Штипската полиција заплени рекордни 77 килограми марихуана


Штип, 5 ноември, 2018 - 16:32 (META) 

Штипската полиција го сопрела велосипедистот Б .С (40) кај селото Стар Караорман и утврдила дека на велосипедот возел набрани стебла со марихуана со тежина од три килограми. Подоцна, при претрес на неговиот стан исто така било откриено големо количество на марихуана.

Опојното растение во различни големини, обработено и необработено, го имало секаде во сите делови од станот – на под, во вреќи, спакувано и обработени количини во кеси, подготвени за продажба на улица. По собирањето на сите количини, утврдено е дека во станот има 74 килограми марихуана. Пронајдена е и опрема за ситнење.

-При претрес на станот, пронајдени се повеќе најлонски вреќи со марихуанаа во вкупна тежина од околу 74 килограми и други предмети кои се фото и видео документирани и подигнати за вештачење. Четириесетгодишниот Б.С.  е лишен од слобода и против него е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“- соопшти Гордана Панајотова, портпарол на СВР Штип.

На Б.С. му е одреден 30-дневен притвор, но за истрагата остануваат повеќе дилеми. Пред се, се трага по местото од каде потекнува дрогата. Реонот од каде се движел со велосипедот е простор каде порано се одгледуваше ориз, непосредно до реката Брегалница. Количината на пронајдената марихуана е историски најголемата што штипската полицијата ја има најдено неколку децении наназад.

Од Основното јавно обвинителство, каде отворија истрага,  потврдија дека марихуаната е дадена на вештачење во Министерството за внатрешни работи, со цел да се утврди квалитетот и за кој вид на марихуана се работи. Засега од истрагата потврдуваат дека Б.С. ја набавил дрогата, но останува да се открие кој ја засадил. Интересно е дека неодамна бил направен претрес на сега притворениот осомничен дилер, но не било пронајдено ништо. Инаку, Б.С. веќе има одлежано казна затвор за истото дело.


Основното јавно обвинителство – Гостивар трага по напаѓачите на британски државјанин


Скопје, 22 март, 2017 - 19:15 (META) 

Британски велосипедист бил пресретнат и нападнат од три непознати лица, вчера на патот од одморалиштето Бунец кон Маврово, соопштија од Јавно обвинителство.

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Гостивар зел изјава од оштетениот и издал наредби за да се расветли настанот.

„Според исказот на оштетениот, лицата го врзале, го внеле во возилото и во исто време му ги одзеле платежните картички што ги поседувал. Искористувајќи момент кога бил сам со еден од напаѓачите, британскиот државјанин се ослободил и на напаѓачот му задал неколку удари со нож што го имал во себе. Откако избегал во блиската шума, преку социјалните мрежи ги алармирал родителите и пријателите. Тие се обратиле до британската полиција, која преку британската амбасада во Скопје ја известила полициската станица Гостивар, по што веднаш била иницирана потрага по велосипедистот. Оштетениот е пронајден во близина на каменоломот Пелагонија денеска, во раните утрински часови“, се вели во соопштението на Јавно обвинителство.

Како што велат оттаму, Oсновното јавно обвинителство – Гостивар координира интензивна потрага по напаѓачите.


Петнаесетина сообраќајни несреќи за викендот во Полошко


Тетово, 10 октомври, 2016 - 12:38 (META) 

Тринаесетгодишен велосипедист од гостиварско Чегране во сообраќајна несреќа добил тешки телесни повреди. Сообраќајката се случила синоќа околу 20 часот, на крстосницата на локалните патишта за Чегране и за Форино.

Според СВР Тетово, велосипедистот се судрил со автомобил „нисан“ со гостиварски таблички, управуван од 54-годишник од село Форино. Од удирањето малолетникот добил фрактура на левата подлактица и веднаш е префрлен во гостиварската болница. По укажаната помош, тој е препратен на скопските клиники.

Причина за сообраќајката е грешка на велосипедистот, а материјалната штета се проценува на 15.000 денари.

На крстосницата на регионалниот пат Тетово – Брвеница со булеварот Илинден во Тетово, патничко возило „БМВ“ со тетовски регистарски таблички, управувано од 21-годишник од Челопек, поради неприлагодена брзина и алкохол, вчеравечер околу 22 часот загубило контрола и излетало од коловозот, удрило и оштетило метален столб од семафор, метално сандаче и метална ограда од објект. Од излетувањето нема повредени, додека причинетата материјална штета се проценува на 60.000 денари.

Изминатиот викенд на поширокото полошко подрачје, имаше повеќе сообраќајни несреќи, пред сè поради непочитување на сообраќајните правила и прописи. Во трите денови на викендот, на ова подрачје регистрирани се петнаесетина несреќи, со повеќе повредени лица и со значителна материјална штета. Од овие причини, Секторот за внатрешни работи Тетово повторно апелира до возачите да ја прилагодат брзината според условите на патот, дотолку повеќе што коловозите деновиве се влажни, особено наутро и навечер, а намалена е и видливоста на одредени места.


Велосипедист од Штип почина од удар на автомобил


Штип, 10 јуни, 2016 - 12:43 (META) 

Алкохолизиран возач синоќа на крстосница во Штип удрил во велосипедист, кој од силниот удар починал на самото место. Несреќата, според полицијата, се случила во 21.40 часот, кога возачот Г.Д. (37) со возилото марка „алфа ромео“ удрил во Богдан Д. (59).

Кај возачот било утврдено присуство на алкохол од 1,23 промили, а неговиот сопатник имал 1,87 промили алкохол во крвта.

Сведоци на настанот потресено раскажуваат дека во моментот на несреќата било доста фреквентно на главната сообраќајница, која од Штип води кон општината Карбинци, каде синоќа на прославата на 20-годишнината од основањето пееше српска турбофолк-ѕвезда Аца Лукас.

Несреќниот човек лежел на коловозот во исчекување на екипата на итната помош и на полицијата кои наскоро пристигнале.

– Велосипедистот починал на местото на несреќата, а смртта е констатирана од лекар од итната медицинска помош – информира началникот на отсекот за превенција при СВР Штип, Ангелче Стојановски.

Обвинител кој извршил увид на местото на несреќата, наредил обдукција на телото на починатиот Богдан Д.


Почина велосипедистот кој настрада во сообраќајка во Скопје


Скопје, 26 септември, 2015 - 10:35 (META) 

Почина велосипедистот кој вчера попладне беше прегазен на крстосницата на булеварот Партизански одреди со улицата Френклин Рузвелт.

Шеесет и четиригодишниот скопјанец Нинослав С. го загуби животот откако во него удрил автомобил „ауди“, управуван од 20-годишниот Е.Т. од Скопје. Тој со Итна помош беше пренесен во Ургентниот центар, каде им подлегнал на повредите.

Откако Е.Т. удрил во велосипедистот, со автомобилот потоа удрил и во автобус.

Полицијата на местото на несреќата извршила увид.


Загина велосипедист во Струга


Охрид, 30 август, 2015 - 11:10 (META) 

Во тешка сообраќајна несреќа, вчера попладне во Струга, загина велосипедист,чиј идентитет се уште не е соопштен.

Портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димовски, информираше дека во сообраќајната несреќа учествувале патничко моторно возило „Спарк“ и велосипед.

Како последица од ударот велосипедистот им подлегнал на повредите во болница.

На местото на настанот извршен е увид од страна на јавен обвинител и сообраќајната полиција.