Уставните судии расправаат за уставноста и законитоста на референдумот


Скопје, 19 септември, 2018 - 10:59 (META) 

Уставниот суд ја почна седницата на која треба да се одлучува за уставноста и законитоста на Одлуката за распишување на референдум, донесена од Собранието на Република Македонија на 30 јули 2018 година.

На седницата присуствуваат претставници на политичката партија „Левица“ и од Светскиот македонски конгрес, кои се подносители на иницијативите, а судија известител е Елена Гошева која го образложува предметот.

Подносителите сметаат дека одлуката за референдумот не е во согласност со Уставот на РМ, Законот за референдум и другите облици на непосредно изјаснување на граѓаните, како и со воспоставените европски стандарди и добри референдумски практики утврдени од страна на Венецијанската комисија.

Тие бараат Уставниот суд целосно да ја поништи одлуката за референдум, а доколку одлуката ја донесе по референдумот, тогаш да ги поништи резултатите.

Гошева рече дека има услови судот да поведе постапка за оценување на уставноста на одлуката и да се донесе временска мерка за стопирање на активностите поврзани со референдумот. Како свои аргументи таа наведе неколку спорни елементи кои според неа се противуставни, меѓу кои дека прашањето е збунувачко, дека не може да се распише консултативен референдум за стапување во воени сојузи, дека граѓаните не може да се одлучат, на пример ДА за НАТО, НЕ за ЕУ или слично.

Уставниот судија Осман Кадриу смета дека одлуката не може да се каже дека е незаконска бидејќи е донесена со мнозинство гласови од законодавните органи. Тој додаде дека задолжителен референдум се одржува за членство во сојузи, излез од сојуз или промена на границите, но, како што рече тој, ЕУ не е сојуз, додека НАТО е политички и воен, но не и државен сојуз.

– Не се согласувам со поднесоците и го молам Уставниот суд да не продолжи кон оценка за уставноста на референдумот – рече во дел од своето излагање уставниот судија, Дарко Костадиновски.


Уставен суд на 19 септември ќе одлучува за уставноста на одлуката за референдум


Скопје, 13 септември, 2018 - 16:09 (META) 

Судиите од Уставниот суд следната недела на 19 септември на закажаната седница со почеток од 9.30 часот ќе ги разгледуваат инцијативите за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за распишување на референдум донесена од Собранието на 30 јули оваа година.

Девет уставни судии треба да одлучат дали ќе поведат постапка за оценка на уставноста на Одлуката за референдум која ја изгласа Собранието, по што доколку биде прифатена, ќе оди на гласање.

Доколку Уставниот суд ги прифати иницијативите, може да ја поништи Одлуката за распишување на референдум веднаш или да донесе времена мерка до одлучување, со што се суспендираат сите поединечни дејствија и акти со цел, а заради спречување на штетните последици по Буџетот и даночните обврзници, правата и слободите и внатрешниот правен поредок на земјата.


СДСМ: Законот за јазиците е уставен, реакциите на ВМРО-ДПМНЕ се кукавички и неосновани


Скопје, 11 јануари, 2018 - 17:15 (META) 

Измените на Законот за употреба на јазиците, што Собранието ги усвои денеска, се во согласност со Уставот на Република Македонија и амандманот 5, донесен пред 17 години, велат од СДСМ.

Со усвоените измени, додаваат од партијата, не се загрозува уставната положба на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо како службен јазик на целата територијата, како и во меѓународните односи, а се унапредува употребата на јазиците на сите заедници во Република Македонија.

Од владејачката партија ги оценуваат како „кукавички и неосновани“ реакциите на ВМРО-ДПМНЕ.

„Доколку имаше било какви аргументи за лажните тврдења, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ можеа да присуствуваат и да ги бранат на денешната собраниската седница, наместо да бегаат. Останува фактот дека на овој начин ВМРО-ДПМНЕ покажува дека нема капацитет да ги надмине политиките на создавање вештачки поделби меѓу граѓаните“, стои во соопштението на СДСМ.


Почина Стамен Филипов, човекот што поднесе најмногу претставки до Уставен суд


Скопје, 18 декември, 2017 - 10:41 (META) 

Стамен Филипов, пензиониран правник од АРМ со чин потполковник, познат каков човекот што поднел најмногу претставки до Уставниот суд на РМ, починал вчера на 74-годишна возраст.

Во текот на своите пензионерски денови, Филипов поднел 1.200 претставки за оценување на уставноста на законски одредби и разни решенија, а од нив му биле прифатени 308. Од нив, 239 законски одредби се укинати или поништени, од кои 9 закони во целина и 65 подзаконски прописи, а 32 подзаконски прописи укинати во целина. За 569 негови иницијативи, судот не почнал постапка.

Телото на Стамен Филипов ќе биде изложено во капелата на градските гробишта Бутел во Скопје утре од 12.30 часот, а погребот ќе биде од 13.30 часот.


Владата ќе го разгледува решението на Уставен за прислушувањето преку телеком-операторите


Скопје, 10 октомври, 2017 - 10:49 (META) 

Владата на денешната 31. седница, меѓу другите точки од дневниот ред, ќе го разгледува и решението на Уставниот суд за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 175 од Законот за електронски комуникации, донесено на седницата на судот на 21 јуни годинава.

Инаку, членот 175 ѝ овозможува на Управата за безбедност и контраразунавање (УБК) директно да прислушува преку телекомуникациските оператори.

Уставниот суд во јуни донесе одлука да поведе постапка за утврдување на уставноста овој член, откако мнозинството судии на седницата изразија сомнеж дека како што е уреден Законот, преку членовите 168 и оспорениот 175, на УБК и на МВР им се овозможува произволно и неконтролирано следење на комуникациите преку телекомуникациските оператори.

Судот требаше да донесе конечна одлука на седницата на 27 октомври, но одлучувањето беше одложено бидејќи судот работи во скратен состав и нема мнозинство за донесување конечна одлука, откако на 31 јули на судијата Исмаил Дарлишта му истече деветгодишниот мандат, а на 7 октомври мандатот им истече и на судијките Наташа Габер-Дамјановска и Гзиме Старова.

Инаку, укинување или измена на членот 175 од Законот за електронски комуникации е и една од препораките во извештаите на германскиот експерт, Рајнхард Прибе, оној од 2015 година и последниот од годинава.

На дневен ред на денешната седница Владата ќе ја разгледува и потребата од потпишување анекс за изградба на нова автопатска делница Демир Капија – Смоквица, како дел од Паневропскиот коридор 10, како и анекс кон договорот за надзор на изведбата на овој автопат.

На седницата ќе бидат донесени заклучоци во врска со информацијата за степенот на имплементација на реформските мерки во областа на енергетиката, а Министерството за образование ќа ја презентира предлог-програмата за изградба и за реконструкција на средни училишта за 2017 година. На деневен ред ќе биде и предлог-одлуката за прогласување на Спомен-куќата на Лазар Личеновски во Скопје за културно наследство од особено значење.


Одлуката за прислушувањето преку телеком-операторите ќе чека Уставен да се екипира


Скопје, 27 септември, 2017 - 15:18 (META) 

Уставниот суд на денешната седница не донесе одлука за уставноста и за законитоста на членот 175 од Законот за електронски комуникации, кој ѝ овозможува на Управата за безбедност и контраразунавање (УБК) директно да прислушува преку телекомуникациските оператори.

Како што изјавија за „Мета“ од Уставниот суд, одлучувањето по ова точка е одложено бидејќи судот работи во скратен состав, со осум судии, и нема мнозинство за донесување конечна одлука.

Ова значи дека за спорниот член 175 ќе се одлучува на некоја од наредните седници, кога „судот ќе се екипира“, односно ќе почне да работи во полн состав со девет судии.

Ваквата ситуација произлезе откако на судијата Исмаил Дарлишта на 31 јули му истече деветгодишниот мандат, а негов наследник Собранието сè уште не именувало. На 7 октомври им истекува мандатот и на судијките Наташа Габер-Дамјановска и Гзиме Старова.

Инаку, иницијативата за укинување на членот 175 од Законот беше прифатена од Уставниот суд на седницата што се одржа на 21 јуни оваа година. Таа предизвика обемна и жестока дебата, во која своите ставови ги кажаа сите, тогаш деветмина членови на Уставниот суд.

Мнозинството судии на седницата тогаш изразија сомнеж дека како што е уреден Законот, преку членовите 168 и оспорениот 175, на УБК и на МВР им се овозможува произволно и неконтролирано следење на комуникациите преку телекомуникациските оператори.

На денешната седница, како што иформираат од Уставниот суд, биле прифатени иницијативите за оценка на уставноста и на законитоста на Законот за извршување и на Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната.

Уставните судии „изразиле сомнеж дека оспорените членови од Законот за извршување, како и целиот Закон за одредување на видот и одмерување на казната се неуставни“, велат од Судот.


Тодор Петров со иницијатива до Уставниот суд го оспори изборот на Џафери за спикер


Скопје, 10 мај, 2017 - 18:58 (META) 

Претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров поднел иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста за изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието.

Тој од судот барал да ја поништи одлуката за изборот на Џафери за претседател на Собранието, која беше објавена во „Службен весник“.

Петров за телевизија „Телма“  изјавил дека очекува судот да ја прифати неговата иницијатива.

Шефот на кабинет на лидерот на ДУИ и пратеник, Артан Груби одговарајќи на новинарско прашање за оваа иницијатива изјави дека „не може да се оспорува волјата на мнозинството на граѓани во Македонија и волјата на мнозинството на пратеници во Собранието на Македонија.“

„ВМРО-ДПМНЕ треба да ја прифати новата реалност и да се однесува како конструктивна опозиција. Да дозволи да се основаат институциите во земјата и во согласност со волјата на мнозинството на граѓани, да почне ерата на реформи и враќањето на државата на евроатлантскиот пат,“ изјави денеска Груби пред Основното јавно обвинителство каде што беше повикан да даде исказ за нападите во Собранието на 27 април.


Субвенциите ќе може да се исплаќаат додека Уставниот суд не одлучи поинаку


Скопје, 10 мај, 2017 - 14:59 (META) 

Субвенциите на земјоделците ќе може да се исплаќаат, пресече Уставниот суд, кој на денешената седница со мнозинство гласови донел одлука да поведе постапка за оценка на уставноста и на законитоста на членот 8-а од Изборниот законик и на членот 11 од Законот за спречување на корупција.

Истовремено, Уставниот суд донесе и привремена мерка со која се запира извршување на овие законски решенија до конечната одлука на судот, односно ова значи дека субвенциите ќе може да се исплаќаат до конечната одлука на судот за уставноста и за законитоста на овие членови од Изборниот законик и од Законот за спречување на корупцијата.

Привремената мерка стапува на сила од денеска.

Инаку, со овие членови од двата закони е уредено располагањето со буџетските средства на државата, општините, јавните фондови, јавни установи и на претпријатија, како и исплатата на субвенциите во изборен период, односно од распишувањето избори и од почетокот на изборната кампања, до завршувањето на изборите за претседател и за пратеници и до формирањето влада.

На денешната седница по оваа точка меѓу уставните судии се разви опсежна расправа околу содржината на оспорените членови и евентуалните последици што би можеле да произлезат од нивното укинување.

Судијата известител, Владимир Стојановски, предложи укинување на членот 8-а со објаснување дека е нејасен и дека законодавецот треба дополнително да го дефинира. Од друга страна, Гзиме Старова, Наташа Габер и Садим Мурати истакнаа дека со укинувањето на членови ќе дојде до нови правни последици. Судијката Старова нагласи дека со „решавањето на прашањето за нерамноправост на граѓаните од една категорија, се отвораат нови прашања за доведување во нерамноправност на друга категорија граѓани“.


За СЈО, Уставен, Врховен и за Кривичен суд, новото собрание ќе биде судбинско


Скопје, 27 декември, 2016 - 11:32 (META) 

Периодот по конституирањето на новиот состав на Собранието на Република Македонија, за кое крајниот рок е 31 декември, ќе биде нова реалност за Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и за најважните судови во земјава – Врховниот, скопскиот Кривичен и Уставниот суд, кои тешките прашања ги оставија за решавање по изборите.

Новата постизборна реалност, која првите црти од својот лик ќе почне да ги добива со формирањето на Собранието, ќе го означи патот по кој треба да се одвиваат чекорите и реформите за излез од политичката криза, а на кои се обврзаа потписниците на Договорот од Пржино и на неговиот анекс – Договорот од 20 јули.

СЈО

Специјалното јавно обвинителство од новото Собрание очекува да ги донесе измените на Законот за СЈО, со кои на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и на нејзиниот тим ќе им биде продолжен мандадот за истраги и за поднесување обвиненија за случите поврзани и кои произлегуваат од прислушуваните разговори. Според актуелниот Закон, со кој е уредено постоењето и функционирањето на СЈО, Јанева има само уште пет месеци за почнување нови истраги и за поднесување обвиненија.

СЈО од Собрнието повторно ќе побара измени и на Законот за заштита на сведоци, кои како што неколкупати изјавија оттаму, им се потребни за непречено водење на дел од истрагите. СЈО измените на овие два закони ги бараше и од претходниот собраниски состав, но нивното усвојување беше блокирано од големото мнозинство на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во текот на изборната кампања изјави дека тој што бара да се пролонгира работата на СЈО, се залага за пролонгирање на политичката криза и нема добри намери за државата.

Неговиот опонент, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и другите кандидати на опозициската партија, пак, најавија дека по изборите ќе се залагаат за продолжување на мандатот на СЈО, но и за формирање на специјално судско одделение, кое ќе ги процесуира предметите на Јанева.

Уставен суд 

Од Уставниот суд по Нова година се очекува да се изјасни по иницијативата за оценка на уставноста и на законитоста на Законот за СЈО. Оваа иницијатива повеќе од една година се наоѓа во фиоките на Уставниот суд, но и покрај бројните повици од невладниот сектор и од опозицијата, досега не се најде на дневен ред на судот, а не и ниту на седницата закажана за денеска. Уставниот суд по изборите има закажано една седница – денешната, а следната ќе биде по Нова година, кога веќе треба да имаме конституирано Собрание.

Обврски околу иницијативата за Законот за СЈО имаат и четирите партии потписнички на Договорот од 20 јули.

Во договорот стои дека „во случај Уставниот суд да донесе одлука дека законот за СЈО или дел од него не се уставни, четирите партии се обврзуваат да го прилагодат законодавството со одлуката на судот и повторно да го основаат СЈО според одлуката, во рок од пет дена“, како и тоа дека „четирите партии го повикуваат Уставниот суд да донесе одлука за законот за СЈО што е можно поскоро, на следната можна седница“.

Кривичен и Врховен суд

По Нова година треба да бидат избрани новите претседатели на Врховниот и на Основниот суд Скопје 1. Ова минатата недела го потврди и Зоран Караџовски, претседател на Судскиот совет, кој го врши изборот на претседатели на судовите. Иако процедурата за нивниот избор почна во ноември, прашањето за тоа кој ќе ги раководи двата најважни судови во земјава беше оставено за по изборите, односно по Нова година.

Кандидати за нов претседател на Основниот суд Скопје се досегашниот претседател на судот, Владимир Панчевски (чиј мандат истече на 4 декември, н.з.), и судиите Иван Џолев и Владимир Туфегџиќ, додека за претседателското место во највисокиот суд во државата неофицијално кандидатури поднесоа досегашната претседателка Лидија Неделкова (мандатот ѝ истече на 4 декември, н.з.), поранешниот претседател на судот, Јово Вангеловски, судијката Снежана Бајлозова (која сега е в.д. претседател) и нејзината колешка од Врховниот суд, судијката Беса Адеми.


СКСМ: Владата има голем удел во стопанството и тоа е проблематично


Скопје, 11 ноември, 2016 - 12:54 (META) 

Економските забелешки во извештајот за напредокот на Македонија кон ЕУ се совпаѓаат со ставовите на Стопанска комора на Северозападна Македонија (СКСМ) за економските политики на државата, истакна директорот на оваа комора, Фатмир Бикиќи.

Тој потенцираше дека постојано укажуваат на проблемите кои се нотирани во овој извештај и потребно е сите забелешки сериозно да се земат предвид.

– Она што е истакнато во овој извештај е дека почнатиот пораст на економијата во 2015 година се намали годинава, а бројот на новоотворени бизниси во 2015 година е намален во однос на просекот на претходните пет години. Постои нетранспарентно толкување на бизнис-регулативата, селективност во примената, владее корупција, има неформални економија, правната држава не функционира врз основа на законитоста и на уставноста – додаде Бикиќи.

Директорот на СКСМ уште еднаш ја истакна дискриминараноста на домашните компании во однос на странските, така што го посочи примерот со добивањето лиценци и дозволи за работа кој многу полесно оди кај странските инвеститори отколку за домашните компании. Оттука смета дека е потребно домашните фирми да не се дискриминирани институционално. Малите и средни претпријатија, исто така, имаат тежок пристап до финансии.

– Во однос на невработеноста, во извештајот е нотирано дека е висока кај младите и кај високо-квалификуваниот кадар. Исто така е забележано дека не се создаваат работни места кај приватниот сектор, а најголем работодавец е државата. Домашниот бруто-производ изнесува 3 проценти по жител од 2012 до 2015 година, што е 37 проценти од просекот на жителите на ЕУ – изјави Бикиќи.

Од 2009 до 2015 година, 62 проценти од расходите се за социјалните трансфери од кои најголем дел се за пензии.

Во ист период, капиталните расходи се реализирале 84 проценти, додека социјалните трансфери целосно и повеќе од предвиденото. Забележана е и мала транспарентност во извршување на инфраструктурни проекти преку државни институции.

Интересно е тоа што во извештајот е нотирано и дека Владата има голем удел во стопанството и тоа е проблематично. Со ова се согласуваат и од СКСМ.

– Ако државата е најголем работодавец и во вкупниот домашен бруто-производ има 13 проценти сопственост на државен капитал, тогаш е јасно дека тоа е така. Не може да има голем развој на земјоделството ако државата е најголем сопственик на земјиштето, без разлика на субвенциите што се даваат. А, исто така, таа има сопственост и во клучните компании – објаснува Бикиќи.

Лошиот економски извештај, според него, не е само на политичката криза туку се работи за последици на волјата на политичките партии. Тој смета дека бизнис заедницата не е доволно вклучена во процесот на креирање политики.