Мицкоски: По атентатот врз Македонија, со коалицијата ќе поднесеме пријави и претставки


Скопје, 18 јануари, 2019 - 9:39 (META) 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски синоќа, по средбата со претседателите на партиите од коалицијата „За подобра Македонија“ порача дека добил поддршка за поднесување кривични пријави  и уставни претставки донесувањето на уставните измени и за објавувањето на Законот за јазиците во Службен весник. Toj посочи дека и останатите лидери се согласил со оценката претходно искажана од ВМРО-ДПМНЕ, дека со овие работи е практично извршен атентат на Македонија.

Лидерот на опозицијата се осврна и на заминувањето на одмор во странство на премиерот Зоран Заев само еден ден по изгласувањето на уставните измени со кои се менува името на државата.

– Третиот сегмент кој што исто така беше разговаран денеска е лошата актуелна и политичка состојба во државата, односно отсуството на реформи, оној блеферски настап на премиерот ден после донесување на уставните измени во саботата ден пред практично да замине на зимување каде што повторно видовме во најава пусти желби и блефирање од страна на премиерот кои што се далеку од реалноста, и далеку од можностите и на оваа влада но и далеку од капацитетите на луѓето кои што соработуваат со Зоран Заев – рече Мицкоски, нагласувајќи дека опозицијата останува на барањето да се одржат предвремени избори за да се добие реална оценка на политичките сили.


Лавров: Москва не е против новото име на Македонија, но процесот е сомнителен


Москва, 16 јануари, 2019 - 11:44 (META) 

Министерот за надворешни работи на Руската федерација, Сергеј Лавров, изјави дека Москва не е против новото име на Македонија, туку има сомнеж околу легитимноста на целиот процес, пренесува агенцијата „Спутник.

– Ние не сме против името што се појави на крај. Ние се прашуваме колку овој процес е легитимен и колку е условен со намерата да се постигне консензус меѓу Скопје и Грција или пак, е предизвикан со намерата на САД, сите балкански земји колку што е можно побрзо да ги вовлече во НАТО и да запре какво било влијание на Русија на овие простори – рече Лавров.

Според него, прашања се покренуваат и кога Собранието на Република Македонија ги усвојува измените на Уставот и го усвојува Законот за употреба на јазиците, кои претседателот на државата одбива да ги потпише.

– И кога нас не обвинуваат за сите несреќи што може да се случат на Балканот, се прашуваме како се однесуваат нашите западни колеги кон неверојатната кампања водена од страна на Запад во пресрет на референдумот во Македонија, кога лично шефови на влади на ЕУ, генералниот секретар на НАТО, раководството на Европската комисија и Европската Унија во целина, кои во Скопје повикуваа да се даде глас за членство во ЕУ преку промена на името на Македонија. Таму се случуваше таква пропаганда. Не е за име кое ќе ги смири Македонија и Грција, туку да се даде глас за членство во евро-атлантските структури преку промена на името. Подлоста во таквиот пристап е очигледна – додава Лавров.


Москва: Уставните измени не се по волја на народот, Советот за безбедност на ОН да расправа за името


Москва, 14 јануари, 2019 - 17:19 (META) 

Одделот за информирање и печат на руското Министерство за надворешни работи (МНР) изгласувањето на новите амандмани на македонскиот Устав за промена на името на земјава го нарече „вештачка промена на името на државата со цел форсирано внесување на Скопје во НАТО“ и порача дека проблемот со преименувањето на земјава да се разгледува од Советот за безбедност на Обединетите нации во согласност со членот 3 од Резолуцијата 845 на Советот.

„Станува збор за продолжување на процесот на вештачко менување на името на државата под странски притисок со цел насилно внесување на Скопје во НАТО. Тоа е прекршување на македонските закони. Ставот на шефот на државата и ставот на мнозинството од населението кои го отфрлаат Преспанскиот договор се игнорираат. Постојаните протести во Скопје и другите македонски градови покажуваат длабока поларизација на општеството. Очигледно е дека ваков начин на решавање на прашањата од национално значење за иднината на земјата не е одраз на волјата на нејзиното население и не може да служи како алатка за долготрајно решение за проблемот со имемто на земјата“, се вели во соопштението.

Од руското МНР велат дека и развојот на настаните во Грција, односно оставката на Панос Каменос, досегашниот министер за одбрана и претседател на Независни Грци, коалицискиот владин партнер на СИРИЗА, зборува за „експлозивноста на ситуацијата“. Дополнително, се обвинува и дека во Грција се спроведува истата формула како во Македонија – притисок за усвојување на Преспанскиот договор преку газење на волјата на грчкиот народ.

„Ставот на Руската федерација за проблемот со името на македонската држава останува неизменет: мора да се најде одржливо решение без надворешни притисоци, наметнати решенија и услови од надвор, кое ќе се заснова на широка јавна поддршка – и во Република Македонија и во Грција – и единствено во рамките на правото. Сметаме дека ова прашање мора да се разгледува од од Советот за безбедност на Обединетите нации во согласност со членот 3 од Резолуцијата 845 на Советот за безбедност.


Новите амандмани на Уставот објавени во „Службен весник“


Скопје, 14 јануари, 2019 - 16:08 (META) 

Амандманите од 33 до 36, заедно со Уставниот закон за нивно прогласување, коишто со 81 глас „за“, беа усвоени на 75-тата седница на Собранието во петокот, се објавени во 6-от број на „Службен весник“ во оваа година, односно на 12 јануари 2019 година.

Со овие измени на Уставот, името на земјава по стапувањето на сила на Преспанскиот договор ќе биде Република Северна Македонија. Преспанскиот договор ќе стане официјален откако ќе биде ратификуван во Парламентот на Грција.

 


СДСМ вели дека се отворија перспективите, ВМРО-ДПМНЕ дека е променет идентитетот


Скопје, 14 јануари, 2019 - 10:21 (META) 

Отворени се перспективите, 2019 ќе биде година на напредок, интеграција, економски раст и повеќе пари кај секој граѓанин. Со усвојувањето на уставните измени, Македонија отвори нова, светла страница на иднината, стабилноста, безбедноста и економскиот напредок, порача СДСМ денеска.

„Македонија станува 30 земја членка на НАТО, а во оваа 2019 година, се очекува и почеток на преговорите за членство во Европската Унија и отворање на првите поглавја“, се вели во денешното партиското соопштение.

ВМРО-ДПМНЕ утрово го повтори ставот дека е загубено името и е променет идентитетот.

„Само Зоран Заев и СДСМ може да слават дека го промениле името на државата и идентитетот. Mакедонскиот народ е разочаран заради губењето на името, идентитетот, историјата и културата, а СДСМ на чело со аболицираниот Заев слават и се гордеат дека ги продале државните и национални интереси. СДСМ и Заев спротивно на јасно искажаната волја на македонскиот народ на референдумот тргнаа насилнички да го спроведуваат капитулантскиот договор од Преспа“, порача најголемата опозициска партија.


Со 81 глас „за“, изгласани уставните измени


Скопје, 11 јануари, 2019 - 19:15 (META) 

Со 81 глас „за“ вечерва пратениците во Собранието ги изгласаа уставните измени, односно амандманите 33 до 36, кои се обврска за Македонија според Преспанскиот договор што беше потпишан на 17 јуни минатата година.

Претходно пратениците на Алијансата за Албанците и на Беса ги повлекоа своите амандмани.

Според Уставниот закон кој беше исто така усвоен, овие амандмани влегуваат во сила дури откако целосно ќе стапи на сила Преспанскиот договор, односно биде ратификуван во грчкиот парламент. Според членот 1 од овој закон, амандманите нема да стапат на сила и ќе бидат неважечки ако Грција не го ратификува договорот.

Откако ќе стапи на сила 33-от амандман, државјанството ќе биде македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, „што не ја определува ниту ја предодредува етничката припадност на граѓаните“. Придавката ќе биде „на Република Северна Македонија“ или „на Северна Македонија“.

Со 35-от амандман, Републиката гарантира дека „го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави: Република Албанија, Република Бугарија, Република Грција, Република Косово и Република Србија“.


Постигнат е договор со БЕСА на Касами за уставните измени


Скопје, 11 јануари, 2019 - 16:27 (META) 

Постигнат е договор со крилото на БЕСА на Биљал Касами да се гласа за измените на уставот, изјави на прес-конференција попладнево портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов. Тој не прецизираше што е договoрено, но истакна оти тоа ќе биде објаснето преку партиски соопштенија.

Рече дека продолжението на седницата на која ќе се гласа за уставните измени треба да биде закажана од претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Костадинов рече дека најостро ги демантираат, како што рече, „изнесените лаги на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и на раководството на партијата дека се вршел притисок врз пратениците да гласаат за уставните измени“.


БЕСА на Африм Гаши: Ние ќе гласаме за уставните измени


Скопје, 11 јануари, 2019 - 14:05 (META) 

Тројцата пратеници од БЕСА кои припаѓаат на делот што за претседател го признава Африм Гаши, а не Биљал Касами, ќе гласаат за уставните измени.

Како што соопшти Гаши, тие се цврсто решени за евроинтеграциите и ќе ги поддржат измените на Уставот заради исполнување на обврските од Преспанскиот договор. Тоа е од висок интерес за Албанците, нагласи тој.

„БЕСА со своите три пратеници останува силно посветена на усвојување на уставните измени и членството на земјата во НАТО, убедена дека на тој начин се реализира и еден дел од нашата програма, но и еден висок интерес на Албанците во Македонија, кој воедно е и стратешка цел на државата.Сега, кога е актуелна улогата на пратениците за очекуваните уставни измени, а двајца пратеници, дојдени некогаш од една друга партија во Движењето БЕСА му се спротивставуваат на овој процес, бараме од медиумите да имаат разбирање за овие разлики и секогаш кога треба да информираат за ставот ПРОТИВ на тие пратеници, да ги споменуваат преку нивните лични имиња или преку фракцијата која ја претставуваат“, порача Гаши.


Денеска нов обид за почеток на финалната фаза од уставните измени


Скопје, 11 јануари, 2019 - 9:46 (META) 

Откако вчера два пати беше одложуван почетокот на собраниската седница за финалната фаза од уставни измени, денеска во 12 е закажан нов обид за гласање на уставните амандмани кои произлегуваат од Договорот од Преспа помеѓу Македонија и Грција.

Премиерот Зоран Заев вчера рече дека не може да каже дека се обезбедени 80 пратеници, но и дека е подготвен да го презеде својот дел од одговорноста доколку е тоа потребно.

– Секој треба да ја преземе одговорноста за процесот. Ако нема мнозинство следува Централен одбор на СДСМ и понесување одговорност. Ставивме се на оваа карта. Или ќе не има 80 или ќе следува одговорност – вели Заев, и при тоа подвлече дека сепак верува и очекува да биде обезбедено потребното мнозинство.

Пред Собранието за денеска е најавен нов протест против промена на името во организација на здруженијата „Tврдокорни” и „Македонија блокира“ на кои им се приклучи и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

За прогласување на амандманите е потребно двотретинско мнозинство, односно за нив да гласаат 80 од вкупно 120 пратеници во Законодавниот дом. По прогласувањето на амандманите пратениците треба да го изгласаат и уставниот закон за нивно спроведување.


За утре одложена седницата за уставни измени, неизвесно двотретинското мнозинство


Скопје, 10 јануари, 2019 - 16:53 (META) 

Претседателот на Собранието Талат Џафери, по двете одложувања денеска, продолжението на седницата на која треба да се расправа за финалната фаза од уставните измени предвидени со Договорот од Преспа помеѓу Македонија и Грција го закажа за утре во 12 часот.

Во меѓувреме премиерот Зоран Заев ќе продолжи со координативните состаноци со БЕСА на Биљаљ Касами и со пратеничката група составена од осум пратеници што се одделија и што беа исклучени од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

Премиерот претходно денеска изјави дека се уште се во разговори со БЕСА на Биљал Касами за изнаоѓање техничка формулација во однос на државјанството со цел обезбедување на потребните 80 пратеници за донесување на уставните амандмани.

Тој рече дека не може во моментов да каже дека се обезбедени 80 пратеници, но и дека е подготвен да го презеде својот дел од одговорноста.

– Секој треба да ја преземе одговорноста за процесот. Ако нема мнозинство следува Централен одбор на СДСМ и понесување одговорност. Ставивме се на оваа карта. Или ќе не има 80 или ќе следува одговорност – вели  Заев, и при тоа подвлече дека сепак верува и очекува да биде обезбедено потребното мнозинство.

Пред Собранието се одржува протест против промена на името во организација на здруженијата „Tврдокорни” и „Македонија блокира“. На протестите од вчера им се приклучи и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Во 16.30 часот се очекува говор да одржи и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“, Христијан Мицкоски.