Веб-страницата на Собранието со целосно функционална верзија на албански јазик


Скопје, 19 март, 2018 - 17:11 (META) 

Неколку дена откако беше изгласан Законот за употреба на јазиците, веб-страницата на Собранието има и целосно функционална албанска верзија, како и верзии на англиски и на француски, пишува „Порталб“.

Иако и претходно имаше албанска верзија на собраниската веб-страница, многу од содржините од македонската верзија ги немаше и на албански.

Веб-страницата на претседателот на државата Ѓорге Иванов е со македонска и англиска верзија.

На прашањето од „Порталб“, од Владата неофицијално одговориле дека се очекува наскоро и на нивната веб-страница да профункционира верзијата на албански.


Веб страницата на Владата недостапна, Бошњаковски вели проблемот бил „технички“


Скопје, 12 февруари, 2018 - 10:39 (META) 

Веб страницата на Владата на Република Македонија во моментот е падната и е недостапна, но се очекува наскоро проблемот да се реши.

Vlada

 

Владиниот портпарол Миле Бошњаковски, на прашање од „Мета“, појасни дека причината е „технички проблем“ и дека веб страницата наскоро повторно ќе биде во функција.


Министерство за финансии објави граѓански буџет за да биде разбирлив за граѓаните


Скопје, 23 август, 2017 - 16:48 (META) 

Министерство за финанасии на нивната веб-страница објави граѓански буџет со цел на неекспертската јавност, на разбирлив начин да и се претстават клучните информации од буџетот на државата, информираат од таму.

Тој не претставува замена за деталниот буџет и е една од алатките со кои Министерството за финансии ја отвора транспарентноста и отчетноста на јавните финансии.

„Граѓанскиот буџет се базира на податоците од ребалансот на буџетот што беше усвоен од Собранието во август. Нашата намера е преку зголемување на информираноста на јавноста да влијаеме на посилно вклучување на граѓаните во креирање на владините програми и политики“, вели министерот за финансии, Драган Тевдовски.

Следниот граѓански буџет ќе биде објавен со предлог-буџетот за 2018 година.


Буџетот и јавниот долг достапни на веб-страницата на Министерството за финансии


Скопје, 6 јули, 2017 - 15:20 (META) 

Министерството за финансии информира дека на неговата веб-страница се направени промени на структурата, па сега на посетителите лесно достапни ќе им бидат извршувањето на буџетот, како и јавниот долг и долгот на државата.

„За да се подобри транспарентноста и отчетноста на јавните финансии, на официјалната интернет-страница додаден е посебен оддел „Статистика“, во кој лесно достапни се сите поважни информации, како што се: извршувањето на буџетот, јавниот долг и долгот на државата, макроекономски индикатори и статистички прилог. Најважна промена е почнувањето на објавување на податоци кои досега не биле достапни за јавноста. Прв таков податок е извештајот за месечните приходи и расходи на различни буџетски корисници. Со него јавноста секој месец ќе има увид во состојбата кај сите пооделни буџетски корисници“, информираат од Министерството за финансии.

Оттаму додаваат дека за олеснување на научно-истражувачката работа на експертската јавност и на новинарите, сите податоци отсега ќе бидат објавувани во отворен формат „ексел“ наместо во „пдф“.


Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Општина Центар потпишаа Меморандум за соработка


Скопје, 2 јули, 2016 - 10:40 (META) 

Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Општина Центар потпишаа Меморандум за спроведување на проектот „Поддршка на институции и структури за младински политики“.

ОБСЕ ќе го поддржи зајакнувањето на капацитетите на Локалниот младински совет, како и на младинските структури. Со тоа ќе се придонесе за зголемување на младинското учество во донесувањето одлуки на локално и на национално ниво. За таа цел ќе се спроведат две обуки.

Мисијата на ОБСЕ, за потребите на Канцеларијата за млади на Општина Центар, ќе донира и ИТ-опрема и изработка на веб-страница за зголемување на информирањето на младите и за подобар пристап до информации.


„Анонимуси“ ја хакираа веб-страницата на Министерство за транспорт: Не простуваме, очекувајте нè!


Скопје, 22 април, 2016 - 11:53 (META) 

Официјалната веб-страница на Министерството за транспорт и врски е хакирана од „Анонимуси“.

Тие на англиски јазик пишуваат дека се борат против цензурата, за слободата на медиумите и на народот, а не дејствуваат за лични и за политички цели туку во интерес на народот.

„Ние сме Анонплус – Анонимуси и ова е нашиот манифест. Секое лице што сака да ја одбрани својата слобода на информирање, слободата на народот и ослободување од ропството на медиумите и на оние кои нè владеат и од оние кои се користат како алатка за спроведување на нејзините валкани цели, веќе се дел од Анонимуси. Секое лице кое има волја да дејствува е добредојдено. Ние сме во војна. Анонплус става веб-страници надвор од функција кои активно придонесуваат за контрола на масите од корумпирани медиуми, преку манипулирање со информации и со мислења за да се создаде лажна реалност; Анонплус не дејствува за лични или политички цели, нема лидери, работи во интерес на народот и за да го врати суверенитетот на луѓето; Денот кога овие цели ќе се постигнат Анонплус ќе престане да постои.
Без војна, без религии, без политика, без финансиска моќ, за подобар свет. Ние сме легија. Ние не забораваме. Не простуваме. Очекувајте нè“, пишува на веб-страницата на Министерството за транспорт и врски.


Веб-страницата на Владата ги чека фотографиите и биографиите на новите министри


Скопје, 8 април, 2016 - 14:30 (META) 

Владата на Република Македонија ја ажурира содржината на својата официјална веб-страница со додавање биографии и фотографии на новоизбраните министри, процес кој треба да заврши во наредните денови, велат од Владата за „Мета“.

Категоријата „влада“ во која беа набројани сите министри и премиерот на државата на официјалната веб-страница на Владата, извесно време не е достапна.

Помеѓу категориите „програма“ и „прес-центар“ до пред неколку дена имаше категорија „влада“, која беше поделена на три поткатегории. Во првата беше претседателот на владата, во втората колона беа замениците на претседателот на владата, а во третата категорија беа другите министри. За секој од членовите на владата достапна беше и биографија.

Од Владата за „Мета“ велат дека категоријата ја нема затоа што тој дел од веб-страницата се ажурира за да бидат застапени новоизбраните министри со нивни фотографии и биографии.

– Во тек е процес на содржинско и на техничко ажурирање на тој дел од веб-страницата за да се застапат новоизбраните министри, процес кој опфаќа нивно фотографирање, подготовка на биографии и техничко внесување на овие податоци. Ценевме дека е соодветно тој дел да не биде видлив додека не се завршат овие процеси. Во текот на денешниот или утрешниот ден, процесот на ажурирање ќе биде завршен и тој дел од веб-страницата ќе биде видлив – вели портпаролот на Владата, Александар Ѓоргиев.

vlada sajt -collage


Џихадистите го освојуваат интернетот, може ли некој да ги спречи?


Дамаск, 18 јануари, 2015 - 15:12 (META) 

Паралелно со вистинските вооружени пресметки во Париз и со антитерористичките акции кои следуваа потоа во Германија, Франција и во Белгија, во кои се убиени и уапсени повеќе екстремисти, на интернет се води жестока воена пропаганда предводена од џихадистите кои ја контролираат територијата на Исламската држава.

Екстремните исламисти кои се борат во Ирак и во Сирија интензивно го користат интернетот, социјалните мрежи и софистицираните интернет-техники за да шират пропаганда, да привлекуваат нови припадници во своите редови, но и за да објавуваат новости поврзани со нивните акции, кои ги дополнуваат со слики и со видеозаписи.

Премиерот на Велика Британија, Дејвид Камерон  во  САД со претседателот Барак Обама меѓу другото разговараше и за безбедноста на интернетот. Во интервју за „ИТВ њуз“ Камерон рекол дека ќе го замоли Обама да го зголеми притисокот на некои веб-страници како „Фејсбук“ и „Твитер“ повеќе да соработуваат со разузнавачките служби во следење на осомничените за тероризам.

Камерон пред неколку дена изјави дека Британските разузнавачки служби треба да имаат легална моќ да пробијат во енкриптираната комуникација на осомничените терористи со цел да се спречат напади како оној во Париз минатата недела. Тој доде дека на терористите мора да им се спречи нивното „безбедно место“ да комуницираат онлајн.

Откако летово почнаа акциите на џихадистите на воените полиња во Ирак и во Сирија, се активираа и низа твитер-профили кои тврдат дека ја претставуваат ИД. Овие профили, кои се ажурираат често, понекогаш пренесуваат и настани во живо со слики и со видеозаписи, даваат детали за нивните операции, го објавуваат бројот на извршените убиства, самоубиствени мисии, како и информации за градовите што ги контролираат. Поголемиот дел од профилите и од хаштазите што ги користат приврзаниците и подржувачите на ИД на „Твитер“ се на арапски јазик. Голем дел од ваквите твитер-профили се суспендирани, односно избришани од администраторите на „Твитер“.

Еден од овие профили е @Fajr991, кој „Твитер“ го има обележано како „потенцијално штетен“, а некои од хаштазите на кои се твита за ИД се #Baghdad_is_liberated (Багдад е ослободен), #Iraq_is_ liberated (Ирак е осолободен) и Исламска држава напишано на арапски јазик. На „Твитер“ постои и профил наречен „пророкот Мухамед“, во чиј опис стои дека Исламската држава останува и се проширува.

Некои џихадисти на ИД ја користат и веб-страницата наречена „Блогот на Исламската држава“ (the-islamic-state.blogspot.com), на која се вели дека не е официјална веб-страница на ИД, но таму се објавуаваат досегашните постигнувања на терористите преку вести, слики, видеоснимки и интервјуа.

Пред неколку дена, по нападот на редакцијата на сатиричниот магазин „Шарли ебдо“, хакерската група Анонимуси ја објави својата прва победа во нивната намера да ги исклучат екстремистичките веб-страници за да ги одмазадат убиените во Франција. Прва на удар на анонимните хакери беше француската терористичка веб-страница ansar-alhaqq.net, како дел од нивните напори да ја заштитат слободата на говорот. Доколку сега го пребарате името на веб-страницата, интернетот ќе ве пренасочи на пребарувачот DuckDuckGo.

На џихадистичките веб-страници можат да се најдат виртуелни тренинзи и туторијали за изработка на бомби, лансирање проектили, како и упатства за стрелање кон американски војници. Терористичките веб-страници се подлога за ширење пропаганда преку видеозаписи и фотографии, кои помагаат да се придобијат и регругтираат нови членови, како и да се формираат мрежи за придобивање финансиски средства.

Некои џихадистички веб-страници нудат видеоигри, каде и млади корисници можат преку игрите да се стават во улога на таканаречени „свети војници“ и да убиваат американски војници.

„Ал Хајат Медиа“ е веб-страница направена за оние кои не го зборуваат арапскиот јазик и целна група ѝ се повеќе млади гледачи кои сакаат да ги потикнат да им се придружат на военото поле. Оваа веб-страница објавува вести, видеоснимки, фотографии, аудиозаписи, па дури и документарци на повеќе јазици, но најмногу на германски, англиски и на француски. Објавите се со различни формати, некои од нив се кратки, максимум до една минута, па сè до документарци како „Пламени на војната“ кој е долг еден час.

ИД-борците од Финска, Индонезија, Белгија, Англија и од другите земји во видеоинтервјуата зборуваат за тоа колку се среќни што се приклучиле на Исламската држава. Во тие видеозаписи преовладуваат светли бои и ги покажуваат децата кои растат меѓу терористите, како и уличниот живот на борците. Забележливо е дека во овие видеозаписи, жените ретко се присутни. Акцент им се дава на мажите и на децата. Освен тоа, во нив има многу малку докази за киднапирањата, силувањата, уништувањето на џамиите, сечењето глави, камшикувањата, како и за други злосторства кои ги вршат терористите на Исламската држава.
Оваа веб-страница има и свој хаштаг на „Твитер“, наречен #AlHayat_Media_Center.

Кога се работи за сајбер-тероризам, спорно е дефинирањето која страница е терористичка, а која не е. Аналитичари на Пентагон, во сведочења пред Конгресот, рекле дека набљудувале повеќе од 5.000 џихадистички веб-страници, но заклучиле дека помалку од стотина од нив се сметаат за најнепријателски. Некои од нив се само страници на подржувачи, обожаватели, но не и на активни членови, односно терористи.

Најголемата предност што им ја нуди интернетот на терористите е тајноста. Тие користат софистицирани методи на енкрипција и креативни техники што го прават интернетот ефикасно и релативно безбедно средство за комуникација. Тие ја корстат техниката „дед дропинг“ (dead dropping) преку која пишуваат електронски пораки, но не ги испраќаат, туку ги зачувуваат во драфт и секој кој има лозинка од таа електронска адреса може да ги прочита.

Со затворањето на терористичките веб-страници се постигнува само привремено прекинување на активноста на терористите на интернет. За навистина да се спречи една терористичка веб-страница, мора да се запре веб-администраторот, кој ги продуцира и ги објавува овие терористички содржини.


Списанието „Стожер“ на веб-страницата на ДПМ


Скопје, 9 ноември, 2014 - 11:21 (META) 

Новиот број на книжевната ревија „Стожер“ е поставен на веб-страницата на Друштвото на писателите на Македонија, www.dpm-pisateli.mk.

„Со ова, љубителите на литературата го добиваат во електронска форма 119. број на книжевниот гласник на Друштвото на писатели на Македонија, кој располага со богати содржини од областа на поезијата, прозата, критиката, есеистиката и книжевната наука“, соопштија од ДПМ.

Застапени се прилози од домашни и од странски писатели од различни генерации, меѓу кои: Вера Чејковска, Владимир Костов, Сергеј Главјук, Братислав Ташковски, Соња Стојменска-Елзесер, Петре Димовски, Пабло Неруда, Мирјана Стојановска, Благој Самоников, Јусуф Едип, Олга Панкина, Кире Неделковски и Санде Стојчевски.

Покрај литературните остварувања, списанието донесува и хроника со информации за актуелните активности и за настаните што ги организира Друштвото на писателите на Македонија.