Пет заблуди за вакцинацијата (инфографик)


Скопје, 14 јануари, 2019 - 15:57 (META) 

Македонија како никогаш порано, не била со олку низок опфат со вакцинација и никогаш не била на олку ниско ниво на здравствена едукација. Тоа што и докторите не се добро едуцирани, не е новонастаната ситуација, тоа е процес кој довел до ерозија на позицијата на здравствениот работник и неговиот авторитет низ годините. Во однос на вакцинацијата, едукација е потребна на многу нивоа, и кај докторите и кај родителите – вели проф. д-р Александра Грозданова.

Многу точни и неточни тврдења: епидемија на морбили, забраната за прием на невакцинирани деца, но и генерално вакцинацијата, деновиве се во фокусот на јавноста. Проваксери, антиваксери, лаици и експерти – сите кажуваат свои ставови во однос на овие лекови.

За да ги разјасни дилемите, „Мета“ контактираше експерти во областа,  проф. д-р Александра Грозданова  националниот координатор за имунизација зборува за дали има вистина во тврдењата кои на големо се коментираат на социјалните мрежи, а за тврдењето за поврзаноста на вакцините со аутизмот, зборувавме со проф. д-р Катерина Ставриќ, педијатар и директор на Клиниката за детски болести.

Вакцините се неефикасни? 

Грозданова: Тоа се небулози. Се вакцинираме од 1960 година наваму, и тоа со различни вакцини. Тие во континуитет се унапредуваат и се се` подобри. На светско ниво, дневно милиони деца примаат вакцина. Заради успехот на вакцините, тие се осудени на ваква компромитираност.

Во развиени држави вакцинирањето не е задолжително? 

Грозданова: Да, државите немаат задолжително вакцинирање, во нивната здравствена политика не е наложено дека мора да е задолжително. Но, во ниту една државна институција не можете да го запишете вашето дете, ако нема пополнет календар на имунизација. Во моментот кога ќе почнете да ги користите услугите на државата, вие не можете да правите што сакате. Ова е вака во сите држави членки на Европската Унија. Еве еден пример, во Холандија, 90 отсто е опфатот со вакцинација, иако е незадолжителна. Вака е и во останатите развиени земји. Значи, вакцинацијата не е задолжителна, родителите можат да си носат лична одлука, но во првиот момент кога детето влегува во системот, – користење градинка, училишта, тогаш е приоритет колективниот, односно јавниот интерес. Во тој момент, колективното здравје е поважно од личното.

Вакцината МРП предизвикува аутизам

Ставриќ: Дека ова тврдење не е точно, докажале бројни научни студии на светско ниво. Здравствените работници треба да се служат со научни резултати во разговор со родителите и во давањето одговор на сите поставени прашања и стравови кои постојат кај нив. Од друга страна аутизмот е јавноздравствен проблем кој се повеќе станува актуелен и потребно е истражувањата да се насочат на причините за настанувањето. Во една моја презентација за поврзаноста на МРП вакцината со аутизмот, користев податоци од светски научни трудови на оваа тема. Резултатите од пет студии, во кои биле вклучени 1.256.407 деца, и пет студии на случај во кои биле вклучени 9.920 деца, покажале дека нема поврзаност помеѓу вакцинaта МРП и аутизмот.

Вакцинацијата нема никаква врска со имунитетот

Грозданова: Вие со вакцините всушност стимулирате болест, кон која сакате да заштитите. Тоа е начин на пасивно прележување на болеста. Некогаш нема клиничка манифестација. Организмот создава антитела, за да во случај да биде заразен, да има имунитет. Со вакцините се внесуваат антигени, обработени во организмот. Кога заштитуваме со МРП вакцина, создаваме антитела, за ако детето дојде во контакт со оваа инфекција, да има клиничка манифестација со полесни симптоми.

Вакцините осакатиле и усмртиле многу деца: 

Грозданова: Ако вакцините толку ефикасно делувале на таков лош начин, досега ќе имавме премногу смртни случаи. Фактите говорат дека во цела измината 2018 година, само двајца родители пријавиле несакани реакции кај нивните деца од вакцина. Ние низ годините во континуитет примаме се` повеќе вакцини, живееме во се` полоша средина, а старосната граница се зголемува, односно сега е 72-73 години. Медицината и фармацијата го подобруваат квалитетот на животот и тука не постојат дилеми. Уште еден факт, сите регистрирани случаи на заразени со морбили кај нас се деца кои немаат примено вакцина. Како се случи да не заболе едно вакцинирано дете?

 

Падот на опфатот со првата доза на МРП вакцината (против морбили, паротитис и рубеола) е силно поврзан со влијанието на антивакциналното лоби кое зема засилен замав и во нашата земја.

Ако се погледнат бројките од извештајот за имунизација кој го прави Институтот за јавно здравје, се забележува дека во однос на вакцинацијата со прва доза на МРП вакцина, која се дава на возраст од 12 месеци, во 2017 е регистриран опфат од 82,6 oтсто, што незначително се разликува во однос на 2016 година кога опфатот бил 82,1 отсто.

Но, почнувајќи од 2014 година, се бележи континуирано намалување на опфатот, а последите три години, опфатот со МРП вакцинацијата континуирано е под 90 отсто.

За разлика од опфатот со првата доза, опфатот со втората доза кај деца на 6 годишна возраст, односно во прво одделение е значително повисок. Во 2017, опфатот со втората доза на МРП вакцината е 97 отсто, што е повеќе од 2016 година, кога опфатот бил 93,3 отсто, како и од просечниот опфат за изминатиот петгодишен период, кој изнесува 94,8 отсто.


На Инфективна од морбили се лечат 20 пациенти


Скопје, 14 јануари, 2019 - 12:42 (META) 

На Клиниката за инфективни болести во моментов од морбили се лечат вкупно 20 пациенти. Од пред два дена, примени се шест нови заразени пациенти, од кои пет се деца на возраст од девет месеци до две и пол години, како и една девојка на возраст од 24 години. На инфективната клиника има посебни оддели за овие пациенти.

Докторите прогнозираат дека бројот на заболени допрва ќе расте.

Од Министерството за здравство, за „Мета“ информираат дека до крајот на неделава, Комисијата за заразни болести ќе донесе конечна одлука дали ќе се пролонгира распустот.

Министерот Венко Филипче изјави дека се размислува за можноста, со теренска вакцинација, да бидат вакцинирани со МРП вакцина сите невакцинирани ученици на првиот ден од почетокот на второто полугодие.

– Процентот на невакцинирани деца е голем кај децата кои одат во градинка. Нешто подобар е процентот на школски деца. Сепак, на состанок со епидемиолозите ја дискутиравме оваа можност, ако продолжи епидемијата, опција да биде теренската вакцинација на првиот училиштен ден – рече Филипче.

Здравствените власти препорачуваат, сите кои имаат клиничка слика за морбили (откако тоа ќе го утврдат матичните педијатри), да одат на Клиниката за инфективни болести, а не на Клиниката за детски болести.
Епилог во врска со случајот со залепени погрешни декларации на вакцините, се очекува до крајот на неделава.

Во моментов, Агенцијата за лекови „Малмет“ прави увид во вакциналните пунктови во кои имаше вакцини со погрешни декларации. Филипче уверуваше дека грешката е техничка и дека сепак вакцините се исправни, квалитетни и безбедни за користење.

Откако беше прогласена епидемија пред 11 дена, досега со МРП се вакцинирани околу 1.900 деца.


Седум нови сомнителни случаи на заразени од морбили


Скопје, 10 јануари, 2019 - 13:37 (META) 

Седум нови сомнителни случаи на заболени од морбили се пријавени денеска во Институтот за јавно здравје. Прим. д-р Гордана Кузмановска, епидемиолог во Институтот, нагласува дека ова не се регистрирани случаи, туку за нив допрва ќе следат лабораториски анализи и испитувања, а потоа ќе види дали ќе бидат потврдени случаи или не.

– Сомнителните случаи се добиени од Инфективната клиника. Тие чекаат лабораториска дијагностика, а дополнително ќе се знае дали ќе добиеме пријава дека се работи за заразна болест. Во новата епидемија, на територија на Скопје, без оние седум случаи од Радишани, во моментов има 13 потврдени случаи – информира д-р Кузмановска.

Како што неофицијално дознава „Мета“, станува збор за деца од градинка во Аеродром.

Од 3 јануари е прогласена епидемија на морбили на ниво на Скопје. Во исто време беше донесена мерка за забрана за прием на невакцинирани деца со МРП вакцина. Од денот на забраната, досега вакцинирани се над 1.300 деца.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат врши контроли по градинки, дали тие примаат деца кои не ја имаат примено оваа вакцина. Директорката Ирина Бухова за „Мета“ информира дека до овој момент не се регистрирани случаи на примање невакцинирани деца.

– Ние можеме да правимe проверки само кај што има решение за забрана. Затоа нашите инспектори делуваат само во Скопје. Во моментов нема пријави за примени невакцинирани деца во градинка – вели Бухова.


Филипче: За пропустот со вакцините, може да го раскинеме договорот со „Македонија лек“


Скопје, 8 јануари, 2019 - 16:05 (META) 

Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска изјави дека кај само еден отсто од вкупниот број увезени МРП вакцини, имало проблем со декларациите, на кои бил впишан рок кој не соодветствува со реалниот рок, кој не е изминат.

– Инспекции ќе има во здравствените домови кои извршиле прием на вакцините, но и во самата компанија, која ќе треба да си ги испита процедурите за да видат каков пропуст направиле. Нема да дозволиме ништо да го подрива угледот и довербата во нашиот здравствен систем, во период кога правиме напори да го зачуваме угледот. Наша намера е да ги смениме сите оние работи кои родија сомнеж во јавноста околу исправноста на вакцините. Министерството за здравство ќе ги преземе сите мерки кои се во рамки на правната регулатива да се справиме со ова, да укажеме на производителот каков проблем се јавил со локалниот добавувач, за да докажеме дека сме сериозна власт на која граѓаните и се на прво место – рече Филипче.

Тој потенцира дека не се најдени вакцини со изминат рок, односно дека е најден мал процент на вакцини со погрешни декларации.

– Станува збор за декларации на кои има постар датум од она што е вистински рок, кој е наведен и на кутијата и на вијалата на самата вакцина. Одговараме за квалитетот на вакцините, за критериумите на нивната набавка. Многу сериозно го разгледуваме прашањето. Вакцините се проверени од инспектори, дадена е дозвола за дистрибуција, дадена е дозвола од Агенцијата за лекови. Инициравме контрола во неработни денови, што укажува дека крајно сериозно пристапување на прашањето. Не сакавме да се создаде дополнителна паника во јавноста, посебно не во овој период на епидемија. Претставници на министерството и на Агенцијата за лекови ја контролираат серијата која се увезува на земјата. Но тогаш, дистрибутерот нема обврска да стави декларација, туку тоа го прави отпосле. После добивањето на таа дозвола, се лепат лепенки и вакцините се дистрибуираат во здравствените домови – појасни Филипче.

Тој информира дека немало никаков проблем со чувањето на вакцините. Директорите на здравствените домови веднаш биле задолжени да информираат во врска со нивниот прием. Вакцини со погрешна декларација се пронајдени во Здравствениот дом „Железничар“, во Демир Хисар, во Велес и во Свети Николе.

– Лекот не е фалсификат, се работи за техничка грешка. Кога ќе ги собереме сите количини, ќе постапиме понатаму со фирмата „Македонија лек“. Тие направиле техничка грешка, односно наместо нови, залепиле стари налепници. Понатаму ќе видиме како ќе се одвиваат работите – рече министерот.

Според него, оправдано е прогласувањето на епидемија од морбили.

– После многу години, ова е еден случај каков што не сме имале во нашата држава. Вкупно 60 заболени е сериозна бројка и затоа се преземени овие мерки. Апелот е ист, родителите треба да ги вакцинираат децата зашто тоа е единствениот излез, само така може да се запре оваа епидемија. Имавме несреќа да се дететктираат налепници кои се надеваме дека нема да создадат паника. Ќе преземеме се` што е во наши рамки, вклучително и раскинување на договорот, ако се докаже дека ова бил пропуст кој можел да се превенира. Како што сме ние сериозни во овој процес, сакаме да имаме и сериозни партнери. Ќе инсистирам да се реши ова што поскоро, како и да бидам лично информиран за сите инспекциски надзори, како во компанијата, така и од пунктови на терен. Сакам да верувам дека е техничка грешка. Ги уверувам сите граѓани дека станува збор за квалитетна и добра вакцина, дека нема ризик, дека релацијата со болести се темели на парамедицина. Со нашите мерки целта ни беше да интервенираме во почетокот, да не дозволиме да имаме смртни случаи, па тогаш да преземаме активности – додава Филипче.


Казна до 4.000 евра за градинките ако инспекторите „фатат“ невакцинирано дете


Скопје, 8 јануари, 2019 - 13:10 (META) 

Државните здравствени и санитарни инспектори, од денеска продолжуваат со контроли по градинките, по времената мерка забрана за прием на невакцинирани деца со МРП вакцина, информира за „Мета“ директорката на инспекторатот, Ирина Бухова.

– Нашите инспектори се на терен откако започна забраната. Од сите градинки кои досега се поминати на територија на Скопје, во ниту една не беа направени отстапки. Но, морам да нагласам дека сепак најверојатно поради празниците и распустот, во градинките беа згрижени многу мал број на деца. Од денеска контролите продолжуваат и ќе траат се` додека е на сила решението за забрана за прием на невакцинирани деца – информира Бухова.

Таа потсетува дека има парични казни за правното и за одговорното лице во случај во некоја градинка да се затекнат деца без примена вакцина.

– Казната за правното лице се движи од 2.000 до 4.000 евра, а одговорното лице треба да плати 30 отсто од одредената сума за правното лице – вели директорката.

Инаку денеска во 17 часот е најавен протест на членови на движењето „Вакцинацизам“, пред Министерството за здравство, кои се против ваквата забрана. Тие протестираа и пред неколку дена, а изјавија дека паричните казни нема да ги предомислат и дека ќе ги оставаат децата во градинка, со и без дозвола на надлежните.

Министерството за здравство прогласи епидемија од морбили на 3 јануари. За прв пат се донесе мерка – забрана за прием на невакцинирани деца со МРП вакцина за морбили, рубеола и паротитис. За да можат да посетуваат градинка, наложено е прво да појдат на вакцинација. Оттогаш досега, како што информираат во Министерството за здравство, вакцинирани се повеќе од 1.000 деца.


Против МРП вчера вакцинирани 23 деца, бројката стаса до 1.102


Скопје, 8 јануари, 2019 - 9:35 (META) 

Министерството за здравство информира дека вчера до 13 часот вакцинирани биле 23 деца со МРП (морбили, рубеола, паротитис – или ситна сипаница, крупна сипаница и заушки). Со тоа, до вчера вакцинирани биле вкупно 1.102 деца.

Во моментов, нема нови потврдени случаи на новозаболени лица од морбили (мали сипаници).

Министерството за здравство апелираме до сите родители да ги вакцинираат своите деца.

„МРП вакцината е висококвалитетна, производител е компанијата GlaxoSmithKline од Белгија. Вакциналните пунктови во поликлиниките „Букурешт“, „Бит Пазар“ и „Јане Сандански“, од  денеска ќе работат во две смени од 7:30 до 190 часот.


По примањето МРП вакцина, детето може во градинка, но подобро 10 дена да остане дома


Скопје, 4 јануари, 2019 - 12:39 (META) 

Откако пред неколку дена стапи на сила времената забрана за примање деца во градинка кои не се вакцинирани од МРП вакцината (за морбили, рубеола и паротитис), многумина родители на социјалните мрежи прашуваа дали веднаш по примањето на вакцината можат да ги испратат своите деца во градинка, или пак, треба да поминaт одреден период дома.

Иако има лекари кои тврдат дека по вакцината детето треба да остане дома неколку дена, во меѓувреме, во градинка се примаат сите деца кои биле вакцинирани истиот или претходниот ден.

Педијатарот Весна Стојанова – Атанасовска, за „Мета“ вели дека по примањето на МРП вакцината детето треба да остане дома десетина дена.

– Откако детето ќе прими МРП вакцина потребно е да остане дома десетина дена, а притоа треба да се зголеми внесот на витамини и на здрава храна. Повикувам на вакцинирање, меѓу другото и од мое лично искуство. Сметам дека невакцирани деца не треба да се примат во градинка, бидејќи се потенцијал за ширење инфекција и зараза, која е сериозна опасност за сите. Порачувам родителите кои читаат и знаат нешто повеќе, на кантар да ги стават нус-ефектите и од едното и од другото и да одлучат. Моите деца се вакцинирани, децата на моите поблиски пријатели и роднини се вакцинирани, пациентите кои имаат доверба во моето работно искуство се вакцинирани. Ние сме безбедни во оваа епидемја, бидете и вие – порачува докторката.

Проф. д-р Александра Грозданова, претседателката на Комитетот за имунизација, вели дека вакцините што сега се користат се давале десет години наназад и несаканите реакции се точно опишани и од производителот, но и педијатарот ги советува родителите што може да се очекува.

– Тоа се најчесто фебрилни состојби, температура, болка на местото на давање, малаксаност, и тоа е она што е очекувано. Сепак, препорака на педијатрите е дека не би имало проблем доколку детето веднаш по вакцината појде во градинка – рече Грозданова.


До 15 часот вакцинирано е вкупно 371 дете на територија на Скопје


Скопје, 3 јануари, 2019 - 15:45 (META) 

Денеска до 15 часот вакцинирано е вкупно 371 дете на територија на Скопје со вакцината МРП (морбили, рубеола и паротитис), информираа Министерството за здравство.

Оттаму велат и дека за две од шестмината новозаболени лица од морбили е добиена лабораториска потврда, а за две од нив резултатите се негативни.

Кај еден случај на болно дете се прават дополнителни лабораториски испитувања.

„Министерството за здравство апелира до сите родители да ги вакцинираат децата со МРП вакцина. Потсетуваме дека се` уште е на сила наредбата дека децата, кои се невакцинирани нема да бидат примени во детските градинки, со цел да се спречи ширењето на епидемијата прогласена во Скопје. Во соработка со Здравствен дом – Скопје воведуваме и втора смена во поликлиниките, каде се врши вакцинација, односно вакциналните пунтови во поликлиниките „Букурешт“, „Бит Пазар“ и „Јане Сандански“ ќе работат до 19 часот“, информираат во МЗ.

Оттаму напоменуваат дека МРП вакцината е висококвалитетна. Производител е компанијата „GlaxoSmithKline“ од Белгија.


Родителите не се бунат кога градинките им ги враќаат децата без МРП вакцина


Скопје, 3 јануари, 2019 - 14:41 (META) 

Пет деца невакцинирани за морбили, рубеола, паротитис (МРП) не биле примени на згрижување денеска во градинката „Кочо Рацин“ во Центар, согласно препораките на Министерството за здравство (МЗ). Во меѓувреме, од денеска инспектори од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) прават проверки, дали има деца кои се примени, а не се вакцинирани со МРП.

Главната сестра на сите четири објекти на градинката, Лиле Тодоровска, за „Мета“ вели дека од вкупно 750 деца, во овој период само седумдесетина посетуваат градинка.

– Бројката е намалена генерално, бидејќи е време на распуст. Добивме решение од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, како и од Министерството за здравство, во кое се наредува како да се постапува. Имено, се забранува згрижување без примена вакцина МРП по календар. Ние ги имаме тие податоци на увид, бидејќи при упис на секое дете, имаме календар за неговиот имунален статус, кој е услов за да бидат примени. Секоја година тоа се апдејтира и се знае точно што има добиено детето од вакцини. За тие деца за кои немавме евиденција, во овие два три дена родителите носеа документ и нив ги згрижувавме. Имаше пет-шест деца чии родители или баби не беа информирани за мерката, па ги информиравме и ги вративме. Родителите не се бунат, бидејќи знаат дека тоа не е одлука на градинката, туку е решение од Министерството – вели Тодоровска.

Таа информира дека во меѓувреме инспектори прават контроли дали има деца кои се примени, а се невакцинирани.

– Примивме и деца кои сабајлево родителите ги вакцинирале. Исто така згрижуваме и деца кои немаат примено ниедна вакцина, но тоа е со изјава потпишана од родител – објаснува главната сестра на четирите објекти на градинката „Кочо Рацин“.

И во градинката „13 Ноември“ во Центар информираат дека од денеска ја почитуваат мерката за забрана и дека се примаат само деца кои ја примиле МРП вакцината.

Рабије Љоку, директорката на детската градинка „Фидани“ во Чаир, вели дека периодов вообичаено се преземаат санитарно-хигиенски и против-епидемиски мерки.

– Тоа за нас е нешто што е секојдневие, се дезинфицира целиот простор, се дезинфицираат сите играчки, а овој период кога е редуциран бројот на деца, се користи токму за тоа. Имавме денеска луѓе од Ценарот за јавно здравје кои вршат контроли. Кај нас има деца кои ги немаат примено сите вакцини, но тие денеска не се дојдени во градинка. Не дојдоа ниту оние кои немаат примено МРП вакцина. Луѓето најверојатно ги поврзале празниците, а и време на распуст е – вели Љоку.

Мајката на девојче на возраст од година и пол за „Мета“ вели дека не била вратена, туку била информирана од градинката во која го носи нејзиното дете дека тоа нема да биде примено ако не добие МРП вакцина.

– Моето дете е на возраст од 18 месеци, а не е вакцинирано, бидејќи и јас и докторот сме процениле дека во моментот не било здраво за да ја прими вакцината. Раководителката на градинката ми кажа дека денеска, иако има забрана, ќе имаат разбирање и ќе го примат детето, зашто нели, не може за пола ден родителите да се снајдат и да го дадат детето на згрижување на друго место. Но потенцираше дека веќе од утре, согласно препораките на Министерството за здравство, ќе мора да однесам копија од страниците во здравствената книшка од календарот за иунизација и рече дека би го примиле само врз основа на тоа. Планирам да го вакцинирам, ја сфаќам сериозноста на сето тоа, но сметам дека сето ова треба да се организира подобро, бидејќи многумина од нас немаат алтернатива или помош околу чувањето на децата. Друго што исто така треба да се расјасни е, дали треба да ги слушаме оние доктори кои велат дека по примање вакцина детето треба да биде дома и под надзор, или пак, е безбедно веднаш да почне да оди во градинка – вели Елена С..

Вчера Министерството за здравство прогласи епидемија на мали сипаници на ниво на Скопје заради 12 нови случаи. Министерот Венко Филипче рече дека шестмина од новите случаи се потврдени преку лабораториски анализи. По ова следуваше забраната за носење деца во градинка кои не примиле МРП вакцина.

– Сите нови случаи се невакцинирани лица со МРП вакцината. Затоа е прогласена е епидемија на мали сипаници во Скопје и принудени сме од утре да донесеме привремена мерка – забрана за носење на деца кои не се вакцинирани во градинките – изјави Филипче.


Родителите се раскараа на Фејсбук по забраната за примање невакцинирани деца во градинка


Скопје, 3 јануари, 2019 - 13:58 (META) 

Времената мерка за забрана за примање во градинка на деца невакцинирани со МРП вакцина на Министерството за здравство (МЗ), изминативе два дена предизвика бурни реакции на социјалните мрежи. Според едни, ваквата мерка за забрана треба да биде трајна, а други оценуваат дека министерството само шири паника и дека не треба на овој начин да се условува приемот на деца во градинките.

– Јас сум за вакцинирање, бидејќи овде се работи за болести кои се заразни и лесно можат да се рашират во епидемија. Се работи за колективна свест, која ни недостасува во секој сегмент од општеството. Што правиме со оние деца кои веќе се хронично болни од астма и други аспираторни заболувања, оние кои имаат автоимуни заболувања и ред други болести и на сето тоа да добијат и морбили? Исходот може да биде трагичен – пишува една мајка.

Силвана М., мајка на петгодишно дете, пак, смета дека оправдани се стравовите кај родителите кои избираат да не ги вакцинираат своите деца.

– И родителите кои вакцинираат и оние кои не вакцинираат, го направиле изборот мислејќи им најдобро на своите деца. А дебатите по социјалниве мрежи се колеж. Јас на пример, воопшто не можам мирна душа да имам, иако и немам баш избор со детево. Има препорака да не се вакцинира, а доколку ептен решиме, да го носиме на клиника, со задолжителна хоспитализација и надзор. Па, за тоа не сме се решиле. А еве го, во моментов кашла на минутка, со антибиотик и инхалација. Реално нам, кои сме лаици следствено е да ни е страшно и едното – последици од болести, и другото – последици од вакцините – вели Силвана.

Во меѓувреме, во градинките во Скопје од утрово не се примаат деца кои ја немаат примено МРП вакцината. Освен Министерството за здравство, известување до градинките испрати и Министерството за труд и социјална политика (МТСП).

„Ги информиравме сите државни и приватни градинки, дека Министерството за здравство прогласи епидемија на мали сипаници (морбили) во Скопје, согласно Законот за заштита на населението од заразни болести. Истовремено МТСП им укажа на градинките дека е на сила забрана за примање деца во градинките кои не се васкцинирани од МРП (вакцина за морбили, рубеола и паротит). Градинките се задолжени и да спроведат санитарно-хигиенски и противепидемиски мерки. Врз основа на горе наведеното МТСП укажува дека треба да се почитуваат одлуките коишто се донесени од страна на Министерството за здравство. Укажувањата и препораките се во насока превенција и поголема безбедност на децата“, велат оттаму.

Во министерството истакнуваат дека казните за невакцинирање на децата за родителите, се движат од 350 до 650 евра.