Канадската химна стана родово неутрална


Отава, 1 февруари, 2018 - 19:18 (META) 

Канадскиот Сенат го усвои законот со кој националната химна на земјата станува родово неутрална, пренесуваат светските медиуми.

Со измените, во вториот стих од хумната „О, Канада“ зборот „синови“ се заменува со изразот „сите нас“.

Против донесувањето на законот беа опозициските конзервативци, но решението сепак го помина конечното гласање.

Борбата за промена на стиховите во текстот на химната предизвика, како што пренесува „Би-би-си“, жестока дебата, а слично решение беше одбиено од конзервативците во 2010 година, кои тогаш го имаа мнозинството во канадскиот парламент.

Промената во 2016 година ја предложи сега покојниот пратеникот на либералите, Морил Беланже, на кого му беше дијагностицирана Амиотрофична латерална склероза, позната и како Лу Геригова болест и кој почина кон крајот на истата година.

Инаку, канадскиот Сенат се изјаснува за законите кои претходно ќе ги усвои Претставничкиот дом.


Собранието ги усвои во прво читање законите за ОТА и за следење на комуникациите


Скопје, 18 јануари, 2018 - 18:29 (META) 

Собранието попладнево ги усвои во прво читање законите за новата Оперативно-техничка агенција (ОТА) и за следење на комуникациите, како дел од реформскиот процес во безбедносните служби и системот за следење на комуникациите.

Пратениците со 64 гласа „за“ ги усвоија предложените закони, по што претседателот на Собранието, Талат Џафери ги даде на натамошна работа во надлежните собраниски комисии.

Со новите закони, следењето на комуникациите ќе се врши преку новата независна институција ОТА, а не како што беше досега, преку Управата за безбедност и контраразузнавање. ОТА ќе го активира сигналот и „ќе им овозможува на органите овластени за следење на комуникациите пристап до податоците од комуникациско-информациските системи на операторите“. Агенцијата нема да може да прибира податоци и да прислушува, туку само ќе го активира сигналот до УБК, Министерството за одбрана, МВР, Јавното обвинителство, Царинската управа, Финансиската полиција.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски нагласи дека како Влада се решени да се направат сериозни и ефикасни реформи кои ќе придонесат за зајакната контрола на системот на следење на комуникациите.

– Целта е да создадеме систем со кој ќе ја намалиме моќта на поединци и институции и ќе се јакне системот на контрола на следење на комуникациите – рече Спасовски.

На седницата беа усвои и дадени во натамошна процедура и измените на Законот за полиција, со кој се предвидуваат ограничување на мерките на присилба што може да ги употребат припадниците на полицијата, како и уште еден предлог-закон за полицијата и предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за внатрешни работи, кои предвидуваат надворешни механизми за контрола на работата на полицијата.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваа на седницата.


Турскиот парламент ги одобри уставните реформи за зголемување на власта на Ердоган


Анкара, 21 јануари, 2017 - 10:47 (META) 

Турскиот парламент ги одобри измените на уставот на земјата што предвидуваат зголемување на овластувањата на претседателот Реџеп Таип Ердоган, соопштил парламентот.

Со ова, како што јавуваат светските агенции, е отворен патот за одржување на референдум во Турција на кој граѓаните на земјата ќе треба да се изјаснат за промените, кои на Ердоган, покрај поголеми овластувања, ќе му овозможат да остане претседател на земјата до 2029 година. Се очекува референдумот да биде спроведен напролет.

За измени на уставот гласале 339 пратеници во турскиот парламент.

Парламентот на Турција брои 550 пратеници, а за усвојување беше неопходно најмалку 330 пратеници да ги поддржат уставните реформи.


Турција: Одобрени нацрт-амандманите за проширување на власта на претседателот


Анкара, 30 декември, 2016 - 11:25 (META) 

Парламентарниот одбор во Турција денеска ги одобри уставните нацрт-амандмани со кои во голема мера треба да бидат проширени овластувањата на претседателот на земјата, јавуваат странските агенции.

Реформите ќе овозможат претседателот од главно церемонијална да добие целосна извршна власт.

Нацрт-амандманите се усвоени по десетдневна жестока дебата меѓу членовите на одборот, кој го сочинуваат претставници на владејачките и на главните опозициски партии.

Се очекува турскиот парламент за амандманите да гласа следниот месец, а референдумот во врска со ова прашање можно е да биде одржан напролет.

Со реформите, ако бидат усвоени, ќе биде продолжен и мандатот на претседателот.

Критичарите на предложените реформи стравуваат дека со нив актуелниот претседател на Турција, Реџеп Таип Ердоган, кој и онака го прошири своето влијание преку партијата и владата, ќе добие неограничена моќ и ќе владее со земјата без никакви институционални проверки и контроли.