Премиерот Заев и владина делегација на аудиенција кај папата Франциск


Ватикан, 25 мај, 2018 - 20:45 (META) 

Премиерот Зоран Заев за време на посетата на Рим и во рамките на манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“, имаше тет-а-тет средба со папата Франциск, а потоа владината делегација беше примена на аудиенција во Ватикан.

Заев ја повтори отворената покана за папата Франциск во блиска иднина да ја посети нашата земја, која би била од исклучителна важност за унапредување на нашите билатералните односи, како и за регионот.

– Му пренесов на папата Франциск дека очекуваме да влезат во завршна постапка процедурите за отворање на дипломатска канцеларија, апостолска Нунцитура во Скопје, со што ќе се создадат услови за зајакнување соработката во области од заеднички интерес. Имаме заеднички афирмативни ставови за ликовите кои се дел од нашата заедничко наследство како што се Света Мајка Тереза и Светите браќа Кирил и Методиј, како за силни темели на историските врски меѓу Република Македонија и Ватикан – истакна Заев.


Заев и Борисов на 24 мај во Рим заеднички ќе се поклонат на гробот на Свети Кирил


Рим, 14 мај, 2018 - 16:35 (META) 

Премиерите на Македонија и Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, со владини делегации на 24 мај, четврток, во базиликата „Свети Климент“ во Рим заедно ќе положат венци свежо цвеќе на гробот на Свети Кирил, соопштија од Владата.

Потоа, македонската делегација ќе се упати кон базиликата „Санта Марија Маџоре“ каде ќе положат свежо цвеќе на спомен плочата од папата Адриан Втори, а истиот ден, македонската делегација ќе положи венци свежо цвеќе и на споменикот на Свети Кирил и Методиј во амбасадата на Република Бугарија, каде ќе има и заеднички ручек двајцата премиери.

В петок во 11 часот премиерот Заев и македонската владина делегација ќе бидат на аудиенција кај  папата Франциск во Апостолската Палата во Ватикан, а потоа Заев ќе се сретне со Државниот секретар на Светата Столица, кардинал Пјетро Паролин.

Во попладневните часови, македонската и бугарската владина делегација ќе присуствуваат на отворање на заедничка културно уметничка програма, организирана од министерствата за култура на двете земји.


Иванов на аудиенција кај папата Франциск


Ватикан, 26 мај, 2017 - 9:43 (META) 

Претседателот Ѓорге Иванов денеска во Ватикан ќе има аудиенција кај поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, а ќе оствари средба и со државниот секретар на Светиот престол, кардиналот Пјетро Паролин, соопштија од кабинетот на претседателот.

На аудиенцијата ќе присуствува и министерот за надворешни работи во заминување Никола Попоски, кој ќе го придружува Иванов на средбата со кардиналот Паролин во Апостолската палата.

Иванов, во рамки на манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“вчера ја посети базиликата „Свети Климент” во Рим каде положи венец на гробот на Св. Кирил.


Попоски утре на манифестацијата „Македонија за св.Кирил“


Рим, 23 мај, 2017 - 13:47 (META) 

Министерот за надворешни работи во заминување, Никола Попоски утре ќе ја предводи државно црковната делегација на гробот на Свети Кирил во базиликата „Сан Клементе“ во Рим со кој ќе чиноначалствуваат митрополитот дебарско – кичевски Тимотеј и митрополитот европски Пимен, при што ќе положи цвеќе на гробот на светителот.

Попоски заедно со претседателот Ѓорге Иванов на 26 мај, како дел од државно – црковната делегација, ќе присуствуваат на аудиенцијата кај Папата Франциск, а веднаш потоа ќе имаат средба со Државниот секретар на Светата Столица, кардиналот Пиетро Паролин, во Апостолската Палата.

Традиционалната манифестација „Македонија во чест на Св. Кирил“ на 25 мај годинава ќе биде збогатена со настап на музичката група „Баклава“, која во Рим ќе ја претстави македонската изворна музичка традиција.

Попоски утре ќе присуствува и на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи од земјите од Западен Балкан на покана од италијанскиот министер за надворешни работи, Анџелино Алфано.


Папата Франциск порача дека не е човечки да се затворат вратите и срцето за мигрантите


Ватикан, 2 ноември, 2016 - 11:27 (META) 

Папата Франциск, кој постојано ја повикува Европа да ги отвори границите за мигрантите, изјави дека владите имаат право внимателно да ги проценат државните капацитети за ефективно да се интегрираат мигрантите. Во разговор со новинари, враќајќи се од дводневна посета на Шведска, тој додал дека не е човечки да се затворат вратите и срцето за мигрантите.

„Владите мораат да бидат отворени и да ги примат, но притоа да ги проценат и своите капацитети, бидејќи мигрантите треба да бидат интегрирани, а не само пуштени да влезат“, изјавил папата Франциск, додавајќи дека гостопримството ќе се исплати на долгорочен план.

Европа се соочи со бран од преку милион побарувачи на азил, најголем по Втората светска војна.


Заев: Испраќаме порака на обединување


Скопје, 5 септември, 2016 - 11:51 (META) 

„Драго ни е што нашата сограѓанка, граѓанин на Република Македонија, веќе е светица. Мајка Тереза – симбол на милосрдието, хуманоста, солидарноста, претставува пример како треба да им се помага на луѓето без разлика на нивните различности, без разлика на какви било поделби, етнички и религиски, национални или слично“, изјави во Ватикан, Зоран Заев, претседател на СДСМ.

– Помагањето нè прави пред Бога почесни, подобри, а секако и на сите нас во душата ни е потопло. Верувам дека овој симбол на хуманоста, на солидарноста, на милосрдието, кој е предзнак на светицата Мајка Тереза, ќе нè следи сите нас, исправени пред многу важни моменти во Македонија. Испраќаме порака на обединување, на меѓусебно помагање, без разлика кој на која вера или етничка заедница припаѓа и без разлика дали е сиромашен или богат – изјави Заев.

 


Иванов: Македонија е горда на Мајка Тереза


Скопје, 4 септември, 2016 - 15:53 (META) 

Претседателот Ѓорге Иванов по повод денешната канонизација на Мајка Тереза рече дека земјата е горда што има сограѓанка светица. Тој информираше и дека македонската делегација, која имаше почесно место на денешниот настан, имала куса средба со папата Франциск, кој му потврдил на Иванов дека ќе дојде во Македонија.

Премиерот Емил Димитриев рече дека канонизацијата на Мајка Тереза е голем настан за Македонија и за македонскиот народ.

„Во овие моменти на условно кажано политичка криза, која Македонија ја држи подолг период, убава беше можноста да се сетиме на делата на Мајка Тереза. Хуманоста, добродетелта, почитувањето едни со други, вредностите што ги промовираше Мајка Тереза, апсолутно би ни помогнале во надминување на оваа политичка криза, бидејќи нејзината помош не беше условена ниту од вера, ниту од боја на кожата, ниту од раса“, рече истакна Димитриев.

Порака за почит и за помош испрати и министерката за труд и социјална политика, Фросина Ременски. Таа рече дека со прогласувањето на Мајка Тереза за светица, испратена е порака до сите луѓе на светот, без разлика на нивната национална, етничка и верска припадност, дека сите со своите дела треба да оставаме белег на нашиот животен век – белег на мирољубивост, милосрдие, солидарност и на љубов.

„Денеска е денот кога сите ние, заедно, треба да се обврземе дека споменот и делата на светата Мајка Тереза ќе бидат наша водилка во грижа за најблиските, за децата, за оние што бегаат од злото на војната, за телесно посебните, за болните и за напуштените, за гладните…, за сите што ја љубат, ја слават и ја живеат милоста кон човекот, добрината и праведноста“, пишува во соопштението на Ременски.

Утре на плоштадот Свети Петар ќе биде одржана утринска миса во чест на Мајка Тереза, што ќе ја води државниот секретар на Светиот престол, кардиналот Пјетро Паролин.


Папата Франциск ја прогласи Мајка Тереза за светица


Ватикан, 4 септември, 2016 - 11:45 (META) 

Папата Франциск пред стотици илјади граѓани на плоштадот Свети Петар во Ватикан ја прогласи Мајка Тереза за светица.

Во тек е процесијата околу канонизацијата на светицата Мајка Тереза, а папата Франциск пред граѓаните читаше од „Светата книга на мудроста“.

На прогласувањето во Ватикан присуствува делегација на Македонија во која се претседателот Ѓорге Иванов, министерот за надворешни работи Никола Попоски, министерката за култура Елизабета Канчевска-Милеска, лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев.

По повод прогласувањето на Мајка Тереза за света, во Скопје се одржува манифестација „Денови на Мајка Тереза“, која почнува денеска со света литургија во Спомен-домот на Мајка Тереза, а ќе заврши на 11 септември со прогласувањето на домот на Мајка Тереза за светилиште.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски, на својот профил на „Фејсбук“ напиша дека повел иницијатива да се воспостави меѓународен орден за заслуги „Мајка Тереза“, кој би се давал на истакнати жени од светот со особени и вонредни достигнувања во различни области.

„Замислата е орденот за заслуга да се воспостави со точен ред и прецизни критериуми со единствен домашен и меѓународен одбор во кој задолжително би учествувал секој министер за надворешни работи од Македонија, но во одборот би биле, покрај него, и други личности од Македонија, а би имало и истакнати високоавторитетни личности од различни држави и области во светот. Би се воспоставил прецизен ред по принципот како тоа што е направено во земји со долга традиција од ваков вид, на пример, Франција или Англија. Самиот чин на врачување на орденот за заслуга би бил афирмација на делото и на животот на Мајка Тереза, но и афирмација на Македонија. Се разбира, би било и огромна чест за оној кој ќе ја прими и кој ја заслужил таа награда“, напиша Груевски на „Фејсбук“.


Ватикан денеска ќе ја прогласи Мајка Тереза за светица


Скопје, 3 септември, 2016 - 11:21 (META) 

Папата Франциск денеска на плоштадот Свети Петар во Ватикан ќе ја прогласи Мајка Тереза за светица.

Предводник на македонската државно-црковна делегација на свеченоста во Ватикан е претседателот Ѓорге Иванов.

На свеченоста, покрај Иванов, ќе присуствуваат министерот за надворешни работи, Никола Попоски, и министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, делегации на Католичката црква во Република Македонија и на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, градоначалникот на Град Скопје, како и член на семејството на Мајка Тереза.

Своето присуство на манифестацијата во Рим го потврдија Никола Груевски, Зоран Заев и Али Ахмети.

По повод прогласувањето, во Македонија ќе се одржи манифестација „Денови на Мајка Тереза“, која ќе почне денеска, а ќе трае до 11 септември.

Првиот настан во рамките на манифестацијата, односно света литургија, ќе се одржи утре во Спомен-куќата на Мајка Тереза во Скопје.

Од 5 до 11 септември во Скопје ќе има серија хуманитарни активности, а централната манифестација ќе се одржи на 11 септември, недела, во родното место на светицата, на плоштадот Македонија, кое ќе се прогласи за светилиште.

Централната манифестација во Скопје ќе ја предводи кардинал – пратеник на папата.

Организатор на прославата е Скопската бискупија, а покровител е претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.


Папата Франциск посети поранешни проститутки


Рим, 13 август, 2016 - 12:09 (META) 

Папата Франциск направи ненадејна посета на 20 поранешни проститутки, кои се сместени во „безбедна куќа“ во Рим.

Станува збор за млади жени, сите на возраст од околу 30 години, кои шверцери на луѓе ги присилиле да се занимаваат со проституција. Жените се спасени од нивните поранешни макроа и сега им е дадено засолниште и заштита во апартман на неоткриена локација, со кој управува една католичка хуманитарна организација.

Средбата и разговорот на поглаварот на Римокатоличката црква со жените, кои се дојдени од Африка, но и од разни делови на Европа, траел повеќе од еден час. Папата Франциск повеќепати досега има изјавено дека шверцот со луѓе претставува криминал кон човештвото.

На сите жени им било ветувано дека ќе им биде најдена работа, но трговците со луѓе ги довеле во Италија и во други земји од западна Европа, за да ги принудат да работат како проститутки. Претставник на Ватикан изјавил за медиумите во Рим дека сите овие згрижени жени имаат сериозни психички трауми.