Почнува вакцинацијата против сезонски грип


Скопје, 5 ноември, 2018 - 10:04 (META) 

Во сите Центри за јавно здравје во земјава денеска почнува вакцинацијата против сезонски грип. Годинава обезбедени се 41.000 дози вакцини, од кои 28.000 се наменети за лицата над 65 години што немаат пензија или пензијата што ја добиваат е пониска од 14.480 денари.

Како што вчера соопшти министерот за здравство Венко Филипче, вакцината е квалитетна и според светските стандарди.

– Набавивме четиривалентна вакцина, која е најнова, висококвалитетна, и заштитува од четири видови на инфлуенца и истата е според препораките на Светската здравствена организација (СЗО и Европската медицинска агенција. Вакцините се набавени од француската фармацевтска компанија „Санофи Пастер“. Вакцинацијата не е задолжителна, но ја препорачуваме за лица над 65 години, како и за другите со хронични болести, но и здравствени работници и други лица во здравствен ризик – потенцираше Филипче.

Лицата постари од 65 години што припаѓаат на погоре наведените категории, со чек од пензијата треба да појдат кај својот матичен лекар, кој ќе им закаже вакцинирање во некој од центрите за јавно здравје. Лицата во оваа старосна категорија што не добиваат пензија, ќе можат да се вакцинираат со потврда од ПИОМ.

Сите останати лица што сакаат да се вакцинираат против сезонски грип, тоа може да го направат по цена од 650 денари во центрите за јавно здравје.


Катерина Ставридис: Имунизацијата е едно од најголемите достигнувања на медицината


Скопје, 29 октомври, 2018 - 10:16 (META) 

Вакцинацијата директно придонесува за намалување на бројот на заболени и смртноста од вакцино-превентабилните заболувања. Според СЗО со вакцинирањето се спасуваат два до три милиони деца во светот, секоја година, вели епидемиологот д-р Катерина Ставридис.

– Последен случај на дифтерија во Македонија е регистриран во 1976 година, неонатален тетанус не е регистриран од 1993 година, а последен случај на детска парализа или полио е регистриран во 1987 година. Од 2002 година нашата земја, заедно со земјите од Европскиот регион е прогласена за земја „ослободена“ од полио. Сите овие факти говорат за бенефитите од колективната имунизација, а треба да е доволен показател за тоа, зошто е важно луѓето да се вакцинираат – вели за „Мета“, д-р Катерина Ставридис, епидемиолог во Институтот за јавно здравје.

Таа додава дека ефективноста на вакцините варира во зависност од видот на вакцината.

– Но, за повеќето вакцини 80-99 отсто од вакцинираните лица се заштитени од болестите против кои се вакцинирани. Доколу вакцинирано дете или возрасен заболи, што најчесто е резултат на послабиот имун одговор на организмот, сепак сиптомите кај овие лица се многу полесни, а можностите за компликации се помали – вели д-р Ставридис.

Во нашата земја секоја година се објавува Календарот за имунизација  кој е во согласност со Правилникот за имунизација, според кој е одреден распоредот и редоследот на вакцините. Многу е важно да се почитува Календарот за имунизација, децата редовно, навреме и на точно одредена возраст да се вакцинираат за да се постигнат најдобри ефекти од вакцинацијата.

Докторката потенцира дека имунизацијата e едно од најголемите достигнувања во историјата на медицината.

– Вакцинацијата директно придонесува за намалување на бројот на заболени и смртноста од вакцино-превентабилните заболувања. Според СЗО со вакцинирањето се спасуваат два до три милиони деца во светот, секоја година – нагласува Ставридис.


Вакцинацијата против грип ќе почне в среда


Скопје, 16 октомври, 2017 - 16:06 (META) 

Вакцинацијата против грип ќе почне в среда (18 октомври) и ќе се врши во центрите за јавно здравје и во нивните подрачни единици на територијата на целата држава, информираат од Министерство за здравство.

„Вакцината е подготвена во согласност со препораките на СЗО и штити од два типа вируси од групата A и од еден тип вирус од групата Б, а производител е „Абот“ од Холандија. Вакцинацијата е единствена превентивна заштитна мерка против грип и се препорачува за лицата над 65 години, особено хронично болните лица, мали деца под три години со намален имунитет, здравствени работници, лица со кардиоваскуларни и со респираторни заболувања, како и воопшто за лица со намален имунитет“, се вели во сооопштението на Министерство за здравство.

Оттаму велат дека вакцината против грип е незадолжителна и се дава на доброволна база. Цената на вакцинацијата е 400 денари, исто како и минатите години.


Вакцинирани околу 100 лица кои биле во близина на заболените од мали сипаници


Скопје, 25 септември, 2017 - 13:26 (META) 

Центарот за јавно здравје Скопје (ЦЈЗ) информира дека за време на викендот биле вакцинирни околу сто лица, кои биле во непосредна близина на заболените од мали сипаници (морбили) и кои не се вакцинирани или немаат потврда за вакцинација на територијата на Општина Гази Баба, каде од петокот е прогласена ограничена епидемија.

„Екипи од ЦЈЗ – Скопје и од Институтот за јавно здравје заедно вршат и дополнителна проверка на вакциналните картони и ги повикуваат невакцинираните или нецелосно вакцинираните деца. Воедно, наложено е на сите здравствени домови во државата, приоритет да им биде вакцинација, односно ревакцинација во училиштата против морбили, рубеола и паротит“, велат од Министерство за здравство.

Ортаму додаваат дека екипите за имунизација, доколку има потреба, на територијата на поедини подрачја ќе вршат и теренска вакцинација, заради наоѓање непријавени и воопшто невакцинирани деца на територијата на Град Скопје.

Во меѓувреме, нема пријавени нови случаи на заболени со морбили ниту клинички, ниту лабораториски, а петте претходно регистрирани случаи се во добра здравствена состојба.


Комисијата за заразни болести прогласи епидемија на мали сипаници во Гази Баба


Скопје, 23 септември, 2017 - 17:34 (META) 

Комисијата за заразни болести прогласи епидемија на морбили (мали сипаници) во Општина Гази Баба, откако пет деца се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести.

Најмалото дете има 12 месеци, а најголемото 11 години. Претседателот на Комисијата, Звонко Миленковиќ, вели дека три од нив имале висока температура и други компликации кои се појавиле пред осипот, но не се во критична состојба.

Надлежните информираат дека овие деца не ја примиле задолжителната вакцина МРП, а здравствените власти од понеделник ќе проверуваат колку деца не се вакцинирани, имајќи предвид дека вакцинирањето со оваа вакцина е намалено.

Од Комисијата за заразни болести апелираат до граѓаните да не ја одложуваат вакцинацијата, бидејќи малите сипаници можат да доведат до сериозни компликации, но и смртни случаи како што е случајот во Романија и други европски земји.

Во Македонија последен пат морбили се појавиле во 2014 година, кога биле заразени 110 лица.


Бројот на заболени од грип 40 пати повисок отколку лани


Скопје, 30 декември, 2016 - 13:18 (META) 

Изминатата недела од грип заболеле 4.195 лица, а минатата година во истото време овој број изнесувал 109 лица, што значи годинава бројот на заболени е 40 пати поголем, покажуваат најновите бројки на Институтот за јавно здравје.

Бројот на заболени од грип се зголемил 4,9 пати во споредба со минатата недела, кога биле регистрирани 853 заболени лица.

Од Институтот за јавно здравје велат дека вкупниот број на пријавените случаи и оваа недела ја надминува границата на сезонската активност, а активноста на вирусот на грип е на средно високо ниво.

Најголем број на заболени – 728 лица има во Скопје, во Велес се пријавени 560 случаи, а во Тетово – 529 заболени лица.

Од сите случаи, 66,1 отсто се пријавени во најголемата возрасната група од 15 до 64 години.

Според пристигнатите извештаи, заклучно со претпоследната недела од годинава, потрошени се 99,9 отсто од вкупно набавените вакцини за оваа сезона.

„Епидемиолошките податоци за бројот на пријавени случаи на грип, односно заболувања слични на грип и лабораториски потврдените случаи на грип, укажуваат на ран почеток на сезоната, при што се очекува висок број на случаи во периодот на новогодишните и на божиќните празници“ , велат од Институт за јавно здравје.


Болеста јазлеста кожа побрза од вакцините


Штип, 21 јуни, 2016 - 19:07 (META) 

Итен состанок со ветеринарните служби и со инспекциите денеска имаа сточарите од Општината Карбинци. Болеста јазлеста кожа се прошири на неколку стада во оваа општина. Сточарите велат дека ветените вакцини задоцнија, а болеста со појавата на комарците интензивно се шири.

Сточарите на состанокот се пожалиле дека допрва ќе трпат загуби. Бараат час поскоро преку вакцинација да ги спасат сè уште здравите говеда.

Дополнителна паника предизвикаа високата температура и појавата на комарците, кои ја пренесуваат болеста. И покрај препораката, двете општини, Штип и Карбинци, немаат спроведено дезинсекција.

Градоначалникот на Карбинци, Зоран Минов, на состанокот смируваше дека од Агенцијата за храна и ветеринарство му најавиле дека деновиве ќе почне вакцинирањето и во оваа општина.

Вчера во соопштение Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) соопшти дека во зафатените региони, главно во Источна Македонија, спроведуваат втора фаза од вакцинацијата за да се заштитат здравите грла, кои не биле во допир со заболените животни.

Маре Стоилова, претседателка на Независниот синдикат на земјоделците за Брегалничкиот Регион, најавува дека синдикатот ќе бара правна одговорност од надлежните служби.

– Заболените говеда се уништуваат без на сточарите да им се издаваат документи, а угинатата стока се закопува во несоодветни јами – вели Стоилова.

Според неа, за кратко време болеста од ниските делови на Карибинци се проши до највисоките делови. А сточарите, од страв да не им ги регистрираат стадата како заболени, угинатата стока не ја пријавуваат и сами ја закопуваат.


СЗО: Вакцина против вирусот зика за 18 месеци


Копенхаген, 12 февруари, 2016 - 14:49 (META) 

Светската здравствена организација (СЗО) денеска соопшти дека ќе бидат потребни 18 месеци за вршење клинички тестирање на вакцината против вирусот зика кај луѓето.

Помошникот на генералниот директор на СЗО за здравствени системи и иновации, Мари-Пол Кини, рече дека постојат два кандидати за вакцина кои би можеле да се најдат во производство.

Едната ја направил американскиот национален институт за здравје, а другата „Барат бајотек“ од Индија.

Кини рече дека во следните неколку недели лекарите ќе можат да ја утврдат поврзаноста меѓу вирусот зика и двете нарушувања – микроцефалија кај бебињата и Гилејн-Баров синдром кај возрасните, неуролошко нарушување при кој имунолошкиот систем ги напаѓа сопствените ткива на периферниот нервен систем.


Бројката на заболени од грип во Гостивар забрзано се зголемува


Скопје, 4 февруари, 2016 - 14:53 (META) 

Рапидно се зголемува бројката на заболени од грип во Гостиварско. За споредба, на почетокот од годинава, имаше регистрирано само неколку случаи, а сега нивната бројка изнесува околу 280 лица. Лекарите очекуваат вирусот да се шири интензивно и во периодот што следува.

– Вакцината е најдобра заштита од грипот. Во Гостивар сезонава против вирусот се вакцинирани 1.100 граѓани. Тие што не примиле вакцина во периодот на забрзано ширење на заболувањето, треба да ги почитуваат општите мерки на превенција – изјави примариус д-р Војислав Огњановски.

Пациентите заболени од грип во Гостивар засега поминуваат со полесна клиничка слика. Препораките се граѓаните да не се лекуваат на своја рака и да посетат лекар ако почувствуваат симптоми на вирусот.


Во Србија почна примената на кубанската вакцина против рак на белите дробови


Белград, 10 декември, 2015 - 13:23 (META) 

Два пациента кои ги исполнија критериумите ја примија кубанската вакцина против рак на белите дробови, со што денеска почна примената на овој лек во Србија, соопшти српскиот министер за здравство, Златибор Лончар.
– За луѓето кои денеска ја примија вакцината, ова е сериозна надеж, а останува да ја следиме нивната состојба – рече министерот.

Лончар додаде дека има уште седум пациенти на подготвителна терапија во Белград и оти засега има голем интерес за лекот.

– Не тргнавме со голем број пациенти за да видиме како ќе се одвива состојбата – додаде министерот.

Лончар истакна дека Србија е единствена земја во регионот што го има тој лек и оти веќе е најдено решение за оние од регионот кои сакаат да видат дали се кандидати за вакцината.

– Ние ќе продолжиме и со разговорите за оние кои не се здравствени осигуреници за да ја добијат вакцината – рече српскиот министер.