!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Изградбата на џамијата на Попова Шапка продолжува, иако нема дозвола за градба


Тетово, 14 јуни, 2017 - 16:33 (META) 

На Попова Шапка деновиве повторно продолжија градежни активности за изградба на џамија која нема дозвола за градба. Инвеститорот не се откажува од изградбата на џамијата дивоградба, иако тетовскиот општински инспекторат во изминативе две недели, двапати бил на местото каде што се гради и му наложил да го запре градење.

Иако и двете забрани беа испочитувани неколку дена, ископите за поставување на темелите продолжиле уште во текот на вчерашнот ден. Денеска, местото каде што треба да се гради џамијата беше израмнето и се носеше градежен материјал.

Од секторот за урбанизам при Општина Тетово велат дека на таа локација нема издадено никакво одобрение за изградба на верски објект ниту, пак, за каков било објект. Од тетовски општински инспекторат имаат отворено предмет во кој е констатирано дека џамијата е дивоградба.

Во случајот е вклучен и државниот градежен инспекторат, кој само врши надзор на работата на тетовскиот инспекторат. Но, денеска ниту од Општина Тетово ниту од државниот градежен инспекторат не ни одговараа на повиците да објаснат што ќе преземат против инвеститорот, кој и понатами го крши законот.

Од тетовското муфтиство при Исламската верска заедница денеска не беа достапни за коментар.

Претходно за дел од медиумите негираа дека вршат градежни активности за изградба на џамија на Попова Шапка, иако на повеќе билборди поставени на патот кон Попова Шапка пишува дека во туристичкиот центар ќе се гради џамија, а како инвеститор се наведува ИВЗ.

Планот е џамијата најверојатно да биде на три ката, со големо минаре, а локација се наоѓа веднаш над главниот пат на туристичкиот цетнар, на само десетина метри од викендички.


Повторно оштетен верски објект во Крива Паланка


Крива Паланка, 16 ноември, 2015 - 13:06 (META) 

Вчера, на улицата 11 Октомври во Крива Паланка, во објект за вршење верски обреди, непознат сторител оштетил едно од прозорските стакла, соопшти полицијата.

Оттаму информираат дека екипа од полициската станица во Крива Паланка, извршила увид на местото и работи на целосно расчистување на случајот.

Пред десетина дена, поточно на 6 ноември, по протестот против градење џамија во Крива Паланка и „исламизација на градот“, демолирана беше приватна куќа, на улицата Св. Јоаким Осоговски, наменета за верски обреди, за што СВР Куманово покрена постапка за пронаоѓање на сторителите и за расчистување на случајот.

Исламската верска заедница и муфтиството во Куманово, под чија надлежност припаѓа и градот Крива Паланка, тогаш го осудија чинот и побараа од надлежните органи бргу да се пронајдат сторителите. Тие, исто така, го осудија чинот на ширење верска нетолеранција, што ги поткопува меѓуетничките односи во Македонија.