Мицкоски му одговори на Мичел: Секогаш е најтемно пред зората, Договорот е неприфатлив


Скопје, 17 октомври, 2018 - 15:18 (META) 

„Овој Договор е штетен за интересите на мојата нација и татковина и како таков е НЕПРИФАТЛИВ (големите букви се на Мицкоски, н.з.) за ВМРО-ДПМНЕ и за огромното мнозинство на граѓани на Република Македонија, што впрочем и се покажа на последниот референдум, каде што и покрај бруталното и насилничко полнење на кутиите од страна на луѓе блиски до Владата, сепак на крај не успеаjа во намерата да обезбедат ни приближно услови за референдумот да биде прогласен за успешен“.

Со таква порака Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, одговори на вчерашното писмо на Вес Мичел, помошник државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања, во кое му беше побарано да се заложи и јавно и приватно да им се отвори простор на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени во Собранието да се изјаснуваат по своја волја.

Писмото Мицкоски го завршува со зборовите „секогаш е најтемно пред зората”.

Заблагодарувајќи му се на поддршката за евроатлантските интегративни напори на Македонија, Мицкоски вели дека процесот на преговори со Грција бил манипулативен и сокриен од јавноста, а манипулативно било и референдумското прашање.

– Продолжувам и навистина не можам да поверувам како ќе се придонесе за стабилноста, мирот и сигурноста доколку се прифати Договор кој убедливото мнозинство на граѓани го отфрли на референдумот;  со кој се менува Уставот со цел промена на Уставното име на државата; со кој се поништуваат сите стекнати права на Република Македонија како резолуцијата на ОН за прием на Република Македонија од 1993 година, Времената спогодба  со Грција од 1995 година и Хашката пресуда во полза на Македонија од 2011 година; со кој се предвидува формирање на Комисија помеѓу двете држави со задача за ревидирање на историјата, археологијата и образованието, трајно наштетувајќи на идентитетот на мојата земја;  со кој се откажува земјата од грижата за Македонските малцинства во други земји, но истовремено се откажува и од Македонците во дијаспората – порачува Мицкоски во писмото.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека како пријател на САД ја цени ангажираноста да се помогне во процесот и сака заеднички да се гради иднината на Македонија, но нагласува дека за него е важно самоопределувањето.

– Но, исто така сум човек кој силно верува во основните цивилизациски придобивки на самоопределување како Македонец и самоименување на мојата татковина Република Македонија – вели Мицкоски во одговорот до Мичел, кој го завршува со зборовите „секогаш е најтемно пред зората”.


Мичел до Мицкоски: Дајте им простор на пратениците да одлучат како ќе гласаат за уставните промени


Вашингтон, 16 октомври, 2018 - 17:45 (META) 

Помошник-државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Вес Мичел, во писмо испратено денеска до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, побара првиот човек на најголемата опозициска партија да се заложи и јавно и приватно да им се отвори простор на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени во Собранието да се изјаснуваат по своја волја.

Седницата за уставните измени почна вчера.

Во писмото што го објави амбасадата на САД во Скопје, Мичел, обраќајќи се на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ со „Драг Христијан“, го потсетува Мицкоски на кажаното во разговорите, односно дека САД цврсто веруваат дека Преспанскиот договор е историска шанса за Македонија за посветла иднина и придонес за регионалната безбедност, стабилност и просперитет.

„И покрај тврдењата дека  можел да се постигне некаков “подобар договор”, ние не веруваме дека тоа е можно.  Овој договор бараше компромис и од двете страни.  Тоа е прилика што веројатно нема да се повтори со години, ако не и со децении“, вели Мичел во писмото.

Понатаму се нагласува разочарувањето на американската страна од ставот на раководството на ВМРО-ДПМНЕ и во однос на референдумот и за процедурата во Собранието за уставните измени.

„Нема да Ве изненади што ние сме разочарани од позициите на челниците на ВМРО-ДПМНЕ како во однос на референдумот, така и во врска со чекорите во Собранието за промена на Уставот. Уште од осамостојувањето на Македонија, граѓаните од сите заедници и партии, вклучувајќи ја и Вашата, силно го поддржуваат пристапувањето на земјата кон НАТО и кон ЕУ. Сега Собранието е на ред да го преземе следниот, одлучувачки чекор“, пишува Мичел.

Тој бара од Мицкоски и личен ангажман за да им се овозможи на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат според својата совест.

„Ве поттикнуваме да создадете простор, во јавноста и приватно, за пратениците од вашата коалиција да одлучат како ќе гласаат за уставните промени, ослободени од закани од насилство, одмазда, или друг облик на принуда“, вели Мичел во писмото до Мицкоски.


Мичел на средбата со Димитров ја повторил поддршката од САД за членство во НАТО и ЕУ


Скопје, 13 септември, 2018 - 11:51 (META) 

Министерот за надворешни работи Никола Димитров, денеска имаше средба со помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Вес Мичел со кого разговарал за евроатлантските перспективи на Република Македонија, како и за актуелните политички состојби во земјата и во регионот, информираат од МНР.

Димитров ја потенцирал важноста од натамошна поддршка на САД во евроатлантските интеграции на Република Македонија и соработката заснована на стратешкото партнерство.

-Нашето заслужено членство во Алијансата, значително ќе придонесе кон градење на просперитетна и побезбедна Република Македонија, што ќе биде од значење и за целиот регион – му рекол Димитров на Мичел.

Помошник државниот секретар Мичел, повторно ја реафирмирал силната поддршка на САД за полноправно членство на Република Македонија во НАТО и ЕУ.

„Тој ги поздрави напорите на Република Македонија на тој пат, особено со конструктивната политика со соседите, како и постигнувањето на решение за спорот околу името со Грција. Во тој контекст, тој ги повтори очекувањата за успешен референдум и имплементација на Договорот со Грција, со цел заокружување на процесот на зачленување во НАТО и Европската Унија“, стои во соопштението од кабинетот на Димитров.


Покрај Мичел, неделава доаѓа и американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис


Скопје, 12 септември, 2018 - 10:16 (META) 

Американскиот секретар за одбрана, Џејмс Матис викендов ќе ја посети Македонија за да изрази јасна поддршка за претстојниот референдум за прашањето за името, но и загриженост поради можното мешање на Москва во процесот.

– Ќе одам да ги посетам нашите македонски пријатели и јасно ќе ставам до знаење дека САД го поддржуваат македонскиот народ – рече Матис во изјава за новинарите во Пентагон.

Матис истакна дека е загрижен дека Русија би можела да се обиде да се вмеша во референдумскиот порцес во Македонија.

– Ако имате гласање, Москва ќе се меша. Јас сум загрижен за тоа. Такво мешање Русија практикуваше од Естонија до Соединетите Американски Држави, од Украина и сега до Македонија, секогаш се прилагодува на конкретната ситуација – рече американскиот секретар за одбрана.

Утре, ќе допатува и помошникот американски државен секретар за Европа и Евроазија, Вес Мичел, кој ќе оствари средби со премиер Зоран Заев и со други државни и партиски функционери.


В четврток во Скопје доаѓа Вес Мичел


Вашингтон, 11 септември, 2018 - 10:39 (META) 

Помошникот американски државен секретар за Европа и Евроазија, Вес Мичел, в четврток ќе допатува во Македонија за средби со премиер Зоран Заев и со други државни и партиски функционери.

Мичел во Скопје ќе има средби со претставници на парламентарните партии и со бизнисмени, при што ќе ја нагласи американската поддршка за приклучувањето на Македонија во „западното семејство“, се наведува во соопштението на Стеср департментот.


Мичел: САД води тивка дипломатија за спорот за името


Вашингтон, 7 јуни, 2018 - 9:32 (META) 

Помошникот државен секретар за Европа и Евроазија, Вес Мичел, изјави дека САД продолжуваат да играат тивка улога во процесот на решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција.

– Неодамна зазедовме заеднички став не само за Србија и Косово, туку работиме и на БиХ, на прашањето за името помеѓу Македонија и Грција. Како што напоменав, дел од нашиот тим во моментов работи на ова прашање, а САД продолжуваат да играат тивка улога заедно со ЕУ, Германија, Франција, Италија и Велика Британија охрабрувајќи да се најде решение за името, за да ја видиме Македонија како членка на НАТО – рече Мичел во обраќањето на Херитиџ фондацијата, каде ја промовираше стратегијата на претседателот Доналд Трамп за Европа.

Тој истакна дека САД на овие области на дневна основа трошат време и енергија, како и ресурси за проблемите на Западниот Балкан.

– Мислам дека за некои од овие проблеми, што се влечат многу одамна, не очекувам да видам целосно решени во скорешно време, но мислам дека правиме добар напредок – оцени помошникот државен секретар за Европа и Евроазија.

Тој исто така кажа дека САД работат активно на запирање на руската кампања на дезинформации во регионот, почнувајќи од балтичкиот регион, источна Европа па се до Балканот и Кипар.

– Постои голем предизвик со руските вложувања во Кипар и затоа работиме на тоа да го запреме руското влијание таму и во југоисточна Европа, со поцврста воена соработка со такви сојузници како Грција – рече Мичел.


Коѕиас: Да прифатиме еден од предлозите на Нимиц


Вашингтон, 22 мај, 2018 - 9:37 (META) 

Грција ја поддржува потребата да се прифати име од предлозите на Нимиц, вели шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас во изјава за грчките дописници од САД, по средбата со американскиот државен секретар Мајк Помпео, пренесува МИА.

Со оваа изјава и Коѕиас индиректно го отфрли името „Република Илинденска Македонија“, исто како што Грција отфрли и еден од петте предлози на медијаторот Метју Нимиц за името „Република Македонија (Скопје).

– Не се согласуваме, како што знаете, со петтото име од неговите предлози, и да одиме напред кон усвојување на еден стратешки план за пријателска соработка со оваа земја во иднина, со нејзиното ново име, рече Коѕиас.

Шефот на грчката дипломатија објасни дека за прашањето со името не разговарал со американскиот државен секретар Помпео, туку тоа било тема на средбите, вчера и завчера, со помошникот државен секретар на САД, Вес Мичел.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, Никос Коѕиас не открива што точно разговарале со Мичел, но вели дека „никој не ја тера Грција на ништо“ во однос на затворањето на прашањето, бидејќи ја има иницијативата за постапките и сите на позитивен начин следат како една земја со активна надворешна политика промовира решенија“.


Мичел: Учествуваме во процесот за името, но САД не можат да донесат одлука место вас


Скопје, 13 март, 2018 - 15:15 (META) 

Моменталните услови за решавање на спорот за името се подобри од било кога, но САД нема да го решат проблемот место вас, истакна помошникот државен секретар за европски прашања на американскиот Стејт Департмент, Вес Мичел, на прес-конфренција по заедничката средба со премиерот Зоран Заев.

– САД го поддржуваат патот на Македонија во реформите. За спорот со името сакам да кажам дека САД ги поддржува двете земји за изнаоѓање заеднички прифатливо решение. Моменталните услови се подобри од било кога. Мислам дека Македонија направи значителни чекори во таа насока и среќни сме дека е постигнат напредок – рече Мичел.

Премиерот Заев истакна дека го информирал Мичел за најновите моменти од разговороите за спорот за името дека и дека е важно и понатаму да се гради довербата помеѓу двете држави.

– Очекуваме во април Европската комисија да даде чиста препорака за почеток на преговори, а Советот на ЕУ во јуни да донесе одлука за отпочнување на преговорите. Друга наша цел е Македонија да стане 30 членка на НАТО – рече Заев.

Прашан како ќе влијае спогодбата која што шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас ја подготвува, Заев потенцираше дека процесот е под раководство на ОН и Метју Нимиц.

– Секој документ кој што ќе дојде од било која страна и би бил од помош за конечно решавање е вреден за разгледување е добредојден. Ако не е од помош, тогаш е важно само она што доаѓа од медијаторот Нимиц – додаде Заев.

На прашањето дали доколку е потребно американската дипломатија ќе се вклучи во процесот на решавање на спорот, Заев рече дека очекува помош од стратешките пријатели на Македонија, но на принципиелен начин.

Мичел истакна дека САД се вклучени во процесот, но дека единственото трајно решение е она кое ќе го постигнат двете страни.

– САД се вклучени веќе некое време и ќе бидеме вклучени. Ќе нè видите посветени на процесот, но единственото прифатливо решение е она кое ќе го постигнат двете страни. Ова не е одлука која ние може да ја донесеме место вас – рече Мичел.


Помошникот државен секретар на САД, Вес Мичел, денеска во Скопје


Скопје, 13 март, 2018 - 9:57 (META) 

Помошникот државен секретар за европски прашања на Стејт Департментот на САД, Вес Мичел денеска престојува во официјална посета на Скопје.

Мичел ќе се сретне со премиерот Зоран Заев во Клубот на пратеници по што ќе дадат заедничка изјава за медиумите.

– Посетата на високиот претставник на Стејт департментот е потврда на пријателството, но и поддршка за евроатланските интегративни процеси на Македонија – изјави вчера премиерот Заев.

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров вчера најави дека прашањето за името ќе биде една од главните теми на средбата со Мичел.

– Мислам дека состанокот ќе тргне со тоа прашање. Тоа ќе биде прилика да го запознаеме со динамиката во процесот за надминување на разликата околу името, рече Димитров и додаде дека од македонска страна ќе биде поставено и прашањето за шансите Македонија годинава да стане дел од НАТО, за динамиката на одлуките на Самитот на Алијансата во јули оваа година, како и некои други прашања во контекст на перспективите на регионот – рече Димитров.

Посетата на Мичел е дел од неговата балканска турнеја. Тој вчера престојуваше на Косово, а до 17 март тој ќе ги посети и Белград, Атина и Никозија.