Ѕанакопулос: Нема план „Б“, соседот треба да го промени уставното име


Атина, 4 април, 2018 - 12:02 (META) 

Промена на уставното име е една од правните обврски за да се постигне договор, вели портпаролот на грчката влада и министер без ресор Димитрис Ѕанакопулос, во интервју за грчката телевизија „Алфа“.

Прашан за натписите во медиумите за евентуален грчки план „Б“ за потпишување договор со меѓународните организации, без да мине низ парламентите на двете земји, Ѕанакопулос вели дека „не постои никакво меѓународно прашање што може да се реши без меѓународен договор“, што содржи конкретни обврски за двете страни, јави дописникот на МИА од Атина.

– Што правиш кога треба да решиш еден билатерален проблем? Се договараш за еден правно обврзувачки текст што ги опишува обврските на двете страни. Односно, грчката страна ќе го признае соседот под името што ќе биде договорено, а соседот ќе се согласи. За грчката страна да го признае ова име и да преземе конкретни обврски една од нив ќе треба да е, како што многупати имаме јасно кажано, промена на уставното име. Поранешната југословенска Република Македонија ќе ја преземе правната обврска да го промени уставното име, доколку сакаме да стигнеме до решение – вели Ѕанакопулос.

Во однос на тоа дали Атина бара промена Уставот само поради името или, пак, смета дека треба да се направат измени и на одредени членови, Ѕанакопулос објаснува дека постојат различни правни толкувања и тоа е дискусија што се води на политичко и правно ниво.


Вучиќ нема намера да го демантира Дачиќ за изјавите за Македонија


Солун, 13 јули, 2017 - 16:55 (META) 

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во Солун изјави дека нема да ги демантира неодамнешните изјави на шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, дека Србија направила грешка што ја признала Македонија под уставното име.

– Да сакав да го критикувам или демантирам Дачиќ, тоа со леснотија ќе го направев. Но, очигледно е дека тоа не го направив – рече Вучиќ, по средбата со грчкиот премиер Алексис Ципрас во Солун, каде денеска се одржува трилатералниот самит меѓу Грција, Србија и Бугарија.

Тој истакна дека во иднина Србија ќе се води само од своите интереси и дека пријателски ќе им помага на тие што се на нејзина страна и кои помагале во зачувувањето на принципите на меѓународното право, додавајќи дека во таа смисла „грчките пријатели може да сметаат на поддршката од Србија“.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас ги повторил ставовите на Атина дека спорот за името меѓу Грција и Македонија мора да се реши пред „малиот балкански сосед да се приклучи кон Европската Унија и кон НАТО“, пренесе грчкиот весник „Катимерини“.


Димитров му порача на Дачиќ: Во регионот растеме и паѓаме заедно


Скопје, 11 јули, 2017 - 18:10 (META) 

Шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, изрази жалење поради изјавата на српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, дека Белград направил грешка што ја признал Македонија под уставното име.

– Жалам за изјавата на Дачиќ. Со Србија заедно бевме во една федерална држава, како Република Македонија и Република Србија, и споделуваме толку многу нешта. Убеден сум дека двата пријателски народа преферираат да имаме односи базирани на заемна почит, разбирање и на европски дух. Тоа е добро не само за Македонија и за Србија, туку и за целиот регион. Да не заборавиме, во регионот растеме и паѓаме заедно – реагира министерот Димитров.

Дачиќ по средбата во Атина со својот грчки колега Никос Коѕиас, рече дека Србија не постапила коректно кон Грција со тоа што пред 20 години ја признала Македонија.

– Сметам дека Србија направи грешка пред 20 години кога го призна Скопје под името Република Македонија. Тоа не беше коректно спрема Грција, а Скопје секогаш имаше негативен став спрема прашањето за Косово и Метохија. Тие ја признаа независноста на Косово и гласаа за прием на Косово во УНЕСКО – изјави Дачиќ, додавајќи дека Србија „за разлика од некои други народи, нема територијални претензии кон делови на Грција“.

Ова не е првпат Дачиќ да даде ваква изјава во врска со признавањето на Македонија. Тој во новогодишното интервју за агенцијата „Бета“ рече дека „биле будали“ што ја признале Македонија.


Дачиќ не знае географија или провоцира: Србија немала територијални претензии кон Грција!


Атина, 11 јули, 2017 - 11:57 (META) 

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, по состанокот со неговиот грчки колега, Никос Коѕијас, во Атина изјави дека Србија направила грешка кога пред 20 години ја признала Македонија под уставно име.

– Сметам дека Србија направи грешка пред 20 години кога го призна Скопје под името Република Македонија. Тоа не беше коректно спрема Грција, а Скопје секогаш имаше негативен став спрема прашањето за Косово и Метохија. Тие ја признаа независноста на Косово и гласаа за прием на Косово во УНЕСКО – изјави Дачиќ.

Тој додаде дека Србија нема да повлекува никакви потези кои би можеле да ја нарушат стабилноста на регионот и дека „за разлика од некои други народи, Србија нема територијални претензии кон делови на Грција“.

Дачиќ по средбата истакнал дека основата идеја во односите помеѓу Грција и Србија е тоа дека тие се „пријатели односно браќа“.

В четврток во Солун ќе биде одржан состанокот на Високиот совет за соработка помеѓу Србија и Грција, а делегацијата на Србија ќе ја предводи претседателот Александар Вучиќ.

На почетокот на годината српскиот шеф на дипломатијата во интервју за агенцијата „Бета“ имаше слична изјава во врска со признавањето на Македонија под уставното име и рече дека „биле будали“ што ја признале Македонија.

– Србија направи голема грешка. Цела Европа и целиот свет го користат називот Поранешна Југословенска Република Македонија, а ние им удривме шлаканица на нашите браќа Грци и сега очекуваме од Грците да не го признаат Косово, а Македонија ја признавме навредувајќи ги Грците, додека тие (Македонците) секогаш гласаат за Косово. Јас морам да кажам дека сме будали – изјави Дачиќ.


Виталиј Чуркин, дипломатот што ја донесе нотата со која Русија ја призна Македонија


Скопје/Москва, 21 февруари, 2017 - 10:27 (META) 

Рускиот амбасадор во Обединетите нации, Виталиј Чуркин, кој вчера ненадејно почина во Њујорк, во 1992 година беше претставникот на Москва што ја донесе нотата со која Руската Федерација официјално ја призна Република Македонија под уставното име.

Во тоа време, односно од јуни 1992 до октомври 1994 година, Чуркин беше заменик на тогашниот руски министер за надворешни работи, Андреј Козирев. Според некои извори, токму Козирев требало, неколку месеци претходно, да ја испрати нотата за признавање во Скопје, но на крајот таа задача му припаднала на Чуркин.

Имено, во 1992 година Козирев, како министер за надворешни работи, се нашол под притисок на грчката и на српската дипломатија околу признавањето на Македонија. Тој, и покрај ваквите притисоци, во 1992 година ја посетува Македонија и на тогашното државно раководство му пренесува дека Москва донела одлука за признавање на Македонија и дека штом пристигне во Москва, ќе ја испрати нотата. Сепак, и по неколку месеци, нотата не пристигнала во Скопје.

Пресвртот се случил по официјалната посета на тогашниот руски претседател, Борис Елцин, на Софија, односно по средбата со бугарскиот претседател Жељу Желев. Тој го убедува Елцин дека е време да ја признае Македонија. Рускиот претседател, наводно, одлуката ја носи уште додека е во Бугарија и го потпишува указот за признавање на Македонија во авион кон Москва.

На 5 август, заменик-шефот на руската дипломатија, Виталиј Чуркин, пристигнува во Скопје и му ја предава нотата со која Русија ја признава Македонија под уставното име, на тогашниот македонски министер за надворешни работи, Денко Малески.

– Мене ми се јавија од руската делегација, која тогаш беше во посета на Софија, а во која, очигледно, бил и Чуркин, и ми најавија дека во Македонија ќе дојде висок претставник на руската дипломатија со важна порака. Никој не знаеше што е содржината на пораката. Чуркин во Скопје дојде со автомобил, попладнето на 5 август. Имавме средба во вилата на Водно, каде ми го предаде декретот со кој Русија ја признава Македонија под уставното име. Средбата беше пријатна и на неа разговараме за случувањата во Југославија и за тоа како Македонија да го избегне и да не биде вовлечена во тоа што се случуваше таму – вели за „Мета“, универзитетскиот професор и поранешен шеф на македонската дипломатија, Денко Малески.


Попоски: Колку би било убаво Плевнелиев да беше како Желев пред 25 години


Скопје, 22 јануари, 2017 - 15:22 (META) 

Пред 25 години, првото признавање на независна и суверена Република Македонија дојде од Софија, а „потоа следеа сите други пријателства“, напиша денеска министерот за надворешни работи во оставка, Никола Попоски, на својот фејсбук-профил, изразувајќи „благодарност до Бугарија од Македонија“.

Попоски вели дека тогашниот претседател на Бугарија, Жељу Желев, имал демократско чувство и почит кон волјата на македонските граѓани, додавајќи дека било убаво таква широчина да покажел и доскорешниот бугарски претседател, Росен Плевнелиев.

„…(Жељу Желев н.з.) даде недвосмислена поддршка во тешки моменти за сосед како нас. Голем човек несомнено, кој ја заслужува сета наша почит. Тоа беа други времиња, други луѓе. Колку би било добро и оној кој до вчера ја имаше истата функција, Плевнелиев, да ја имаше истата широчина, визија и почит за волјата на граѓаните на соседна држава. Да покаже сила и мудрост и да одбере пораки на мир, подавање рака и одлучна поддршка за сите да бидеме во европското семејство час поскоро. Тоа сигурно е покорисно отколку гонење митови, креирање лажни закани и поттикнување фобии. На крајот на денот, сите сме луѓе кои сакаат спокојство, благодет во живеењето и почит од ближните. Баш такви какви што сме“, пишува Попоски на „Фејсбук“ и нагласува дека „лидерите се за да ни го покажат патот што нè води во тој правец и да нè поврзат“.

Република Бугарија на чело со тогашниот претседател Жељу Желев прва ја призна Македонија под нејзиното уставно име на 15 јануари 1992 година.

Росен Плевнелиев функцијата претседател на Бугарија ја извршуваше до денеска, кога должноста ја презеде новоизбраниот бугарски претседател Румен Радев.

Плевнелиев во своето последно интервју како претседател на Бугарија рече дека „Македонија треба да влезе во Европската Унија, но не и македонизмот“.


МНР за „Мета“: Дачиќ се плаши изливите на шовинизам да ги насочи кон големите сили


Скопје, 21 јануари, 2017 - 12:10 (META) 

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, се плаши своите изливи на шовинизам да ги изрази кој најголемите сили кои го признаа Косово, па затоа се конфротира со најмалите земји во Европа, велат за „Мета“ од Министерството за надворешни работи на Македонија, по последната изјава на шефот на српската дипломатија во која се прашува зошто Република Македонија членува во меѓународни организации под референца, а не под уставно име.

„Да го прашаме Дачиќ зошто вака не се пресметуваат со сите земји што го признаа Косово, како САД, Германија, Велика Британија, традиционално пријателската Франција, со Италија со која имаат заеднички седници на влада итн. Да ги прашаме зошто не направат исти гестови кон стотина земји во светот што го признаа Косово и зошто со колегите од сите овие земји Дачиќ остварува средби? Зошто преговараат со Европската Унија, каде повеќе од 80 отсто од земјите го признаа Косово? Зошто се труди да има добри државни и лични пријателски односи со Меркел, Оланд, Меј и со нивните министри за надворешни работи, земји кои во првата група го признаа Косово? Зошто токму сега, пред претседателските избори во Србија, му текна да се конфронтира само со најмалите земји во Европа, како Македонија или Црна Гора? Дали, можеби, Дачиќ се плаши истите негови изливи на шовинизам да ги изрази кон другите 134 земји, а особено кон најголемите сили? Дефинитивно, Дачиќ може да најде и подостоинствен начин да им се претстави на српските гласачи“, коментираат од македонското МНР.

Дачиќ вчера, по повод барањето на македонското МНР да не се користи референцата БЈРМ на патарините, затоа што е навредлива, изјави дека и за Србија е навредливо користењето на називот „Република Косово“. Тој притоа праша зошто Македонија не ги напушти Обединетите нации, Советот на Европа, ОБСЕ и состаноците со ЕУ, каде фигурира под референцата БЈРМ.

– Зошто седат под тоа име, а сега им е проблем признаницата на која истото го пишува? Србија не го сменила својот став за признавање на Македонија, но и за Србија е навредливо и срамно кога тие велат „Република Косово“ – рече Дачиќ.

Шефот на српската дипломатија на почетокот од годинава во интервју за новинската агенција „Бета“ рече дека Србија згрешила што ја признала Македонија под уставното име, бидејќи Македонија ја признала независноста на Косово. Тој рече дека во билатералните односи со Скопје ќе го употребува уставното име, но дека мултилатерално ќе ја користи кратенката БЈРМ, која ја употребуваат ЕУ и ОН.


Од утре Србија ја брише БЈРМ од патарините, велат за „Мета“ од „Путеви Србије“


Скопје, 20 јануари, 2017 - 16:51 (META) 

Македонија веќе цел месец фигурира со ознаката БЈРМ на сметките од патарините во Србија, соопштија за „Мета“ од српското јавно претпријатие „Путеви Србије“.

„Во однос на Вашето прашање, поврзано со натписот на признаницата за наплата на патарина на делница од автопатот кај Прешево, Ве известуваме дека системот за наплата на патарините на наведената делница е пуштен во употреба пред еден месец и сè уште е во фаза на тестирање. За Ваша информација, од утре, 21 јануари 2017 година, на признаницата ќе стои релација Левосоје – Прешево“, соопштија од „Путеви Србије“.

Министерството за надворешни работи на Македонија, откако во вторникот „Мета“ побара одговор дали имаат информација дека на српските патишта фигурираме како БЈРМ и од кога на српските патарини се користи скратената референца, денеска излегоа со соопштение во кое се наведува дека веднаш реагирале до властите во Белград и побарале итна корекција.

„Oваа недоследност треба веднаш да биде коригирана. Веруваме дека ваквата провокација која ги навредува чувствата на македонските граѓани не е одраз на добрососедство. Несоодветно и срамно е да се именуваме на навредлив начин како соседи“, велат од МНР, и додаваат дека користењето на референцата и на кратенката од референцата наместо уставното име на Република Македонија e во спротивност со воспоставените дипломатски односи меѓу Македонија и Србија.


ОМД бара Дачиќ да се извини за изјавата за Македонија


Вашингтон, 6 јануари, 2017 - 11:18 (META) 

Обединетата македонска дијаспора (ОМД) ја осуди изјавата на министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, дадена на почетокот на оваа недела, во која, тој изрази жалење што Србија ја призна Македонија под нејзиното уставно име.

„Сметаме дека ваквите испади, чија цел е собирање евтини политички поени воопшто не му доликуваат на министер на држава со евроинтеграциски аспирации. Дачиќ треба да биде свесен дека со својата невнимателна реторика ги поткопува искрените напори на неговите претходници за пријателски односи помеѓу Македонија и Србија. Најзагрижувачкиот елемент од неговата изјава е искривувањето на модерната историја, претставувајќи ја Македонија и останатите бивши југословенски републики како подредени на Србија“, се вели во реакцијата на ОМД.

Од Обединетата македонска дијаспора потсетуваат дека најостро ги осудувале и ќе продолжат да ги осудуваат и да се противат на секое надворешно мешање во внатрешните работи Македонија, како суверена и независна држава, особено во овој „чувствителен период за земјата“.

Оттаму велта дека цврсто се залагаат за добри односи на Македонија со соседните држави, но тоа не значи дека реторика, „како онаа на Дачиќ, како и отвореното мешање на албанскиот премиер Еди Рама во формирањето на новата македонска влада, треба да бидат толерирани“.

„ОМД бара итно и недвосмислено извинување, како и ветување дека Србија ќе го користи уставното и единствено име на Република Македонија, како во билатералната комуникација, така и во меѓународни рамки“, велат од ОМД.


Грчки медиуми: Црвен картон од Србија за Скопје!


Атина, 5 јануари, 2017 - 13:07 (META) 

Голем број грчки медиуми ги пренесоа изјавите на српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, дека Србија не требало да ја признае Македонија под уставното име.

„Српско МНР: Направивме грешка што БЈРМ ја признавме под уставното име“, „Изјава на српскиот премиер за шамарот кон Грците – Не требаше да ја признаеме БЈРМ под уставното име“, „Дачиќ: Грешка што го признавме Скопје под уставното име“, „Србија зажали што го призна Скопје како Македонија и ги навреди Грците“, се само дел од насловите на текстовите кои, главно, само општо ја пренесуваат изјавата на Дачиќ.

„Црвен картон од Србија за Скопје“ е насловот на коментарот на весникот „Етнос“, кој ја пренесува изјавата на Дачиќ. Весникот прво прашува која е причината Дачиќ сега да говори за српски грешки, да се правда кон Грција и да го менува ставот кон Македонија, а потоа го пренесува делот од интервјуто на српскиот министер за агенцијата БЕТА, додавајќи дека Дачиќ смета дека признавањето е грешка и е лут поради македонскиот став кон Косово.

„Дали да очекуваме и други иницијативи од Србија?“, прашува „Етнос“.

Порталот „Њуз 247“ коментира дека српскиот министер за надворешни работи признал, иако со задоцнување, дека е грешка тоа што Србија ја признала Македонија под уставното име и на тој начин ѝ плеснала шлаканица на Грција. Порталот „Њузбомб“ пишува дека Дачиќ покажал каење за признавањето на Македонија, забележувајќи дека таквиот чекор бил навреда за Грците, додека грчкиот „Трибјун“ забележува дека Србија зажалила што ја признала Македонија и ги повредила Грците со кои има добри односи.

Од грчкото министерство за надворешни работи не стигна официјална реакција за изјавите на Дачиќ.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас, според грчките медиуми, планира на 30 и на 31 јануари да ја посети Србија. Оваа посета, според оценката на „Катимерини“, симболично ќе го означи почетокот на нова поактивна грчка политика и отворање кон Балканот, иако со задоцнување од две години. Таа има цел да ја засили грчко-српската дипломатска соработка во моменти кога има отворени прашања меѓу Грција, Македонија и Албанија.

Во однос на Косово, Грција отворено изразува поддршка за европската перспектива на Косово, но поради добрите врски со Србија сè уште нема пристапено кон признавање на државата. Грчките и косовските власти, по низа средби, договорија отворање на канцеларија за економски врски на Косово во Атина, но целиот процес сè уште е само на ниво на разговори.