достави предлог за определување задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа“, стои во соопштението од јавното обвинителство.

Осомничениот кумановец, во јули годинава, со нож нападна четворица полицијци кои дојдоа во неговиот дом да интервенираат по пријава за семејно насилство.

Едниот од полицајците беше тешко повреден и по кратко време почина, а напаѓачот, кој претходно неколкупати бил хоспитализиран за психијатриско лекување, беше притворен.

Од Обвинителството велат дека истрагата за случајот продолжува понатаму заради утврдување на евентуална одговорност на други лица.


Скопјанец фатен во Кичево со нелегална ловна пушка и со арсенал муниција


Кичево, 13 јули, 2016 - 10:53 (META) 

Скопјанецот А.Ј (23) е фатен на железничката станица во Кичево со нелегална ловна пушка и со арсенал муниција.

При извршен преглед, кај него се пронајдени и му се одземени едно огнено оружје – ловна пушка марка „ТОЗ БМ” со калибар 16 милиметри од руско производство, како и повеќе видови куршуми.

Поради постоење основан сомнеж за недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи, полициската станица од Кичево му поднесе кривична пријава, додека работите кои нелегално ги поседувал, му се одземени и се предадени на вештачење во Министерството за внатрешни работи во Скопје.


Обвинителство: Ќе се вештачи лифтот во кој загина шестгодишно момче во Куманово


Куманово, 27 јуни, 2016 - 11:00 (META) 

Основното јавно обвинителство Куманово почнало истрага која треба да ги утврди причините и околностите за смртта на шестгодишното момче што викендов загина во лифт во станбена зграда во Куманово.

Од Јавното обвинителство денеска соопштија дека е издадена наредба за вештачење на лифтот, кое ќе се врши на Машинскиот факултет во Скопје.

„По наредба на надлежен јавен обвинител, лифтот е целосно изолиран и обезбеден со полициско присуство. Во исто време, обвинителот издаде наредба за одземање на севкупната документација од фирмата задолжена за сервисирање на лифтот, како и за прибирање на друга неопходна документација потребна за расветлување на случајот. Дополнително, уште во текот на вчерашниот ден, издадена е наредба за обдукција на телото на починатото момче“, стои во соопштението од Јавното обвинителство.


Судот им го укина куќниот притвор на Савески и на Куновски


Скопје, 10 јуни, 2016 - 11:59 (META) 

Кривичниот суд им го укина куќниот притвор на членовите на Левица, Здравко Савески и Владимир Куновски, кои се обвинети дека учествувале во демолирањето на Народната канцеларија на претседателот Ѓорги Иванов на протестите против аболицијата од 13 април.

Куновски, кој од судот излезе видно возбуден, во име на Левица се заблагодари на, како што ја нарече, „партијата во стечај ВМРО-ДПМНЕ“, затоа што им направиле голем маркетинг. Тој му се „заблагодари“ и на Обвинителството затоа што дало „школски пример за двојни аршини“.

– Сакам да кажам дека е точно дека во Македонија има безбедносна криза, но само затоа што безбедносните служби се користат за лични цели. Во моето и во апсењето на Здравко Савески имаше 12 припадници на единицата „Алфа“ – рече Куновски.

Рочиштето за случајот против Савески и Куновски денеска беше по четврти пат одложено бидејќи адвокатите на одбраната имаа приговор на вештачењето, кое, според нив, не било подготвено во согласност со законската процедура.

– Не може државен правобранител да подготви вештачење без писмена наредба од јавен обвинител. Исто така, во согласност со имотните листови за народната канцеларија на претседателот Ѓорге Иванов, никаде не пишува дека сопстевник е Република Македонија, а во согласност со тоа, за дел од штетета нема право да бара надомест – рече Дуковски.

Тој додаде и дека судот постапил принципилено со тоа што ја укинал мерката куќен притвор.

Судијата кој го води предметот на денешното рочиште побара дополнително време за доставување докази и го задолжи јавниот обвинител да го достави договорот за закуп за Народната канцеларија на претседателот Иванов.

Јавниот обвинител побара освен законски предвидените мерки, на обвинетите делумно да им се ограничи движењето поради протестите кои сè уште се организираат.

Сепак, како дополнитени мерки на Савески и на Куновски, а наместо куќен притвор, судијата им одреди мерки за претпазливост, односно да им бидат одземени пасошите и редовно да се јавуваат пред надлежен орган, односно суд.

Десетици поддржувачи на „Шарената револуција“ денеска се собраа пред Основниот суд Скопје 1 за да им дадат поддршка на нивните „соборци“ од партијата Левица, кои 45 дена беа во домашен притвор.