!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

„Си-ен-ен“: Велеc со лажни вести се подготвува за изборите во САД во 2020 година


Велес, 13 септември, 2017 - 16:46 (META) 

„Заспаниот крајречен град во Македонија е дом на десетици веб-страници кои објавуваат лажни приказни направени за да го привлечат вниманието на Американците. Секој клик додава пари на нивните банкарски сметки“, вели „Си-ен-ен“ во опширната приказна за младите велешани кои заработија многу пари, пишувајќи лажни вести во корист на претседателот на САД, Доналд Трамп, кога тој беше претседателски кандидат.

Еден од оние кои имаат ваква страница е 24-годишниот велешанец кој на „Си-ен-ен“ им се преставил како Михаил, а кој објавува политички приказни што често се засноваат на погрешни факти.

– Не ми е гајле што се лажни затоа што луѓето ги читаат. На 22 години заработував повеќе пари отколку што некој во Македонија може да заработи за целиот живот. Мојата главна цел е да подготвам страница каква што имав претходно, за следните претседателски избори во САД во 2020 година – вели Михаил.

Тој тврди дека заработувал 2.500 долари на ден од реклами на неговата веб-страница, додека просечната плата во Македонија е 426 долари.

За разлика од претходната, новата македонска влада, пишува „Си-ен-ен“, е многу критична на новата индустрија што се развива во Велес.

– Ние ќе преземеме иницијатива за глобално координиран напор за справување со лажни вести и, исто така, го охрабруваме нашето граѓанско општество да помогне во спречувањето на овој феномен преку создавање алатки за откривање лажни вести – изјавил портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.

Но, тие што се занимаваат со лажни вести сè уште имаат барем еден официјален поддржувач – градоначалникот на Велес, Славчо Чадиев, заклучува „Си-ен-ен“.

– Ако зборуваме реално, секој град сака популарност. Најважно е дека ниеден закон не е прекршен. Во политиката нема морал, нема неморал. Во политиката сè е дозволено – вели Чадиев.


„Унет“: Веб-страниците паднаа поради енормно зголемен сообраќај кон серверите


Скопје, 21 ноември, 2016 - 14:43 (META) 

Нефукнционирањето на одреден број информативни веб-страници во саботата се должи на зголемување на сообраќајот кон серверите на македонскиот провајдер „Унет клауд“ од повеќе сервери и локации надвор од државата, соопштија од „Унет“.

„Бидејќи тој неконтролиран сообраќај, кој многукратно ги надминувал заштитните капацитети на линкот, константно се зголемувал, кај нашиот интернет-провајдер до 5 часот почнале да се појавуваат проблеми на глобално ниво, по што биле активирани заштитните механизми на интернет-провајдерот и интернет-сообраќајот, со што превентивно линкот кон „Унет“ бил целосно прекинат“, велат од „Унет“.

Од „Унет“ информираат дека проблемот веднаш бил пријавен кај провајдерот кој направил анализа и увидел е дека се работи за генерирање на огромен сообраќај кон „Унет“ од страна на повеќе локации низ светот.

Корисниците почнале да добиваат пристап со повремени прекини до своите сервиси околу 11 часот, а во 12.30 часот интернет-сообраќајот бил целосно стабилизиран, со што сите сервиси почнале да функционираат нормално.


E-печалбарите од Велес што пропагираа за Трамп ги освоија светските медиуми


Велес, 16 ноември, 2016 - 17:10 (META) 

Македонските тинејџери од Велес станаа глобална атракција откако дел од светските медиуми тврдеа дека велешаните, преку нивните пропагандистички веб-страници со лажни вести, влијаеле на тоа републиканскиот кандидат за претседател на САД, Доналд Трамп, да седне во Белата куќа.

Откако во април минатата година „Мета“ пишуваше за петтемина млади велешани, сопственици на веб-страници што пренесуваат пропагандистички, најчесто лажни вести поврзани со избраниот претседател Доналд Трамп, голем број светски медиуми пишуваа за овој феномен и се обидуваат да стапат во контакт со досетливите велешани.

Неколку дена пред да се одржат претседателските избори во САД, светски влијателната веб-страница „Базфид“ во опширна анализа пишуваше дека најмалку 140 веб-страници на жители од Велес објавувале агресивна пропаганда за Трамп. Според „Базфид“, Велес, град од 45.000 жители, доживеал дигитална треска.

Сопствениците на овие веб-страници со кои контактираше „Мета“, велат дека Велес е преплавен со вакви и со слични „портали“ во потрага по повеќе кликнувања и по заработка. Петтемина млади велешани тогаш посочија дека финансискиот надомест им е најсилниот мотив за регистрирање на веб-страниците.

Откако Трамп победи на претседателските избори во САД, велешаните станаа светски популарни, па за нив, цитирајќи ја „Мета“, меѓу другите пишуваа и „Јаху њус“, австралиската „Еј-би-си њус“, „Њујорк магазин“, „Интернејшнл бизнис тајмс“ како и шпанскиот „Ел конфиденсијал“.

До „Мета“ се обратија и продуценти на две од трите најголеми телевизиски мрежи од САД, „Си-би-ес“ (CBS) и „Еј-би си“ (ABC), кои сакаат да контактираат со досетливите велешани.

Велешаните добија и неколку минути простор во популарната емисија на „Си-би-ес“, „Лејт најт шоу“ на Стефан Колберт, кој им се обрати со зборовите „Еј, македонски тинејџери! Престанете!“.

Додека Колберт зборуваше за велешаните (од 5.15 минута), на екранот се појави и македонското знаме.

– Може ќе се запрашате како дојдовме тука. Многу луѓе мислат дека Доналд Трамп победил поради „Фејсбук“, најмногу затоа што „Фејсбук“ е полн со лажни стории кои се шират масовно без да бидат проверени дали се точни. Од каде доаѓаат овие стории? Стотици различни веб-страници доаѓаат од тинејџери од мал македонски град кои за да заработат пари преку интернет објавуваат сензационалистички стории со лажна содржина. Еј, македонски тинејџери! Престанете! Зошто не можете да правите нормални тинејџерски работи? – вели Колберт.

По повикувањата на медиумите и на јавноста, со став излезе и основачот на социјалната мрежа „Фејсбук“, Марк Зукерберг, кој ги демантираше медиумските написи дека социјалната мрежа придонела за пораст на популарноста на новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп.

– Идејата дека лажните новости на „Фејсбук“ влијаеле на исходот е ептен луда идеја. Ако во тоа верувате, мислам дека не сте ја сфатиле пораката што симпатизерите на Трамп се обидоа да ја испратат со овие избори – рече Зукерберг.

По победата на Трамп, „Мета“ повторно стапи во контакт со велешаните, кои изјавија дека не влијаеле на тоа американскиот милијардер да стане 45. претседател на САД. Дел од нивните пропагандистичките веб-страници или не постојат или неколку месеци ништо не објавуваат.

Дел од светските медиуми кои ја објавија сторијата за е-печалбарите од Велес:

International Business Times: Trump supporters duped by fake news generated in Macedonia

ABC.au: The surge of pro-Trump fake news is coming from Macedonia

Complete world news: Trump Propagandists From Macedonia Shy Away From His Victory

New York Magazine: Can Facebook Solve Its Macedonian Fake-News Problem?

El Confidencial: El pueblo de Macedonia que apoya a Donald Trump con noticias falsas ‘online’

Uk news yahoo: Trump supporters duped by fake news generated in Macedonia

Buzzfeed: How Teens In The Balkans Are Duping Trump Supporters With Fake News

Global Voices: Trump Propagandists From Macedonia Shy Away From His Victory

Heise: Fake-Sites zur US-Wahl: Mazedonier verbreiten angeblich Trump-Propaganda

Rue89 nouvelobs: En Macédoine, Trump est une machine à cash pour des sites d’info crapuleux

Disqus: Pro Trump media and supporters made fools by entrepreneurial teens in Macedonia

Gazetaexpress: Të rinjtë maqedonas me ueb-faqet propaganduese për Trump nuk besojnë se kanë ndikuar në zgjedhje

Chizmetv: Mira como Facebook ayudo a la victoria de Donald Trump

AM: Jóvenes macedonios ‘hacen su agosto’ con engaños sobre Trump

Miscareaderezistenta: Mii de dolari zilnic pe Internet, produse de site-uri pro-Trump apărute precum ciupercile într-un oraș din Macedonia!


Велешаните со пропагандните веб-страници за Трамп не веруваат дека влијаеле на изборите


Велес, 10 ноември, 2016 - 9:46 (META) 

Младите велешани кои беа сопственици на стотината веб-страници што пропагираа во корист на новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, велат дека не сметаат дека нивните „портали“ имале какво било влијание на крајниот исход од претседателските избори. Дел од нивните пропагандистичките веб-страници или не постојат или неколку месеци ништо не објавуваат.

– Немам никаков коментар за победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД. Не мислам дека имав некакво влијание во победата на републиканскиот кандидат. Со веб-страницата веќе не работам и не знам дали понатаму ќе работам на веб-страници поврзани со политиката во САД – вели еден од младите велешани со кој „Мета“ разговараше и во април годинава.

Со него се согласува и друг велешанец кој вели дека веб-страницата на која тој работел веќе не постои и дека пролетоска последен пат бил објавен напис таму.

„Мета“ во април контактираше со петмина велешани, сопственици на веб-страници што пренесуваа пропагандистички вести во корист на, тогаш потенцијалниот кандидат на Републиканската партија, а сега – нов претседател на САД, Доналд Трамп.

Тогаш, младите велешани посочија дека финансискиот надомест им е најсилниот мотив за регистрирање на веб-страниците.

Пред неколку дена и светски влијателниот „Базфид“ користејќи ја „Мета“ како извор имаше опширна анализа за „македонскиот град Велес со популација од 45.000 луѓе, кој доживеа дигитална златна треска кога негови жители отворија најмалку 140 веб-страници што ширеа пропаганда за републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп“.


Светски влијателниот „Базфид“ ја користи агенцијата „Мета“ како извор


Њујорк, 4 ноември, 2016 - 10:42 (META) 

Изминатата година, македонскиот град Велес со популација од 45.000 луѓе, доживеа дигитална златна треска кога негови жители отворија најмалку 140 веб-страници што ширеа пропаганда за републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп, пишува американската веб-страница „Базфид“.

„Базфид“ во својата опширна анализа ја цитира новинска агенција „Мета“ за текстот објавен во април, кога „Мета“ контактираше со петмина велешани, сопственици на веб-страници што пренесуваат пропагандистички вести во корист на, тогаш потенцијалниот, а сега, кандидат на Републиканската партија за претседател на САД, Доналд Трамп.

meta buzzfeed

Според сопствениците на овие веб-страници со кои контактираше „Мета“, Велес е преплавен со вакви и со слични „портали“ во потрага по повеќе кликнувања и по заработка. Петтемината млади велешани посочија дека финансискиот надомест им е најсилниот мотив за регистрирање на веб-страниците.

„Базфид“ во анализата пишува дека овие веб-страници имаат имиња кои звучат американски како WorldPoliticus.com, TrumpVision365.com, USConservativeToday.com, DonaldTrumpNews.co, и USADailyPolitics.com и сите објавуваат агресивна содржина во корист на републиканскиот кандидат, а наменета за поддржувачите на Трамп во САД.

Целиот текст на „Мета“, можете да го прочитате тука.


Македонци од Велес со пропагандни портали работат во корист на Доналд Трамп


Велес, 7 април, 2016 - 14:27 (META) 

Најмалку шест веб-страници што пренесуваат пропагандистички вести во корист на потенцијалниот кандидат на Републиканската парија за претседател на САД, Доналд Трамп, се регистрирани од Македонци што живеат во Велес!

Според сопствениците на овие веб-страници, Велес е преплавен со вакви и со слични „портали“ во потрага по повеќе кликнувања и по заработка. Петтемина млади велешани, со кои „Мета“ контактираше, посочуваат дека финансискиот надомест им е најсилниот мотив за регистрирање на веб-страниците.

Дел од нив велат дека ги интересира политика и веруваат оти Доналд Трамп ќе биде следниот кандидат на Републиканската партија за претседател на САД, но не се членови на која било домашна или странска политичка партија.

Сите веб-страници се регистрирани на почетокот од 2016 година, со платен домен за цела година на повеќе различни сервиси за регистрација на домени како „Го дади“ (Godaddy), „Емон“ (Emon), „Фаст домеин“ (FastDomain) и сл.

Откако „Мета“ контактираше со сопствениците, два од домените беа анонимно пререгистрирани на иста адреса во Јута, САД. Сопственик на доменот usadailypolitics.com до 13 часот денеска беше Теодор Индов, 22-годишен студент на ФИНКИ од Велес, кој посочи дека на веб-страницата работи заради кликнувања и посети.

– Размислував што најмногу ги интересира Американците и беше или ова или рагби. Некои од вестите ги пишувам, а дел преземам од други веб-страници и преведувам. Не знам дали се точни или не, јас ова го правам само поради реклами на „Гугл“ (Google ads) – вели Индов.

Иако тој по телефон тврдеше дека не ги познава другите сопственици на домените што објавуваат пропаганда за Доналд Трамп, и сопственикот на доменот usanewsflash.com мистериозно беше променет од Мирон Брезев во анонимен сопственик со истата адреса како и usadailypolitics.com во сојузната држава Јута во САД.

Брезев за „Мета“ изјави дека тој е професор по англиски јазик од Велес и најмногу објавува за Доналд Трамп „затоа што народот најмногу сака да чита за него“.

– Нешто пишувам, нешто преведувам, нешто преземам од други веб-страници. Само прикачувам вести и ништо друго. Најмногу пишувам за Доналд Трамп затоа што народот најмногу сака за него да чита, но пишувам и за други – вели Брезев.

Тој тврди дека со веб-страницата работи сам и никој не му помага.

– Знам дека не е сè точно што се пишува на веб-страницата, исто како што не е точно сè што се пишува и на македонските веб-страници. Но, за секоја вест имам напишано извор од каде е пренесена – вели Мирон Брезев од Велес.

usanewsflash - collage

Откако го контактиравме сопственикот на веб-странцата usanewsflash.com, тој анонимно го пререгистрираше домеинот.

Другите тројца сопственици на „протрамп-портали“ не ги пререгистрираа своите домени откако контактиравме со нив.

Маријанчо Марков, на чие име се води веб-страницата 365usanews.com, пред да го прекине разговорот со нас, само кратко изјави дека нема никаква поврзаност со Доналд Трамп и дека само го интересира политика.

Марио Петруешев, пак, кој е сопственик на worldpoliticus.com, ни се претстави како студент по информатика, а посочи дека на веб-страницата работи за финансиски надомест од интернет-реклами и од „Гугл“.

– Порталот го работам еден месец, пред тоа имав и други, но не дадоа резултат и затоа се решив за портал што ќе ги афирмира политиките на Трамп, затоа што сметам дека ќе победи – вели Петрушев.

Тој вели дека не ги познава лично другите луѓе што имаат слични портали, но ни изјави дека ги нашол на интернет и дека знае за кого станува збор.

Според сопственикот на usapoliticsonline.com, Сашко Димов, кој, исто така, ненадејно го прекина телефонскиот разговор, никој не може да му забрани каков портал да отвори.

– Од љубопитност го отворив овој портал. Ако ве интересира, мислам дека Трамп ќе победи за претседателски кандидат. Сето ова е само забава – рече накратко.

Сторијата за македонските сопственици на „протрамп-поратали“ прв ја обајви „Егзаминер“, чиј автор, Џон Даниелс, одговорен уредник на медиумот, тврди дека овие веб-страници се креирани за неопределените гласачи да се приклонат кон Трамп, додека истовремено го клеветат неговиот опонент во трката за републикански кандидат, Тед Круз.