!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Евакуирани македонските државјани од Сент Мартин


Скопје, 11 септември, 2017 - 9:10 (META) 

Македонското министерство за надворешни работи соопшти дека македонската државјанка од францускиот дел на островот Сент Мартин е евакуирана, исто како и семејството од Штип, кое е во холандскиот дел на истиот остров.

„Амбасадата во Вашингтон е во континуирана комуникација со надлежните служби во САД. Досега нема информации за повредени или загинати македонски државјани. Апелираме на будност и на следење на препораките, имајќи предвид дека опасноста од ураганот сè уште не е надмината“, сооопшти македонското МНР.

Телефонските броеви за контакт со македонската амбасада во Вашингтон на кои може да се обратат македонските граѓани во секое време се: 202-390-7418 и 202-667-0501.


Отпуштен главниот стратег во Белата Куќа, Стив Бенон


Вашингтон, 18 август, 2017 - 20:53 (META) 

Претседателот на САД Доналд Трамп, на виши владини претставници им соопштил дека донел одлука да го отпушти својот главен стратег, Стив Бенон, кој уште од првите денови на оваа администрацијата важеше за негов најконтроверзен советник, јави „Гласот на Америка“.

Во соопштението од портпаролката на Белата куќа Сара Сандерс, се вели дека шефот на кабинетот на претседателот на САД Џон Кели и Стив Бенон, постигнале согласност дека денеска ќе биде неговиот последен работен ден. Сандерс додаде дека Белата куќа е благодарна за службата на Бенон и му посакува се најдобро.

Бенон, кому му се придава заслуга Трамп да биде избран на функцијата, со месеци имал несогласувања со влијателни фигури во Белата куќа.

Според весникот „Њујорк тајмс“, тој инсистирал дека повлекувањето од функцијата е негова идеја, и ја поднел неговата оставка до претседателот уште пред 11 дена, како подготовка тоа да биде објавено на почетокот на оваа недела. Веста била одложена, заради насилните протести во Шарлотсвил, Вирџинија.


Стејт департмент: САД ќе соработуваат со новата влада за членство во НАТО и во ЕУ


Вашингтон, 1 јуни, 2017 - 10:06 (META) 

Американскиот Стејт департмент денеска го честиташе формирањето нова влада на Македонија и порача дека САД остануваат партнери за исполнување на аспирациите кон НАТО и кон ЕУ.

– Соединетите Американски Држави им честитаат на премиерот Зоран Заев и на мнозинството во Собранието на формирањето нова Влада на Македонија. Како пријател и партнер на Македонија, САД ќе соработуваат со новата Влада во нејзината работа кон исполнување на евроатланските аспирации со имплементирање на итните реформи, засилување на владеењето на правото, независноста на судството, слободата на медиумите и одговорноста на Владата – изјави портпаролката на Стејт департментот, Хедер Наурт.


Обама не верува дека директорот на ФБИ сакал да влијае на претседателските избори


Вашингтон, 5 ноември, 2016 - 11:34 (META) 

Не верувам оти директорот на Федералното истражно биро (ФБИ), Џејмс Коми, се обидува да влијае на претседателските избори во САД со одлуката оваа агенција да ги истражи новооткриените мејлови во рамки на истрагата за приватниот сервер на демократскиот претседателски кандидат, Хилари Клинтон, изјави американскиот претседател Барак Обама.

– Ќе повторам пак дека Џим Коми е добар човек и не верувам дека на кој било начин се обидува да влијае на изборите – истакна Обама во телевизиско интервју.

Тој додаде дека Коми е „сериозен државен службеник“ кој се обидува да постапи правилно.

Обама на 2 ноември индиректно упати критика до Коми, нагласувајќи дека истрагите во САД не треба да се спроведуваат врз основа на алузии и на „нецелосни информации“.


Патрушев: Односите помеѓу САД и Русија ќе се нормализираат


Москва, 1 ноември, 2016 - 11:29 (META) 

Влошувањето на односите помеѓу Москва и Вашингтон не е во интерес ниту на едната ниту на другата страна, изјави секретарот на Советот за безбедност на Русија, Николај Патрушев, јавува „Ројтерс“.

„Како што покажува современата историја, односите меѓу САД и Русија порано или подоцна ќе се нормализираат бидејќи ниту Москва ниту, пак, Вашингтон имаат интерес од понатамошно влошување на односите“, изјави Николај Патрушев.


Турција испратила официјално барање до САД за апсење на имамот Ѓулен


Анкара, 13 септември, 2016 - 12:44 (META) 

Турското министерство за правда испратило официјално барање до САД за апсење на имамот Фетулах Ѓулен, за кој се тврди дека стои зад обидот за воен удар во јули, јави државната агенција „Анадолија“.

Официјални лица од министерството изјавиле дека писмено барање било испратено до нивните американски колеги и во него било наведено дека Ѓулен „наредил и командувал“ со насилниот пуч во кој настрадале повеќе од 270 лица.

Ѓулен, кој веќе 17 години живее во САД, ги отфрла сите обвинувања дека е вмешан во пучот.

По обидот за државен удар, турските официјални власти неформално побараа апсење и испорачување на Ѓулен, но Вашингтон од Анкара побара докази за негова вмешаност во пучот.

Тускиот претседател Реџеп Таип Ердоган на состанокот со американскиот потпретседател Џозеф Бајден му кажал дека „кога е во прашање договорот меѓу двете земји за екстрадиција, ваквите луѓе во најмала рака треба да бидат притворени, уапсени или држени под контрола“.


Јолевски: Регионот има клучна улога во европската стабилност


Вашингтон, 4 август, 2016 - 18:25 (META) 

За Република Македонија е значајно зачленувањето во НАТО, а поддршката од САД за влез во Алијансата е потребна повеќе од кога било, истакнал министерот за одбрана Зоран Јолевски на средбата со американскиот заменик помошник на секретарот за одбрана, Мајкл Карпентер, во Пентагон.

Јолевски, како што соопштија од неговиот кабинет, побарал и поголема поддршка од официјалните претставници на САД за стратегиските бизнис-инвестиции во доменот на одбраната во Република Македонија.

Карпентер изразил согласност за идејата на министерот Јолевски и воедно ја нагласил подготвеноста да ги разгледа сите опции за што поголема инволвираност и поддршка на официјалните претставници од Пентагон и од САД на почнатите процеси на модернизација на Армијата и на одбраната на Република Македонија.

Двајцата соговорници се согласиле и дека регионот има клучна улога во европската стабилност, но и дека САД треба да ги зголемат фокусот и поддршката за регионот.

Средбата на министерот Јолевски со Карпентер во Пентагон е во рамки на неговата работна посета на САД.


Пукање во Вашингтон, повредени четири лица


Вашингтон, 9 јуни, 2016 - 9:45 (META) 

Најмалку четири лица се повредени во близина на Капитол во Вашингтон, каде непознат маж отворил оган.

Пукањата се случиле северно од станицата Јунион и околу еден километар северно од Капитол.

На местото пристигнале повеќе амбулантни возила, кои ги однеле во болница тројцата ранети со прострелни рани и еден полицаец на велосипед, кој бил удрен од автомобил на местото на настанот.


НАТО ќе добие помошник генерален секретар за разузнавање


Вашингтон, 4 јуни, 2016 - 13:52 (META) 

НАТО најверојатно наскоро ќе воведе функција помошник за разузнавање на генералниот секретар, чија задача ќе биде да обезбеди подобра размена на разузнавачки податоци меѓу земјите членки, соопшти неименуван претставник на Алијансата.

Според истиот извор, ваквите планови биле разгледувани изминативе шест до осум месеци и веќе биле одобрени од земјите членки на НАТО.

Идејата за воведување на оваа функција биле поттикната од „вознемиреноста предизвикана од однесувањето на Русија, пред сè од нејзиното воено мешање во Украина и анексијата на Крим“. Но, по ланските напади во Париз, реализацијата на ваквите планови била интензивирана.

Изворот од седиштето на НАТО наведува дека планот за воведување на функцијата помошник генерален секретар за разузнавање би можел да биде одобрен веќе на самитот на Алијанста, што ќе се одржи следниот месец во Варшава.


Тед Круз се повлече од трката за номинација за републикански кандидат за претседател


Вашингтон, 4 мај, 2016 - 10:04 (META) 

Сенаторот од Тексас, Тед Круз, кој се бореше за номинација на републиканците за кандидатура за претседател на САД, објави дека се повлекува од трката за Белата куќа по победата на милијардерот Доналд Трамп на внатрепартиските избори во државата Индијана.

– Со огромно жалење соопштувам дека ја прекинувам кампањата – изјави Круз пред своите приврзаници во Индијанаполис.

Претседателот на националниот комитет на Републиканската партија, Рајнс Прибас, изјави дека Трамп е веројатната номинација на партијата откако Курз прекинува со кампањата.

„Сега треба да се обединиме и да се фокусираме на пораз на Хилари Клинтон“, напиша Прибас на „Твитер“.

Со 53 отсто гласови, Сандерс ја победи Хилари Клинтон, која според анкетите беше фаворит, но доби поддршка од 47 отсто гласачи при преброени 64 отсто од гласовите.

Победата на 74-годишниот сенатор, според некои аналитичари, е неочекувана откако претходно во анкетите Клинтон имаше седум отсто повеќе гласови во своја корист.

Експерти сметаат дека одлучувачка улога имала активната кампања на Сандерс во Индијана, вклучително и неговите говори пред студенти во тамошни универзитети, на кои им се допаѓаат идеите на „демократскиот социјалист“.