!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Испраќал фотографии од поранешна девојка на нејзини блиски и ја истепал


Скопје, 17 ноември, 2017 - 13:53 (META) 

Скопјанка на возраст од 41 година вчера во полиција пријавила дека поранешното момче испратило нејзини интимни фотографии на нејзината ќерка и на нејзина пријателка, како и дека дошол на нејзиното работно место и ја удрил со тупаница.

Малтретираната жена случајот го пријавила вчера, иако, како што рекла в полиција, подолго време била жртва на гневот на напуштениот љубовник.

СВР Скопје го истражува случајот.

Како што стои во полицискиот билтен, Л.Е. пријавила дека откако во мај годинава ја раскинала тригодишната љубовна врска со скопјанецот З.П. (32), тој почнал да ѝ се заканува по телефон и да ги следи неа и ќерката, а потоа и ги извршил заканите, но жената не пријавила досега од страв.


Поради уцена притворен државниот секретар за транспорт на Романија


Букурешт, 14 ноември, 2017 - 10:08 (META) 

Обвинителите од Националната антикорупциска управа на Романија, вчера под обвинување за уцена го притворија Нинел Церцел, државен секретар во Министерството за транспорт на Романија.

Случајот на антикорупционерите е поврзан со  инцидент од 31 октомври годинава, кога во еден од вагоните на воз натоварен со амониум нитрат избил мал пожар, а Министерството за транспорт и националната компанија ЦФР Марфа не го третирале случајот како сериозен инцидент, велат обвинителите.

Следниот ден Церцел побарал од менаџерот на Центарот за транспорт за зоната Брашов да си даде оставка ако не сака да биде отпуштен, иако инцидентот со возот не се случил на територија под негова надлежност. Државниот секретар за транспорт на менаџерот му рекол и дека ако си даде оставка, нема да се поведе дисциплинска постапка против него, а ќе стане советник во Советот на општина Брашов и подоцна пак ќе добие работно место во компанијата ЦФР Марфа. Но, менаџерот не го прифатил тоа и пријавил.

Церцел сега е во 30-дневен притвор, а премиерот Михај Тудосе го разреши од функцијата.


Германската полиција испитува осомничен за оставање затруена храна во супермаркетите


Штутгарт, 30 септември, 2017 - 12:50 (META) 

Германската полиција испитува осомничен за оставање затруена бебешка храна во супермаркетите, со намера да изнуди 10 милиони евра за себе, јави „Дојче Веле“.

Кај Тибинген, јужно од Штутгарт, вчеравечер бил уапсен 55-годишен маж, по дојава од граѓани. Тој е во притвор, соопшти полицијата, која претходно објави фотографија од осомничениот трујач, направена со надзорна камера.

Сепак, полицијата апелираше потрошувачите и понатаму внимателно да ги разгледуваат пакувањата и безбедносните фолии на продуктите што сакаат да ги купат и да информираат ако најдат нешто сомнително.

Изнудувачот пред известно време преку електронско писмо испратено до полицијата се заканил дека ќе остава затруена храна во германските супермаркети ако не му бидат исплатени повеќе од 10 милиони евра. Во средината на месецов полицијата пронашла пет теглички храна за бебиња во кои бил ставен етилен гликол, безбојна течност без мирис кој се користи за производство на антифриз, кој при конзумација може да предизвика оштетувања на бубрезите и мозокот и да доведе до смрт. Тегличките биле најдени во супермаркет во Фридрихсхафен, јужна Германија, а на снимките од камерите полицијата видела маж како ги остава.

Уценувачот се закануваше дека ќе остава храна во супермаркети низ цела Германија. Полицијата досега добила 650 дојави, но до вчера ниедна не била потврдена.


Почна расправата за Законот за јазиците, ВМРО-ДПМНЕ обвини дека ДУИ го уценува СДСМ


Скопје, 14 септември, 2017 - 14:21 (META) 

На почетокот на расправата на пленарна седница во Собранието за предлог-законот за употреба на јазиците, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, обвини дека со овој закон ДУИ го уценува СДСМ пред локалните избори закажани за 15 октомври.

– Законот за јазици се носи во пресрет на локалните избори и претставува политичка уцена од ДУИ кон СДСМ, со која треба да се покријат сите скандали, уцени и неостварени ветувања кон албанското население. Членовите на овој закон се неуставни и излегуваат од Рамковниот договор – рече Димовски на самиот почеток на расправата за законот за јазиците.

На ова му реплицираше Бранко Манојловски од ДУИ, кој рече дека проблемот не е јазикот туку проблем е националната омраза.

– Вие многу се борите со законот, а нема проблем со тоа. Јазикот мора да се реши, сакале вие или не. Исфрлете ја националната омраза и бидете луѓе за момент. Нема нестабилност на Македонија ако јазикот е проблем. Слаба е државата ако јазикот е проблем. Смирете се и мислите малку со глава и како луѓе, а не како Македонец или Албанец – вели Манојловски.

Петре Шилегов од СДСМ ја обвини опозицијата дека се обидува да добие политички поени со сензитивни теми и дека од предлог-законот прават „баба рога“.

– Се направи „баба рога“ од нешто што никој не го спомнува. Тоа беше тиранаската платофрма, сега е законот за јазиците, а утре ќе се најде нова тема со која ќе ги плашите граѓаните за уништување на нашата земја за да се ќари дневен политички поен. Секој што смета дека одредени законски решенија се спротивни на Уставот може да поведе постапка пред Уставен суд и сите ќе мора на тоа да се покориме. Никој не мора да учи јазик кој што не го сака. Никој нема да биде казнет ако не говори албански јазик – нагласи Шилегов.

Димовски обвини дека парламентарното мнозинство не сака да има дебата за овој закон и дека тоа е причината што законот има европско знаменце, на што реплицираше координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, дека сè е предмет на јавна дебата затоа што се работи за едно од есенцијалните човекови права.

Пратениците ја користат паузата за ручек од еден час, а расправата ќе продолжи во 15 часот.


ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ е уценета партија, а цената ќе ја плати Македонија


Скопје, 1 март, 2017 - 10:03 (META) 

„Прифаќањето на платформата од Тирана е класична уцена. СДСМ е уценета партија, но трагедијата е во тоа што цената на крајот ќе ја платат Република Македонија и македонскиот народ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ во соопштение.

„Затоа ВМРО-ДПМНЕ му понуди на СДСМ да ја отфрлат уцената и платформата од Тирана и да се откаже од редефинирање на Република Македонија и од нејзино трансформирање од мултикултурна во бинационална држава. Во таков случај ВМРО-ДПМНЕ се обврза дека ќе го поддржи Заев и СДСМ да формираат влада, иако не беа поразени на изборите“, се вели во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека СДСМ треба да ги отфрли заканите и уцените однадвор пред кои се наоѓа Македонија и дека секое редефинирање на државата не им е во прилог ниту на Албанците, ниту на Ромите, Босанците, Власите, Србите, Турците, а најмалку на Македонците.


Државниот обвинител на Албанија го обвини амбасадорот на САД во Тирана за уцена


Тирана, 2 февруари, 2017 - 14:42 (META) 

Државниот обвинител на Албанија, Адријатик Љаља, го обвини амбасадорот на САД во Тирана, Доналд Лу, за „недипломатски напади и уцени“.

Обвинението доаѓа откако Лу го обвини Љаља дека ги опструира реформите во правосудството, што е еден од условите за почеток на преговорите за влез на Албанија во ЕУ.

Љаља рече дека Лу „го нападнал на целосно недипломатски начин“ и дека „се служи со уцени, во обид да иницира истрага за згаснати меѓународни компании“.

Лу неодамна го обвини Љаља дека „јавно и гласно говори против реформи во правосудството“ и дека го крши уставот со „нетранспарентниот избор на членови на правосудниот совет“.

ЕУ бара од Албанија да спроведе реформи во правосудството, да ја искорени корупцијата и да обезбеди политичка независност на судиите и на обвинителите затоа што владините институции ги избираат членовите на правосудните тела.

Албанија во 2014 година стекна кандидатски статус за влез во ЕУ, а реформите на правосудството се еден од клучните услови за почеток на преговорите за членство.


Лица од дневен весник уценувале претставник на ДИК


Скопје, 1 декември, 2016 - 14:09 (META) 

Претставник на ДИК ноќеска, во 00.45 часот во СВР Битола во пријавил кривично дело уцена.

Како што соопшти МВР, претставникот на комисијата вчера во 16.33 часот, додека со уште две лица патувал кон Битола, поради надзор за печатење избирачки материјал, добил телефонски повик на својот службен мобилен телефон. Лицето што му се јавило и му се претставило дека е од дневен весник, го прашало зошто ја одбил понудата за печатење на кандидатските листи за пратеници за претстојните парламентарни избори во весникот.

„Пријавителот одговорил дека имал подобра понуда од друг дневен весник. При разговорот, пријавителот забележал дека разговара на интерфон, при што во разговорот се вклучило друго лице, кое се претставило како главен и одговорен уредник на дневниот весник. Истиот му рекол дека не смеел да биде против објавувањето на кандидатските листи, а воедно му се заканил со компромитирање на личноста, со објавување лаги и невистини во весникот доколку не се објават листите во нивниот весник. Лицето му упатувало и разни погрдни и навредливи зборови и истакнало дека доколку не му билe вратени 20.000 евра, претставникот на ДИК ќе бил даден на суд“, стои во соопштението од МВР.

Полицијата презема мерки за целосно расчистување на случајот.


Охриѓанка барала 5.000 евра за да даде поволен исказ на суд


Охрид, 23 јануари, 2015 - 13:00 (META) 

Охридската полиција поднела кривична пријава против 49-годишна жителка на градот, осомничена дека барала 5.000 евра за да сведочи во корист на лице против кое се водела правосудна постапка, информираат од МВР.

Против К.К. (49) е поднесена пријава со која таа се товари за уцена.

Според полициските информации, осомничената кон крајот на декември минатата година, неколкупати преку својот мобилен телефон испратила СМС-пораки до охриѓанец од кого барала да контактира со братот на А.Т., против кого се водела постапка и кој се наоѓал во притвор и од него да земе 5.000 евра, а како противуслуга, таа пред судот ќе даде исказ поволен за обвинетиот.

Осомничената охриѓанка барала 3.000 евра да ѝ бидат исплатени веднаш, а останатите 2.000 на почетокот од оваа година.


Уценувале ресенка со компромитирачки видеоснимки


Ресен, 24 ноември, 2014 - 13:58 (META) 

Двајца ресенци се осомничени дека уценувале нивна сограѓанка, барајќи од неа да им палти 2.000 евра, за да не објават компромитирачки видеоматеријал на интернет, соопшти полицијата.

Против осомничените Г.Т. (33) и Б.О. (45) се поднесени пријави за уцена.

Како што информираат од полицијата, првоосомничениот Г.Т., минатиот месец, ја пресретнал жената во близина на нејзиното работно место и, заканувајќи се дека ќе ги повреди нејзините деца, ја внел во возило, кое го управувал второосомничениот, кој потоа ја однел на непознато место.

Две недели подоцна, Г.Т. отишол кај жртвата на работа и ѝ покажал видеоснимка од неа во возилото, а потоа ѝ се заканил дека ќе ја покаже на нејзиниот сопруг и девер и ќе ја објави на интернет доколку не му исплати 2.000 евра.

Таа, исплашена, позајмила пари и двапати на осомничениот му исплатила по 1.000 евра.

Неколку дена подоцна, Г.Т., со уште едно непознато лице, повторно дошол кај неа на работа и ѝ побарал уште 2.000 евра.

Случајот бил пријавен на 20 ноември во полициската станица во Ресен, која веднаш презела мерки за прибирање докази и за расчистување на случајот.


Притворен скопјанец, ја уценувал поранешната девојка со компромитирачки фотографии на „Инстаграм“


Скопје, 20 ноември, 2014 - 13:21 (META) 

На 19-годишен скопјанец му бил одреден осумдневен притвор, откако на социјалната мрежа „Инстаграм“ објавил компромитирачки фотографии од својата поранешна девојка.

Како што информираат од МВР, осомничениот А.Ш. на 13 ноември ѝ се заканил на својата поранешна девоја, дека доколку не му даде 5.000 денари, на „Инстаграм“ ќе ги објави фотографиите што ги снимил додека воделе љубов.

Истиот ден, тој без согласност на девојката, користејќи нејзини лични податоци, отворил лажен профил на социјалната мрежа, каде поставил дел од фотографија од секслуален однос меѓу нив двајца.

Кога за тоа дознала довојката, веднаш закажала средба со поранешното момче, на која тој физички ја нападнал, удирајќи ја по главата и уште еднаш ѝ се заканил дека ќе ги објави сите фотографии и компромитирачки видоеоматеријали доколку не му даде 5.000 денари.

Сепак, таа случајот го пријавила во полициската станица Бит пазар, а по кратко време, екипа на полициската едница „Алфа“ го привела осомничениот. По наредба на судија на предходна постапка, бил извршен претрес во неговиот дом, каде биле најдени и одземени компјутер и повеќе цедеа.

Проитв А.Ш. е поднесена кривична пријава за уцена и за злоупотреба на лични податоци.