ЕУ со реципрочни мерки кон САД, воведува царина за американски производи


Брисел, 6 јуни, 2018 - 16:50 (META) 

Европската унија соопшти дека од јули почнува со воведување царини на увоз на американска стока, како одговор на одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да воведе царини на увоз на челик и на алуминиум од Европа.

– Листата на американски производи за кои ќе се воведе царина ќе биде готова овој месец и ќе се применува од почетокот на јули, изјави денеска потпретседателот на ЕК, Марош Шефчовиќ.

ЕУ нагласува дека ќе воведе царина за американски стоки меѓу кои се челик, земјоделски производи, бурбон путер од кикирики и сок од портокал.


Извозот во првите четири месеци со пораст од 31,5 проценти


Скопје, 4 јуни, 2018 - 15:11 (META) 

Извозот на стоки од Македонија во првите четири месеци од годинава бележи пораст од 31,5 проценти во однос на истиот период лани, објави Државниот завод за статистика.

Извозот во првите четири месеци од годинава изнесувал 2.176.646.000 долари, а увозот 2.954.810.000 долари и бележи пораст од 28,8 проценти. Трговскиот дефицит изнесува 778.163.000 американски долари. Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари-април 2018, изнесува 73,7 проценти.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, делови на седишта и облеката.

Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснато-валаните производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.

Во периодот јануари-април 2018 година, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија, и Бугарија


Земјите погодени од одлуката на Трамп за оданочување на челикот, најавија контрамерки


Вашингтон, 1 јуни, 2018 - 10:55 (META) 

Европските лидери реагираа остро на одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп, за воведувањето на данок на увоз на челик и алуминиум од земјите-членки на Европска унија, Канада и Мексико.

Земјите кои се погодени од оваа одлука, која денеска стапува на сила, најавија контра-мерки. Францускиот претседател Емануел Макрон во телефонски разговор со Трамп, овие даноци ги опшал како „илегални“. Макрон исто така рекол дека ЕУ ќе реагира на цврст и соодветен начин.

Воведувањето на новите царини, кои стапија на сила на полноќ, Трамп ги оправда со тврдењето дека американските производители на челик и алуминиум се од витално значење за националната сигурност, но се загрозени од глобалното снабдување.

Владата на САД преговара и за Северноамерикански договор за слободна трговија.Трамп му упатил порака на канадскиот премиер Џастин Трудо дека „САД ќе прифатат фер договор или воопшто нема да има договор.“

Трудо, пак, царините ги нарече „потполно неприфатливи“ и најави дека тие би можеле да ги променат односите на двете земји. Тој објави план за воведување на царина на 12,8 милијарди долари, американски извоз.


Кина воведе царина од 25 отстo на 128 американски производи


Пекинг, 2 април, 2018 - 10:17 (META) 

Кина воведе царина од 25 отсто на 128 американски производи вклучувајќи ги и свинското месо и виното, како реципрочна мерка на САД за царината за увоз на челик и алуминиум од Кина.

Зголемувањето на царината стапува на сила денеска и ќе влијае на увозот кој изнесува околу три милијарди долари.

Пекинг информира дека овој потег ќе ги заштити кинеските интереси и ќе ги балансира загубите предизвикани од новите американски царини.

Пртеходно, Кина за овие мерки најави дека не сака трговска војна, но ќе преземе одредени мерки ако економијата почне да ги трпи последиците.

Но, Трамп е на ставот дека „трговските војни се добри“ и дека лесно САД би победиле. Американските власти веќе најавија планови за воведување на нови тарифи.


Во Москва прославена 13-годишнината од Македонско-руската стопанска комора


Москва, 28 март, 2018 - 11:36 (META) 

Македонско-руската стопанска комора и нејзината активност во сите овие изминати години придонесе за пораст на економската соработка меѓу двете земји и за успешен влез на низа македонски производи на рускиот пазар, рече Димитри Бистров регионален директор на одделот за Меѓународна соработка на Стопанската комора на Руската федерација, со која Македонско-руската стопанска комора има партнерски однос.

На одбележување на 13-годишнината од основањето на Македонско-руската стопанска комора која се одржа во комлексот „Фуд сити“, присуствуваа претставници на бизнисот од Македонија и Русија, челните луѓе од низа трговски претставништва на земјите од Евроазиската унија, претставници на Евроазискиот деловен сојуз и на други деловни асоцијации.

Извршниот директор на Македонско-руската стопанска комора, Дејан Бешлиев, подвлече дека во вкупниот обем на размената пораснал во сите сегменти, но највисок раст забележал македонскиот извоз за 10,6 отсто. Размената лани достигнала 202 милиони долари со пораст од 5,6 отсто и годинава очекува таа да биде уште повисока.

– Ваквиот тренд на придвижување нагоре продолжува и на стартот од 2018 година. Вкупната размена во јануари скокнала за 14,2 отсто, македонскиот извоз се покачил за 6,7, а увозот за 15,3 проценти. Меѓутоа, во размената со Руската федерација земјава остварува значаен трговски дефицит, кој лани изнесуваше 94,3 милиони долари, кој се должи на македонскиот увоз на нафта и гас. За негово врамнотежување мора постојано да го зголемуваме нашиот извоз – додаде Бешлиев.

Проектот „Македонски дом“ формиран во партнерство на Македонско-руската стопанска комора и со поддршка на Стопанската комора на Москва, помогнал на рускиот пазар да се појават производи кои досега не се извезувале во оваа земја.

– Руските потрошувачи веќе може да се снабдуваат со кондиторски производи, вода, сирење, кроасани, ајвар, бурек од „Кадино“. За македонските компании, членки на „Македонски дом“, кои се веќе 18 на број, обезбедуваме комплетна услуга за настап на рускиот пазар од сертификација до продажба, како и целосна царинска и правна подршка. Во првата година постигнавме голем успех, бидејќи руските потрошувачи почнаа да ги препознаваат македонските производи – истакна Ина Владимирновна Жарова, генерален директор на „Македонски дом“.


Царинската управа ќе го поедностави системот на извозни, увозни и транзитни дозволи


Скопје, 22 март, 2018 - 15:30 (META) 

Поедноставување на системот за извозни, увозни и транзитни дозволи е една од темите на која се разговара на работниот состанок во просториите на Царинската управа, од 19 до 23 март реализиран со поддршка на Проектот за регионален економски развој финансиран од УСАИД.

„Од работниот состанок се очекува да произлезат корисни совети и препораки за идните активности на поедноставување на постапките и унапредување на системот за извозни, увозни и транзитни дозволи во земјата, преку измена на прописите, како и олеснување на процедурите“, се вели во соопштението на Царинска управа.

Моменталната состојба на постапките кои се спроведуваат на граничните премини при издавање и контрола на сите дозволи за увоз, извоз и транзит на стока, исто така е тема на повеќедневен работен состанок организиран по повод посетата на експертската мисија во врска со постапувањето и контролата на царинските стоки на граничните премини.


Засилени контроли на квалитетот и безбедноста на јајцата пред Велигден


Скопје, 20 март, 2018 - 11:03 (META) 

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги зајакна инспекциските контроли на квалитетот и безбедноста на јајцата, во пресрет на Велигден кога и потрошувачката е најголема.

– Покрај контролите на магацините, зајакнати контроли се спроведуваат и на граничните премини, при увоз, со цел на граѓаните да им се понуди безбеден и квалитетен производ. Секоја недоследност во поглед на овој прехранбен производ граѓаните и компаниите можат да го пријават на Агенцијата за храна и ветеринарство, врз основа на што ќе биде спроведена и инспекциска контрола – вели директорот на АХВ, Зоран Атанасов.

Претседателот на Групацијата за живинарство при Стопанска комората, Абдулезел Догани од „Везе Шари“, компанија која произведува јајца, побара при инспекциските контроли при увоз да се обрне внимание и да тоа дали јајцата кои се увезуваат во земјава го имаат кодот на државата од каде потекнуваат, за да се спречи можноста од манипулации на домашниот пазар како македонски да се пласираат јајца од увоз.


Половина од увезениот цемент под стандардите, градежниците бараат контрола


Скопје, 19 март, 2018 - 12:33 (META) 

Производителите на градежни материјали бараат поголема контрола на увезените цемент и арматура и заштита на домашното производство, изјави денеска претседателот на Здружението на градежништво, индустрија на градежни материјали и неметали при Стопанска комора, Андреа Серафимовски.

Тој додаде дека, неколку компании на свој трошок, го тестирале квалитетот на увезените градежни производи на случаен примерок и утврдиле дека, 50 отсто од испитаниот цемент не ги задоволува стандардите.

– Реагиравме до надлежните институции односно до Царинската управа, Пазарниот и Градежниот инспекторат и тој материјал беше тргнат од употреба. Штетата би била огромна,  имајќи го предвид обемот на работа. Најголем дел од овие цемент и арматура биле употребени во јавни институции, како училишта, каде што има голема фрекфенција на луѓе. Но, откако укажавме, мислиме дека контролата е поголема – изјави Серафимовски.

Тој додаде дека арматурата се увезува од Грција, Бугарија и Босна и Херцеговина, а цементот од Албанија и Турција. Според Серафимовски и покрај тоа што Македонија е извозник на цемент, овој материјал со помал квалитет се увезува во земјава поради пониската цена.

Серафимовски се осврна и на новиот Закон за градежни материјали и апелираше до компаниите да почнат да го имплементираат, бидејќи нема никакви финансиски импликации врз нивното работење, туку измените повеќе се однесуваат на постапката на пуштање на производите на пазар.

Доколку не го применуваат новиот Закон, тие од следната година нема да можат да учествуваат на тендери и да се пријавуваат на проекти.

Здружението на градежништво, индустрија на градежни материјали и неметали при Стопанска комора се залага за усвојување и поддржување на сертификатите за производите за извоз во регионот, бидејќи дополнителното испитување на квалитетот на домашните градежни производи на странските пазари, ги поскапува производите и поради тоа тие стануваат неконкурентни.


Надминат проблемот со увозот на брашното од Србија, Љајиќ и Николовски постигнаа договор


Скопје, 7 март, 2018 - 14:46 (META) 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски и српскиот  министер за трговија, Расим Љајиќ кој денеска беше на работен состанок во Скопје, потпишаа Договор согласно кој, за брашно од 1,2 и 5 килограми маркичките ќе се лепат во Србија, а за пакувања од 25 и 50 килограми маркичките ќе се лепат во Македонија.

На овој начин, Николовски и Љајиќ го надминаа проблемот со увозот на брашно од Србија.

Николовски по работниот состанок изјави дека ова е почеток на долгорочно решавање на сите проблеми помеѓу двете влади во делот на земјоделството и трговијата. Тој додаде двете држави ќе формираат комитет за натамошна соработка и за надминување на сите отворени прашања.

Љајиќ изјави дека за еден месец Србија и Македонија на системски начин ќе го решат овој проблем. Целта на двете земји, како што кажа, е трговската размена од сегашните 760 милиони евра годинава да достигне една милијарда евра, а тоа е можно сако ако се елиминираат пречеките.

– Покажавме политичка подготвеност за отстранување на сите царински бариери –  рече Љајиќ.

Македонскиот Правилник за увоз на брашно ќе биде сменет уште денеска.


Србија ќе воведе контрамерки за увоз на брашно од Македонија


Белград, 6 март, 2018 - 11:51 (META) 

Србија утре ќе воведе контрамерки за увоз на брашното од Македонија, како одговор на Правилникот за увоз на брашно од македонска страна, кој стапи на сила на 8 февруари.

„Не можеме повеќе да чекаме, освен купување на време од нивна страна не видовме никаква подготвеност за решавање на проблемот“, изјавил министерот за трговија на Србија, Расим Љајиќ, кој најверојатно, утре ќе дојде на разговори во Македонија.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство пак, претходно информираше дека со измените на Правилникот за увоз на брашно, се менува само распоредот на целата процедура за увоз од странски земји во Македонија. Имено, контролните маркички за квалитет на брашното ќе се ставаат откако целосно ќе заврши контролата за здравствена исправност, безбедност и квалитет и дури тогаш брашното ќе се пушта во промет. До сега, маркичките се ставаа на граница, пред да бидат извршени сите овие проверки.

Од МЗШВ појаснуваат дека со усогласувањето на веќе постојниот Правилник, се гарантира безбедноста и квалитетот на увозното брашно и се гарантира дека брашното ќе се пушта во малопродажба откако ќе добие контролна маркичка.

Според реакциите од српска страна, фитосанитарните прегледи на брашното може да траат со месеци, поради што, српските извозници би изгубиле 200.000 евра.