Дачиќ ја спушта топката: Пријателството треба да се почитува и во Скопје и во Белград


Белград, 3 јануари, 2017 - 20:35 (META) 

Шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, вечерва изјави дека сe согласува со ставовите со македонското Министерство за надворешни работи оти не треба да се урива пријателството меѓу Србија и Македонија и додаде дека тоа треба да важи и во Белград и во Скопје, јавува дописникот на „Мета“ од Белград.

По повод реакцијата на македонското МНР на неговата изјава дека Србија згрешила што ја признала Македонија под уставното име, бидејќи Македонија го признала Косово и го поддржала неговиот прием во УНЕСКО, Дачиќ соопшти дека „колегите во Скопје добро знаат колку тој придонел за развојот на пријателските односи, и како министер за внатрешни работи и како премиер, и сега како министер за надворешни работи“, како и дека „Србија е една од ретките земји што не се меша во внатрешните работи на Македонија“.

Дачиќ нагласи дека Македонија „гласаше против српскиот став за прием на Косово во УНЕСКО, односно оние кои ги палеа и уриваа српските православни цркви и манастири на Косово сега да се грижат за нив“. Тој, исто така, вели дека за ова лично разговарал со Никола Груевски, Никола Попоски, но и со претседателот Ѓорге Иванов.

– Почитуваните колеги од Скопје би морале да знаат дека со тоа го уриваат нашето пријателство. Тоа е јасна порака дека албанските интереси или нечии други, сеедно, им се поважни од пријателството со Србија“, стои во соопштението на Министерството за надворешни работи на Србија.

„Белград никогаш не направил и нема да направи штета на Скопје и би сакале да биде и обратно. А, ако не е така, тогаш никој нема право да ѝ се лути на Србија што ги брани своите интереси“, се додава во соопштението.


МНР до Дачиќ: Да не се урива пријателството меѓу граѓаните на Србија и на Македонија


Скопје, 3 јануари, 2017 - 17:26 (META) 

Политичарите треба да ги продлабочат пријателските односи што постојат меѓу граѓаните на Србија и на Македонија, а не да го уриваат обостраното пријателство, реагираат од Министерството за надворешни работи на Македонија, по изјавата на шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ, дека официјален Белград направил историска грешка признавајќи ја Македонија под уставното име, бидејќи Македонија го признала Косово и го поддржала неговото членство во УНЕСКО.

„Меѓу Србија и Македонија има многу блиски и длабоки пријателски односи. Не е случајно што граѓаните во двете земји имаат многу позитивни чувства за соседите од другата страна. На политичарите останува само да ги продлабочуваат тие историски односи. Доколку тоа не е возможно, тогаш треба да бидат одговорни барем да не го уриваат пријателството што постои помеѓу Македонија и Србија, во двата правци. Ова треба да важи и во услови кога е очигледно дека се загрева атмосферата за следното гласање за влез на Косово во УНЕСКО“, велат од МНР.

Дачиќ во интервју за српската новинска агенција „Бета“ рече дека Белград во билатералните односи со Скопје и понатаму ќе го користи уставното име на Македонија, но дека мултилатерално ќе го користи името кое се употребува во ЕУ и во Обединети нации – БЈРМ.

Во новогодишното интервју за агенцијата „Бета“, Дачиќ рече Србија ќе води политика на реципроцитет, додавајќи дека тоа е одговорна државна и национална политика.


Дачиќ е пресметлив националист кој отвора нови фронтови, реагира српската ЛДП


Белград, 3 јануари, 2017 - 11:29 (META) 

Ивица Дачиќ со своите најнови изјави свесно ги нарушува односите во регионот и повторно предизвикува и провоцира реакции од земјите од соседството, се вели едното од двете соопштенија на српската Либерално-демократска партија, како реакција на интервјуто на шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, во кое тој, меѓу другото, изјави дека Србија направила голема грешка со признавањето на Македонија под уставното име.

Според ЛДП, изјавата на Дачиќ само потврдува дека негово политичко начело е пресметаниот национализам кој секогаш предизвикува нови судири и страдања.

„Во само една своја изјава, со секоја од земјите од опкружувањето отвора нови вербални судири. Предизвикувајќи ги Хрватска, Црна Гора и Македонија, министерот за надворешни работи повторно го турка регионот кон нарушување на односите, кои беа карактеристички за годината зад нас“, стои во соопштението на ЛДП.

Од партијата на Чедомир Јовановиќ додаваат дека наместо спуштање на тензиите, шефот на српската дипломатија е подготвен да отвори фронтови кои во овој момент, не им одговараат на интересите на Србија, а сето тоа поради неговата себична амбиција во претстојната кампања да ја засили националистичката реторика (во Србија оваа година треба да се одржат избори за претседател на државата, а до последен момент не е исклучена можноста заедно со нив да бидат организирани и предвремени парламентарни избори, н.з.).

„Србија нема право интересите на своите граѓани да ги подредува на нечии амбиции, а особено не на тие што го користат секој момент да нè потсетат дека токму тие ќе бидат пречката за конечно помирување во регионот и за непречена соработка. Дачиќ како министер нема право своите лични ставови да ги претстави како официјална државна политика и мора да внимава на тежината на тоа што го зборува, ако воопшто е способен да разбере дека секој потег на Србија предизвикува и одредена контрареакција. Србија е должна да ја чува стабилноста на регионот и да влијае на креирање атмосфера, која на сите граѓани ќе им обезбеди мир и безбедност. Србија нема право на вакви вербални излетувања, бидејќи блиската историја нè учи дека малку е потребно да се запали фитиљот на национализмот“, посочуваат од српската Либерално-демократска партија.

Од партијата на Дачиќ, Социјалистичката партија на Србија (СПС) како реакција на соопштението на ЛДП, велат дека Србија „не предизвкува судири, но нема да дазволи никому да ја понижува“ и прашуваат зошто ЛДП не реагира на сите изјави кои укажуваат на некоректен однос на соседните земји кон Србија.

Шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, во новогодишното интервју за новинската агенција „Бета“ изјави дека Србија погрешила што ја признала Македонија под нејзиното уставно име затоа што Македонија го признала Косово и го поддржала неговото членство во УНЕСКО.

– Србија направи голема грешка. Цела Европа и целиот свет го користат називот Поранешна Југословенска Република Македонија, а ние им удривме шамар на нашите браќа Грци и сега очекуваме од Грците да не го признаат Косово. Додека Македонија ја признавме навредувајќи ги Грците, тие (Македонците) секогаш гласаат за Косово. Јас морам да кажам дека сме будали – изјави Дачиќ.


Дачиќ: Србија погреши што ја призна Македонија под уставно име


Белград, 2 јануари, 2017 - 12:40 (META) 

Шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, рече дека Србија погрешила што ја признала Македонија под нејзиното уставно име затоа што Македонија го признала Косово и го поддржала неговото членство во УНЕСКО.

– Србија направи голема грешка. Цела Европа и целиот свет го користат називот Поранешна Југословенска Република Македонија, а ние им удривме шамар на нашите браќа Грци и сега очекуваме од Грците да не го признаат Косово, а Македонија ја признавме навредувајќи ги Грците, додека тие (Македонците) секогаш гласаат за Косово. Јас морам да кажам дека сме будали – изјави Дачиќ.

Тој додаде дека Белград во билатералните односи со Скопје и понатаму ќе го користи уставното име на Македонија, но дека мултилатерално ќе го користи името кое се употребува во ЕУ и во Обединети нации – БЈРМ.

Во новогодишното интервју за агенцијата „Бета“, говорејќи за односите во регионот, Дачиќ рече дека признавањето на Косово и поддршката на неговото членство во УНЕСКО ќе ги оптовари односите на Србија со нејзините соседи – Хрватска, Црна Гора и Македонија и дека Србија ќе води политика на реципроцитет, но тоа не значи дека нешто билатерално ќе преземе против тие земји.

Тој додаде дека тоа не е одмазда, туку одговорна државна и национална политика.

– Србија не е играчка, па да може секој со нас да си игра. Ние никому не дозволуваме да нè понижи. Ако на некој не му се важни нашите цркви и манастири на Косово и Метохија, кои беа запалени и уништени и ако тоа не е доволно за некој да биде макар воздржан во прашањето за УНЕСКО, тогаш морам да го поставам прашањето на суштината на нашиот однос – додаде Дачиќ.