Можни се излевања на реките, сообраќајот на неколку правци е отежнат


Скопје, 4 февруари, 2018 - 10:30 (META) 

Поради свлечиште на патниот правец Кичево – Битола кај село Белица, сообраќајот се одвива по една коловозна лента, а екипите на ЈП „Македонија пат“ со механизација работат на расчистување и нормализација на сообраќајот, информираат од АМСМ.

Од таму додаваат дека, сообраќајот на патниот правец Кичево – Охрид, помеѓу селата Подвис и Попоец се одвива по една коловозна лента, поради вода на патот.

Од УХМР информираат дека, водостоите се особено зголемени во горниот дел на Вардар и нејзините притоки во Полошко, горниот дел на Треска и нејзините притоки, Радика и нејзините притоки, Црн Дрим и притоките, Сатеска и притоките, Голема река, Брајчинска и останатите реки во Преспанско.

Поради високите водостои на водотеците, можна е појава на локални излевања кај реките во северозападните и западните делови и појава на заезерени површини во рамниците.

И во Скопје, водостојот на хидролошките станици е релативно високо, но под граница на излевање од малото корито, сепак поради стеснувањето во делот каде се гради мостот од панорамското тркало, можно е да се јават локални излевања. УХМР предупредува на внимателно движење покрај реките и суводолиците.

УХМР: Водостоите на реките под просекот за јануари


Скопје, 4 јануари, 2018 - 10:42 (META) 

Водостоите на реките Вардар кај Јегуновце, Сатеска кај Ботун и на Црна Река кај Новаци се повеќе од двојно пониски од просекот за јануари, покажуваат податоците на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Водостоите на речиси сите реки се пониски во однос на вчера, а зголемување на водостоите има на Вардар кај Демир Капија, Пчиња кај Катлановска Бања, Брегалница кај Берово и Црн Дрим кај Ложани.

Нивоата на Охридското, Преспанското и Дојранското езеро се во рамки на јануарскиот просек.


Шилегов: Дождовите покажаа дека „Скопје 2014“ е небезбеден за граѓаните и за градот


Скопје, 4 декември, 2017 - 15:04 (META) 

Галиите, насипите и градежниот шут во реката Вардар ја намалуваат проточноста на коритото и со тоа сериозно ја загрозуваат заштитата од поплави на градот Скопје, изјави денеска Петре Шилегов на прес-конференција пред градилиштето на т.н. панорамско тркало.

– Последните дождови покажаа дека мегаломанскиот проект „Скопје 2014“ станува реална опасност за безбедноста на граѓаните на Скопје и за нивните имоти. Состојбата на подрумите на објектите во и околу реката Вардар јасно покажува дека залудно се потрошени милионските суми за изградба на овие објекти. Насобраниот отпад Град Скопје уште денеска го расчистува. Екипи составени од повеќе институции утврдуваат протокол за тоа што ќе се случи понатаму со панорамското тркало, чија изградба е запрена бидејќи тоа на градот не му треба. Договорот со изведувачот „Бетон“ е сторниран, за работите што се досега изведени „Бетон“ е навремено платен – рече Шилегов.

На прашањето дали Скопје оваа година ќе биде украсено за новогодишните празници, Шилегов рече дека завршила јавната постапка, дека е потпишано решението и дека украсувањето ќе чини околу 5 милиони денари.

Шилегов нагласи дека Скопје е подготвено за првиот снег, но дека во моментов нема доволно сол за целата сезона.

– Имаме определени резерви сол. Во тек е постапка за дополнување на резервите затоа што тие не се доволни да ја покријат целата сезона. Механизацијата на јавните претпријатија е во целост подготвена, така што и денеска да почне да врне снег, ние нема да бидеме изненадени – додаде Шилегов.


Обилните врнежи го зголемија водостојот на сите реки


Скопје, 2 декември, 2017 - 10:20 (META) 

Обилните врнежи од дожд го зголемија водостојот на сите реки во земјава, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.

Двојно е зголемено нивото на реките Вардар, Треска, Крива Река и Сатеска, а над просекот за ноември е водостојот на реките Пчиња, Брегалница, Црн Дрим и Црна Река.

Кај езерата, минимално е зголемено нивото на  Дојранско Езеро, додека Охридско и Преспанско Езеро се околу просекот.


Нивото на Вардар на три места во Скопје е критично


Скопје, 1 декември, 2017 - 15:45 (META) 

По обилните врнежи што го зафатија Скопје во текот на изминатата ноќ, утрово се состанал штабот за заштита и за спасување на Град Скопје, за координација на активностите за превентивно дејствување за заштита од можни излевања на реката Вардар во Скопје.

Началникот на штабот за заштита и за спасување на Град Скопје, Емил Дуровиќ, информираше дека нивото на реката Вардар на три места е критично, и тоа на потегот од скејт-паркот до мостот Слобода кај „Холидеј ин“, под зградата на ПИОМ и во Долно Лисиче, каде што завршува регулацијата на реката Вардар. Тој додаде дека околу 10.000 вреќи со песок набргу ќе почнат да се поставуваат на овие критични точки.

Според него, градежните активности што се дел од проектот „Скопје 2014“, а се преземаат во коритото на реката на потегот од мостот Гоце Делчев до Камениот мост, видливо ја намалуваат проточноста на коритото и создаваат проблеми при надојдена вода.

– Работници од јавните градски претпријатија со механизација веќе се на терен и го санираат насипот меѓу Горно и Долно Лисиче, кај железничкиот мост, што пред две години го подигнаа екипите на ЈП „Улици и патишта“, а кој во меѓувреме беше уништен од несовесни граѓани на должина од 150-200 метри. Подготвени се и пумпи за исцрпување вода, и тоа четири големи пумпи со капацитет од 8.700 литри вода во минута, како и околу 40 помали пумпи, кои ќе се стават во функција ако за тоа се јави потреба. Штабот за заштита и за спасување на Град Скопје ќе дежура во текот на 24 часа и ќе ја следи состојбата на теренот, во соработка со Регионалниот центар за управување со кризи. Сакаме да нагласиме дека Градот Скопје е подготвен да се справи со оваа состојба и дека нема место за паника – изјави Дуровиќ.


УХМР предупредува на можно излевање на Радика, Црн Дрим, Сатеска и на Вардар


Скопје, 1 декември, 2017 - 10:37 (META) 

Врнежите во последните 24 часа ги зголемија нивото на сите водотеци во Македонија, а особено на реките во западниот дел на земјата, велат од УХМР.

Според податоците на Управата, најголеми промени на водостојот има на реките Радика кај Бошков мост, Сатеска кај Ботун и на Вардар кај Јегуновце, а продолжувањето на врнежите може да доведе до излевање на Радика, Црн Дрим, Сатеска и на Вардар.

„Се очекува да продолжи зголемувањето на нивото на сите водотеци со оглед на најавите од синооптичарите дека врнежите ќе продолжат, а ќе бидат најобилни во југозападните и во источните делови на земјава, каде се очекуваат повеќе од 60 литри на еден квадратен метар“, велат од УХМР.

Поради можните излевања од УХМР предупредуваат на внимателно движење покрај водотеците и суводолиците.


Заев му подари на Вучиќ дрес од „Вардар“


Белград, 21 ноември, 2017 - 13:46 (META) 

Премиерот Зоран Заев на средбата со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, му подари дрес од фудбалскиот клуб „Вардар“ со бројот девет и со името на Вучиќ, пренесуваат српските медиуми.

Пред состанокот со Вучиќ, Заев во Палатата Србија разговараше со премиерката Ана Брнабиќ, со која се договорија владите на Македонија и на Србија следната година во февруари или март да одржат заедничка седница.


Вардар го совлада Фенербахче со 2:0


Скопје, 17 август, 2017 - 23:57 (META) 

Македонскиот шампион вечерва на преполната „Телеком арена“ во Скопје го совлада турскиот гигант Фенербахче со 2:0, со што обезбеди голема предност во борбата за пласман во групната фаза од Лига Европа.

Вардар поведе во 20. минута од мечот со голот на Тигран Барсегјан, а конечниот резултат беше поставен во втората минута од судиското продолже на натпреварот, со автоголот на Мехмет Топал, кој во обид да ја врати топката до голманот Идриз Камени, го лобуваше чуварот на мрежата на Фенербахче.

Во финишот на натпреварот Вардар остана со играч помалку, откако капитенот Боби Грнчаров поради два жолти картони беше исклучен, и тој нема да настапи на реваншот закажан за седум дена во Истанбул.

Тимот на Шкендија вечерва доживеа тежок пораз од екипата на Милан. Македонскиот вицешампион во Милано загуби со 6:0.


Изменет сообраќаен режим поради натпреварот помеѓу „Вардар“ и „Фенербахче“


Скопје, 17 август, 2017 - 15:59 (META) 

СВР-Скопје денеска воспостави посебен сообраќаен режим на движење на возила и на пешаци кон Градски стадион, поради вечерашниот натпревар помеѓу фудбалските клубови „Вардар“ и „Фенербахче“, кој ќе почне во 20 часот.

„Идентично на мерките од неодамна одржаниот Суперкуп на УЕФА, се пропуштаат само возила и лица кои имаат посебни акредитации за движење кон стадионот и кон објектите лоцирани во непосредната околина на Градски парк, како и оние лица кои што имаат билети за најавениот фудбалски натпревар“, се вели во соопштението на МВР.


Ракометарите на „Вардар“ пристигнаа на плоштадот Македонија, славењето почна


Скопје, 6 јуни, 2017 - 14:54 (META) 

Десетици илјади граѓани денеска се собраа на плоштадот Македонија во Скопје, каде ги пречекаа европските шампиони во ракомет, ракометарите на „Вардар“.

Час и половина ечеа навивачки и патриотски песни, а се вееја знамињата на ракометниот клуб „Вардар“, на Македонија и со сонцето на Вергина.

Ракометарите пристигнаа во 13.45 часот со двокатен автобус во боите на клубот. Тие беа придружувани од полиција, а кога пристигнаа, добија громогласен аплауз од граѓаните.

На почетокот на манифестацијата, химната на Македонија ја отпеја пејачката Викторија Лоба, а потоа водителите, по претставувањето на кратката историја за клубот, почнаа да ги прозиваат ракометарите на сцената.

Сите истакнаа дека ова е заслужена победа за Македонија и дека сè уште не можат да поверуваат дека успеале да се искачат на ракометниот врв на Европа.

Тренерот на женскиот тим на РК „Вардар“, Гордана Нацева, рече дека не треба да чекаме уште 15 години за да имаме вакви прослави. Таа истакна дека тоа што тимот на „Вардар“ е со меѓународен состав, покажал дека како народ, нација и држава заслужуваме ваква победа. На крајот од својот говор, Нацева ја повика „Пивара Скопје“ да ја смени својата реклама, во која се вели дека некои се радуваат и на четврто место, бидејќи Македонците знаат да се радуваат и на прво место.

Сопственикот на клубот, Сергеј Самсоненко, рече дека пред да заминат да ги одиграат последните натпревари, се договориле да се претставуваат како туристи, кои дошле да се прошетат, за на крај да им покажат дека се дојдени да бидат шампиони.

По говорот на Самсоненко, ракометарите, заедно со насобраните граѓани, заедно запеаја „Ој Вардаре, македонски, ти ја красиш Македонија“.