Вработените во дел од институциите и министерствата утре на работа со велосипед


Скопје, 8 февруари, 2018 - 14:14 (META) 

Вработените на голем број компании и на државни институции утре ќе се приклучат во одбележувањето на интернационалниот ден „Во зима со велосипед на работа“ (Winter Bike to Work Day), кој во Македонија се организира на иницијатива на неформалното здружение „НаТочак“.

Станува збор за глобална иницијатива чија цел е подигнување на свеста за важноста и придобивките од користењето на велосипедот како превозно средство до работа и до училиште во текот на целата календарска година.

„Во зима со велосипед на работа“ e интернационален ден на кој луѓето го одбележуваат движењето со велосипед на работа и на училиште во зима, притоа кревајќи ја свеста за ова превозно средство во студените месеци, водејќи се од мотото не постои лошо време, постои само лоша опрема.“

До сега, кон оваа иницијатива се приклучија Министерство за образование и наука, Министерство за информатичко општество и администрација, Град Скопје, општините Ѓорче Петров, Карпош, Спортскиот центар „Борис Трајковски“, Агенција за млади и спорт и други.


Шилегов: Градот Скопје ќе развива стратегија, како да се зголеми бројот на велосипедисти


Скопје, 12 декември, 2017 - 12:31 (META) 

Градот Скопје е домаќин на Регионалната конференција во рамки на меѓународниот проект „Одржлива урбана мобилност кај градовите од Југоисточна Европа“, на тема „Зголемување на бројот на велосипедисти во Скопје”.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов рече дека на оваа конференција ќе се дискутира за продолжување и унапредување на проектот „Скопје велосипедски град“.

– Во наредните три дена, во оваа конференција ќе бидат вклучени стручни сектори, министерства, невладини организации, јавни претпријатија и факултети, кои заедно ќе реализираат стратегија за развој на велосипедската култура и зголемувањето на бројот на велосипедисти во градот. Проектот „Скопје вело-град“, повторно го ставаме на врвот на приоритети на градот. Преку ново системско, еколошко и модерно решение на градот, имаме за цел растоварување на градскиот метеж и намалување на емисиите на издувни гасови. Со секоја реконструкција на улица ќе изградиме нова велосипедска патека и ќе ја продолжиме исплатата на субвенции за набавка на велосипеди. Скопје ќе биде просперитетен и отворен град. Планираме Скопје да стане европска зелена престолнина во 2021 година – рече Шилегов.

Работниот дел од конференцијата ќе продолжи и во наредните денови, и фокусот повторно ќе биде, подобрување на условите за користење на велосипедот во Скопје. На овие работилници, учесниците ќе се запознаат со примерите, за подобрување на условите за користењето на велосипедот како превозно средство, што се применуваат во повеќе градови низ Германија.


Општина Центар од денеска почнува со субвенционирање на купувањето велосипеди


Скопје, 4 мај, 2017 - 10:42 (META) 

Општина Центар од денеска почнува со субвенционирање на купувањето велосипеди за 1.111 граѓани. Општината ќе субвенционира 30 проценти од цената за купување нов велосипед, но најмногу до 3.000 денари. За оваа намена, од буџетот на Општината се одвоени 45.528 евра.

– Со тоа се реализира поставената цел, според која за четири години вакви субвенции ќе добијат повеќе од 4.000 центарци, што ќе овозможи поздрав живот, поздрава животна средина и помал сообраќаен метеж – велат од Општина Центар.

Секој полнолетен жител на Општина Центар што ќе купи велосипед од денеска, потребно е да достави барање за субвенционирање за купен производ (достапно во архивата на Општина Центар, барака бр. 6 и за симнување на centar.gov.mk), копија од лична карта, копија од трансакциска сметка, фискална сметка со сметкопотврда или фактура за купен велосипед.


„Критична маса“ во пет градови низ Македонија


Скопје, 28 ноември, 2016 - 14:42 (META) 

Граѓанската иницијатива „На точак“, констатирајќи дека нашето општество се соочува со небезбедност во сообраќајот, метеж и со здравствени проблеми кај населението поради загадувањето и недостатигот од физичка активност, в среда, по 55. пат ќе го одржи настанот „Критична маса“. Целта на овој настан, според опрганизаторите, е да се подигне свеста на граѓаните за важноста на употребата на велосипедот во сообраќајот, а како што информираат од граѓанската иницијатива, во овој период вакви настани ќе се случуваат во Битола, Гостивар, Скопје, Прилеп и во Струмица.

– Со серија мерки за развој и за унапредување на условите за велосипедскиот сообраќај во градовите, ќе се привлечат поголем број граѓани да го користат велосипедот како превозно средство. Со тоа значително ќе се помогне во решавање на голем дел од проблемите со кои се соочуваме како општество. Ќе се намали загадувањето, ќе се подобри јавното здравје и ќе се решат некои од најголемите градски проблеми поврзани со сообраќајниот метеж. Притоа, ќе се заштедат средства од буџетите на општините, како и од буџетите на министерствата за здравство, транспорт и животна средина – информираат од граѓанската иницијатива „На точак“.

Oд првичната анализа на досега објавените партиски програми за парламентарните избори, која ја спровеле граѓаните иницијатори на кампањата „На точак“, решавањето на овие проблеми речиси комплетно е изоставено. Велосипедот, доколку воопшто е спомнат, информираат од иницијативата, е речиси исклучително дел од проектите за спорт, рекреација или туризам. Тие сметаат дека е крајно време сериозно да му се пристапи на проблемот и во политиките велосипедот да се третира примарно средство во категоријата „транспорт“.


Дедо Мраз во Тетово разнесуваше пакетчиња со велосипед


Тетово, 26 декември, 2015 - 17:17 (META) 

Дедо Мраз може да пристигне и на велосипед, наместо на санка што ја влечат ирваси. Идејата да се спои легендата за дарежливиот старец со бела брада со возењето велосипед потекнува од иницијативата „Тетово на точак“.

– И годинава Дедо Мраз им носи пакетчиња на тетовските дечиња со помош на велосипед. Со оглед на високата загаденост на воздухот во градот, ова превозно средство е најсоодветно – изјави Дедо Мраз, кој денеска со велосипед, заедно со повеќе граѓани, разнесуваше подароци по повод новогодишните празници на лицата со посебни потреби.

Од иницијативата „Тетово на точак“ досега имаат организирано повеќе слични настани за подигнување на свеста за користење на велосипедот како поевтино и поеколошко превозно средство.


Доделени наградите за најстар и за најубаво украсен велосипед


Скопје, 9 октомври, 2015 - 14:13 (META) 

Градоначалник0от на Град Скопје, Коце Трајановски, денеска ги додели наградите за најстар велосипед што е во функција, за најубаво украсен велосипед и за најубав цртеж на тема „Возам велосипед, ја штитам озонската обвивка“ (за учениците од средните училишта), од конкурсот што Градот Скопје го објави во рамките на „Европската недела на мобилност 2015“.

За категоријата најубав цртеж на тема „Возам велосипед, ја штитам озонската обвивка“ за ученици од средните училишта, денеска Градот Скопје додели три награди и тоа: прва награда во вредност од 6.000 денари, втора награда во вредност од 4.000 денари и трета награда во вредност од 2.000 денари. За категориите најстар велосипед што е во функција и најубаво украсен велосипед се доделени по една награда во износ од 6.000 денари. Стојан Блажевски денеска ја доби наградата за најстар велосипед во функција, за велосипед стар 70 години  со кој годишно поминува по 5.000 километри.

Наградата за најубаво украсен велосипед отиде во рацете на Василка Џековска Павлевска.

Во категоријата најубав цртеж на тема „Возам велосипед – ја штитам озонската обвивка“ беа доделени три награди, и тоа: прва награда за Наталија Гучева, од трета година во СУГС „Никола Карев“, втора награда за Стефан Илков од трета година во ДСУ „Лазар Личеноски“ и трета награда за Симона Богоевска од прва година во СУГС „Раде Јовчевски Корчагин“.


Загина дете на велосипед, на булеварот Илинден


Скопје, 19 септември, 2015 - 12:49 (META) 

Тринаесетгодишно дете на велосипед загина вчера на булеварот Илинден, откако во него удрил автомобил „фиат пунто“, управуван од М.Л. (47).

Детето било пренесено во Ургентиниот центар во Скопје, каде им подлегнало на повредите.

На местото на несреќата бил извршен е увид од полициски екипи и од јавен обвинител, по чија наредба телото е предадено на обдукција.


Жител на Враништа загинал во сообраќајна несреќа


Струга, 3 јуни, 2015 - 13:16 (META) 

Седумдесет и деветгодишниот Михаил С. од селото Враништа го загубил животот по сообраќајна несреќа што вчера се случила на регионалниот пат Струга – Дебар, соопшти полицијата.

Несреќата се случила околу 11 часот во селото Враништа, кога во Михаил С., кој управувал велосипед, удрил автомобил, марка „фолксваген пасат“, со охридски регистарски ознаки.

Од незгодата, Михаил С. добил тешки телесни повреди и бил пренесен во болницата „Свети Еразмо“, каде и покрај настојувањата на лекарите, околу 17.30 часот починал.

Екипа на полициската станица во Струга и јавен обвинител извршиле увид на местото на несреќата и работат на целосно расчистување на случајот.


РСБСП: Правила за возење велосипед низ град


Скопје, 27 мај, 2015 - 13:37 (META) 

Од Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБС) на патиштата посочуваат дека велосипед на пат може да управува лице кое наполнило 10 години возраст, а во случај кога нема изградена велосипедска патека, велосипедистот е должен да се движи што поблиску до десниот раб на коловозот, а ако постои велосипедска патека, тогаш тој е должен да се движи по велосипедската патека односно лента. Ова се дел од препораките на Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Кога велосипедистите се движат по велосипедска патека, односно лента, тогаш тие не смеат да се движат со брзина поголема од 25 километри на час.

Велосипедистот е должен да го управува велосипедот на начин на кој не се намалува стабилноста на велосипедот и не се попречуваат другите учесници во сообраќајот, а особено не смее да ги симнува рацете од управувачот, да се придржува за друго возило, да превезува, влече или турка предмети што можат да го попречуваат во управувањето со возилото или да ги загрозуваат другите учесници во сообраќајот.

Велосипедистот може да превезува други лица само ако на возилото постојат посебни седишта.

Деца до 14-годишна возраст не смеат на велосипед да превезуваат други лица.

Велосипедистот за време додека управува со велосипедот не смее да води животни.

Велосипедистот не смее на велосипедот да превезува лице кое е под дејство на алкохол.

Велосипед не смее да се вози по автопат, освен за време на организирани настани, со соодветна придружба.

Велосипедистот и лицата што се превезуваат со велосипед не се обврзани да носат заштитен шлем на главата за време на возењето на патот. Но, гледано од аспект на пасивна безбедност, препорачливо е за време на возењето да се носи заштитен шлем.

„Никогаш немојте да заборавите дека во случај на судир со друго возило, вие немате еден тон метал да ве заштити, ниту заштитен појас, воздушни перничиња… Затоа возете интелигентно, посветено и концетрирано. Тоа е најдобар начин да избегнете ситуации што би го загрозиле вашето здравје и живот“, велат од Републички Совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.


(ФОТО) Создава уметнички дела со гуми од велосипед


Сингапур, 1 декември, 2014 - 12:36 (META) 

Сингапурскиот уметник Томас Јанг создава уникатни уметнички дела, користејќи велосипедски гуми како алатка за исцртување. Позиционирајќи ги на точно определено место, тој создава отпечатоци, кои, со комплексно повторување, создаваат фигури, на пример Ајфеловата кула или Емпајер стејт билдинг.

– Идејата ја добив додека си играв наоколу. Тогаш сфатив дека можам да цртам со велосипед. Гумите беа првата работа што ми падна на памет. Потоа одлучив да ги истражам карактеристиките на секој шарка од гумите и сфатив дека со нив би можел да цртам – вели Јанг.

Уметникот успеал да создаде четири различни дела – „The Cyclist’s Empire“ (Емпајер стејт билдинг), „God Save the Bike“ (Тауер бриџ), „Bicycle Mon Amour“ (Ајфеловата кула) и „The Unforbidden Cyclist“ (Забранетиот град), правејќи по 100 репродукции од секое од нив. Сите примероци се продадени за рекордно време.