Mакедонскиот проект „М“ награден на Филмски фестивал во Солун


Солун, 12 ноември, 2018 - 10:07 (META) 

Филмскиот фестивал во Солун синоќа го финализираше неговото 59. издание со доделувањето на наградите на филмовите од натпреварувачката конкуренција кои беа селектирани во малку необичен контекст за етаблирани фестивали.

Имено, 15 први или филмови на автори од целиот свет беа дел од посветата на тн. „римско милосрдие“ („caritas romana“), класичниот мотив во уметноста инспириран од грижата на Перо за нејзиниот татко Симон.

Фестивалското жири составено од Сандра ден Хамер (директорка на Филмскиот музеј во Амстердам), романскиот режисер Раду Жуде, иранската актерка Фатемех Мотамед-Арја, грчката историчарка на уметноста Сираго Сијара и шпанскиот композитор на филмска и театарска музика Алфонсо де Вилалонга, одлучи дека филмот „Реј и Лиз“ на британскиот режисер Ричард Билингем ја заслужил наградата „Златен Александар“ со необичниот поглед на темата за римското милосрдие. Се работи за своевидна лична визуелна „сеанса“ на авторот, кој низ три приказни го рекреира неговото мачно детство во семејство од ниската работничка класа  во Англија во седумдесеттите години од минатиот век.

„Сребрениот Александар“ му припадна на „Сè е добро“ на германската режисерка Ева Тробиш за сторијата на девојката која решила со супериорно молчење да го преброди силувањето од познаник. Главната актерка Ане Шварц од овој филм ја сподели и наградата за најдобра актерка со Мариша Триантафулиду од Грција, која, пак, имаше впечатлива ролја во „Нејзината работа“ на Никос Лабот.

„Бронзениот Александар“, односно награда за најдобар режисер , му припадна на тајландскиот режисер Футифонг Аронфенг за филмот „Манта реј“ („Ѓаволска риба“), реализиран во минималистички манир, како и фотографијата на кинематограферот Наворофат Трунгфибунсофит.

Актерот Јакоб Седергрен уште по првата проекција на данскиот филм „Виновен“ на Густав Мелер беше виден како најголем претендент за наградата за најдобар актер, па прогнозите се остварија. Симпатичниот „Криумчарење на Хендрикс“ на грчкиот режисер Мариос Пиперидес доби специјално признание од жирито. И тоа, како и публиката, беа слатко насмеани од сторијата за барањето на едно кученце на границата која ги дели грчкиот и турскиот дел од Кипар: иако формално се работи за куче, сепак приказната е потрагата по „најмалиот заеднички содржател“ на поделениот остров.

Наградата ФИПРЕСЦИ од интернационалната програма ја доби „Софија“ на мароканско-француската авторка Мерием Бенм’Барек. Додека, пак, наградата на критиката во грчката селекција отиде во рацете на режисерката Тоња Мишиали за филмот „Пауза“, сторија за проблемите, но и предизвиците, на жените во менопауза.

Публиката, пак, освен „Виновен“, како свои фаворити ги издвои и ги награди „Пеперутки“ на турската режисерка Толга Карачелик, сторија за браќа и сестри кои го бараат таткото кој одамна ги напуштил (во селекцијата „Балкански преглед“), потоа „Дванаесетгодишна ноќ“ на шпанскиот автор Алваро Бречнер, како и на „Бегалци, втор дел: Патека од мраз“ на грчкиот режисер Христос Николерис.

Вреди да се истакне и еден момент од делот на фестивалот наменет за филмските продуценти и режисери кои се натпреваруваа за грантови за развој на нивните проекти. На копродукцискиот форум беше награден македонскиот проект „М“ на режисерот Вардан Тозија и продуцентот Дарко Попов, кои добија постпродукциски пакет за нивниот филм во развој. Образложението на жирито гласи: „Наградата му ја доделивме на филм со одредена визуелна амбиција што ја носи автор кој ни се чини дека го отелотворува сето она што треба да биде еден режисер: раскажувач, но и техничар“.

Одлично за крај на овој извештај, но веројатно уште подобро за идниот живот на новиот проект на Тозија, кој го најавува неговиот нов филм како футуристичка бајка за одраснувањето на едно момче. Обично проекти во развој кои биле наградувани на солунскиот копродукциски форум се враќале на овој фестивал во голем стил, со награди.